24 Април, 2024
0.0372

Интервју со човекот кој ги сними дивите коњи на Пелистер: Не постои апсолутна слобода како што не постојат ни апсолутни правила

Објавено во: Интервјуа 13 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Во изминатиот период на ограничено движење, долги полициски часови и карантин се повеќе сфаќавме колку ни е неопходна природата која и за макар кратко би ја замениле со четирите ѕидови на изолацијата. Некои велат дека природата одмори од луѓето, го покажа својот раскош кој претходно беше нарушен од човековата експлоатација. Едно од најубавите видеа во изминатиот период доѓа од Пелистер, каде ракометниот судија и планинар Даниело Божиновски успеа да направи ретка снимка од крдо на голем број на диви коњи. Токму со него разговаравме за чуството на изгубена слобода, на правилата кои се прекршуваат како во поглед на заштита на животната средина така и на мерките за друштвена дистанца и хигиенски мерки за заштита од преносување на корона вирусот кој ни ги промени животите, но и како понатаму да продолжиме по стравот и тешкотиите. 

Видеото со диви коњи на Пелистер е една од поубавите глетки во изминатиот период. Колку е ретка појава да се фатат овие диви коњи на камера со целиот нивен раскош?

Божиновски: Пред да почнеме со разговорот би сакал да ви се заблагодарам за интересот за ова кратко интервју. Од моите најмали години ја посетувам планината благодарение на еден од моите дедовци кој беше доста активен планинар. Кога велам најмали мислам на моите седум - осум години кога за прв пат се искачив до планинарскиот дом Неолица. Морам да признаам дека пола од патот го поминав на рамената на мојот дедо. Од тогаш па се до денеска, иако со паузи, сум редовен посетител на планините. Во последниве пет години сè поинтензивно. 

Како што и напишав на ФБ во сите овие поминати години, денови, саати на планина ваква филмска глетка не сум видел. Често по Пелистер среќавам коњи ама тоа е крдо од по четири-пет коњи, никогаш толку многу на едно место. Тоа што го гледате на снимката е една група од целото крдо, другата група веќе ја имаше преминато точката каде што снимав. Моја слободна проценка е дека вкупно беа некаде повеќе од педесетина коњи.

 

Колку е важен за вас Пелистер како национално природно богатство, дали може да се направи и повеќе за сите кои сакаат да го посетат?

Божиновски: Како битолчанец за мене Пелистер претставува огромно природно богатство кое за жал ние нè го чуваме, а ниту го користиме продуктивно. Не треба да се заборави фактот дека Националниот Парк Пелистер е првата територија која е прогласена за Национален Парк во поранешна Југославија.

Апсолутно дека може да се направи повеќе но има еден проблем, а тоа е нашиот менталитет. Тој наш менталитет не само што го кочи развојот на Националниот Парк Пелистер туку нас нè остава по сиромашни. Се надевам дека еден ден ќе се сетиме дека во нашата земја имаме прекрасни места за кои може и мора да се направи повеќе, за доброто на сите нас.

Дали сега повеќе ја цениме природата и можноста да поминеме време некаде на отворено откако се соочивме до карантин и забрани за движење?

Божиновски: За жал мислам дека ова што го гледав по излетничките места, парковите и планините не беше рефлексија на љубов кон природата туку пронаоѓање на слободна територија. Прибежиште за реализација на дружбата која луѓето ја имаа по кафе - баровите и рестораните. Сепак мое мислење е дека оваа состојба имаше и позитивна и негативна страна.

Едната негативност е тоа што нашата слободата беше и тоа како ограничена. Мислам, и се надевам дека вакво ограничување повеќе нема да имаме во нашите животи.

Другата негативност е кон природата. На секое мое посетување на местата во природа на кои предходно престојувале повеќе луѓе видно беше забележлива негрижата кон природата и неодговорноста на граѓаните. Понекогаш сум суров и кога ќе се запрашам: Зошто луѓево не спортуваат во природа? Си одговарам сам себе си дека можеби и подобро е така. Колку повеќе неодговорни луѓе по ливадите, планините и природата воопшто, толку повеќе загадување на природата. Звучи доста сурово, но доколку се замислите малку подлабоко ќе видите дека и тоа како сум во право.

Но, сепак не е се така црно, во ова „колективно лудило“ треба да се согледа и позитивната страна. Никогаш во животот не сум видел толку луѓе кои спортуваат. Рекреативни велосипедисти на сите патишта, метеж на лесните планинарски патеки, метеж на патеките кои се користат за трчање. Како човек кој целиот свој живот се занимава со спорт оваа ситуација ме радуваше.

Да бидам искрен јас ја гледав позитивната страна на ограничувањата кои ги имавме. Денот ми беше исполнет и така организиран да времето максимално го користев за завршување обврски, спортување, одгледување органски зеленчук, дружење со пријателите и во она време кога беше полицискиот час читање на некоја книга или свирење на гитара.

Можеби звучи лудо, но навистина ќе ми фали позитивниот дел од оваа вонредна состојба. Вистинските дружења со пријателите, дружења како што треба да бидат. Мислам дека доста луѓе оваа вонредна состојба ги поврза, ги научи на некои вистински вредности!

Настрана од стравот, кој да не се лажеме сите го имавме во нас, јас овој период ќе го паметам по убави работи.

Од една страна си вљубеник во природата каде може да се почувствува слободата, а од друга си и ракометен судија каде има правила, строгост и дисциплина во носењето на одлуките. Како го усогласуваш тој баланс?

Божиновски: Видете, и во природата и на теренот има правила. Но, слободата која ја имате во природата треба да ја пренесете на теренот преку правилна интерпретација на правилата.

Ако на теренот се почитуваат правилата како што ги почитувам јас во природата тогаш сум ја пренел слободата од природата на теренот.

Строгоста и дициплината за мене нè значи да бидеш лошиот на теренот, туку да бидеш правилен интерпретатор на правилата на игра. Кога ќе го постигнеш тоа тогаш дисциплината доаѓа самата па од строгоста, во онаква форма како што ја сфаќаме нема потреба. Нормално, исклучоците се појава која е реална и која мора да ја очекуваш во секој момент и од секого но, повторно ќе речам и тоа се решава со правилна интерпретација на правилата.

Не постои апсолутна слобода како што не постојат ни апсолутни правила. Слободата и правилата се променливи категории кои ние ги менуваме со текот на времето и во зависност од потребите.

Која ситуација од ракометните терени ти оставила најголем впечаток, имало ли непријатни моменти?

Божиновски: Досега во мојава кратка кариера, ако можам така да ја наречам, имам неколку ситуации од теренот кои мислам дека долго ќе ги паметам. Првата би била минатогодишното финале на младинскиот Final 4 за младински машки шампион во Македонија каде играа екипите на Охрид и Металург. Овој натпревар ми остана во сеќавање затоа што Охрид беше домаќин и навистина имаше добра екипа, но во последните секунди од натпреварот екипата на Металург постигна гол кој го одлучи тоа финале. Салата беше преполна, навивачката група на Охрид беше во салата, тоа беше фантастична атмосфера…

Втор натпревар кој ќе го паметам е повратниот натпревар на овогодинешното осмина-финале на Челенџ Купот на ЕХФ кој се играше во Санкт Петерсбург, Русија. Екипата на Нева од Ст. Петерсбург во гости ја победи екипата на Халден од Норвешка со 1 гол разлика, но во Русија загубија 2 разлика. Идентично како и Охрид, екипата на Халден во последната секунда постигна гол и се пласира со четврт-финалето. Во салата во таа секунда настана мртва тишина. Но, тоа е спортот.

Непријатни моменти секако дека имало, но тоа се исклучоци. Не би сакал да ги коментирам тоа се некои небитни моменти во сите овие години.


Што би им препорачал на нашите читатели, како да најдат хармонија по целиот период на криза со која сите се соочуваме?

Божиновски: За крај ќе бидам краток и ќе употребам два цитата кои би требало да не водат во периодот кој доаѓа. Алберт Ајнштајн ќе рече: „Животот е како возење велосипед. За да го задржите балансот, мора да продолжите да се движите“. Ние мораме да продолжиме напред и да бидеме оптимисти оти секоја негативна ситуација носи нешто позитивно. Тоа позитивно ние мора да го бараме затоа што „песимистот гледа тешкотија во секоја своја прилика, додека оптимистот гледа прилика во секоја тешкотија“ - Сер Винстон Черчил. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“