29 Март, 2024
0.0304

Интервју со авторот на Macedonia from Above – Редно беше и ние да имаме едно вакво воздушно патување

Објавено во: Интервјуа 08 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Како би изгледало едно видео за Македонија во продукција на National Geographic? За одговор на ова прашање не треба да чекаме на продуцентите од популарниот магазин и ТВ канал да пристигнат во Македонија, бидејќи одговорот го има Петар Аврамоски кој неодмана го презентираше одличното промотивно видео за македонските убавини наречено „Macedonia from Above“. Аврамоски е млад графички дизајнер, фотограф и видеограф кој што веќе неколку години работи и твори. Најпрвин започнал како графички дизајнер што е и негова главна професија, а љубовта кон фотографијата и видеографијата го натера да посвети време за да ги усоврши. Со Аврамоски разговараме за инспирацијата за видеото Macedonia from Above, но и за предизвиците со кои се соочени авторите за време на кризата предизвикана од КОВИД-19.

Неодамна го промовираше видеото Macedonia from Above кое изгледа светски, има одлични дронски кадри и спој на музика низ кои се претставени прекрасни глетки од Македонија. Колку време работеше на овој проект и кои места најмногу те инспирираа?

Аврамоски: Најпрвин ви благодарам за Вашата љубезност што ме исконтактиравте и подетално се заинтересиравте за овој мој проект. „Macedonia from Above“ или „Македонија од горе“ е проект кој започна пред една година, во екот на минатогодишниот карантин, најпрвин како идеја а веднаш потоа и во реализација на замислата. Инспирацијата првично ја црпев од потребата моја за еден поинаков видик, а идејата ми дојде спонтано гледајќи доста видеа снимени со дрон како и еден уникатен серијал на National Geographic наречен “Europe from above”, па решив дека доследно е да има и Македонија едно вакво воздушно патување.

Какви се досега реакциите, видеото собра многу лајкови и прегледи од македонската публика, но каков е впечатокот на странците?

Аврамоски: Искрено да ви признаам, одзивот кој го доби видеото ги надмина моите сепкупни очекувања уште првите неколку часа. Не ни претпоставував дека баш вака ќе биде прифатено како кај македонската публика - така и кај странците. Коментарите што ги добивам се многу позитивни и се поврзани околу убавината на Македонија, на одличните кадри и дека би сакале да видат уште вакви видеа. Според статистиките на видеото, има гледаност од цела Европа, доста прегледи од Австралија како и САД и Канада што е навистина едно, би рекол, позитивно достигнување.

Ова видео е правено од љубов и е на некој начин бесплатна реклама за Македонија. Самата пандемија ги ограничи уметниците и особено тие кои се бават со сценски настапи. Како се справуваш со актуелната криза?

Аврамоски: Да, видеото е направено со ентузијазам и со љубов, со поддршка од најблиските пријатели. За жал, моменталната ситуација со пандемијата најмногу ги погоди уметниците кои беа зависни на некој начин од публика и настани, вклучувајќи ме и мене, затоа што еден од моите приходи беше фотографирањето на настани и забави и изработка на видеа за разни артисти. Сепак, никогаш не гледам во негативната страна на работите, за среќа никогаш целосно не се потпирам само на една вештина, па знаењето и искуството во други области поврзани со креативното изразување некако ми е сигурносно перниче во ова невреме. Сепак, тажната слика е дека никој не презема ништо за огромен број на првично на луѓе кои останаа без приход и поддршка во вакво време.

Што е креативен поттик за тебе и што би им препорачал на останатите автори кои се бават со продукција на ваков вид на видеа?

Креативниот поттик сметам дека секогаш треба да потекнува од себе, односно од самокритика за подобрување во она што го правиш или твориш. Ако секогаш идејата е да бидеш подобар, како фотограф, видеограф, дрон пилот или што и да си, инспирацијата ќе ја пронајдеш и во најнеочекуваните моменти или места. И секако истрајноста во реализацијата, а со тоа доаѓа и надградување на вештините, затоа што барем во денешно време е сосем лесно да снимиш некаква содржина, но тие неколку чекори екстра ја прават содржината да отскокнува во однос на останатите.


Што е следно на репертоарот, можеме ли да очекуваме нови видеа и на каков проект би сакал да работиш во идеални услови?

Аврамоски: Следно на репертоарот, се надевам е реализација на поголеми и помали проекти кои ќе ја продолжат приказната која ја започнав. Имам доста планови кои се надевам дека пополека ќе се остваруваат, би сакал Youtube каналот да прерасне во една платформа за инспиративна аудио-визуелна содржина и секако соработка со многу креативци. Што се однесува до идеалните услови за работа, тие сами ги создаваме и тоа најмногу зависи од нашата визија, а нема да биде лошо и некој подобар дрон за поквалитетни видео снимки хаха.

Х.С.