25 Април, 2024
0.0290

Интервју Сивевска: Текстилот се справи со производство на маски, но без модни линии кризата ќе биде многу посилна

Објавено во: Економија, Интервјуа 01 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Текстилната и кожарската индустрија во Македонија може да претрпат сериозни загуби во втората половина од годината кога потребата од снабдување со заштитни маски и опрема ќе стагнира, додека пак нарачките за модната облека нема да го достигне нивото од претходните години. Текстилот на глобално ниво се соочува со големи загуби во прометот, а со тоа и голем број на работни места се загрозени.

За македонските состојби разговараме со Наташа Сивевска, извршен директор на ТТА - Текстилнен кластер која во рамки на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, изработи „Студија за ефектите од пандемијата на COVID-19 врз работењето на компаниите во индустријата за текстил, индустријата за облека и индустријата за кожа и други кожни производи“. Според Сивевска од клучна важност ќе биде комуникацијата меѓу државните институции и приватниот сектор за навремено реагирање на промените во текстилот, наоѓање на нови дигитални платформи за пласман, како и континуирана поддршка преку досегашните мерки и тоа што им е потребно на компаниите за полесно да се справат со поголеми последици во секторот кој вработува 37 илјади работници и има удел од 12,82% во индустриското производство.

Студијата е изработена во соработка со Платформата за јавно – приватен дијалог, составена од Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал како координатор на проектот.

Разговараше: Илија Јованов - ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

Бизнис Регулатива: Вие како експерт од областа на текстилната индустрија изработивте Студија за ефектите од пандемијата на COVID-19 врз работењето на компаниите во индустријата за текстил, индустријата за облека и индустријата за кожа и други кожни производи. Според Вас, како оваа криза се одрази врз овие индустрии?

Сивевска: Како резултат на пандемијата и мерките преземени за спречување на нејзиното ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за текстилни производи, облека и обувки.  Ова влијаеше на намалување на глобалното производство, а во одредени сегменти и до целосно затворање на некои фабрики.  Последиците од кризата COVID-19 се чувствуваат по должината на целиот ланец на дадена вредност.

Намалувањето и откажувањето на нарачки, носат тешки последици за производителите и за работниците во овие индустрии ширум светот.  Во одредени сегменти и типови производство, тие исто така водат до непотребен отпад, со оглед на тоа што ткаенините се веќе купени, скроени, а понекогаш дури и сошиени, но заради откажувањето на нарачките, производите нема да се појават во продавниците.

Глобално, како одговор на ова, некои од компаниите во овие индустрии се преориентираа на производство на опрема за лична заштита, главно маски, но и друг вид заштитна опрема.  За ваков вид опрема се јави поголема побарувачка, но прашањето е колку долго ќе трае оваа побарувачка, затоа што побарувачката за овие производи е ограничена. 

Развојот на настаните во следните неколку месеци ќе биде одлучувачки за опстанокот на овие индустрии.

Бизнис Регулатива: Текстилната индустрија е една од најзначајните стопански гранки во Македонија. Дали оваа индустрија забележа пад на приходите во изминатиов период и кое е мислењето на компаниите од овој сектор?

Сивевска: Текстилната индустрија, индустријата за облека и индустријата за производство на кожа и други производи од кожа се важни сегменти на македонската преработувачка индустрија.  Тие во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82%, и вработуваат над 37.000 работници.  Производството е главно базирано на „лон“ принципот на работа.

Податоците од истражувањето кое беше спроведено во периодот април-мај 2020, покажуваат дека индустриското производство на облека, во април 2020 година, бележи пад од 45% во однос на истиот период во 2019 година.  Уште поголем е падот на индустриското производство во текстилната индустрија (60%) и во индустријата за кожа и производи од кожа (70%).

Според проценките на компаниите, кои се базирани на најавите на купувачите, за следниот период може да се очекува намалување на продажбата од модни нарачки, кое би се движело помеѓу 40% и 60% во однос на минатите години.

Бизнис Регулатива: Во Студијата извршивте и анализа на трендот на бројот на вработени во овие стопански гранки. Какви се трендовите, односно дали се забележуваат одредени осцилации во однос на бројот на вработени во овој сектор?

Сивевска: Првичните реакции на компаниите по прогласувањето на пандемијата и најавите за намалување и откажување на нарачките од страна на купувачите, беа да се намали бројот на вработени.  Очекувањата на компаниите беа дека бројот на вработени ќе се намали од 20% до 40%.  Но, појавата на нарачки за заштитни маски за повеќекратна употреба, од домашни и странски купувачи, ги ублажи негативните ефекти од кризата со корона вирусот.

Бројот на работници во индустријата за облека во април 2020 година се намалил за 7,5% во однос на април 2019 година, во индустријата за производство на текстил намалувањето на бројот на вработени изнесувал 10%, додека во индустријата за производство  на кожа и други производи од кожа, падот на бројот на вработени изнесувал 20%.

Одредена флуктуација на вработените, проценета на 10% - 15%, како резултат на отсуствата на одреден број на вработени поради карантин, изолација, родителска грижа и хронично болни, влијае негативно на продуктивноста. Намалувањето на продуктивноста се проценува на 20% до 35%.  Дополнително овие вработени се на товар на компанијата која има обврска да им исплаќа плата и придонеси во целост. Поради линискиот групен режим на работа организирањето на втора смена за овие вработени не е возможно. Иако беше препорачано двајцата родители да се менуваат во грижа за децата, сепак ова не функционира во сите случаи.

Бизнис Регулатива: Кои се очекуваните последици од глобалната пандемија на COVID-19 врз извозот на текстилни производи, но и врз увозот на репроматеријали за потребите на овој сектор?

Сивевска: Македонските индустрии за текстил, облека и кожа и други производи од кожа се извозно ориентирани.  Вкупниот извоз на овие индустрии, во 2019 година, изнесувал над 540 милиони eвра. Над 93% од производството е базирано на „лон“ принципот на работа за познат купувач.

Краткорочно гледано, за период од шест до девет месеци, компаниите успеаја да ги намалат негативните влијанија од кризата со корона вирусот и да го одржат бројот на вработени.  Намалувањето на нарачки во индустријата за облека во делот на модни производи, во март и април беше компензирано со производство на заштитни маски и друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка од вообичаената.  Со ова се овозможи да се задржи бројот на вработени, при што отпуштањата беа минимални.

Доколку ситуацијата со пандемијата продолжи и во следниот период, тогаш се очекува да дојде до намалување на бројот на вработени во текот на 2020 година, согласно со намалените нарачки и продажби.  Според проценките на компаниите во овие индустрии, намалувањето на вработените би се движело од 30% до 50%.

Бизнис Регулатива: Веќе е најавен и третиот пакет на економски мерки кој ќе се имплементира во наредниот временски период. На каков став се компаниите од индустријата за текстил, индустријата за облека и индустријата за кожа и други кожни производи, односно кои се нивните предлози за надминување на кризата и какви мерки за помош и поддршка ќе треба да се преземат во периодот кој претстои?

Сивевска: Според најавите на владата, третиот пакет на економски мерки предвидува три столбови: поттикнување на домашната потрошувачка, директна поддршка на стопанството и поддршка на земјоделското производство.  Компаниите се секако директно заинтересирани за вториот столб, односно директна поддршка на стопанството, во којшто се најавуваат бескаматни кредити, дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании, поддршка за развој на конкурентноста.  Компаниите имаат потреба за автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производниот процес, набавка на нова опрема согласно со промените на пазарот, и тука, бескаматните кредити се посебно интересни и важни.

Бизнис Регулатива: Кои се Вашите размислувања за тоа како ќе се одвива продажбата на облека и дали тоа ќе влијае на производството?

Сивевска: Евидентно е дека има намалени и откажани налози, кои се позастапени кај модниот програм отколку кај службениот и работниот програм. Повеќето брендови ги заменија класичните модни налози со налози за производство на маски и заштитна опрема, но очекувањата се дека постепено тие налози ќе се намалуваат, а модните налози нема да го достигнат нормалното ниво во следните 12 месеци.

Долгорочно гледано, за период од 12 до 24 месеци, она што може да се очекува е намалување на големините на модните нарачки, односно компаниите може да очекуваат нарачки на помали серии, што наметнува предизвик кај компаниите да ја подобрат продуктивноста и воведат флексибилно производство со брз премин од еден на друго производ, со што би можело да се одговори на ваквите промени на пазарните услови.

Бизнис Регулатива: Какви се Вашите размислувања за можна криза при крајот на оваа година поради намалените нарачки, пред сè, од државите од Западна Европа и дали сметате дека треба да се направи дополнителна анализа при крајот на оваа година?

Сивевска: Во моментот, краткорочно, се чини дека компаниите во индустријата за производство на облека успеаја да ги намалат последиците наметнати со предизвикот COVID-19 преку воведување ново производство, односно заштитни маски и друга опрема.

Најавите за намалување и откажување на модните нарачки е предизвик со којшто компаниите ќе треба да се справуваат во следниот период.  Ситуацијата со COVID-19 пандемијата е нешто со кое досега не сме се соочиле, па тешко е да се предвиди како нештата ќе се одвиваат.  Затоа, потребно е да се направи уште една анализа кон крајот на годината, кога ќе се има повеќе информации за последиците од пандемијата врз бизнисите, за променетите пазарни услови и генерално за општата состојба со пандемијата.

Бизнис Регулатива: Во Студијата анализирате две сценарија: првото - за траење на кризата до крајот на месец јуни 2020 година и второто - за траење на кризата до крајот на 2020 година. Според Вас, кои се предвидувањата и очекувањата според двете сценарија?

Сивевска: Во студијата се разгледуваат две сценарија на развој на состојбите со корона вирусот во следниот период. 

Првото сценарио е дека пандемијата ќе трае до крајот на јуни, за да потоа, постепено во рок од 3 до 6 месеци, состојбите се вратат во нормала.  Како резултат на преориентирање на производството, и започнување на производство на заштитни маски и друга слична опрема, компаниите во текстилниот сектор, на краток рок, успеаја да ги ублажат негативните економски ефекти од предизвикот со корона вирусот.  Во ова сценарио, одредени негативни последици од корона вирусот кај компаниите во овие сектори, би можеле да се очекуваат да се почувствуваат во период од три до шест месеци, односно од јули, па до крајот на годината, во вид на намалени нарачки за модната програма и за работната облека.

Второто сценарио е дека пандемијата ќе трае до крајот на годината.  Во овој период, до крајот на годината, компаниите претежно ќе се занимаваат со производство на маски и заштитна опрема, но веќе во втората половина од оваа година а посебно од почетокот на следната година, претпоставка е дека производство на маски и заштитна опрема ќе стагнира или ќе се намали, а производството на модна облека ќе биде во намалени количини со многу мали серии заради остатокот на производи во залиха кои нема да се продадат во текот на летото 2020 година.  Според проценките на компаниите, во овој случај ќе бидат потребни од шест до дванаесет месеци, за нормализирање на нарачките и производството.  Тоа би значело дека цела 2021 година би била период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите, и потреба за поголемо отпуштање на вработени.  Во таков случај, мерките кои ги презема владата во моментот и други релевантни мерки би биле многу важни за овие индустриски сектори. 

Бизнис Регулатива: Кои се Вашите, но и предлозите на компаниите за надминување на оваа криза?

Сивевска: Компаниите предлагаат повеќе мерки, од кои клучна е континуирана комуникација помеѓу секторите и владата и релевантните институции.  Кризата во секторот, кој сега е во привидна стабилна состојба, може да ескалира во вториот дел од годината за што е потребно да се има план за поддршка, во вид на продолжување на веќе воведените економски мерки.

Успешноста и продуктивноста во овие индустрии многу зависи од квалитетна и обучена работна сила.  И вообичаено, а посебно изразено сега во услови на пандемија, постои континуирана промена на бројот на вработени, што влијае на одржување висока продуктивност.  Па затоа компаниите бараат, на вработените кои што отсуствуваат со потврда за чување на деца и хронично болни, во периодот на пандемијата, да им бидат платени придонесите за пензиско и здравствено осигурување од страна на државата или да се водат како да се на боледување со што државата ќе ги покрие трошоците за боледување.

Воведена како мерка за оправдано отсуство од работа, во рамките на предизвикот COVID-19, компаниите бараат да се инсистира на спроведување на наизменична промена на родителите кои отсуствуваат од работа заради грижа за децата, во услови кога образовните институции и градинките не работат, онаму каде што тоа е можно доколку не постои исклучивост од други причини.

Во рамките на буџетот на државата за втората половина од годината, но и за следната година да се предвиди поддршка за компаниите во овие и други сектори во вид на економски мерки на повеќе нивоа, како што беа и сегашните, но и дополнителни нови мерки согласно со условите.

Извор: Бизнис Регулатива

Можеби ќе ве интересира

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди