25 Април, 2024
0.0501

Робертино Николоски, Главен директор за контрола на усогласеност со прописи во Универзална Инвестициона Банка

Интервју Николоски: Од усогласеноста на прописите зависи стабилноста и профитабилноста на банката

Објавено во: Економија, Интервјуа 16 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Да се биде усогласен значи дека банката е соодветно организирана и подготвена да продолжи, но тоа го гарантира и интегритетот, репутацијата и препознатливата сигурност што пак од друга страна креираат директна врска со стабилноста и профитабилноста на Банката, вели во интервју за Фактор Робертино Николоски, Главен директор за усогласеност со прописи и правни работи во УНИБанка. Вели дека создавањето на ваквата перцепција кај клиентите, надворешните соработници, коресподентите, регулаторните и ревизорски органи е клучна.

Секој од вработените во таа служба точно ги знае своите обврски, овластувања и одговорности, целосно ги познава прописите кои ја регулираат неговата област на делување, поддржува високи деловни и етички стандарди, постојаност и еднообразност во однесувањето со клиентите.

Compliance или контрола на усогласеност со прописи не е често експлоатирана тема кога се зборува за банкарство?

Николоски: Точно, но само во јавноста, а тоа е детерминирано од нејзината неатрактивност.

Темата е голема и има посебно важен третман помеѓу домашните и меѓународни  регулаторни креатори. Притоа и не е само банкарска.

Секое трговско друштво, неминовно го усогласува своето работење со прописите од својата област и се грижи континуирано да ги применува, а тоа организирано или несвесно го прави од денот на своето постоење.

Што е тука неатрактивно?

Николоски: Нема бројки, споредливост, мерливост за успех и профитабилност. Усогласување со прописи, како термин, сам по себе не звучи атрактивно, бидејќи асоцира на ограничување на слободата на делување, што претпоставува и директен отпор и можно ограничување во постигнувањето на резултатите и обезбедување на водечки позиции во банкарскиот сектор. Но, за нас тоа претставува предизвик, кој го реализираме преку уверување на раководните структури во Банката за потребата и поволностите од истото и неговата поврзаност со успешноста и профитабилноста на друштвото.

Ако често употребуваната теза дека љубовта и парите го движат светот е точна, а на прв поглед ниедно од нив не можеме да го поврземе со темата, неатрактивноста е разбирлива.

Затоа, колегите кои ја работиме оваа проблематика во УНИБанка, барем на почеток даваме љубовен призвук на темата и на патот до разбирање на нејзината важност, вработените ги „заљубуваме“ до степен да не можат без неа и да разберат дека таа го движи нивниот свет, односно нивната област на финансиска активност, во која се специјалисти.

Мисијата не е лесна. Секогаш потешко се заљубувате во нешто што не ви е интересно.

За среќа, ние во службата сме шармантни односно упорни и планираме да останеме такви, за да може да ги заинтересираме колегите и за другите квалитети на темата и да ги мотивираме да останат заљубени.

Сепак, признавам дека процесот во УНИБанка оди полесно и некако спонтано. Одговорните лица се високопрофесионални, стручни и етички изградени кадри кои го разбираат процесот на услогласување на работењето на нивните служби со прописите како дел од секојдневните обврски и се однесуваат со должна посветеност.


Кои се основните задачи и цели на оваа служба?

Николоски: Финансиските активности во РСМ се регулирани во бројни прописи во финансискиот дел, организационо структурната поставеност, задолжителни следења и известувања и други регулаторни барања, кои меѓусебно кореспондираат и носат обврските за секој организационен дел во Банката. Навидум, успешно усогласување со прописите и натамошна контрола на усогласеноста со истите би било невозможно без постоење на гломазен организационен дел, но за среќа не е така. Банката има формално организиран дел, кој непосредно се вложува во остварување на задачите на усогласеноста со прописите, но притоа, нивна примарната цел е подигање на перцепцијата на вработените за потреба од усогласеност, како би можело истото да стане дел од корпоративната култура.

Усогласеноста со прописите не е само една организациска единица на Банката, во оваа мисија се сите вработени во Банката, од фронт деск до членовите на највисоките органи на Банката. Линиите на одбрана од потенцијални ризици финкционираaт од продажбата, преку усогласеноста, па се до внатрешната ревизија во Банката. Задачата треба да влезе во кодот на секој организационен дел.

Затоа, една од основните премиси во нашиот корпоративен кодекс, а притоа и наша предност е фактот дека одговорните лица во Банката мора најдобро да ги познаваат прописите кои ја регулираат областа на финансиска активност која тие ја раководат. Compliance одделот во Банката, во соработка со одговорните лица имаат должност да го развијат тоа чувство и кај секој вработен.

Контролната улога на службата е исто така битна и е дел од процесот на проценка на ризик.

Редовните проверки на усогласеноста во секој дел, навремените укажувања и корекции во постапувањето, се предуслов за навремено услогласување, создавање на добрата деловна пракса и конзистентноста во исполнувањето на обврските.

Имајќи ја предвид гореспоменатата неатрактивност, активноста станува предизвик.

Кои се останaтите активности?

Николоски: Постојано и целосно ги детектираме сите регулаторни барања и подготвуваме план и насоки, кои организирано овозможуваат да одговорите на истите и да воспоставите систем за следење на нивното исполнување. Ја зајакнуваме стабилноста на правната рамка и системот на правна поддршка во сите деловни активности на Банката, што обезбедува највисоко ниво на одбрана од потенцијални рекламации, тужби, прекршувања на регулатива и казни, што во голема мерка ја редуцира репутациската изложеност. Системот на усогласеност се темели на следење и контрола, изразена во неколку оски - секојдневно следење на регулативата и навремено информирање на одговорните лица; Поддршка и координација во создавање на интерните акти и нивно усогласување со домашната и меѓународна регулатива и пракса; Контрола на соодветната примена и подржување на квалитетот преку проверка на познавање на регулативата кај вработените; Спроведување на обуки за поединечни усогласувања и подигање на свеста за важноста на почитување на прописите и конзистентноста во односите со клиентите.

Во фокусот на внимание на службата се и активностите и одговорноста за осигурување дека клиентите на Банката делуваат во рамките на регулативата и не ја злоупотребуват Банката за незаконски активности, како перење пари, затајување данок или финансирање тероризам.

Динамична област, која секојдневно се соочува со нови облици на злоупотреби на финансисите канали, што ни налагаат континуирано прилагодување на системите на нивно оневозможување.  Добрите системи за заштита и искусниот и обучен кадар, придонесуваат за квалитетно исполнување на потребната заштита од трансакции во области на нелегални трговии, тероризам, корупција, судир на интереси, како и заштита на инвеститорите, потрошувачите од можни злоупотреби и измами при плаќањата и заштита на нивните лични податоци.

Кои се придобивките за Банката од Вашата работа?

Николоски: Интегритетот, репутацијата и препознатливата сигурност креираат директна врска со стабилноста и профитабилноста на Банката. Создавањето на ваквата перцепција кај клиентите, надворешните соработници, коресподентите, регулаторните и ревизорски органи е клучна.

Да се биде усогласен значи и дека Банката е соодветно организирана и подготвена да продолжи.

Секој од нејзините вработени точно ги знае своите обврски, овластувања и одговорности, целосно ги познава прописите кои ја регулираат неговата област на делување, поддржува високи деловни и етички стандарди, постојаност и еднообразност во однесувањето со клиентите. Но, исто така значи и дека службата го проверила и потврдила горенаведеното. Да не забораваме, прв синоним за банка е сигурност, што ни создава уште поголема обврска за остварување на истата. Спознанието и транспарентноста се битни фактори кои ја дополнуваат сликата на сигурноста и доверба, неопходна за секоја деловна врска.

Извесноста и конзистентноста во постапувањата се предуслов за долгорочен деловен однос и чувство на сигурност.

Секако, изненадувањата се дел од животот, но се обидуваме да ги сведеме на ниво на неопходно прилагодување не непредвидливи состојби, каква впрочем имавме годинава.


Кога веќе спомнавте, каква беше улогата на службата во таа состојба?

Николоски: Слична по карактер, но различна по брзина и интензитет. Скоро секојдневните, зависно од потребите на состојбата, нови прописи, во облик на уредби со законска сила, ја диктираа динамиката на усогласување, кое неретко личеше на прилагодување.

И покрај таквата состојба, се обидувавме изненадувањата за клиентите да бидат пријатни, во правец на олеснување на финансиските обврски, без притоа да ја нарушиме стабилноста и довербата кај банките и нивото на усогласеност во работењето. Во услови на глобален застој и градење на стратегија за пост последиците, олеснувањата ги изразивме  преку можноста за одложување на нивните обврски кон Банката и за нивна финансиска консолидација и реорганизација во кризниот период. Вредноста на отстапката мора да биде коректно почувствуван и од страна на акционерите и депонентите на Банката, бидејќи Банката треба да ги исполни и обврските кон нив. Важна улога во избегнување на потенцијална неорганизираност имаше и интензивната координација на Народната банка на РСМ, со Македонската банкарска асоцијација и поединечно со банките, за секое отворено прашање, како и нејзиното засилено присуство во јавноста, потенцирајќи ја стабилноста на бакарскиот сектор.

Какви се врските со НБРСМ и другите државни органи во овој дел?

Николоски: Многу значајна и полезна е помошта во пренесувањето на искуствата низ постојани обуки и препораки за подобрување на процесите, кои НБРСМ безрезервно ги споделува со банките.

Особено е значајна помошта во креирањето на општата клима на стабилност, која во последно време, заради низа неизбежни настани, а и во изолирани испади, има обиди неоправдано да се наруши.

Со тоа директно ни помага во процесот на управување со репутацискиот ризик.

НБРСМ неодамна поднесе и иницијатива до надлежните министерства, за законско уредување на ново кривично дело за ширење на неточни информации за работењето или финансиската состојба на банките, што би предизвикало нарушување на стабилноста на банките, банкарскиот или финансискиот систем.

Не помалку важна е и редовната комуникација со останатите државни органи, како чинители на регулаторниот живот.

Тие ни се од особена корист во навремено информирање за прописите во подготовка, разбирање на нивната суштина, а со тоа и правилен методолошки пристап во креирањето на разбирливи интерни акти.

Банката е дел од финансиски систем, кој претставува основна поддршка на економијата и граѓаните, на нивниот пат кон личен просперитет, што е предуслов и за општествен просперитет.

Самата позиционираност во системот не задолжува да создадеме сигурна и стабилна организација и да соработуваме со другите членки во одржување на истото.

Слабоста на било која членка создава впечаток на слабост на системот.

Врските помеѓу банките се се посилни, комуникацијата е секојдневна и интензивна и секоја значајна тема се обработува во соодветните стручни тела при Македонската банкарска асоцијација.

Каква е иднината?

Николоски: Кон сите предизвици пристапуваме организациски подготвени и високо мотивирани за успех. Зборот „кластер“ единствено го користиме како синоним за работно тело, кое треба да најде решение за одредено отворено прашање. Комуникацијата и размената на информации се од непроценливо значење во одржување на отворена бизнис атмосвера и предуслов за правилно структурирање на следните чекори. Наша обврска е да продолжиме да воспоставуваме култура на навремено запознавање на вработените со регулативата, да воспоставиме јасни правила на однесување и да го контролираме нивното почитување од страна на вработените, да обезбедиме потребни обуки, да ја негуваме и поттикнуваме дисциплината.

Вака изградената организираност мора да ја направиме видлива и за јавноста, како предуслов за стекнување на довербата кај клиентите.

Транспарентноста, демострираната сигурност и конзистентност ја зајакнува довербата и нашите врски и со регулаторот и системот воопшто. Инвестирањето во усогласувањето и почитувањето на прописите, со сигурност предизвикува позитивна перцепција од клиентите, а нивната удобност и доверба при користење на услугите на Банката, секако е вредноста која сме очекувале да ни се врати.

Сосема за крај, што лично сметате дека е тајна за успех во оваа област?

Николоски: Формулата е универзална, како нашата банка. Потребно е да излезете од флоскулата на релативизирање на важноста на работата на другите.

Секојдневно да слушате и учите нешто за нив и нивната работа, да ја екстрахирате суштината на нивните процеси и да ја употребите како есенцијален нутритив во организацијата.

A.T.

Можеби ќе ве интересира

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди