29 Март, 2024
0.0318

Интервју со Нина Неданоска, претседател на Управен одбор на Охридска банка

НЕДАНОСКА: Со актива над една милијарда евра, идната Шпаркасе Банка Македонија ќе направи значајни поместувања во банкарскиот сектор

Објавено во: Финансии, Интервјуа 25 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Почнуваме да ја испишуваме историјата на банкарскиот сектор, во делот на окрупнувањето на банките. Новата банка ќе има актива поголема од една милијарда евра. Тоа е обем кој сам по себе носи значајни придвижувања и поместувања во банкарскиот сектор. Со таа актива, интегрираната Шпаркасе Банка Македонија ќе биде позиционирана на четвртата позиција во банкарскиот сектор, и ќе биде значајна системска банка. Во интервју за Фактор, новата директорка на Охридска банка АД Скопје, Нина Неданоска, вели дека новата интегрирана банка ќе нуди уште подобар сервис на компаниите и граѓаните, ќе воведе значајни нови знаења и искуства, но и автоматизација и дигитализација на производите и услугите. Практично, вели Неданоска, таа банка ќе се натпреварува сама со себе, а времето ќе покаже дали ќе ја загрози позицијата на големата банкарска тројка. Во интервјуто Неданоска зборува и за економските очекувања за идната година, неизвесноста што ќе ја донесат изборите, но и за позитивните сигнали што ќе ги добијат инвеститорите по влезот на земјава во НАТО. Таа е најмлад претседател на Управен одбор на банка во земјава, но ниту тоа, ниту фактот што е жена во претежно машкиот банкарски свет, не и пречат во кариерата. Искуството кое 17 години го стекнувала во Охридска банка, како и посветеноста, и помогнале да го изоди целиот кариерен пат, почнувајќи од благајник, и стигнувајќи до врвот во Охридска банка

За претседател на Управниот одбор на Охридска банка доаѓате токму во времето кога таа станува дел од Штаермеркише Шпаркасе, а оваа историска промена во банкарскиот сектор во земјата е проследена со огромно внимание. Што, според Вас, може да се очекува од оваа нова банка, која ќе има значителен удел на пазарот?

Неданоска: 2019-та беше навистина историска година, не само за Охридска банка туку и за целиот банкарски сектор. Окрупнувањето на банкарскиот сектор беше препорачувано од централната банка подолг период наназад и еве, тоа се реализира оваа година. Тоа, несомнено, ќе има импакт на банкарскиот сектор во Македонија. Јас често велам дека од овој момент почнуваме да ја испишуваме историјата на банкарскиот сектор во делот на окрупнувањето на банките. Во вториот квартал од 2021 година се очекува да имаме една нова интегрирана Шпаркасе банка Македонија, која ќе има удел од 12 до 14 проценти, во зависност од сегментот што ќе се анализира. Од сегашните податоци, кои нема да претрпат значајни измени, интегрираната Шпаркасе банка ќе биде позиционирана како втора во корпоративниот сегмент од аспект на кредитната активност и како трета банка во делот на населението. Тоа, секако, си носи и свои предности, но и одговорности во однос на нашите клиенти. Зборуваме за банка којашто ќе има актива од над една милијарда евра. Тоа е обем кој, секако, сам по себе носи и значајни придвижувања и поместувања во банкарскиот сектор. Со таа актива, интегрираната Шпаркасе банка ќе биде позиционирана на четвртата позиција во банкарскиот сектор и ќе биде значајна системска банка.

Идната Шпаркасе банка  ќе биде четврта банка по големина во земјава, со актива од над една милијарда евра. Што ќе значи тоа за досегашната популарна банкарска тројка, дали ќе бидат загрозени неприкосновените позиции на овие банки и дали тие имаат причина да стравуваат од овој нов силен играч што ќе се појави на банкарскиот пазар и буквално ќе им дише во врат?

Неданоска: Јас не би го коментирала новиот банкарски субјект како закана за трите големи банки. Окрупнувањето во банкарскиот сектор и настанувањето на силна четврта банка, пред сè, има за цел да ја унапреди понудата на производи и на услуги и да го зголеми квалитетот на услугата за нашите клиенти, и за корпоративните и за оние во делот на населението, и сето тоа ќе отвори простор за поголеми финансиски иновации. Новиот субјект, исто така, ќе работи на унапредување и на модернизирање на палетата производи и услуги. Секако, ќе одиме во насока на дигитализација и на автоматизација на производите и на услугите, ќе го поттикнуваме користењето на банкарските е-услуги, всушност, ќе се фокусираме на она што некако спонтано се очекува да се случи во македонскиот банкарски сектор. Како и досега, и интегрираната Шпаркасе банка, пред сè, ќе има за цел да се натпреварува сама со себе. Значи, ние си поставуваме свои цели, кои се стремиме да ги оствариме. Дали тоа ќе значи загрозување на позицијата на трите силни банки, оставам времето да покаже. Но, она што е сигурно е дека во главниот фокус останува грижата за клиентите и моделирањето една нова, модерна и помоќна Шпаркасе банка Македонија, како четврта најголема банкарска групација во земјата, која ќе донесе бројни бенефити за клиентите, ќе отвори нови перспективи во економијата на макро- и на микрониво и ќе овозможи подигање на нивото на целиот банкарски сектор во земјата.

ГОЛЕМИНАТА НА НОВАТА БАНКА НОСИ И ПОГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ

Каков бенефит ќе имаат граѓаните и компаниите од новата банка? Дали зголемената конкурентност ќе значи зголемено кредитирање и намалени каматни стапки воопшто на банкарскиот пазар?

Неданоска: Прво, сами по себе, стабилноста и волуменот на интегрираната банка носат една нова и поголема одговорност и поголеми очекувања кај клиентите. Ние извесно време разговараме околу стратегијата на таа банка, каков треба да биде настапот на пазарот. Секако, во прв момент доаѓа грижата за клиентите. И тој волумен, кој во моментов го имаат двете банки и треба да биде дел од интегрираната банка, во ниеден момент не треба да биде загрозен. Напротив, се стремиме кон зголемување на волуменот и на поддршката на клиентите. Она што треба да го донесе таа банка како дополнителна вредност на пазарот е човечкиот капитал и знаењето, кое вработените и на двете банки го носат со себе како едно искуство стекнато не само на локалниот пазар туку и во двете матични банки, а е засновано на нивното европско искуство. И сето тоа ќе биде поткрепено со проширување на палетата на производи кое се очекува да се случи на пазарот во поглед на вклучување на брокерски и на депозитни услуги, услуги за лизинг кои веќе постојат во Шпаркасе банка, но самата банка, поради волуменот и зголемениот потенцијал и бројноста на клиентите, треба многу позабележливо да го изнесе тоа на македонскиот пазар. Како што споменавте, од аспект на каматните стапки, ние сме сведоци дека тие постојано се намалуваат, како во во делот на кредитното портфолио, односно активните каматни стапки, па така и намалување на пасивните. Од банкарски аспект, многу позначаен е трендот на намалување на активните каматни стапки во делот на кредитите отколку она што може да се случува во делот на пасивните стапки, односно на депозитното портфолио. Банкарскиот производ, како и секој друг, си има своја цена на чинење. Ние секако дека нема да одиме под таа цена на чинење, бидејќи, конечно, од тоа зависи профитабилноста и успешноста на една банка, што, пак, од друга страна, ја зацврстува стабилноста и нашата одговорност кон депонентите во банката. Меѓутоа, се разбира дека ќе го следиме и трендот на македонскиот пазар во банкарскиот сегмент и ќе им овозможиме на нашите клиенти користење на услуги и на производи и достапност до кредитни линии кои ќе носат значајни бенефити за нив. Ни претстои голем и комплексен период на интеграција, но, секако, нашиот фокус ќе остане на грижата за клиентите и, како што кажав, целото искуство и знаење треба да го пренесеме и да им помогнеме на нашите клиенти да се подобруваат во своето функционирање.

Колку оваа австриска инвестиција ќе ја зајакне македонската економија? И дали во неа гледате добар сигнал и за другите инвеститори од Епропската Унија?

Неданоска: Веќе споменав дека ова е историски најзначајната инвестиција и промена во банкарскиот сектор и најголемата странска инвестиција воопшто во изминатата година. Сам по себе, банкарскиот сектор е индикатор и двигател на економската активност во земјава. Верувам дека окрупнувањето на банкарскиот сектор и особено засилувањето на инвестициската активност на Штаермеркише Шпаркасе е еден добар сигнал и за тоа и другите странски инвеститори да ја засилат, да ја зголемат својата активност во Македонија. Секако,  како банка, ние сме тука и ќе бидеме подготвени да ги поддржиме овие инвестиции и да излеземе во пресрет со поволни производи и услуги, и тоа не само од аспект на кредитни линии, бидејќи тие странски инвестиции повеќе одат во насока на добра и квалитетна услуга, и, секако, да понудиме неризичен сервис. Позитивниот сигнал кој веќе го испрати Штаермеркише Шпаркасе е, секако, комбинација на повеќе фактори. Секако, неминовно е да се спомене и дека политичката стабилност е многу значаен фактор за економскиот раст. Интеграцијата на земјата во НАТО се очекува дека ќе ја зајакне вербата и на домашните, но и на странските инвеститори и компании во насока на тоа побрзо да носат одлуки поврзани со инвестирањето и зголемувањето на своите капацитети.

ВРАБОТЕНИТЕ И ВО ДВЕТЕ БАНКИ СЕ ПРОФЕСИОНАЛЦИ

Што очекувате конкретно за 2020 година? Ќе има избори, кои секогаш со себе носат неизвесност, па би Ве прашла како бизнисот и  банките ќе пливаат во тие води?

Неданоска: Мораме да бидеме искрени дека значајни поместувања и раздвижувања во економската активност не можеме да очекуваме во првиот квартал. Со оглед на тоа што изборите се во април, дотогаш сите некако мудро ќе очекуваат што ќе се случува на политичката сцена. Но, очекувам и се надевам  дека земјата бргу ќе ја надмине оваа ситуација и дека веднаш по изборите ќе имаме засилена економска активност и целиот инвестициски циклус и економијата бргу ќе се вратат во колосек. Народната банка проектира раст од 3,8 проценти во 2020 година и 8 проценти пораст на кредитната активност. И да бидам искрена, очекувам следната година да биде речиси идентична како оваа. Меѓутоа, и тој пораст на кредитната активност од 8 проценти верувам дека соодветно ќе биде исполнет и од наша страна, па очекувањата се дека ние како банка дури и би го надминале овој процент.

Процесот на интеграција на двете банки е во тек. Најавивте неодамна дека интегрираната банка ќе започне со работа во првата половина од 2021 година. Дали во моментов се работи на интегрирање на вработените во новата банка и како ќе се одвива тој процес со оглед на тоа што е тоа, можеби, и една од посензитивните работи што ги засега самите вработени? Имено, сите се заинтересирани дали ќе ги задржат своите работни места.

Неданоска: Тоа е нормално и очекувано. Спојувањето на двете банки се очекува да се случи во април 2021 година и дотогаш двете банки ќе функционираат како различни ентитети. Следствено на тоа, во структурата на двете банки не се очекува да се случат значајни промени во овој меѓупериод. Важно е да се напомене дека вработените и во двете банки навистина се исклучителни професионалци. Тие се експерти, посветени, етични личности и ние сме среќни што затекнавме таква ситуација. Менаџментот на двете постоечки банки, но и на интегрираната Шпаркасе банка Македонија, уште сега е фокусиран на градење на еден силен, посветен и одговорен тим, кој ќе треба да опслужува повеќе од 130 000 клиенти. Процесот на номинација и селекција на првото ниво на менаџментот, она под Управниот одбор, на следната банка е веќе започнат. Условите се јасни, транспарентни и достапни за сите вработени. На сите вработени им е дадена можност да аплицираат и да се потрудат да бидат дел од тој менаџмент, па по воспоставувањето на таа финална организација и структура и по идентификувањето на точниот број вработени што треба да ги има таа интегрирана банка, секако дека ќе бидат преземени активности во согласност со законската регулатива, односно со Законот за работни односи, колективните договори и со внатрешните акти на Банката. Јас сум, пред сè, среќна што анализите на групацијата покажуваат дека навистина тимовите на двете банки имаат исклучителни професионалци, што значи дека ни следуваат некој вид слатки „проблеми“. Исто така, многу сум задоволна што и духот меѓу вработените на двете банки се зајакнува, и тоа под мотото „one family“. Ние неодамна имавме една заедничка прослава, на која присуствуваа околу 700 вработени од двете банки и значаен дел од менаџментот и од главниот менаџмент од Грац. И таа позитивна енергија некако сè уште се чувствува. Тимовите од двете банки веќе засилено работат на процесите на интеграција и на спојувањето. Се зголемува бројот на познанства и таа тимска соработка и енергија веќе се чувствува, така што не очекуваме никакви значајни проблеми во тој дел и верувам дека на крајот ќе имаме задоволен, мотивиран и компактен тим.

Дали во овој период сè до официјалното спојување се oчекуваат промени во условите на производите што ги користат вашите клиенти?

Неданоска: Веќе споменав дека ние прво ќе функционираме како два засебни ентитети и до спојувањето не се очекуваат никакви промени на условите за клиентите. Очекувањата се дека она што ќе го добиваат нашите клиенти ќе бидат само подобри понуди и подобри услови. Почнувајќи уште од јануари 2020 година, сите клиенти на Охридска банка и на Шпаркасе Банка Македонија ќе можат да ја користат првата предност од потенцијалната интегрирана банка, а тоа е можноста на повеќе од 100 банкомати на двете банки во земјата да повлекуваат средства со дебитни картички без провизија. Тоа е првиот бенефит, но ние нема да застанеме на тоа, туку ќе продолжиме кон создавање подобра понуда на производи и на услуги. Охридска банка останува посветена и одговорна финансиска институција, каде што грижата за клиентите и во иднина ќе остане основна референца. Промената во сопствеништвото на Банката, сè до официјалното спојување на двете банки во 2021 година, нема да доведе до промена на условите за производите што ги користат клиентите, односно нема да има негативно влијание, напротив, се отвораат можности за креирање уште подобри понуди.  

ПОЧНАВ КАКО БЛАГАЈНИК, СКАЛИЛАТА ГИ КАЧУВАВ ЧЕКОР ПО ЧЕКОР

Кога млад човек како Вас ќе дојде на една ваква престижна позиција, интересно е да се чуе каков бил Вашиот кариерен пат. Вашите почетоци се врзани токму за Охридска банка. Кажете ни како се успева да се дојде до врвот, како успеавте да се наметнете и да покажете дека ја заслужувате довербата?

Неданоска: Јас сум дете на Охридска банка. Пред точно 17 години, кога и започнав да го градам мојот кариерен пат, се приклучив на тимот на тогашната локална Охридска банка. Но, јас би се вратила и десетина години наназад. Се сеќавам дека моето образование го градев на начин на кој како крајна дестинација ја гледав токму Охридска банка. Можеби звучи неверојатно, но беше навистина така. И ете се случи она што сум го замислувала и сум го посакувала. Започнав како благајник, а скалилата нагоре ги качував чекор по чекор, секогаш благодарение на посветеноста, напорната работа, транспарентноста и доверливоста.

Од оваа перспектива денес, како претседател на Управниот одбор на Охридска банка, сметам дека поминав доста. Оваа банка ја доживувам како мој втор дом, се грижам за нејзината топлина и стабилност од првиот ден. Се градев преку корпоративната култура која исклучително внимава на клиентите и на нивното задоволство од банкарските услуги. Сето ова ми помогна да го препознаам значењето што го стекна Охридска банка како референтна банка. Квалитетното вршење на банкарските операции, исплатата на првите кредити, грижата за една експозитура, па за цел сектор, а денес за цела банка, за мене има иста важност.

И јас навистина сакам да ги уверам своите колеги дека она што е важно во кариерата е да го работите она што вистински го сакате и она што верувате дека умеете добро да го завршите. Тогаш успехот е логичен. Менаџментот ги препознава таквата посветеност, одговорност и таквото вложување на вработените. Јас мислам и дека мојот личен пример покажува дека е тоа така.

Според мене, во кариерата и во професијата е многу важно да го работите она што го сакате и да го работите од срце. Тогаш успехот ќе си дојде сам по себе.

Иако не сте единствената жена на челна позиција во една банка, кај нас сè уште владеат стереотипите дека врвните менаџерските позиции на банкарската сцена како да се резервирани за машкиот свет. Дали тоа Ви пречи и дали сте доживеале досега одредена прикриена или јавна дискриминација од таков карактер?

Неданоска: Верувам во способноста, искуството и во знаењето на луѓето. За мене тоа е едиствениот начин за да се успее на секое поле. Банкарството само по себе е исцрпувачко и подложно на доста промени и приспособувања. Никогаш не сум ги делела професиите според полот, туку според амбициите на индивидуите да се впуштат во нешто во кое веруваат дека можат да успеат. За среќа, сè повеќе сме сведоци на тоа дека тие предрасуди веќе стануваат минато. Јас себеси се гледав како банкар и во континуитет работев и вложував во насока на тоа да напредувам во тој свет.

Во ниеден момент не сум се почувствувала како дискриминирана. И навистина, верувам и ги охрабрувам сите други жени да веруваат во себе и да се насочат кон тоа да си ги остварат целите што си ги зацртале.

Интересен е податокот дека Охридска банка некако важи за „женска банка”, а и во самиот менаџмент на Банката доминираат жените. Не е тоа нешто тенденциозно или намерно создавано, туку напротив, квалитетните луѓе си избиле на површината и сметам дека одлично се носат со тежината на позициите на кои работат. Можеби е случајност, но очигледно е дека ваквите стереотипи не важат во нашата банка.

Нина Нинеска-Фиданоска

фото: Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка