29 Март, 2024
0.0265

Интервју Мизо: Ја пропуштивме шансата за производство на автомобили

Објавено во: Економија 05 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Автомобилската индустрија во Македонија претставува повеќе од она учество од 55 отсто во вкупниот извоз на земјата. Далеку се од вистината некои изјави дека македонската економија и посебно овој сектор нема да бидат засегнати од случувањата во Германија и глобално во индустријата. Ја пропуштивме таа шанса и сега се многу мали изгледите да го доживееме тој момент да произведуваме автомобили. Костал Македонија е во фаза на финални подготовки за отпочнување на производство на комплексни системи директно применливи во електричните возила и за други светски брендови. За разлика од добар дел на компаниите од областа на автомобилската индустрија кои се присутни во Македонија, кај нас значителен процент (нешто над 40%) од бројот на вработените се со универзитетско образование. Костал ќе биде рангирана како втора најголема инвестиција од автомобилската индустрија во Македонија после Џонсон Мети. Неколку од локалните фирми од регионот се на добар пат да добијат милионски бизнис како добавувачи, поентира Виктор Мизо, генерален менаџер на Костал Македонија, во интервјуто за „Фактор“.

Каpaцитетите за изработка на автомобилски делови се во постојан подем во Македонија, а автомобилскиот сектор ужива динамичен развој и растечка важност за економијата на земјата. Македонија се специјализираше за катализатори, седишта, воздушни перничиња, електрични системи, мехатроника, сензори и разни други компоненти.  Колкав е придонесот на овој кластер во македонската економија и како влијае на нејзиниот развој?

Мизо: Автомобилската индустрија е динамична и конкурентна сфера на постојани иновации, турбуленции и борба за нови клинети и производи на глобално ниво. Без да се шпекулира со економсите показатели, ефектот на странските инвеститори кои работат во областа на автомобилската индустрија е значителено голем како во однос на вработувањата така и во делот на учеството на оваа индустрија во извозот и растот на БДП- то. Во овој сектор во Македонија се вработени над 20.000 луѓе додека учеството во извозот веке надмина 55 отсто од вкупниот извоз од државата.

Но ова се ефекти кои можат да се мерат и споредуваат со други сектори во земјата или со други земји конкуренти во привлекување на ваков вид на инвестиции. Она што е за истакнување а кое не може да се валоризира од прв поглед е индирекното влијание кое го има оваа индустрија врз целокупната македонска економија. Се поголем број на локални компании од различни производствени и услужни сектори се вклучуваат во ланецот на локални добавувачи, заедно се развиваат, учат, се надградуваат со нови искуства и знаења кои се карактерестични за една современа компанија. Дополнително, големо е влијанито на развојот на работните способности и знаење на вработените. Преку континуирани обуки (кои воопшто не се евтини за компаниите) се усовршуваат и оспособуваат вработените паралелно и на ниво на вработените во развиените земји од индустријата. Поентата е дека се професионализира пристапот кон работата и работните навики и обврски, кон колегите, кон организацијата на корпорацијата. Тој став се пренесува на локалните компании добавувачи, институции и општеството генерално. 

Повеќе од 50 компании во Македонија произведуваат за автомобилски брендови, главно од Германија. Можно ли е негативен циклус во производството на автомобили во Европа да се одрази непосакувано на економските параметри на кластерот во земјата и резултатите да стагнираат?

Мизо: Далеку се од вистината некои изјави дека македонската економија и посебно овој сектор нема да бидат засегнати од случувањата во Германија и глобално во индустријата. Иако најголем дел од извозот е кон Германија (И таа е статистички наш најголем трговски партнер), тоа не значи дека крајните корисници се секогаш лоцирани во Германија. Најчесто влезната точка и централен магацин каде производите влегуваат во ЕУ се лоцирани во Германија, а потоа производите одат во Франција, Шпанија, Британија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија и сл. Секако дека падот во автомобилската индустрија кој започна глобално кон втората половина на минатата година, а е поизразен оваа година, посебно во Кина, ќе се одрази и на компаниите во Македонија кои се добавувачи од прво или второ ниво на автомобилските произведувачи. Ова влијание според досегашните движења нема да биде драматично и со голема штета за локалната економијата. Очекувањата се индустријата и добавувачите да опстојат на траектираните планови но сепак со намалена динамика и претпазлив пристап кон промените кои ќе следат. Мора да се земе во обзир дека компании како Даимлер, Ауди, Форд, Џенерал Моторс, Нисан, Бош, Континентал, Брозе планираат елиминирање на повеќе од 100,000 работни места во следниот период заради општото забавување во авто-индустријата кое ќе продолжи и идната година, како и огромните трошоци за инвестиции во нови технологии. Впрочем во секоја индустрија има осцилаторни движења во зависност од моментот кога го достигнуваат својот технолошки врв и при големи скокови и падови во самиот развој и примени на нови технологии – во овој случај електрификација, ride-sharing, автономно возење, дигитализација. Македонските компании од автомобилската индустрија ќе го надминат овој период но ќе мора и сериозно да ги ревидираат своите планови за рационализирање на трошоците и нивно сведување на минимално неопходно ниво. Истовремено, зависно од комбинацијата на клиентите и видот на производот(од гледна точка на комплексност на технологијата), не секоја компанија која работи во Македонија ќе биде подеднакво афектирана. 

Интересно е дека во Германија тамошната Влада разгледува можни мерки за помош на оваа индустрија преку индиректна интервенција со цел да се задржат вработувањата и полесно да се надмине кризниот периодот – скратено/флексибилно работно време. Истовремено Претседателот на Германската Автомобилска асоцијација бара од својата Влада намалување на корпоративните даноци, поконкурентна цена на струја и на работна сила, како и побрзо решавање на трговските војни. Во оваа насока би требало да размислуваат сите Влади на земји каде автомобилската индустрија е важен контрибутор на локалната економија. Во нашиот случај тука дополнително би влегло и усогласувањето на царините со оние во ЕУ. Таквата поддршка најчесто се враќа со мултипликативен ефект во подоцнежните “добри” денови во индустријата.

Во моментов на Балканот автомобили се произведуваат во Романија, Србија и Словенија. Можно ли е Македонија да биде четврта земја во која ќе се изработуваат готови патнички возила, наместо да има само добавувачи на автомобилски компоненти?

Мизо: Не сакам да звучам песимистично, но мислам дека ја пропуштивме таа шанса и сега се многу мали изгледите да го доживееме тој момент. Прва причина е големината на пазарот на трудот и постојаниот одлив на кадри од земјата. Тешко е да се најдат соодветни кадри и за оние компании кои се веќе присутни тука. Дополнително, ја немаме индустриската традиција на други земји кои историски произведувале автомобили во Источна Европа – Полска, Чешка, Словенија, Романија, Србија. А и многу време беше изгубено во првите 15+ години од осамостојувањето во де-индутријализација на државата. Македонија треба да се фокусира на технологии со поголема додадена вредност кои испорачуваат високотехнолошки производи на автомобилските произведувачи за европскиот пазар. Притоа, да се фокусираме на истражуванје, развој и континуирано унапредување на производството со оптимизација на процеси. Мора да бидеме и реални дека во процесот на R&D на производ немаме големи можности, знаење и соодветна едукација и затоа е подобро да се концентриараме на подобрување на производствените процеси и соработка со образовните институции. Само така можеме да ја одржиме конкурентноста.

Производството на електрични и хибридни возила е се помасовно. Дали тоа значи дека се менуваат тековите на производство и кај добавувачите? Особено ова важи за Тесла кој воедно е ваш клиент?

Мизо: Да, „Костал“ Македонија произведува компоненти и за ТЕСЛА. Она што малку е познато за јавноста ние воедно сме во фаза на финални подготовки за отпочнување на производство на комплексни системи директно применливи во електричните возила и за други светски брендови. Промената веќе се случува, за некои компании во Македонија повеќе, за други помалку, зависно од нивната специфика и софистицираност на прозводот.

„Костал“ покрај автомобилска електроника, произведува и за други индустриски сектори. Ваша оценка за побарувачката во овие сегменти?

Мизо: „Костал“ е општествено одговорна компаниија, која многу вложува и во модерните технологии за заштита на животната средина и намалување на загадувањето. Такви се и визиите за производство на индустриска електроника која произведува инвертори за искористување на соларна енергија. Со пораст на интересот за овие технологии и рационалното искористување на енергијата, паралелно растат приходите и од овие сегменти и разгледуваме можности за потенцијални дополнителни инвестиции во овој сектор.

Постои ли понатамошен простор за зголемување на бројот на вработени во „Костал“ и колку вложувате во развојот на човечките капацитети во фабриката?

Мизо: Да, Костал Македонија во следните неколку години планирано е значително да го зголеми бројот на своите вработени, односно следната година би ја завршиле со над 700 вработени, додека во 2022 година тој број ке изнесува над 1.000 вработени. Меѓутоа, специфично за нас, за разлика од добар дел на компаниите од областа на автомобилската индустрија кои се присутни во Македонија, значителен процент (нешто над 40%) од бројот на вработените се со универзитетско образование, претежно од техничките науки, и сличен сооднос би се задржал и во следните години, паралелно со зголемувањето на бројот на вработените.

На нашите вработени гледаме како на еден од најважните ресурси во нашето работење, кои истовремено се и нашата најголема компетитивна предност. Оттаму, посветуваме континуирана грижа во натамошното зголемување на нивните социјални компетенции и проширување и продлабочување на стручните знаења, преку различни форми на обука и развој, за што секоја година се издвојуваат значителни средства од компанискиот буџет. 

Почнувајки од програмата за дуално образование за средношколци во која сме вклучени веќе втора година, практичните обуки за време на летните пракси за студентите од техничките факултети, преку програми како “Инжењер на тренинг” кои ја олеснуваат интеграцијата на свежо-дипломираните студенти во Компанијата, програмите за job-rotation во рамките на Групацијата, па се до стипендираwе или поддршка на вработените кои одлучуваат да го продолжат своето пост-универзитетско образование, Костал Македонија на сеопфатен начин се грижи за подигнување на компетенциите на своите вработени на едно ново, повисоко ниво, а се со цел да се одржи чекорот со развојот на технологијата.

Најавувате почеток на втора инвестициска фаза. Што се ќе опфати истата?

Мизо: Според првичните планови од 2016, инвестицијата на Костал континуирано треба да расте до 2025. Во овој случај тоа се дополнителни инвестиции во нова опрема и објекти, потребни за производи на нови клинети Ауди, Фолксваген, Шкода и Сеат. Дополнителната инвестиција се очекува да надмине 50 милиони евра и да се креираат дополнителни 500 работни места во период од 4 години. Според овие параметри, Костал ќе биде рангирана како втора најголема инвестиција од автомобилската индустрија во Македонија после Џонсон Мети.

Каква е соработката на „Костал“ со локалните фирми. До кој степен и во кои области ви се потребни нивните услуги?

Мизо: Во Костал имаме вработени лица со специфично знаење и искуство кои се задолжени конкретно за развој и следење на добавувачите. Иако компанијата е релативно нова во Македонија, тенденцијата е да ги унпредуваме односите со локалните добавувачи и заеднички да раснеме. Ова се однесува како на добавувачи на материјали за производството и полупроизводи така и на услуги. Резултатот е евидентен токму во соработката за новите напредни производи. Имено, неколку од локалните фирми од регионот се на добар пат да добијат милионски бизнис како добавувачи за производство на дел од нов продукт наменет за електрични возила кој ќе се произведува кај нас во Охрид. Костал Македонија е активен учесник во сите програми за развој на добавувачи каде нудиме и менторство за локални компании. Истакнувам дека сме отворени за соработка во сите области и ги повикувам локалните фирми да се поекспедитивни и дирекно да не контактираат.

Александар Кузмановски

Можеби ќе ве интересира

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи