24 Април, 2024
0.3170

Интервју Михаилоски: Младите не се апатични и покрај разочараност од бугарското вето, продолжуваме со прогресивните политики

Објавено во: Интервјуа 23 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Подмладокот на СДСМ неодамна го избра Марко Михаилоски за нив претседател кој ќе биде гласот на младите членови во креирањето на политики намери за подобрување на студентскиот стандард, но и прашања за итните реформи кои треба да ја вратат довербата во институциите. Михаилоски смета дека за младите многу поважни се прашањата за функционален систем и економски можности, како и забрзување на процесот за зачленување во ЕУ. Неговата партија најави дебата за декриминализација на канабисот, реформи во образованието, борба со корупцијата и непотизмот. Во разговорот се осврнавме на актуелните жешки теми со бугарското вето, но и ставовите на Заев за историјата кои предизвикаа татнежи внатре во партијата, пред се од поранешни врвни функционери. Михаилоски како претседател на СДММ ќе се залага за подобрување на вклученоста на младите во носењето одлуки и справување со КОВИД-19 пандемијата.

Фактор: Најпрво честитки за изборот за нов претседател на младината на СДСМ. Мандатот го започнувате во период кога е блокирана европската иднина и кога се очекува зголемена апатија кај младите и уште поголема бесперспективност. Сонот за ЕУ сам по себе не може да биде единствен мотив, туку мора да се работи и внатре преку преземање на клучните реформи за поголема правда, борба со корупцијата, повеќе економски можности за младите, но и подигнување на нивната енергија. Како ќе одговорите на овие предизвици?

Михаилоски: Не би рекол дека младите се апатични, напротив. Иако постои одредено разочарување кај сите нас поради одлуката од страна на Бугарија, сепак никој не очекуваше дека утре ќе влеземе во ЕУ. Свесни сме дека тоа е процес од неколку години, нашата држава денес е членка на НАТО, доколку го продолжиме патот и вложуваме во реформи и квалитетни политики, сонот за ЕУ набрзо ќе стане реалност.

Спроведувањето на клучните реформи и реализирањето на поглавјата од преговорачката рамка преку конкретни закони и политики, секојдневно ќе значат подобрување на животот на граѓаните, а пред се на младите. Колку сме поблиску на патот до интеграција на нашата држава во европското семејство, толку повеќе ќе бидат видливи бенефитите што сите ќе ги почувствуваме. Почнувајќи од подобар младински стандард, квалитетно образование, поголем број на можности за вработување и вклученост на младите во општествениот живот, па се до борба против корупција и владеење на правото, што многу често е поважно прашање за младите отколку нивните егзистенцијални прашања.

За Владата предводена од СДСМ овие прашања се високо во приоритетите, верувам дека со засилена комуникација набрзо ќе се дојде до решение и ќе се надмине оваа ситуација, а нашата држава ќе ги продолжи успешно преговорите за членство во ЕУ.

Фактор: Семејните и пријателските врски, наменски конкурси за државни позиции и пополнување на кадрите со партиски членови не ја избегнаа ниту оваа власт иако очекувањата на граѓаните беа борба со непотизмот и кронизмот. Како да се зголеми довербата во државните институции ако постои уверување дека е легло на партиската војска?

Михаилоски: Враќање на довербата во институциите е предизвик на оваа Влада на кој постојано се работи. Кога работите со години функционираат на ист начин, стануваат дел од навиките и однесувањето на луѓето и не можат да се променат преку ноќ. Факт е дека голем дел од граѓаните и не се доволно запознаени со нивните законски права и обврските и надлежностите што секоја институција мора да ги обезбеди за секој еден граѓанин.

Токму затоа постојано работиме на отворање на институциите кон граѓаните, редовна комуникација и навремено одговарање на нивните барања.

Креираме политики кои нудат еднакви шанси за сите. Потребно е да се зголеми капацитетот на државната администрација, со квалитетни кадри и тоа ќе  биде единствениот критериум. Вработувањата во државната администрација се уште се најпосакувано работно место за младите, промовираме политики кои ќе го променат тој тренд и ги охрабруваме младите со поддршка од државата да започнат свој бизнис и својата кариера да ја градат во приватниот сектор.

Фактор: Кои ќе бидат вашите приоритети за подобрување на стандардот на младите. Реформите во образованието како да застанаа и никој не се фокусира на нив, додека пак унапредувањето на културата, спортот и општествените сфери се видливо попречени поради пандемијата со КОВИД-19. Има ли стратешки пристап за решавање на овие проблеми, што ќе понудите вие?

Михаилоски: Образованието е една од најважните области за младите луѓе и реформите се неминовни за да бидеме сигурни дека државата е на вистинскиот пат. Се донесе новиот Закон за високо образование, се организираат фер и демократски студентски избори, студентите сами ги бираат своите претставници, се формираа независни студентски организации, а студентите се вклучени во донесувањето одлуки.

Формирана е работна група која работи на целосно нов систем за изработка на наставни материјали, подобрување на квалитетот на учебниците, изработка и употреба на разни видови наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците, врз искуствата од скандинавските земји и некои од земјите во Европа и нашиот регион.

Се работи на суштински реформи во образованието кои ќе значат професионален развој на учениците и развивање на критичка мисла, инклузија на сите ученици со посебни потреби и попречености и унапредување на квалитетот на наставата.

Пандемијата со Ковид-19 влијаеше на образовниот процес и ја потенцираше потребата од реформи во образованието. Вложени се сите ресурси кои се на располагање и во вакви услови образовниот процес непречено се одвива, но сепак важно е континуирано да се работи на суштински реформи кои од темел ќе го променат образовниот процес.

Фактор: Пандемијата со КОВИД-19 покажа дека е неопходно младите да покажат зрелост и одговорност, да не се групираат масовно, да организираат нелегални корона-журки и да ги заштитат своите најблиски. Потфрли ли младината или пак државните органи не си ја вршат својата работа во поглед на казнување и превенција?

Михаилоски: Ситуацијата со пандемијата е нова за сите нас и секој има одговорност и треба да го направи својот дел, за да придонесе во зачувување на јавното здравје. Во ваква ситуација кога институциите имаат зголемен обем на работа, а вработените се на терен и постојано изложени на ризик, мислам дека е клучна одговорноста кај секој млад човек да биде одговорен за своите постапки и однесување.

Институциите се постојано на терен, се санкционираат сите оние кои ги прекршуваат мерките и забраните донесени за заштита од коронавирусот. Сепак, секому му е јасно дека е невозможно секој поединец да биде лоциран и казнет и затоа институциите вршат и едукација со што се влијае и се зголемува јавната свест за опасноста од коронавирусот.

Од друга страна оваа пандемија влијае врз менталното здравје на младите и навистина го промени секојдневието на секој млад човек. Затоа е многу важно во каков контекст ги врамуваме младите, тие понесоа голем товар, се приклучуваат во мобилните тимови за помош на ранливи групи на лица, волонтираат за намалување на последиците од Ковид 19, се адаптираат на новиот процес на образование, нивниот социјален живот кој е многу важен за развојот на секој млад човек се одвива на социјалните мрежи.

Фактор: Дали воспоставивте комуникација со младинските ограноци на опозициските партии, постои ли можност вие како млади, неоптеретени со политички скандали и товар од минатото да работите заедно на политички консензус за итните реформи и клучните национални интереси или пак ќе продолжи неодржливата поларизација и партиски конфликти?

Михаилоски: СДММ има постојана комуникација со подмладоците на останатите политички партии, преку разни проекти и платформи кои имаат за цел воспоставување соработка за прашања кои се од интерес на сите млади. Сметам дека ние како млади политичари и млади лидери имаме обврска да водиме нови политики на соработка, кои ќе ги надминат дневно политичките конфронтации и партиските интереси, за да можеме отворено да разгоававарме и носиме одлуки со консензус за сите прашања и политики кои се однесуваат на младите луѓе.

Фактор: Внатре во СДСМ, особено со видни функционери од минатото дојде до големи недоразбирања по скандалозното интервју на премиерот Заев за БГНЕС. Се консолидира ли лидерската позиција на Заев и дали пренесените ставови за "таму некоја администрација на почетокот" и сличните изјави ќе се сметаат за официјална позиција на партијата во преговорите со Бугарија?

Михаилоски: Позицијата на претседателот Заев како во партијата, така и во владината коалиција е стабилна. Во однос на позициите во врска со прашањето со Бугарија, тие се кажани јавно и јасно и од страна на претседателот Заев и од страна на СДСМ. За македонскиот јазик, за македонскиот идентитет не се преговара и нема да се преговара. Ние сме за ЕУ но сме против уцени врз македонскиот народ и другите етнички заедници кои живеат во нашата земја и од тоа нема отстапки. Тоа се позициите од кои не остапуваме.

Фактор: СДСМ и особено нејзината младина се декларира како прогресивна политичка сила. Се отвори дебата за легализација на марихуаната. Кои се вашите ставови за ова прашање, како ќе се реализира и кој ќе има бенефит?

Михаилоски: Да, СДММ е прогресивна младина, дел од прогресивната партија СДСМ која отвора дебати за важни прашања за нашето општество, едно од тие секако е легализацијата и декриминализација на употребата на марихуана.

Како предводник на СДММ сметам дека овој чин ќе донесе само придобивки за нашето општество, за нашата економија. Законското решение се уште не е донесено но убеден сум дека гледајќи ги искуствата во западноевропските држави, а во консултација со засегнатите страни, надлежните министерства ќе изработат квалитетно законско решение кое ќе донесе позитивни ефекти особено во економијата, угостителството и туризмот.

Фактор: Заштита од дискриминација, родова еднаквост, социјална правда, заштита на животната средина и спречување на климатската криза, се суштински прашања за прогресивната младина. Им посветува ли доволно внимание актуелната власт и каков ќе биде вашиот придонес во нивно остварување?

Михаилоски: Како одговорна партија на овие теми во овие три години навистина постигнавме многу. Се посветивме на градење на фер, праведно и правично општество. Тука веќе имаме видливи резултати и преку носењето на Законот за заштита од дискриминација, преку социјалната реформа со која го намалуваме економскиот јаз во општеството, преку политиките што обезбедуваат родова еднаквост и елиминација на родово базираното насилство. Секако има уште простор за работа и делување особено во делот на заштитата на животната средина и борбата против климатските промени.

Затоа, како младина во соработка со граѓанските иницијативи, во соработка со подмладоците на политички партии од ЕУ, постојано градиме политики кои имаат за цел да го унапредат квалитетот на живот како на младите, така и општо на сите граѓаните и во таа насока и ќе продолжиме. Ќе креираме политики но и ќе бидеме коректив на нашите „повозрасни’ колеги во СДСМ.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“