16 Април, 2024
0.0253

ИНТЕРВЈУ КОВАЧЕВСКИ: Петтиот сет мерки не е само за излез од кризата, туку и за побрз раст на економијата

Објавено во: Економија, Интервјуа 03 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Да го одржиме балансот во услови на најголемата здравствено-економска криза со којашто се соочил светот досега беше многу тешко и бараше голем напор, но резултатите покажуваат дека сме на вистинската патека. Веќе во третиот квартал минатата година, како резултат на досега преземените владини мерки, падот на економијата беше забавен, вели во интервју за Фактор заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски. Петтиот сет економски мерки, смета тој, но и структурните реформи што се дел од владината економска програма, треба да постават здрава основа не само за да излеземе од кризата, туку и за да се обезбеди побрз раст во следниот период. Сепак, за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор. Ковачевски за Фактор ги пренесува и владините очекувања дека економскиот раст во 2025 година ќе достигне 5,9 проценти, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на 5,75 проценти годишно. Разговаравме и за тоа како Владата, иако првично не планираше да продолжи директната поддршка за плати, реши таа да постои и во петтиот сет мерки, но и за тоа дека овој вид помош дефинитивно ќе биде последен, бидејќи се очекува излез од кризата. Сепак, објаснува Ковачевски, состојбата ќе се следи, а предвидени се бројни програми за зачувување на работните места. Се очекува наскоро во Собранието да помине и законот за државната гарантна шема, со која со 15 милиони евра државна гаранција, а преку Развојната банка, ќе се гарантираат кредити и заеми за малите претпријатија...

Владата излезе со сет од 29 мерки, наменет за граѓаните и за реалниот сектор, или, како што го нарече, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Според владините пресметки, тој ќе тежи 160 милиони евра. Веќе има реакции дека ефектот од предложениот сет нема да ги исполни владините очекувања. Како овие мерки ќе ја стимулираат домашната економија?

Ковачевски: Здравствено-економската криза предизвикана како резултат на брзото ширење на коронавирусот е од невидени размери, како од аспект на брзината со којашто се ширеше, така и од аспект на силината, а нејзиниот импакт е поголем дури и од оној којшто го видовме пред десетина години во услови на финансиската криза. 

Во вториот квартал2020 година, кога импактот беше најсилен, имавме пад на економијата од 14,9 проценти, а кај бруто-инвестициите беше забележан пад од 34,4 проценти. Во изминатава година, којашто беше исклучително тешка, сите држави беа насочени кон две цели: зачувување на здравјето на граѓаните и поддршка на стопанството и задржување на работните места, како клучни фактори коишто треба да генерираат раст по завршување на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Затоа и фокусот на преземените мерки беше токму во таа насока.

Вкупниот износ на сите обезбедени економски пакет-мерки во 2020 година изнесува околу една милијарда евра, или приближно 10 проценти од нашиот БДП. Се обезбедија бесплатни тестови, средства за вакцини, поддршка на медицинскиот персонал, финансиска поддршка за околу 500.000 граѓани, коишто беа најпогодени со кризата, преку директно префрлување средства на нивните трансакциски сметки, околу 100.000 работни места се задржаа преку поддршка на над 16.000 претпријатија погодени од кризата, се обезбедија и поволни кредити за претпријатијата, а беа спроведени и низа други мерки за ублажување на ефектот од кризата.

Да го одржиме балансот во услови на најголемата здравствено-економска криза со којашто се соочил светот досега беше многу тешко, бараше голем напор и посветеност, но резултатите покажуваат дека сме на вистинската патека. Веќе во третиот квартал, како резултат на преземените мерки, падот на економијата беше забавен, а кај бруто-инвестициите се забележа раст од 4,2 процента споредено со 2019 година кога немаше криза.

Извозот на стоки во втората половина од минатата година бележи просечен раст од 2 процента на годишна основа. Просечната искористеност на капацитетите во преработувачката индустрија постепено расте (69,2 отсто во декември и веќе 69,4 отсто во јануари) и полека се доближува до нивото пред кризата (71,4 отсто во февруари 2020 година). Темпото на раст на платите во четвртиот квартал е засилен. Во втората половина од 2020 година има забрзување на растот на платите, односно платите се зголемени за 7,8 проценти на годишна основа.

Стапката на невработеност, според Анкетата на работната сила, во третиот квартал се намали на 16,5 отсто, по зголемувањето на 16,7 отсто во вториот квартал. Кредитната поддршка продолжи и во декември при што е забележан кредитен раст од 4,7 проценти на годишна основа, како одраз на растот на кредитите, и кон претпријатијата и кон домаќинствата.

Во однос на реализацијата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, и јануари и февруари годинава, можам да констатирам дека, реализацијата на приходите е во рамки на очекувањата и предвидувањата на Министерството за финансии.

Гледајќи ги движењата во економијата и во консултација со стопанските комори, го донесовме петтиот сет мерки насочен кон закрепнување на економијата, инвестиции и развој. Реализацијата на овој сет мерки, но и структурните реформи коишто се дел од владината економска програма, треба да постави здрава основа не само за да излеземе од кризата, туку и за да се обезбеди побрз раст во следниот период, Но, секако, за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор.

ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ СЕ ВРТИ ВО ПРЕТКРИЗНАТА ПАТЕКА НА РАСТ ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА НА 2022 ГОДИНА

Првично власта најавуваше дека во петтиот пакет ќе нема директни субвенции за исплата на плати, но потоа се предомисли и ја вметна оваа мерка и во петтиот пакет, којашто ќе важи два месеца и ќе биде опционална, односно фирмите ќе можат да ја користат или оваа мерка или бескаматни кредити. Едно од владините објаснувања претходно беше дека мерката е преобемна и бара многу буџетски средства. Што беше пресудно за Владата повторно да оди со оваа мерка?

Ковачевски: Мерката за финансиска поддршка заради исплата на плати е редизајнирана и е насочена кон обезбедување побрз економски раст. Уште од самиот старт, за мерките се дискутираше со коморите и до самиот крај на нивното носење трпеа усогласувања и измени, сѐ со цел да бидат во оваа насока.

Имено, претходно, доколку компаниите 2020 година ја завршиле со добивка требаше да вратат дел од субвенциите до 50 отсто од висината на остварената добивка. Сега, ако компаниите го инвестираат овој дел, не се должни да ги вратат средствата во Буџетот, туку ќе ги искористат за проширување на бизнисот и развој на економијата. Целта е овие средства да се наменат директно за развој и инвестиции, наместо да се вратат во Буџетот, и да бидат пренасочени за развој на домашната економија.

Воедно, оваа мерка се комбинира со мерката за бескаматни кредити и идејата е комплетно да се насочиме на модел насочен кон забрзување на економијата. Така, оние компании што ќе аплицираат за бескаматни кредити доколку годинава го прошират својот бизнис за најмалку 10 проценти во споредба со минатата година, тогаш 30 проценти од кредитот им се претвора во грант. Доколку, пак, го зголемат бројот на вработени за 5 проценти споредено со минатата година, тогаш 50 проценти од кредитната линија станува неповратен, односно грант.

Со оглед на тоа што Владата најави дека овој тип помош е последен, како во иднина ќе се спасуваат работните места доколку кризата се пролонгира?

Ковачевски: Здравството и фискалната политика мора да бидат во центарот на одговорот на ковид кризата, a истовремено монетарната политика има витална улога во овој процес.
Податоците веќе покажуваат подобрување на ситуацијата, имунизацијата е веќе започната со вакцинирање на здравствените работници што работат во ковид центрите и набрзо очекуваме масовна имунизација на населението.
Во рамки на Министерството за финансии, преку редизајнирањето на буџетската политика, фискалната консолидација и стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, планирано е забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа. Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75 проценти годишно.

Стратегијата за забрзан раст, Фискалната стратегија, четиригодишниот План за јавни инвестиции вреден 3,2 милијарди евра, Стратегијата за управување со јавниот долг, Даночната стратегија, новиот Закон за буџети со којшто се пропишуваат фискални правила и унапредување на процесот на буџетирање, мерките коишто во моментов се спроведуваат, како на пример гарантната шема којашто ќе овозможи со 15 милиони евра буџетски средства да се гарантираат кредити за компании во комерцијалните банки во износ од над 100 милиони евра, новите 100 милиони евра од Европската инвестициона банка, реформата на пазарот на капитал, либерализацијата на финансискиот сектор што треба да доведе до пристап до поповолни кредити, дигитализацијата на економијата и воведувањето на артифицијалната интелигенција, реформите во образованието и инвестициите во човечкиот капитал, сето ова треба  да придонесе за побрз, одржлив и инклузивен раст којшто ќе го почувствуваат сите.

Во глобални рамки, имунизацијата исто така е веќе започната, со што наскоро се очекува одредено нормализирање на економиите и раст на нарачките. Ние сме мала економија, пред сѐ водена од глобалните случувања. Предвидувањата на сите држави во светот се дека годинава ќе има нормализирање на состојбата и заздравување на економиите, што ќе биде основа за поинтензивен раст во наредниот период.

Треба да се потенцира дека најголемиот дел од мерките ќе траат во текот на целата година. Наскоро очекуваме во Собранието да помине и законот којшто овозможува реализација на државната гарантна шема со којашто со 15 милиони евра државна гаранција, а преку Развојната банка, ќе се гарантираат кредити и заеми за малите претпријатија.

ФИРМИТЕ ШТО НЕ ГИ ИСПЛАТИЈА ПЛАТИТЕ ОД ПРЕТХОДНИТЕ ПАКЕТИ, ЌЕ ОДГОВАРААТ

Некои компании, иако ги зедоа државните субвенции, не им исплатија плати на работниците, по што се најавија кривични пријави и присилна наплата. Дали како власт можете да гарантирате дека платите на крајот сепак ќе дојдат кај работниците за коишто се наменети, а фирмите неплаќачи ќе ги сносат санкциите за ова поведение?

Ковачевски: Многу јасно и експлицитно е кажано дека тие што не ги исполниле обврските немаат право да аплицираат за оваа мерка и во законот јасно е дефинирано тоа. Веќе има евиденции во УЈП за оние што не ги исплатиле платите, а добивале субвенции за истото. Врз основа на законите, ќе одговараат за непостапување со оглед на користење на државните пари односно субвенциите што ги добиваат од Буџетот, поточно парите на граѓаните за намената за којашто Владата одлучила дека треба да им помогне.

Од аспект на механизмите за контрола на оние фирми коишто вршат злоупотреби и не ги исплаќаат платите, повеќе од јасно е дека тие што не ги исплатиле платите нема да имаат право да аплицираат воопшто, но и дека ќе одговараат пред институциите. Ова е последна помош со плати, бидејќи очекуваме излез од кризата, развој и раст. Но државата е тука и останува и понатаму будно да ја следи состојбата.

Се предвидува и финансиска поддршка за радиодифузерите, коишто ќе бидат ослободени од годишната давачка за концесија. Кое е образложението за оваа мерка?

Ковачевски: Две мерки се предвидени за радиодифузерите. Едната мерка е онаа за финансиска поддршка за 120 радиодифузери во висина од 50 милиони денари за 2021 година. Со оваа мерка 120 радиодифузери, односно радија и телевизии коишто имаат активни концесии за емитување на радио и телевизиска програма, ќе бидат ослободени од годишната давачка за концесијата.

А втората мерка се однесува на ослободување од надоместокот за мултиплекс фреквенција за цела 2021 година. Оваа мерка ги опфаќа радиодифузерите во земјата на коишто ќе им се покријат трошоците за 2021 година за дигиталниот терестријален мултиплекс и дозвола за емитување. Оваа одлука е согласно Законот за електронски комуникации, а има за цел ублажување на економските последици врз медиумскиот радиодифузен сектор предизвикани од коронавирусот. Ќе имаме избалансираност сите да добијат подеднакво.

Новинарите и медиумите беа едни од најизложените во оваа пандемија, односно изложени на здравствениот ризик, но исто така медиумите трпат и финансиски бидејќи компаниите што се рекламираат изминатава година кратеа на трошоците за маркетинг и беше тешко да се преживее овој период. 

ДОБРО Е И ПРИВАТНИТЕ КОМПАНИИ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО МЕРКАТА БРИШЕЊЕ НА КАМАТИТЕ ЗА РАНЛИВИТЕ ГРАЃАНИ

Граѓаните не добија директна парична помош како со претходните пакети, туку се одлучи да им се отпишат долговите за камати кон комуналните претпријатија, а главнината да се репрограмира на период од 12 месеци. Има ли анализа колку луѓе ќе бидат опфатени во мерката и колкав е нивниот вкупен долг?

Ковачевски: Како што најавивме, во мерките го вклучивме бришењето камати на граѓаните кон јавни институции и претпријатија. Со оваа мерка, со законски измени ќе им се наложи на јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија и Управата за јавни приходи, како и на општините и на сите други институции од јавните дејности да ги простат и избришат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100 проценти. Тоа се однесува за сите физички лица во нашата земја.

Главнината што ја должат повеќе од три месеци по основ на испорачани комунални и други јавни услуги, даноци и данок на имот, ќе може да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци. Реализацијата на мерката за репрограмирање ќе се направи преку објава на Јавен повик во траење од 5 месеци во рамки на кои граѓаните ќе побараат репрограмирање на долговите.

Мерката не се однесува на долгови кон ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија коишто даваат јавни услуги, како и на правните лица коишто се корисници на ваквите услуги или даночни обврзници.

На приватните компании што вршат комунални услуги не може Владата да им наложи да ги избришат каматите, но премиерот ги повика и тие да го сторат тоа. Дали очекувате дека ќе ја послушаат неговата сугестија?

Ковачевски: Добро е и приватните компании да се вклучат во оваа мерка, затоа што голем број граѓани тешко ги плаќаат заостанатите долгови. Ова е сепак чин на солидарност, главниот долг останува да се плати, при што би биле избришани само каматите.

Сите треба да ги плаќаме јавните давачки, а за најсиромашните државата излегува во пресрет со бришење на каматите. 

Откажувањето на државата од каматите е големо, тоа изнесува од десетици до стотици илјади денари само по основ на камати. Најсиромашните се најмногу погодени и влегуваат во лавиринт од којшто не можат да излезат.

Во јавноста имаше реакции дека со оваа мерка со којашто се бришат долговите за камати се создава еден вид морален хазард, односно се дестимулираат чесните граѓани кои редовно си ги плаќаат своите обврски, и тие да престанат да го прават тоа. Дали се согласувате со тие критики?

Ковачевски: Не сметам дека се дестимулираат, сепак ова е за да им помогнеме на граѓаните кои во време на кризата ја изгубиле работата, кои имаат помалку приходи, кои не стигнуваат навремено да ги платат обврските со тоа што ќе им се избрише каматата, но главниот долг сепак останува.

Агенцијата за вработување објави дека поради пандемијата на ковид-19 без работа останале над 18.000 наши граѓани, и покрај сите досегашни мерки. Кога, според Вас, овие лица ќе си ги вратат работните места?

Согласно податоците на Агенцијата, во јануари годинава се евидентирани 158.681 невработено лице, додека во јануари минатата година биле евидентирани 104.409 невработени.

Стапката на невработеност, според Анкетата на работната сила, во третиот квартал се намали на 16,5 отсто, по зголемувањето на 16,7 отсто во вториот квартал од 2020 година. Со мерките коишто се спроведуваат за справување со ковид кризата, но и со останатите мерки од економската програма на Владата, како и преку активните мерки за вработување веќе активно се работи во овој дел. За областа економски работи издвоивме износ од 1,140 милијарди евра. Ќе ги поддржиме инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекување странски директни инвестиции, инвестирање во развојните зони, малите и средни претпријатија, подобрување на конкурентноста, поддршка на домашниот туризам итн.

За програмата за намалување на сиромаштијата се издвоени 4,3 милијарди денари или 69,9 милиони евра. Во оваа програма се опфатени активностите коишто се однесуваат на зголемување на вработеноста и подобрување на животниот стандард на работниците. Во рамки програмата се обезбедени средства за реализација на активни мерки за вработување, со опфат на различни целни групи кои потешко можат да се вклучат на пазарот на трудот, вработување деца без родители и родителска грижа, како и за проектот за субвенционирање придонеси за поддршка на плати. Од нив за субвенционирање придонеси за исплата на плати се 2,4 милијарди денари (39 милиони евра) и 1,9 милијарди денари (30,8 милиони евра) за поттикнување на вработеноста.
Од овие 1,9 милијарди денари за поттикнување на вработеноста, 1,4 милијарди денари се за спроведување активни политики и мерки за вработување. Овие средства се насочени кон креирање програми, мерки и услуги за вработување за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето нови работни места, вработување млади лица, поддршка за вработување лица со попреченост, активација на корисниците на гарантирана минимална помош (ГМП) на начин што работоспособни членови на домаќинството ќе се вклучат во активните програми и мерки за вработување. Новите 100 милиони евра од ЕИБ исто така се во насока на придвижување на инвестициската активност и на зголемување на вработеноста.

Кога да го очекуваме новото задолжување на државата преку еврообврзница, којашто беше најавена за првата половина од годинава?

Ковачевски: Во Министерството за финансии редовно го следиме меѓународниот финансиски пазар за финансирање на потребите на нашата економија.
Надворешното задолжување е веќе предвидено со Буџетот за 2021 година. Во 2021 година достасува за отплата надворешен долг во износ од 605,6 милиони евра, од кои поголема отплата е достасувањето на еврообврзницата издадена 2014 година во износ од 500 милиони евра и тоа треба да го имаме на ум при носењето на одлуките, коишто ќе бидат во насока на намалување на трошоците на финансирање и зголемување на рочноста.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?