26 Април, 2024
0.0311

ИНТЕРВЈУ КОЛЕМИШЕВСКИ: Просечна плата од 600 евра ќе биде реалност до крајот на нашиот нов мандат

Објавено во: Економија, Интервјуа 02 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Ги слушнавме потребите на граѓаните и барањата на бизнис секторот, а погледнавме и што сме сработиле досега. Сето тоа ни помогна да создадеме еден сеопфатен економски пакет кој ќе им го понудиме на граѓаните и ќе ја бараме нивната доверба на претстојните избори, вели во интервју за Фактор Кирил Колемишевски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ и заменик министер за економија. Понизок данок во ИТ индустријата, намалување на парафискалните давачки, фирмарина согласно големината и приходите на компаниите, дигитализација во банкарскиот сектор, намалување на трошоците за тендерска документација, како и повисока помош за компаниите, се дел од клучните мерки, за кои во сега владејачката партија веруваат дека нема да можат да бидат одбиени од граѓаните. Во инервјуто Колемишевски зборува и за ветувањето за отворање на 100.000 нови работни места, пораст на минималната плата до 18.000 денари до крајот на новиот четиригодишен мандат, повисок животен стандард, како и дека ќе сторат се што е во нивна моќ стапките на економски раст да се искачат на 5 до 6 отсто, па и повеќе од тоа. Младите, открива тој, ќе добијат посебно место во новата програма, со можност за нив многу полесно да основаат фирма и да добијат пристап до капитал, а Планот за економски раст ќе претрпи извесни измени...

Вие сте претседател на Комисијата на СДСМ за економија. Веќе излеговте како партија со економска понуда до јавноста. Ги слушнавте ли овој пат реалните потреби на граѓаните и на компаниите и дали се токму тие вградени во економскиот пакет?

За СДСМ економијата секогаш имала посебно значење, а со оглед на тоа дека се работи за област која беше комплетно погрешно водена од претходната власт, имавме доста работа изминатите 2.5 години, реализиравме многу, тоа го потврдуваат и бројките и фактите и токму тоа ние е воедно и мотивација плус да продолжиме со започнатите мерки,со нивно подобрување,унапредување и секако воведување на нови решенија кои би значеле подобра економска клима во нашето општество. Морам да кажам дека големо значење имаа и граѓанските трибини на кои имавме прилика да ги слушнеме и потребите на граѓаните, како и нивните сугестии. Исто така, ги слушнавме ставовите на стопанските комори, кои се наши партнери во креирањето на политики и носење на функционални законски решенија. Сето тоа води кон создавање на еден сеопфатен економски пакет кој го подготвуваме за  периодот кој доаѓа односно она што ќе им го понудиме на граѓаните. Би сакал да истакнам дека во СДСМ работат 19 комисии кои покриваат различни сектори и се посветени на креирање на политики кои имаат за цел да го демократизираат општеството, да се создадат услови за брз раст и развој на бизнис секторот и да се постигне поголема благосостојба на македонските граѓани.

Можете ли да ни откриете што е она најзначајно во делот на економијата што ќе го понудите. Кој ќе биде таа клучна мерка или ветување кое граѓаните нема да можат да го одбијат и ќе ги натера да Ви ја дадат довербата да ја водите државата уште еден мандат?

Не би рекол клучна мерка, затоа што тоа води кон една мерка која би ја понудиле. Би рекол пакет на економски мерки и решенија кои би им ги понудиле на граѓаните.

До крајот на мандатот, до 2024 година, ќе отвориме 100.000 нови работни места. Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме нови 100.000 работни места. Со ова невработеноста ќе ја донесеме под 8 отсто на државно ниво, односно под 20 проценти кај младите. Денес стапката на невработеност изнесува 17,1 отсто кај општата популација и 35 отсто кај младите и е сериозно намалена во споредба со 2017 година. Планирано е платите на вработените во образованието и здравството  да пораснат за 20 отсто, а во текот на целиот мандат ќе продолжи и субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен.Ќе ги унапредиме и условите за работа во ИТ индустријата која е генератор на илјадници добро платени работни места, па затоа планираме до 2023 година персоналниот данок во ИТ индустријата да го намалиме до 0 отсто. За оние кои сакаат да се обучуваат, дообучуваат или преквалификуваат, ќе им овозможиме целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација. Ќе развиеме целосно нови стратегии преку грантови или неповратни средства од 5.000 – 15.000 евра за млади и за жени за отворање на сопствени бизниси, каде државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех.

Покрај овие мерки, во новата програма создаваме креативни решенија кои ќе обезбедат уште поинтензивен развој. Како дел од мерките кои се веќе усогласени и со останатите комисии, можам да ги напоменам создавање на регистар на парафискални давачки и намалување и укинување на дел од овие трошоци за компаниите, воведување нов систем за фирмарина согласно големината, бројот на вработени и приходите, дигитализација на плаќањата во банкарскиот сектор која ќе доведе до намалување на трошоците на компаниите, потоа намалување на трошоците за тендерска документација и дигитализација на процесот, предвидуваме поволностите кои важат за странските инвеститори да важат и за домашните, зголемување на помошта кон компаниите, а една од мерките во тој правец е и повеќе средства за поддршка на женското претприемништво. Тука не смее да се заборави и владеење на правото како еден од столбовите за развој на економијата, на што посебно ќе се осврнеме во идниот мандат, а покрај тоа ќе се предвидат и мерки за борба со сивата економија и корупцијата. Ова посебно го истакнувам бидејќи се предвидува целосна дигитализација и воведување на нови технологии во работењето на државните институции кои драстично ќе ги намалат можностите за коруптивно однесување на администрацијата.

Сето тоа се сериозни, системски мерки кои имаат за цел да ја зајакнат економијата и уште повеќе да го интензивираат економскиот развој.

Тој развој подразбира уште повисоки плати и нови и подобри работни места. Тоа ќе го постигнеме преку иновативен и дигитален скок во економијата, преку поддршка на сите храбри и иновативни идеи на младите и храбрите претприемачи, но нема да ги заборавиме и постоечките индустриски и производни капацитети.

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ДО КРАЈОТ НА 2024 ГОДИНА ЌЕ ДОСТИГНЕ 18.000 ДЕНАРИ

Минималната плата Вашата Влада ја зголеми на 14.500 денари, но не се успеа до крајот на овој мандат да се постигне просечна плата од 30 илјади денари како што беше најавено. Според последните податоци за декември 2019, лани, просечната плата беше на ниво од 26.836 денари, што значи дека недостигаат над 3.000 денари за овој таргет. Кое ќе биде сега новото ветување за наредните избори, колкава просечна плата ќе им ветите на граѓаните и дали тоа ќе успеете и реално да го исполните?

Во скратениот мандат од две и пол години, ја зголемивме минималната плата од 9.000 на 14.500 денари и сме на прагот од ветените 16.000 денари кои ќе ги остваревме доколку имавме цел мандат. Но затоа, по изборите на 12 април продолжуваме со истиот тренд и во новиот мандат ќе ги надминеме и тие 16.000 денари. Нашата цел е минималната плата до крајот на 2024 година да изнесува минимум 18.000 денари. Со разумно и одговорно работење, оваа цел е реална и остварлива.

Просечната плата порасна за 4.000 денари за само две години и изнесува 26.836 денари во декември 2019 година. Ветените 30.000 денари просечна плата ќе ги реализираме наскоро, како резултат на сите мерки и политики кои ги преземаме во економијата. 

Но, оваа бројка ќе биде само попатна станица до висината на просечната плата од 36.000 денари која ќе биде реалност на крајот од четиригодишниот мандат. Растот на платите кој следува ќе биде уште побрз и посилен, како што всушност и ќе расте економијата.

Да потсетиме дека во скратениот мандат успеавме да ги зголемиме платите на вработените во образованието за 21 отсто, а на оние во научните установи за 25 проценти. Платите на здравствените работници ги зголемивме со историски суми - со следната плата лекарите специјалисти ќе имаат за 40 отсто повисоки примања, општите лекари за 25 отсто, сестрите за 20 проценти, како и здравствените соработници за 15 отсто.

Месечни приходи зголемени за 23 проценти обезбедивме за социјалните работници. За 16 проценти пораснаа платите на вработените во градинките каде што отворивме и многу нови работни места.

Покуси не ги оставивме ниту вработените во армијата и полицијата. И нивните плати бележат пораст од 20, односно од 30 отсто. Дополнително, војниците имаат по 7.000 денари  плус за станарина.

Граѓаните се уверија дека СДСМ го исполнува ветеното, и пак ќе напоменам ова беше скратен мандат, а се постигна навистина многу. Она што можеме да го ветиме е дека остануваме посветени и во иднина на подобар животен стандард за сите граѓани на нашата држава.

Иако уште не се објавени податоците за 2019 година, извесно е дека растот на економијата нема да надмине 4 проценти. Дали може да ветите пред граѓаните дека како евентуална идна власт ќе ја „одлепите“ земјата од тој просечен раст и дека ќе достигнете стапки од 5 до 6 проценти. Како би можело тоа да се постигне, бидејќи само такви стапки можат да ни го кренат стандардот?

Економските политики на СДСМ направија огромен раст на БДП за над пет проценти, или од минус 1.8 се искачивме на 3.6 проценти. Тоа значи дека земјата, односно економијата ни се движи по нагорна линија. Кога се кажуваат овие бројки, не треба да се заборави дека за мандатот на Владата на СДСМ беа организирани локални и претседателски избори, кои сепак имаа влијание на целокупниот економски амбиент. Исто така, се решаваа битни проблеми со нашите соседи. Решавањето на овие прашања нѐ направија полноправна членка на НАТО и сме на прагот на отворањето на преговорите со Европската Унија. Тоа што ќе бидеме земја-членка на НАТО, што освен сигурност и безбедност, носи и охрабрување на странските инвеститори да инвестираат во нашата земја. Со тоа се обезбедуваат повеќе нови работни места и намалување на невработеноста, значи и економски раст. Имаме такви примери на земји членки на НАТО сојузот, кои откако го добиле статусот на земја членка економскиот раст се драстично се зголемил. Како пример би ги посочил: во 2004 година, БДП-то на Естонија скокна од 6,5 отсто на 9,5 отсто, а во Латвија од 8,7 отсто на 10,6 проценти. По влезот на Естонија во НАТО странските инвестиции тројно се зголемија од 965,8 милиони долари на 3,1 милијарди долари. Ваквите трендови на забрзан економски раст се забележани кај сите нови членки на НАТО, но и кај нас, со самото приближување на членството. Веруваме дека овој позитивен тренд ќе го следиме и ние како држава.

Во однос на тоа дали може да ветиме раст од 5 до 6 отсто на БДП, можам само да ветам дека ќе дадеме сѐ од себе за да ги постигнеме овие бројки кои не се недостижни. Напротив, борбата со сивата економија и корупцијата, рационалното располагање со буџетските средства, планираното зголемување на поддршката на македонските компании, привлекување на странските инвеститори, дигитализацијата, креирањето на подлога за стартапи и иновативни технологии, како и одговорното, транспарентно управување со државните ресурси, ќе овозможат и повисоки стапки на раст од овие кои ги кажувате. 

Многу надежи се полагаа на Планот за економски раст, со кој компаниите добиваа државни субвенции за инвестиции, за извоз или за иновации. Но, тоа не придонесе за некој позначаен економски бум во земјава. Сметате ли дека оваа мерка имаше слабости и дали доколку добиете на избори ќе ја продолжите во иста ваква форма, или некако ќе ја модифицирате?

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции во 2018 година се реализирани над 110 милиона инвестиции и се отворени над 2100 работни места. Вкупно се донесени одлуки за потпишување на договори со 250 компании кои се поддржани со 40,7 милиони евра. Тука се вкалкулирани и поддршка на домашни и странски компании, како и Оперативниот план за вработување, мерки од Министерство за економија и други мерки, додека за 2019 година поддршката е околу 57 милиони евра, а бројот на компании околу 300. Овие компании во своите бизнис планови наведуваат дека вкупните инвестиции во наредниот период до 5 години ќе надминат преку 230 милиони евра и предвидуваат вработување на околу 4.500 лица.

Како што кажав, во 2019 година, како никогаш досега, издвоени се средства од буџетот за поддршка на економијата и тоа во висина од 57 милиони евра, кои ако се споредат со претходната година кога изнесуваа од 40,7 милиони евра, претставува раст за 37 отсто. Не сакам да споредувам со тоа што било поддржано директно во компаниите претходните години, особено во македонските компании каде што поддршката до 2017 година беше 0 или многу мала, односно занемарувачка, претставена преку мали програми, но не вака интензивна и рамноправна за сите компании во нашата држава без разлика дали се домашни или странски.

Во однос на Вашето прашање, можам да Ви го одговорам следното. Преку направени анализи за постигнатите резултати, укажувањата од страна на реалниот сектор и разговори со стопанските комори и бизнисмените, оваа мерка ќе претрпи соодветни измени кои ќе бидат во насока на уште поголема поддршка на компаниите, ќе се зголеми обемот на компаниите кои би можеле да добијат државна помош и ќе се додадат повеќе можности за аплицирање.

Во новиот четиригодишен мандат се обврзуваме на поддршка на домашните и странските инвестиции во износ од 600.000.000 евра, од кои 300.000.000 евра ќе бидат директна буџетска поддршка и уште 300.000.000 евра европски пари. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите, за работа тука дома, во нашата татковина.

Пензиите од годинава се повисоки за над 700 денари, и иако Владата тврдеше дека тоа нема врска со претстојните избори, во јавноста се уште владее таков впечаток. Што ќе им ветите на пензионерите, но и како ќе одржите стабилен пензиски систем?

Покачувањето на пензиите беше предвидено уште пред воопшто да знаеме дека ќе има предвремени избори, затоа сметам дека такви шпекулации паѓаат во вода.

Имено, над 320 илјади пензионери денес земаат за 700 денари повисока пензија. Оваа сума влегува  во основицата на пензијата, а до крај на годината пензиите се усогласуваат дополнително до 200 денари, што значи дека годинава пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Дополнителното трето покачување се прави законски и плански, со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и во услови кога имаме кога раст на економијата, раст на минималната плата за 60 отсто и 17 проценти раст на просечната плата. Со ова, Владата покажа дека не прави ад-хок зголемувања на пензиите пред избори, туку врз основа на законска рамка и економска логика.

За само една година од спроведувањето на пензиската реформа, Владата успеа да го стабилизира пензискиот систем и да го намали дефицитот во Фондот за ПИОМ за 3 милијарди денари, а приходите се зголемени за 10 отсто. Значи работите околу пензиите и пензискиот систем се сосема стабилни и веруваме дека така и ќе останат.

ИНФОРМАТОР ЌЕ ИМ КАЖУВА НА СИТЕ ФИРМИ КОИ ДОКУМЕНТИ МОРА ДА ГИ ИМААТ

Компаниите постојано се жалат дека имаат недостиг од стручен кадар, а младите, иако нема официјални бројки, и натаму заминуваат од земјава и својата иднина ја гледаат во некоја од развиените странски држави. Има ли некој скриен „кец во ракавот“ Вашата партија за младите, како ќе ги убеди да останат тука?

Младите се иднината на државата. И секој влог во неа е влог во иднината. И токму водејќи се оттука, Владата преку бројни мерки за само 2,5 години успеа да направи и примени доста нови мерки. Тука би ги посочил Законот за млади со кој се дефинира категоријата млади. Законот нуди бројни поволности, како младинската гаранција преку која се зголемува вработеноста на младите лица, а за тоа потврдува фактот што стапката на невработеност кај младите лица која сега изнесува 35,3 отсто, и бележи пад споредено со 2016 кога беше 48,6 процнти, потоа младинскиот додаток за лица до 23 години кои се самовработени или вработени во производство, а добиваат 3.000 денари плус на нивната плата, поддршката на новоосновани start-up и spin-off компании, поттикот на младите да одберат стручно образование, поттикот и поддршката на иновативните млади луѓе , младинската картичка, мерката млад земјоделец за која се финансираат млади земјоделци со неповратни 20.000 евра оваа година и достапните доквалификации, преквалификации преку кои младите лица би биле поконкурентни на пазарот на трудот. Во новата програма младите ќе добијат посебно место, бидејќи новите генерации предничат со користење на технологија. Во наредниот мандат ќе обезбедиме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка кај младите. Како што кажав и претходно, развиваме целосно нови стратегии преку грантови или неповратни средства од 5.000 – 15.000 евра за млади и жени за отворање на сопствени бизниси.

Ќе им овозможиме многу полесно основање на фирма, пристап до капитал, финансирање преку бизнис ангели, основање на нови start-up центри, поддршка за вмрежување и директна финансиска државна помош. Овде сакам да го најавам и проектот Информатор кој ќе се воведе преку Централниот регистар. Информаторот ќе биде своевидна помош за почетниците во бизнисот и исполнувањето на регулативните барања. Централниот регистар на трговските друштва задолжително ќе им издава „Информатор“ со сите битни информации за водење на бизнис. Информаторот ќе содржи податоци за потребните документи кои треба да ги има едно трговско друштво, постапката за регистрација за ДДВ обврзник, кои услови треба да ги исполнуваат согласно барањата на инспекциските контроли, права и обврски кои произлегуваат од Законот за работни односи, можностите кои ги овозможува државата за субвенционирање и поддршка на претпријатијата, огласи кои ги објавуваат државните органи, единици на локална самоуправа и претпријатија, начини на пристапување и обезбедување на документација од државни институции и останати информации кои ќе им ја олеснат работата на сите кои се во приватниот сектор. Не смееме да ја потцениме креативноста и енергијата на младите и сакаме да им создадеме услови за да бидат носители на „технолошката пролет“ која следи во државата.

Вашата партија во овој мандат, кој сега завршува, одлучи да не ја „чепка“ администрацијата, односно не сакаше да им се „заблагодари“ на претходните партиски кадри, туку ја дополни и со свои луѓе. Но, таа не престана да биде бавна и неефикасна и во никој случај не стана вистински сервис на граѓаните. Ќе ветите ли во овој дел некоја „драматична“ реформа, или се ќе остане по старо?

Ова прашање се поставува многу во последните години и од новинарите и од бизнис секторот и од страна на граѓаните. И сосема оправдано. Бидејќи на оваа позиција дојдов од приватниот сектор и јас сум бил сведок на неефикасноста на администрација. Партизацијата на администрацијата е сериозен проблем кој мора да се адресира. За 11 годишно владеење на ДПМНЕ, се измислија безбројни агенции, комисии и одбори, кои ги пополнуваа со партиски војници, кои платите ги заработуваа со присуство на партиски митинзи и поддршка на партијата, место да ја работат работата за која се платени. Партизацијата не се случуваше само по овие новоизмислени форми на администрација, туку и во секторите кои се од витална важност за функционирање на една демократска држава. Сведоци бевме на страшни партиски притисоци врз останатиот дел од администрацијата кои беа уплашени за своите работни места. И да си вистински професионалец и искусен државен службеник, како ќе ја работиш својата работа во една таква атмосфера? Од една страна гледаш партиски кадри кои злоупотребуваат државна работа, а од друга страна трпиш притисоци од надлежните раководители. Невозможно е во такви услови некој да си ја сака својата работа и да дава сѐ од себе.

Што се однесува до Вашето прашање, можам да Ви кажам дека Претседателот Заев на соодветна прес конференција ќе го даде одговорот.

ЌЕ ПОБЕДИМЕ, ПРАШАЊЕ Е СО КОЛКУ РАЗЛИКА

Дали како партија сте задоволни од она што го постигнавте во економијата и дали мислите дека граѓаните би требало да бидат задоволни?

Сето тоа кое што претходно го зборував води кон тоа дека за краток временски период се направи многу на економски план, раст на плати, пензии, социјална помош, странски директни инвестиции, поддршка на домашните компании, мерките за вработување, мерките на доквалификација и преквалификација и уште многу други мерки. Сето тоа се направи за 2,5 години. Сметам дека на подолг рок или со цел мандат сето тоа би било дуплирано односно со поголеми резултати. Бидејќи ги раздвиживме работите и имаме опипливи резултати, сакаме да продолжиме со засилено темпо. Секогаш може повеќе, но сметам дека и ова досега не е за потценување. Така што, дали граѓаните се задоволни, треба да одговорат тие.

Какви резултати очекувате на претстојните избори, дали ќе победите и дали Вие ќе формирате Влада?

Нормално дека ќе победиме. Прашањето е само со колку разлика. Со победата следува и обврската за правење на влада, која ќе има мандат да го продолжи патот на интеграција на државата во Европската унија и да го подобри животот на граѓаните.

На која позиција Вие се гледате во новата евентуална Влада што би ја формирала Вашата партија?

Не би сакал да лицитирам, ниту да изразувам желба за било каква позиција во новата Влада која ќе ја предводи СДСМ. Пред се, сакам да се заблагодарам на партијата која ми ја даде честа и ме назначи за Претседател на комисија за економија и Заменик министер за економија. Како Претседател на комисијата имам одговорност за квалитетот на програмата во делот на економијата, како и презентирање на досегашните економски резултати на Владата и идните мерки кои ќе бидат имплементирани во наредниот 4 годишен период. Најбитното сега е граѓаните да ја направат разликата меѓу рационалната политика која ја води СДСМ и ретроградната и деструктивна политика која ја води ДПМНЕ. По победата на изборите, мандатарот Заев ќе одлучи на кого ќе му ја даде довербата и честа да ги води ресорите во новата Влада и заеднички да го изодат патот до Европската Унија.

Во Министерството за економија, каде што сте заменик, се подготвува нов Закон за стечај. Какви измени се предвидуваат и што треба тука да се постигне?

Се подготвува нов Закон за стечај со техничка помош на Светска банка – групација на светска банка (IFC). За таа цел формирана е работна група од сите засегнати страни, односно со претставници од Министерство за економија, Министерство за финансии, Министерство за правда, судии кој работат  стечајни постапки, професор од Правен факултет, претставници од банкарскиот сектор, претставник од Комора на стечајни управници. Целта е да се усогласиме со европските директиви. Со оваа нова законска рамка им се овозможува на должниците да се преструктуираат во рана фаза со што би ја избегнале инсолвентноста и на тој начин да се ограничи ликвидацијата на должниците кои имаат можности успешно да се развиваат. Исто така, ќе се изменат одредбите за надзор над работата на стечајните управници од страна на Министерство за економија, потоа се предлага формирање на посебна комисија, која покрај одделението за стечај при министерството, ќе дава мислење за давање на лиценци и други работи. Понатаму е предвидено има подобрувања и усогласување со судската практика на одредбите за претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајната постапка, дефинирање и управување со стечајната маса и ред други одредби кои ќе придонесат за побрзи, потранспарентни и поефикасни стечајни постапки. Ова пак ќе се рефлектира на целокупниот економски амбиент и правна сигурност на учесниците во економијата.

Се работи и на закон за зелените пазари. Ќе биде ли тој прифатлив за пазарџиите, кои жестоко реагираа на обидот да им се наметне лиценца, што дополнително ќе им ги зголеми трошоците? Дали и колкава лиценца според новиот закон ќе треба да плаќаат?

Бидејќи претходниот закон за зелени пазари се укина, ќе биде потребно да се изработи нов текст на закон, кој се надевам дека уште оваа година ќе биде донесен. Се разбира дека при носењето на законите, СДСМ има многу искрен пристап кон сите, односно преку дијалог со сите засегнати страни сакаме да постигнеме оптимални законски решенија, кои ќе бидат прифатливи и применувани од сите. Во оваа насока, би сакал да кажам дека при носењето на новиот текст на законот за зелени пазари, ќе бидат повикани сите учесници во овој многу значаен сектор, ќе бидат сослушани нивните барања и се разбира оние кои ќе бидат прифатливи и за државата и за пазарџиите, ќе бидат имплементирани во законското решение. Не сакаме никому да му наштетиме, ниту пак да му земеме од џебот, но сметаме дека зелените пазари треба да добијат адекватно законско решение од кое корист ќе имаат и пазарџиите и потрошувачите и на крај и државата. Сепак, многу наши сограѓани ја работат оваа макотрпна работа и не сакаме да им наметнеме дополнителни давачки, кои пак ќе имаат влијание на крајната цена на производите кои ги продаваат, а тоа на крај негативно ќе влијае на семејниот буџет на крајните потрошувачи.

Владата, како што е познато, донесе одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија на канадската компанија Еуромакс Рисорсис. Но, Канаѓаните веќе почнаа постапка пред Управен суд. Имате ли како Министерство за економија информации до каде е постапката, и што ќе преземете доколку Канаѓаните решат да тужат и бараат голема сума на обесштетување, со оглед што во Иловица во рудникот планираа инвестиција од над 340 милиони евра?

На ова прашање сепак нема да коментирам поради мојот конфликт на интерес. Пред да стапам на функцијата заменик министер за економија, бев адвокат на Еуромакс Ресорсис и тоа не ми дозволува да навлезам во одговори. Во одлучувањето на Владата и Министерството за економија немам никакво влијание, бидејќи се изземам при одлучувањето како не би наштетил на ниедна страна. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија