05 Јули, 2020
0.0252

Интервју Јонузи: Спротиставувањето на САД, а не корона вирусот ја сруши владата на Курти

Објавено во: Интервјуа 27 Март, 2020

Косово се соочува со епидемиолошка и политичка криза. Во време на ширење на корона вирусот пратениците изгласаа недоверба на владата на премиерот Албин Курти со што извесно е дека земјата влегува во голема неизвесност. Курти на власт беше неполни два месеца, силно спротиставувајќи се на укажувањата на САД да ги укине економските блокади и тарифи кон Србија. Откако Курти одби да прогласи вонредна состојба за справување со пандемијата на корона вирусот и го разреши министерот за внатрешни работи Агим Велиу, коалицијата со Демократскиот сојуз на Косово се распадна. За политичките турбуленции разговараме со Дестан Јонузи, уредник на днениот весник на албански јазик КОХА. Тој проценува дека на повидок е формирање на ново мнозинство и Влада. За тоа дали може да дојде и до здравствена криза во справувањето со корона вирусот и нејзино прелевање и во Македонија прочитајте го интервјуто во продолжение со Јонузи.

Фактор: Косовската влада е првата која падна поради политички несогласување околу начинот на справување со корона вирусот. Дали коалиционите партнери на „Самоопределување“ и на премиерот Курти донесоа правилна одлука кога Косово се соочува со ширење на корона вирусот?

Јонузи: Косовската влада не падна поради корона вирусот туку поради влошување на односите со официјалните претставници на САД. Во неколку наврати постоеја закани дека САД ќе ја заостри својата политика против косовската влада доколку не се тргнат безусловно поставените таирифи за производите од Србија, и тоа безусловно за да се отвори патот на дијалогот со Белград.Во однос на ова прашање, двата коалициони партнера во Владата, Самоопределување и Демократскиот Сојуз на Косово имаа различни позиции. Додека Албин Курти ги одбиваше постојаните барања од САД, партијата на Иса Мустафа инсистираше да не се расипат односите со единствениот сојузник на Косово, а тоа е САД. Во таква ситуација, премиерот Курти, очигледно соочен со ситуација да изгуби од својот рејтинг доколку направи отстапка од своите предизборни ветувања дека ќе воведе реципроцитет кон Србија, реши да ја растури сам владата со тоа што го разреши неговиот вицепремиер, Агим Велиу, кој доаѓаше од Демократскиот Сојуз на Косово, и тоа без консултација сокоалиционит партнер. Да напоменам дека Агим Велиу истовремено е и потпретседател на Демократскиот Сојуз на Косово. Со ваквиот потег, тој свесно знаеше дека владата што ја води ги има изброено деновите. 

Фактор: Курти одби да прогласи вонредна состојба за справување со КОВИД-19, што беше и пресудно да се изгласи недоверба. Дали неговиот став се темелеше за да не добие претседателот и политички опонент Хашим Тачи поголеми овластувања додека трае вонредната состојба?

Јонузи: Стравот на Курти од претседатеклот Хашим Тачи, беше параноичен. Според неговите објаснувања, инсистирањето на Тачи за вонредна ситуација била со намера да ја испрати војската во северниот дел на Митровица, со што би предизвикал судир со тамошното население, по што би следело контролиран вооружен судир со српските сили, и на крај со посредство на САД би се постигнал договор, за кој Курти тврди дека е усогласен меѓу Тачи и Вучиќ, за прекројуввање на границите мегу Косово и Србија. Тој заборави еден битен факт, дека надлежноста за сигурноста во цело Косово, па и во северниот дел на Митровица му припаѓа на КФОР, без чија согласност косовската војска не може да се движи и во ситуиација на вонредна состојба.

Фактор: Што ќе значи гласањето на недоверба на Владата предводена од Курти. Дали има услови за формирање на ново владино мнозинство или непходни ќе бидат избори кои тешко ќе се одржат во вакви вонредни услови за брзо време?

Јонузи: Имајќи предвид дека поради корона вирусот не е можно да се одржат избори, најверојатно ќе имаме ново владино мнозионство без партијата на Курти, а најверојатно и без партијата на Хашим Тачи, Демократската партија на Косово. Значи очекувам, Демократскиот сојуз на Косово, заедно со партиите на Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај да направат ново мнозинство, подржано и од партиите на малцинствата кои имаат вкупно 20 пратеници. Оваа влада би била подржана и од партијата на Хашим Тачи, која не би била дел од владината коалиција. Приоритет на таа влада ќе бидат односите со САД и отпочнување на дијалогот со Србија. Како тоа ќе заврши на крај, никој не знае, иако има шекулации дека можно е да постои готов договорспремен од САД, кој треба да биде прифатен од Белград и Приштина. Овие шпекулации досега беа остро демантирани од официјалните претставници на САД.

Фактор: Како граѓаните на Косово се справуваат со пандемијата на корона вирусот и политичките турбуленции, има ли проблеми со косовскиот здравствен систем и може ли една таква криза да се прелее и во Македонија?

Јонузи: Сите косовски институци вкулучени во борбата против оваa пандемија се на ниво на задачата. Сите превентивни мерки се преземат. Според мене Македонија, Албанија, и Косово се земјите во регионот коинајмногу направија за превенција и проширување на Ковид-19.

Фактор: Дали партијата Самоопределување“ и Албин Курти како политичар беа трн во окото гледано од регионален аспект, од заложбите за постигнување договор со Белград и колку надворешните фактори придонесоа оваа влада да падне за рекордно кратко време?

Јонузи: Очигледно дека тоа е веќе вистинската причина на падот на неговата влада. За Албанците во Косово, односите со САД се свето нешто, а премиерот Албин Курти, токму тие односи ги загрози со своето арогантно одбивање на барањата за безусловно повлекување на економските тарифи.Е сега тука имаме и еден друг аспект, а тоа се земјите од Европската Унија, особено Франција и Германија, кои застанаа во отворена поддршка на владата на Курти. Со еден збор, во ситуација да изберат помеѓу САД и Европската Унија, поголемиот дел од пратениците и политичките партии во Косово го избраа САД. Со еден збор, за заминување на владата на Албин Курти гласаа 83 пратеници, додека само 32-ца беа против, што покажува многу за наклонетоста на политичките чинители во Косово.     

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ Д-Р. ВЕЛО МАРКОВСКИ: Вакцина против вирус не се прави за една година

ИНТЕРВЈУ Д-Р. ВЕЛО МАРКОВСКИ: Вакцина против вирус не се прави за една година

Интервју Сивевска: Текстилот се справи со производство на маски, но без модни линии кризата ќе биде многу посилна

Интервју Сивевска: Текстилот се справи со производство на маски, но без модни линии кризата ќе биде многу посилна

ИНТЕРВЈУ УЗУНОВ: И економската криза зависи од прифаќањето на мерките, а тоа ме плаши

ИНТЕРВЈУ УЗУНОВ: И економската криза зависи од прифаќањето на мерките, а тоа ме плаши