05 Јули, 2020
0.0380

Западен Балкан не смее да остане „слепото црево“ на Европа

Интервју Хасановиќ: Заеднички економски пазар на Балканот ќе стави крај на национализмот и ќе не доближи до ЕУ

Објавено во: Македонија, Интервјуа 05 Март, 2020

Може ли да успее иницијата Мал Шенген“ за целосно поврзување на балканските земји со актуелните политички елити кои се уште промовираат идеи за поделби, за омраза и несогласување околу заедничките интереси. Речиси во целиот регион постојат истите проблеми на корупција и безперспективност, додека пак голем дел од граѓаните мигрираат кон Западна Европа барајќи подобри услови за живот. Зголемената регионална соработка, олеснување на трговијата, протокот на луѓе, како и олеснети царински и гранични услови може да покаже дека Западен Балкан е спремен да се интегрира најпрво внатре, за потоа да ја префрли топката во Брисел. Во исчекување на новата методологија за преговори за членство, како и ЕУ перспективите на Северна Македонија разговараме со Елмас Хасановиќ алумни на Фулбрајт, магистер по меѓународни студии и наука и политики на нуклеарно оружје. Неговата магистерката теза се фокусира на Регионални организации како алатка за зајакнување на безбедноста, со специјален фокус на ЕУ и НАТО интеграциите на земјите од Западен Балкан. Хасановиќ истакнува дека создавањето на силни економски врски може да ги реши долгогодишните соседски спорови, а со тоа и земјите од Западен Балкан побрзо да се интегрираат во ЕУ.

Дали проектот Мал Шенген е реалност и кои се главните пречки во негово остварување, дали политичките елити го држат Западен Балкан во своевидно заложништво за долготрајноста на нивните кариери и дневнополитички интереси?

Хасановиќ: Регионалните организации можат да послужат како алатка за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ниту една регионална иницијатива не смее да биде препознаена како замена за нашето полноправно членство во ЕУ. Земјите од Западен Балкан имаат само една опција –интеграција во евроатлантското семејство.

Проектот „мал Шенген“ е за поздравување бидејќи за прв пат на овие простори имаме една позрела иницијатива за регионална интеграција на земјите од Западен Балкан, која има за цел да ги пополни празнините од ЦЕФТА. Како и секоја иницијатива, така и оваа, има одредени ризици и предизвици кои мора да се соочат и успешно да се решат во иднина.

Најпрвин, главна пречка се политичките елити во одредени земји кои користат националистичка реторика со цел што подолго опстојување на власт. Ситуацијата на Балканот наликува на ситуацијата во Африка од 1945 до 1990 година. Тука, пред сè, би се осврнал на политичките елити во нашето опкружување. Се работи за т.н „бунтовнички“ или доживотни лидери кои користат секакви алатки и средства за да останат што е можно подолго на власт.Со падот на комунистичките режими, посебно со распадот на Југославија, се родија т.н бунтовнички лидери за независност кои ги предводеа граѓаните низ целата борба за независност или борба за подобар опшествен статус. Во подоцнежниот период, преку употреба на националистичко-политичка реторика и политики на сеќавање, овие лидери се трансформираа во бунтовнички лидери за т.н „мнозинско владеење“, кадешто помалите етнички заедници немаат изгледни шанси за реализација и можност за еднакво учество во државното управување. Денес, овие бунтовнички лидери сеуште се на власт или имаат силно влијание во политиката во земјите од Западен Балкан.

Позитивна работа е тоа што во одредени земји од Западен Балкан се појавија реформаторски лидери кои преку граѓански протести и движења дојдоа или се обидуваат да дојдат на власт, и кои внесоа нови ветришта во државните политики на нивните земји. Во услови кога речиси целиот континент се интегрира, Западен Балкан не може и не смее да остане слепото црево“ на Европскиот континент. Сè додека овие бунтовнички лидери кои се борат за мнозинско владеење (Србија на Србите, Македонија на Македонците, и сл) се на политичката сцена, било каква интеграција и соработка на регионално или меѓународно ниво е помалку веројатно да се случи. Економијата е директно зависна од политиките на државите, и  токму тоа е и причината зошто во моментов само 3 земји се дел од оваа иницијатива.

Втората пречка е слободата на движење на луѓе. Оваа иницијатива се уште се бори со надминување на пречките со слободата на движење, и иако тежнее да стане, се уште е далеку од формата на постоечката Шенген зона. Поточно, “one-stop-shop” сепак значи стоп, и сепак значи постоење на граници и гранични контроли. Понатаму, патувањето само со лична карта е големо олеснување, но не и целосна либерализација на условите за патување. За волја на вистината, некои од земјите тоа веќе го имаа регулирано на билатерална основа. Потребна е и дополнителна регулација и олеснување на престојот на луѓе и работници. Освен тоа, потребно е и детално дефинирање на одредбата која предвидува дека “лицата кои патуваат во регионот ќе можат да се движат во шесте земји без дополнителни ограничувања за виза или имиграциони рестрикции”. Доколку таа се однесува и на странските туристи да можат со валидна виза издадена во една од 6-те земји слободно да патуваат во другите земји, во тој случај слободата на движење треба да се однесува само за граѓаните од земјите кои се дел од мал Шенген бидејќи во понатомошниот период ова би можело да претставува сериозен социјален, економски и безбдносен ризик. 

Трето, оваа иницијатива треба да се стреми да стане заеднички економски пазар, отколку асоцијација за слободна трговија. Во таа насока, потребна е поголема либерализација на царинските процедури и усвојување на заедничка царинска политика према трети земји, целосна наместо парцијална либерализација и слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги. ЦЕФТА веќе постои, и треба да се избегне било какво дуплирање на ресурсите и средствата.

На крајот, горенаведените типови на лидери немаат интерес за изнаоѓање компромисни решенија за меѓудржавните спорови, а се додека тие не се надминат или овие лидери ги “снема” од политичката сцена, помала е веројатноста дека било каква иницијатива може да резултира со успех.

Фактор: Можна ли е нормализација на односите меѓу Србија и Косово во зачетоците на мал Шенген, ако не барем политички и нормализирање на односите Белград - Приштина, туку барем надминување на економските блокади кои пак се рефлектираа и врз регионот?

Хасановиќ: Деструктивните политики и национализмот се сериозна закана за безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот регион. Нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина е можна само преку континуирана медијација и поддршка од страна на меѓународната заедница.

Најпрвин, целосна нормализација на односите е можна единствено со обострано признавање на двете земји, што е помалку веројатно да се случи во блиска иднина. Но, сите можни решенија треба да се разгледуваат со големо внимание поради опасноста од политичко-безбедносни импликации врз состојбите во земјите од регионот, посебно во Босна и Херцеговина, Црна Гора па и во нашата држава.

Од моја гледна точка, сè додека официјален Белград води агресивна надворешна политика и лобирање за отповикување на одлуките за признавање на независноста на Република Косово од страна на другите земји, сè додека врши директно влијание и мешање во внатрешното- политичко делување на етничките Срби во Северно Косово, добива континуирана поддршка од Русија за попречување на членството на Косово во ООН, нормализацијата на односите е помалку веројатна. Всушност, Руското влијание и поддршка е клучно во разрешувањето на ситуацијата помеѓу Белград и Приштина. Доколку ја споредите ситуацијата и искуството на Тимор Лесте (Источен Тимор) со Косово, ќе увидите дека ситуацијата е речиси идентична, но волјата на големите сили е пресудна за меѓународното признавање и интегрирање на земјите.  Тоа што може да се очекува во наредниот период, а под притисок на меѓународната заедница, е намалување на царините на одредени производи. Но, повеќе веројатно е дека економските блокади ќе потрајат уште некој период.

Последно но, не и крајно, континуираното вооружување на Србија има негативен ефект врз нормализирање на односите и градење на доверба не само помеѓу двете земји, туку и на земјите од регионот.

Фактор: Може ли да се замисли како би функционирале земјите од Западен Балкан без економски граници, кои би биле ефектите врз протокот на луѓе и стоки и како тоа ќе се рефлектира на пазарот на труд, извозот и економскиот раст?

Хасановиќ: Членството во НАТО е силна гаранција дека нашите граници се безбедни, и не треба да се плашиме да ги отвориме нашите граници. За понапредна економска соработка и интеграција потребно е да сме отворени према нашите соседи.

Како што спомнав и претходно, мал Шенген не треба да биде Асоцијацијата за слободна трговија, туку Заеднички Економски Пазар на земјите од Западен Балкан заснован на начелата и принципите на слобода на движење на луѓе, капитал, услуги и добра.

Албанија, Црна Гора и наскоро Северна Македонија се членки на НАТО, сите земји од Западен Балкан граничат со земји-членки на НАТО. Ние не треба да се плашиме да ги отвориме границите бидејќи, со нашето членство во НАТО, територијалниот интегритет и целовитоста на нашата држава во постоечките граници е загарантирана. Границите треба да постојат, но не треба да се видливи. Преку отворањето на границите и овозможување на слободно движење на луѓе, добра, капитал и услуги, се зајакнува економската соработка, се зголемува економската меѓузависност помеѓу државите и народите, ќе се намали сивата економија и илегалната трговија со добра и услуги, а последователно на тоа ќе се подобри економијата, ќе се отворат нови работни места, ќе се подобри животниот стандард, ќе се намали иселувањето на луѓето од овие простори итн. Во еден ваков облик на интеграција, национализмот би имал помалку штетно влијание и лидерите кои користат националистичка реторика постепено ќе исчезнат од политичката сцена.

Во рамките на Заедничкиот економски пазар, потребно е да функционира суд кој би бил надлежен за санкционирање на прекршувањата на одредбите од заедничкиот економски пазар. Мониторирањето на економската соработка и економијата помеѓу земјите од Западен Балкан од страна на ЕУ овозможува директна примена на одредбите на европското законодавство и економоска и финансиска дисциплина.

Интеграцијата во заеднички економски пазар е позитивен сигнал и за странските инвеститори што го прави Западниот Балкан  поатрактивна зона за инвестирање поради ефтината работна сила, квалификуван кадар, пристап до економскиот пазар на другите земји, безбедна зона за инвестирање (дел се членки на НАТО) и сл.

Фактор: Една од појдовните точки е да се покаже пред ЕУ дека Западен Балкан е интегриран па потоа да се префрли топката во Брисел. Колку оваа динамика ќе ни помогне побрзо да влеземе во Европската Унија со претпоставка брзо да започнат преговорите за членство?

Хасановиќ: Регионалната интеграција на земјите од Западен Балкан ќе овозможи преку поголема  економска меѓузависност да се постигнат оддржливи решенија и траен мир на Балканкот. Крајната цел на нашата земја е полноправно членство во ЕУ, и кон тоа треба да се стремиме.

Со интеграција во заедничкиот економски пазар, преку зголемување на економската меѓузависност, поголема е веројатноста да се решат долготрајните меѓудржавни проблеми. На пример, воспоставување на добрососедските односи и затворање на сите отворени прашања со соседите или трети земји е еден од условите за членство во ЕУ. Понатаму, ќе се овозможи поефикасно извршување на законите и примена на европското законодавство. Нашето законодавство во голема мера е хармонизирано со европското законодавство, но примената на законите споредено со ЕУ е слаба.

Во услови на функционална интеграција на земјите од Западен Балкан, се праќа силен сигнал до ЕУ дека најголемите проблеми се решени, како и тоа дека нивната интеграција во ЕУ нема да преставува дополнително финансиско оптоварување за земјите од унијата. Крајната фаза е, оние земји што ќе ги исполнат сите услови за членство во ЕУ, да станат членки на ЕУ. На кратко, во услови на една ваква динамика, целиот Балкан би се интегрирал во ЕУ побрзо од очекуваното.

Фактор: Што може да очекуваме од новата методологија на водење на преговори за членство и какви се сега шансите за Северна Македонија?

Хасановиќ: Со новата нацрт-методологија се врши прегрупирање на подглавјата од acquis-от, чија што цел е сериозно зајакнување на условеноста. Поточно, поглавјата наместо да се отвораат поединечно, тие се групираат во шест тематски кластери кои опфаќаат доста поопширни теми (внатрешен пазар, економска конкурентност и поврзаност и сл). Главната компонента е реверзибилноста, кадешто освен Европската Комисија (ЕК), и земјите-членки на ЕУ ќе имаат право да одлучат за запирање на преговорите или да ги суспендираат за одредено време доколку земјите кандидати не ги покажуваат посакуваните резултати.

Со новата нацрт-методологија се предвидуваат и неколку новини и тоа, воведување на економски критериуми, а во делот на политичките критериуми се воведува јавната администрација. Истотака, се предвидува и финансиска помош од ЕУ за земјите-кандидати, кои можат да се зголемат повеќе или помалку во зависност од напредокот во исполнувањето на критериумите од поглавјата.. Во таа насока, сметам дека и пристапот до финансиската помош ќе биде дополнителна мотивација за посветеност и истрајност во исполнувањето на условите за членство во ЕУ.

Од моја гледна точка, новата нацрт-методологија предвидува имплементација на системот на заслуги кој им овозможува на земјите што напредуваат да се интегрираат побрзо, додека тие земји кои што не ги исполнуваат условите да бидат подолго на листата на чекање. Да подвлечам, нашата земја е на добар пат и во последните 2 години испорача големи резултати, кои се  силен аргумент за започнување на преговорите со ЕУ.

На крајот, потребно е Европската Унија да даде силен сигнал за овој регион и да дозволи процесот на реформи во Европската Унија да се одвива паралелно со процесот на отворање преговори со Северна Македонија и Албанија.

Напомена: Ставовите и мислењата изразени во оваа статија не ги одразуваат мислењата и ставовите на Инфо центарот за евроатлантски интеграции.

Х.С. 

Можеби ќе ве интересира

Од куќа во Скопје украдени еден милион евра во повеќе валути

Од куќа во Скопје украдени еден милион евра во повеќе валути

Македонски концепт изработи стратегија за реформа во образовниот систем

Македонски концепт изработи стратегија за реформа во образовниот систем

ФОТО: Во Битола под вода куќи, подруми, гаражи

ФОТО: Во Битола под вода куќи, подруми, гаражи

Петар Богојески од Градски парк: Домаќинлукот по дворот се познава - колку сме во Скопје домаќини по Градски парк се познава

Петар Богојески од Градски парк: Домаќинлукот по дворот се познава - колку сме во Скопје домаќини по Градски парк се познава

Пукање и напад со нож во Батинци – еден мртов, тројца повредени, убиецот во бегство

Пукање и напад со нож во Батинци – еден мртов, тројца повредени, убиецот во бегство

Деветнаесетгодишник од Скопје заклучил Италијанка во стан во Охрид

Деветнаесетгодишник од Скопје заклучил Италијанка во стан во Охрид

ФОТО ГАЛЕРИЈА од Козјак: Идеално место за романтични прослави и за инстаграмџии

ФОТО ГАЛЕРИЈА од Козјак: Идеално место за романтични прослави и за инстаграмџии

ВИДЕО: Првата дама, сопругата на Пендаровски објаснува се за маските

ВИДЕО: Првата дама, сопругата на Пендаровски објаснува се за маските

Почина доктор Деари од Тетово: Прв лекар кој ја изгуби битката со Ковид-19

Почина доктор Деари од Тетово: Прв лекар кој ја изгуби битката со Ковид-19