19 Април, 2024
0.0273

Интервју Митевски: Дигитализацијата треба да се темели на напредна, стабилна и докажана мрежна инфраструктура

Објавено во: Мои пари, Интервјуа 08 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Гоце Митевски е Главен комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком. Со него разговаравме за предизвиците што ги носи дигитализацијата на бизнисите, сè поголемата потреба од заштита на податоците и потенцијалот на паметните градови.

ФАКТОР: Терминот дигитализација се чини е најупотребуваниот термин последнава година, се трансформираат сите процеси во општеството, а со тоа и самите бизниси, без разлика дали станува збор за мали или големи компании,.. сепак сме на самиот почеток на овој процес и се поставува прашањето дали станува збор за одржливи решенија, дали сме на вистинскиот пат?

Гоце Митевски: Сосема сте во право, речиси сите во последно време зборуваат за дигитализација, независно дали од аспект на корисници или на даватели на услуги, но не сум сосема сигурен дали сите вистински го разбираме значењето, основните елементи, имплементацијата и најважното - одржливоста. Одржливоста е многу важна во процесот на дигитализација на бизнисите и институциите, особено поради фактот што тие имаат свои крајни корисници коишто бараат континуирано функционирање на услугите со висок и непроменет стандард.

Што ова навистина значи?

Под напливот на новата технологија насекаде околу нас, решаваме слободно да се впуштиме во дигиталниот океан, но сосема незаштитени и со многу мали познавања, најчесто очекуваме да се случат чуда и не ни помислуваме дека нешто може да тргне по погрешен пат, а и доколку е така, секогаш би можеле да се вратиме на првобитната позиција од којашто сме започнале.

Но, искуствата говорат поинаку. Имено, доколку се впуштиме во дигиталниот океан без соодветен партнер, без соодветни познавања и одржливост на подолг рок, особено без највисоки системи на заштита, во тој случај мора што побрзо да сфатиме дека ризиците што ги преземаме се огромни и фатално ги загрозуваме најзначајните бизнис процеси и операции, а најважното - самите крајни корисници.


ФАКТОР: Велите дека на бизнисите им треба партнер за дигитализација и решенија кои се одржливи на подолг рок. Како функционира тој систем во Телеком што би ги обезбедил тие предности?

Гоце Митевски: Телеком  веќе долго време е технолошки лидер и воведува најнапредни технологии како оптика, 4G/LTE, а набрзо и 5G, NB IoT, итн. Ние модернизацијата на нашата дигитална инфраструктура ја почнавме уште пред повеќе од 2-3 децении. Како што веќе споменав, прво и најважно е дигитализацијата да се темели на  напредна, стабилна и докажана мрежна инфраструктура со висококвалитетна поддршка.

Второ, особено важно е на претходната инфраструктура да можат да се надоврзат напредни услуги на податочни центри (data center/cloud services). Телеком може да понуди идеален баланс на услуги на јавен и на приватен cloud. Кога зборуваме за јавен cloud, мислиме на големи светски брендови како Microsoft Azure, а Македонски Телеком е овластен Microsoft Cloud Services Provider (CSP) на нашиот пазар. Истовремено, Телеком може да понуди и услуги на приватен cloud, односно услуги на сопствен data centаr, по највисоки стандарди, со дополнителна заштита и back-up на податоци. Третиот темел е користење најнапредни сајбер безбедносни решенија, а Телеком е далеку пред кој било друг во Македонија на ова поле. На сето ова ќе ги надоврземе услугите на дигитална идентификација како четврти слој со којшто се заокружуваат темелите на дигитализацијата, се обезбедува т.н. крштеница во дигиталниот свет. Со сето ова, слободно можеме да кажеме дека Телеком е најдобриот партнер за влез во дигиталниот океан. На претходните четири темели може да се додаде сè друго во согласност со потребите и желбите на корисниците, но без нив влезот во дигиталниот океан е голема неизвесност.


ФАКТОР: Безбедноста на податоците ќе биде еден од најголемите предизвици во процесот на дигитализација, а особено ќе бидат ранливи помалите бизниси, како ќе се справиме со овој предизвик?

 Гоце Митевски: Бизнис моделите на најуспешните дигитални компании покажуваат дека податоците се најголемото богатство во дигиталната економија и општество и дефинитивно ќе вредат сè повеќе во иднина. Дигиталните играчи би ги дале своите услуги без надомест, доколку се сложиме да им го отстапиме пристапот до нашите податоци. Истовремено, голем број познати и непознати учесници во дигиталниот сообраќај вршат злоупотреба на податоци без дозвола. Во Македонија и светот секојдневно се случуваат огромен број хакерски напади на компании и институции, коишто подоцна стануваат жртви на уцена и се соочуваат со катастрофални последици.

За да се одбранат од вакви и слични напади, компаниите не можат да си дозволат да вработуваат врвни експерти за сајбер безбедност кои чинат многу, ниту да одвојат дополнителни ресурси за набавка на технологија, хардвер, софтвер и дополнителни услуги.

Затоа е најдобро, најсоодветно и најевтино, на постојниот долгогодишен партнерски однос со Телеком, базиран на месечна претплата, да се надоврзат сите горенаведени дигитални услуги, а особено сајбер заштита со што за секоја компанија влезот во дигиталниот свет би бил без главоболки.

Истовремено ова е и порака, а и отворена покана кон добавувачите на дигитална опрема и услуги дека доколку навистина го сакаат најдоброто за крајните корисници,  бизнис модел којшто ќе функционира на долг рок, со кој ќе ги надминат предизвиците со одржувањето, поврзувањето, инфраструктурата и безбедноста на податоците, Телеком е вистинскиот партнер за сите. Сето претходно кажано и самиот често го препакувам преку фразата „worry free for additional monthly fee”.

ФАКТОР: Зборувавме за дигитализација на бизнисите, но процесот е многу поширок и подразбира дигитализација на процесите во јавната администрација, јавните услуги, општините, градовите, воопшто дигитална трансформација на целото општество. Што овој процес би сменил и како би придонел за економскиот раст на нашата држава?

Гоце Митевски: Дигитализација на бизнисите и процесите, доколку се спроведат онака како што треба, навистина може да донесат огромна општествена и економска промена и раст. Преку конкретни примери од светот можеме да видиме дека само врз основа на успешната примена на услугите на дигитална идентификација, земјите во развој може да сметаат на раст на БДП (бруто домашен производ) од 6-13% годишно, што е импозантно, особено за земја како нашата која раст над 10% би ја одвел со многу поголема брзина кон развиените европски економии.

Сето ова ќе стане возможно, особено поради отворањето на светот како пазар за наши производи и услуги и обратно, отворањето и поедноставувањето на пристапот до пазарите на трудот коишто значително и во голема мера би ја зголемиле даночната основица, би ја зголемиле транспарентноста, би ги намалиле можностите за злоупотреби и би довеле до горенаведениот раст.

ФАКТОР: Кога зборуваме за дигитализација, неминовно е да ги спомнеме паметните градови. Скопје како град е уште на самиот почеток и се обидува да воведе неколку smart city решенија. Како овие решенија во иднина би помогнале да се справиме со проблемите карактеристични за големите градови како загадувањето, сообраќајот, големата потрошувачка на струја итн...

Гоце Митевски: Повеќе од 50% од светското население живее во градовите. Тие се столбот на економскиот раст и просперитет. Со поврзување на физичката инфраструктура и ослободување на целосниот потенцијал на дигиталните технологии, помагаме да се направат градовите попаметни, поконкурентни и поодржливи. Така,градовите можат да им понудат на жителите повисок квалитет на живот и да придонесат за подобар и одржлив свет.

Македонски Телеком како дел од Дојче Телеком групацијата е во најдобра позиција да ги искористи позитивните искуства од десетици вакви успешни проекти низ Европа и светот.

Поконкретно, некои од позначајните Smart City проекти коишто реално би можеле да се изведат од страна на Телеком се услугите како: паметно осветлување, паметно паркирање, паметно мерење на водата, паметно мерење на квалитетот на воздухот, паметно собирање отпад итн. Сите тие ќе овозможат да се максимизираат економските, граѓанските и еколошките придобивки, спакувани и испорачани на отворен и транспарентен начин. Понудата опфаќа не само услуги развиени од Телеком, туку и услуги развиени со поддршка на партнери, како и услуги што веќе ги има развиено и имплементирано градот. Решенијата можат да се постават на напредната cloud платформа на Телеком, на којашто, заедно со другите платформи, можат многу лесно да се надоврзат и развивачи на апликации и други услуги коишто уште повеќе ќе ги унапредат економијата, вработеноста, заштедите и подобрувањето на условите за живот на сите.

Сето горенаведено го позиционира Телеком не само како предводник во дигитализацијата на општеството, туку и како креатор на значајни и одржливи вредности за сите граѓани. 

Можеби ќе ве интересира

ФОТО-ВЕСТ: Караванот на ДИК ги посети Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане

ФОТО-ВЕСТ: Караванот на ДИК ги посети Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга