19 Април, 2024
0.0271

ИНТЕРВЈУ ЧУЛЕВ: Одлуките на Комисијата за заразни болести имаат политичка димензија

Објавено во: Македонија, Интервјуа 07 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Самиот остана единствениот министер во оваа техничка Влада кој е предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а на функцијата прв полицаец остана многу повеќе од предвидените три месеци. Пандемијата на Ковид-19 му ја гарантираше функцијата или му ги зголеми главоболките. Министерот Наќе Чулев во интервју за Фактор вели дека овој модел како е поставена и формирана таканаречената Пржинска влада не е идеален и може во иднина ќе треба да се преформулира. Сепак на министерската позиција останува се до следните избори, кои засега немаат извесен датум, ама се појасно е дека може да бидат уште во јуни. Партијата на Чулев, а и тој се не став дека не треба да се брза, а министерот вели дека дури и во одлуките на Комисијата за заразни болести која носи одлуки за рестрикциите во оваа вонредна сосотојба може да се препознае политичка сенка во функција на брзи избори. Чулев раководи со Министерството денеска кога е ден на полицијата, за што нарача и спот. Вели дека не сакал да се луксузира, само да го одбележи денот. Има доста забелешки на работата на оваа Влада, дури вели дека со многу одлуки Владата ја поткопала демократијата во државта.

Чулев како е да се биде дел од владата на СДСМ, вие сте еднствениот министер кој е предолжен од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада?

Чулев: Партиципирањето на опозицијата во техничката Влада пред се е замислено како еден вид коректор на политиките кои ги креира Владата, односно да направи баланс на политичката моќ со што би се обезбедила подемократска атмосфера и фер услови за спроведување на изборите.  Во моментов јас сум единствен министер кој доаѓа од опозициските редови и прилично е комплицирано и тешко особено во време на вонредна состојба да ги следиш сите уредби, акти и одлуки кои се разгледуваат речиси без никаква дискусија. Парламентот игра важна улога во политичкиот систем на државата и неговото отсуство во вака круцијални моменти дополнително ја отежнува комплицираната политичка состојба во која се наоѓа нашиот систем.  Мојата лична перцепција е дека Владата на своја рака решава прашања чие решавање не е неопходно во услови на вонредна состојба и таквиот однос во предизборниот период пред се ги поткопува темелите на демократијата, а може негативно да влијае на многу работи.

Мојата улога во сето ова е прилично јасна. Mинистерството за внатрешни работи освен на тековните обврски кои произлегуваат од законите е фокусирано на две важни работи, првата е обезбедувањето на здравствената сигурност на граѓаните преку спроведување и контролирање на одлуките на владата, а по враќање на состојбата во нормала секако и главната функција за која е формирана техничка влада, а тоа организирањето на фер и демократски избори.

Ги исполнивте ли очекувањата на партијата и на лидерот Христијан Мицкоски? Ви се даде одговорност, успеавте ли?

Чулев: Предлогот за мое именување за Министер во техничката влада дојде од ВМРО ДПМНЕ, но јас сум министер за сите граѓани и лично сметам дека тоа го покажав и докажав во неколку наврати во изминатиот период.  Граѓаните на социјалните мрежи постојано коментираат дека од периодот на моето доаѓање во МВР, кој што е прилично кратоккомпаративно се реализирани повеќе акции за сузбивање на криминалот во споредба со целото владеење на СДСМ во Министерството за внатрешни работи и тоа е само еден од аргументите со кои го потврдувам погореспоменатото тврдење. Тука пред се мислам на успешно реализирани акции за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.  Јас сум професионалец кој долго време е во безбедносните води, а професионалниот, а не партиски пристап во формирањето на тимот е уште еден аргумент кој оди во таа насока. За мене како министер во техничката влада, предизвик е да го испорачам пред се тоа што го бараат граѓаните.

Во изминатиот период воведовме неколку клучни новини во работењето на Министерството за внатрешни работи, постојано сум во комуникација со сите колеги,  во неколку клучни моменти на важни празници бев заедно со колегите, не поради ПР, туку поради тоа што сметам дека тие го заслужуваат тоа.  Од лично искуство можам да потврдам колку е значајно при извршување на теренските да бидете посетени од својот старешина, па макар и за поздрав.

И сето ова е доказ дека во Министерството за внатрешни работи може работите да функционираат поинаку и во услови на техничка влада и вонредна состојба. Верувам дека граѓаните успеваат да препознаат еден поинаков дух и една поинаква енергија ослободена од бремето на политичкото влијание кое сме биле навикнати многу често да го гледаме во минатото.


Како од ваш аспект впрочем функционира оваа техничка Влада? Со оглед на тоа што сега ситуацијата е променета поради пандемијата, сепак ве прашувам, има ли потреба од формирање технички Влади во следниот период?

Чулев: Поставеноста на улогите во целиот систем на практикување на власта многу често е подложен на злоупотреби кои во предизборниот период се многу поголеми и може да влијаат на изборниот резултат.  Во минатото бевме сведоци на чести злоупотреби направени токму за таа намена, а за жал овие денови тие се случуваат не така ретко.

Во тој контекст мој личен став е дека секој механизам со кој се врши контрола на работењето на функционерите, а е поврзан со трошењето на народните пари е добар и може да има позитивен импакт врз демократските процеси во државата.  Можеби моделот како е поставена и формирана т.н Пржинска влада не е идеален и истиот би требало да се доработи и преформулира секако со согласност од сите политички чинители во државата.

Раководите со сектор кој има најголема одговорност во државата, што затекнавте во МВР што се се случува таму, укажувавте на нерегуларности на вашиот претходник па се стишивте?  

Чулев: Од првиот ден, односно од моето доаѓање во Министерството за внатрешни работи затекнав една лошо поставена организација во чие функционирање се правеле многу пропусти.  Да бидам искрен, гледано од денешна перспектива не можам да посочам ниту една суштинска работа која е направена во Министерството за внатрешни работи за време на владеењето на Оливер Спасовски, а напротив голема е листата на недостатоци и незаконски постапки.  Како поминува времето така луѓето се повеќе се охрабруваат и бараат средби со мене во кои укажуваат на одредени дејствија кои ги преземало претходното раководство, а кои најчесто се во спротивност со законот и со интерните процедури во Министерството за внатрешни работи. Јавноста беше сведок на незаконските постапки поврзани со човечките ресурси кои ги откривме на почетокот на оваа година, потоа на постапките поврзани со јавните набавки, а за кои веќе сериозен интерес пројави и обвинителство и уште голем дел незаконски постапувања и активности кои пред јавноста ќе ги презентираме во периодот кој следи.

Во овој момент мој личен став, но и ставот на моите колеги од министерството е дека најважен приоритет на сите нас е здравјето на граѓаните и нашиот фокус е ставен токму на ова прашање, но тоа не значи дека тековните активности на полицијата се ставени во втор план, напротив неколкуте акции кои полициските службеници ги реализираа изминатиот период говорат за тоа дека и покрај фактот дека Министерството за внатрешни работи во овој период генерално е фокусирано на спроведување на контрола на одлуките на Владата, воопшто не се запоставени ниту обврските кои произлегуваат од законот, а се насочени кон неселективната борба против криминалот.

Колку впрочем го контролирате целото министерство?

Чулев: Министерството за внатрешни работи е една од најголемите институции во државата во која работат голем број професионални, чесни и одговорни луѓе.  Моето назначување за Министер во техничката Влада, подразбираше можност да распоредам 15 луѓе на раководни позиции и хоризонтално да распределам одредена минимална бројка на луѓе.  Оваа бројка е премногу мала имајќи предвид дека неколку денови пред заминувањето мојот претходник по различни основи распоредил 10 пати повеќе луѓе, а дополнително е измената систематизацијата која е изработена по политички потреби, а на професионални стандарди.  Но, тоа што сакам да истакнам е дека во една ваква голема организација успехот и резултатите не се постигнуваат со поставување „ваши“ или „наши“ луѓе, ниту пак со незаконски распоредувања, онакви какви што направил Оливер Спасовски.  Резултатите во работата можат да се видат само доколку се работи чесно и одговорно, доколку се изгради систем на функционирање и доколку има систем на кариера во кој ќе се даде можност на сите професионалци да напредуваат и соодветно да се надградуваат.  

Во делот каде што јас имам ингеренции, односно во мојот тим и во мојот кабинет веќе тоа функционира така, но за жал техничкото функционирање во владата ме спречува таа идеја да ја пресликам и на целата организација со која јас раководам.  Професионализацијата на МВР, поставувањето на здрав систем за напредување и кариера е еден од клучните приоритети на кој ќе се посветам веднаш по завршувањето на изборите.

Обврските кои како институција ги имаме и кои произлегуваат од членството во НАТО и Европската унија наложуваат еден многу поинаков пристап на работа од тој досегашниот, а во таа насока неопходно е реалните реформи на безбедносниот сектор да започнат што поскоро.


Пред вас имавте голем тест со ситуација  предизвикана од коронавирусот,  ја кооординиравте полицијата во услови на вонредна сотојба кога треба да се почитуваат голем број ограничувачки мерки.

Чулев: По скоро два месеци од воведување на вонредната состојба на територијата на целата држава со задоволство можам да кажам дека Министерството за внатрешни работи сиот овој период успешно ги спроведуваше одлуките на владата кои беа насочени кон ограничување на движењето на граѓаните како една од најважните мерки за справување со коронавирусот. 

Статистичките податоци поврзани со бројот на лицата кај кои е детектирано присуството на коронавирусот бележи надолна тенденција и тоа е уште еден од аргументите дека полициските службеници добро си ја завршиле својата работа. 

Доколку треба да донесам еден генерален заклучок ќе кажам дека навистина сум горд што Министерството за внатрешни работи изминатиот период мошне успешно ја гарантираше здравствената сигурност преку соодветна контрола на сите одлуки кои беа насочени кон тоа.

Колку пријави се поднесени? Постапувате ли со мегафони и сликате ли?

Чулев: Од првиот ден, односно од почетокот на реализација на обврските поврзани со Covid19 мојата идеја беше Министерството за внатрешни работи пред се да има превентивна улога, односно со засилено присуство на полициските службеници на терен да се влијае за подигнување на свеста кај граѓаните за почитување на социјалната дистанца и за употреба на заштитната опрема и мислам дека успеавме во таа намера. Состојбата на терен и сликата која секојдневно ја гледаме покажува едно исклучително високо ниво на свесност и совесност кај граѓаните за ризикот поврзан со заразата.  Во таа насока и во иднина нашата улога ќе биде пред се превентивна, а секако онаму каде што има потреба ќе бидат преземени и респресивни мерки, се со цел заштита на граѓаните и нивното здравје.

Во оваа смисла полициската работа допрва ќе се зголемува – имате ли капацитет? Ќе пишувате ли казни?

Министерството за внатрешни работи постапувајќи по обврските поврзани со превенцијата од оваа светска пандемија е исправено пред можеби еден од најголемите предизвици во последно време. Предизвик кој од раководството бара добра организациска поставеност, секојдневни состаноци и многу работа, а од полициските службеници бара исклучителна посветеноста и одговорност при извршување на работните задачи. Дополнително, тие се исправени и пред предизвикот заштитувајќи го здравјето на граѓаните да водат сметка и грижа и за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.

Јас сум повеќе од убеден дека овој предизвик успешно го совладуваме и тоа е уште еден доказ дека капацитетите на Министерството за внатрешни работи се соодветно поставени и организирани.


Полицијата беше  клучна во овие моменти кога имаше рестрикции – колку припадници на МВР се заболени?

Чулев: Ќе се согласам со вас. Полициските службеници заедно со медицинскиот персонал се во првите редови во справувањето со коронавирусот. Имајќи ја предвид нивната задача, работните обврски и ризикот на кој секојдневно се изложени, Министерството за внатрешни работи беше првата државна институција која успеа да набави заштитна опрема и средства која е доволна за континуирана и непречена работа на полициските службеници. Паралелно со тоа во соработка со Министерството за здравство изготвивме и протокол за постапување во кој точно е пропишана опремата која секој службеник треба да ја употребува во зависност од работните обврски кој тој ги извршува. Согласно последните информации 16 припадници на Министерството за внатрешни работи беа носители на корона вирусот. Оваа бројка, процентуално е далеку помала од бројот на заразени полициски службеници во соседните земји, а најважно од се е што денес 14 од нив се веќе излечени и само 2 лица се носителите на коронавирусот.

Вие еднаш рековте дека немаше потреба од преголеми рестрикиции поради пандемијата. Како ги носевте тие заклучоци? Како министерот за внатрешни работи знае за потребите во однос на здравствените мерки?

Чулев: Рестрикциите поврзани со ограничување на движењето на граѓаните многу сериозно се одразија на нивната психосоцијална состојба и тоа е состојба за која сведочат полициските службеници кои се во секојдневна комуникација со нив.  Дополнително, затворањето на шумите и планините за спортување имаше одредено влијание на целата таа состојба.  Од друга страна го имаме позитивниот тренд на статистички показатели поврзани со лицата кај кои е утврдено присуство на коронавирусот и водејќи се по сите овие параметри јас побарав еден вид олабавување на мерките за ограничување на движењето, но побарав Комисијата за заразни болести соодветно да го потврди или демантира тоа. 

Во јавноста беа објавени одредени неточни информации дека сум бил против или сум гласал против тоа што е апсолутна невистина и небулоза. Во овој случај и во сите други јас сум конзистентен во своите ставови и драго ми е што владата ја потврди таа конзистентност и застана и ги прифати моите сугестии.

Во едно интервју ги доведовте во корелација одлуките на Комисијата за зараЗни болести со некои политички побуди и изборите. Зошто мислите така?

Чулев: Во Комисијата за здравствени болести членуваат голем број професионалци кои јас исклучително ги почитувам и тие многу добро си ја знаат и одлично ја работат својата работа.

Од почетокот на функционирање на оваа комисија одлуките кои тие ги носеа и предлагаа до владата беа темелени исклучиво врз медицински параметри и донесените одлуки на беа спорени од никој во општеството и неа беа спорни за мене. Но, како што изминуваше временскиот период и како што се актуелизираа прашањата за изборите на дискусиите во владата поврзани со одлуките на комисијата преовладуваа политичките аспекти на истите.  И од тука мојот впечаток е дека одлуките не се темелат исклучиво од здравствен аспект, туку имаат и одредена политичка димензија.

Претходно, во едно од прашањата споменав дека здравјето на граѓаните најважно и кога е тоа во прашање нема простор на лицитирање со било каква пропагадна цел која за кратко ќе ја задоволи или смири јавноста.

Ставот на вашата партија е дека предвремени избори не се приоритет за ВМРО ДПМНЕ и дека не треба да се брза. Кога според вас и ВМРО ДПМНЕ треба да има парламентарни избори?

Чулев: Здравјето на граѓаните треба да биде најважен приоритет за секој политичар и за сите политички структури во државата. Фер, регуларни и демократски избори се возможни само доколку се создадени целосни услови за тоа, односно само доколку на граѓаните им се овозможи да го остварат своето граѓанско право на регуларен начин кој ќе биде сигурен за нивното здравје и нивниот живот.  Од друга страна легитимитетот на идната власт директно е врзан и зависи од излезеноста на изборите, а сите државни институции имаат обврска да преземат мерки со кои ќе го овозможат тоа.

Во таа насока, верувам дека ВМРО ДПМНЕ се воделе од овие неколку работи при градењето на ставот дека идеално време за избори е тоа кога здравствените власти без било какво политичко влијание ќе проценат дека е време за тоа.

Во однос на полицискиот час – јавноста беше сведок на груби прекршувања (Синѓелиќ, Гевгелија...) ама има фотографии и на социјалните мрежи според кои во некои делови на државата полицискиот час воопшто не се почитуваше. Имате ли и вие такво чувство? Можно ли е некои службеници на локално ниво и да не ја вршат својата работа добро?

Чулев: Генералниот впечаток кој го црпиме од статистичките податоци покажува дека граѓаните се совесни и тие најчесто ги почитуваат мерките и одлуките на владата за ограничување на движењето.  Навистина е тешко за полициските службеници да бидат присутни секаде и во секое време.  Министерството за внатрешни работи постапи во целост во сите случаи каде што беше детектирано дека е прекршен законот и сите случаи се предадени во јавното обвинителство за понатамошно постапување.

Чулев вие тврдевте дека мајката и синот во Велес се починати порано – на лице место на увидот имаше и полициаец, сега заразен. Сепак имате увид затоа што и полицијата беше на терен. Кои се сознанијата и зошто случајот остана затворен без јасни заклучоци?

Чулев: Случајот поврзан со смртта на мајката и синот во Велес сеуште е актуелен и отворен и Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за внатрешни работи од Велес по насока на јавното обвинителство презема активности за целосно расчистување на конкретниот настан и прибирање на податоци по оперативен.  Мојот став изнесен во јавноста беа само информации добиени по оперативен пат, односно индиции кои говорат кога била нивната последна активност.

Клучно е во оваа фаза да оставиме истрагата да покаже што точно и кога се случило, а мојата цел при изнесување на овие сознанија не беше да се ставам над Институтот за судска медицина.


Полицијата во средата вечерта упадна во магацин каде се пакуваат производите за донации на семејството Заеви. Што беше проблемот? Кои се наодите?

Чулев: Во конкретниот случај во Струмица станува збор за активности кои Министерството за внатрешни работи ги преземало со цел контрола за спроведување на одлуките на Владата кои се однесуваат на ограничување на движењето на граѓаните. При контролата од страна на полициските службеници е утврдено дека дел од лицата поседуваат несоодветни дозволи со кои се движат за време на полицискиот час.  Дополнително истрагата треба да покаже и да открие дали во конкретниот случај има и други постапувања кои се спротивни на законот.

Конкретниов случај беше прилично интересен за јавноста и во оваа прилика уште еднаш сакам да потенцирам дека не станува збор за било какво преземање дејствија врз основа на политички или пак било какви причини. Активностите кои ги преземале полициските службеници се врз основа на насоки добиени од страна на јавен обвинител и согласно стандардните оперативни процедури за постапување во вакви случаи.  Во таа насока уште еднаш ги повикуваме политичките структури во државата, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, да се водржат од изјави со кои ќе ја оценуваат работата на полициските службеници, поради тоа што со таквите изјави индиректно вршат притисок на нивното работење и доколку сметаат дека во конкретен случај постапувале во согласност со законот истото да го докажуваат пред надлежните институции.

Интервјуто го правиме пред Денот на полицијата кој се обележува на 7 мај. Вие нарачавте и спот за кој во јавноста имаше сериозна реакција. Зошто мораше во ова време?

Чулев: Во мојата објава на социјални медиуми споменав дека не станува збор за никакво луксузирање, туку за кратко видео со кое Министерството за внатрешни работи ќе се заблагодари за придонесот на полициските службеници, здравствените работници, припадниците на армијата и сите други кои се вклучени во справување со пандемијата со короновирусот. 

Уште еднаш потенцирам дека не станува збор за никаква злоупотреба на полициските сили, туку за еден мал гест со кој ќе заблагодариме за жртвата и истовремено ќе се подигне нивниот морал.  Дополнително, потенцирам дека со снимањето на конкретното видео не беа нарушени тековните активности на полициските службеници.

Во конкретниот случај  станува збор за уште едно непотребно политичко поентирање и собирање на политички поени на грбот на полициските службеници.

Важно е јавноста да знае дека дозволено е снимање и промовирање на полициски служби и истото е препорачано од страна на Комитетот на министри при Советот за Европа и  истата препорака како држава сме обврзани да ја применуваме.

Како функционира полицијата, кои се клучните предизвици со кои се соочувате во овој момент?

Чулев: Пред сите нас во Министерството за внатрешни работи се исправени сериозни предизвици со кои ќе треба да ја вратиме довербата на граѓаните во оваа институција, но и да работиме на интегративниот пат на земјата кон Европската унија и НАТО.  Првенствено, нашата задача е спроведување на демократски избори, односно преземањето на активностите со кои ќе гарантираме фер изборен процес. Потоа,  во следниот период клучно е да ги направиме неопходните реформи со цел зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи за борба против криминалот и корупцијата. Прашањата поврзани со нелегалната миграција се исто така во фокусот на работењето на сите полиции во Европската унија, па така и нашата.

Морам да бидам искрен и да споменам дека сето ова бара многу работа и секако квалитетни човечки ресурси кои ќе бидат носители на сите важни процеси во Министерството за внатрешни работи. На крајот најважно од се е полицијата да ја ослободиме од сите политички влијанија и конечно квалитетот да биде единствен услов и критериум по кој ќе се ценат заслугите на полициските припадници.

На крајот во контекст на ова прашање сакам на сите припадници на Министерството за внатрешни работи да го честитам денешниот Ден на полицијата. Да потенцирам дека исклучително сум горд што имам можност да работам со исклучителни професионалци кои во краток период успеаа да го потврдат моето мислење дека тие се максимално посветени во извршување на своите работни задачи.  Со неколку зборови кажано: Во оваа институција работат чесни, одговорни и посветени луѓе кои со целото свое срце ја сакаат својата држава и својот народ.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?