25 Април, 2024
0.0299

Интервју Богдановиќ: Со „Киро Глигоров“ поставивме стандард од кој не отстапувам се додека во Центар не биде се на тоа ниво

Објавено во: Македонија, Интервјуа 06 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Додека се поставуваа споменици без вредност во општина Центар не се изгради ниту едно училиште. Проектот го наследив и горд сум што успеавме да го завршиме за само три години, дури и пред рокот, вели во интервју за Фактор, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. Новата учебна година дел од учениците на оваа општина ја почнаа во „Киро Глигоров“, најмодерното училиште во државата во моментот, а Богдановиќ, со нескриени емоции зборува за проектот. Вели дека и по две години од мандатот останува на ставот дека мораториумот за изградба во општината беше повеќе од потребен, дури и задолжителен. Вели оти има заложба во следниот период да обнови уште барем три училишта со стандард како новото.

Пуштено е во употреба новото училиште во општина Центар, „Киро Глигоров“ и ова е една од важните инвестиции за оваа општина. Кои се карактеристиките на училиштето, колку чинеше изградбата и каков според вас ќе биде ефектот за општината?

Богдановиќ: Да, училиштето на 2 септември ги прими првите ученици, а свеченото отворање беше два дена подоцна. Ова е многу значаен проект за Центар, а особено за жителите на населбата Капиштец. Децата од Капиштец немаа основно училиште иако било плaнирано да се гради кога почнала изградбата на населбата. Училиштето било препишувано од план во план, и така со години. Како што знаете, темелите на училиштето ги постави мојот претходник Андреј Жерновски, јас го наследив во почетната фаза и исклучително сум горд на фактот што успеавме да го завршиме за само три години, дури и пред рокот. Вложивме максимум напори, да бидеме готови за почетокот на учебната година и децата да стартуваат тука. Практично спасивме едно цело полугодие.

Не беше лесно. Ќе потсетам дека, по децентрализацијата со која управувањето со државното земјиште се додели на општините, на Општина Центар претходната власт и го ускратуваше тоа право. Тоа долго ја опструираше изградбата на училиштето, кое беше повеќе од потребно. Замислете, а во исто време се градеа објекти и се поставуваа споменици кои немаа никаква вредност во однос на квалитетот на животот на граѓаните. Би рекол, не само што недомаќински се трошеа парите на граѓаните туку и се расфрлуваа на незначајни градби.


Јас и претходно споменав, за илустрација, Триумфалната порта чинеше 6,5 милиони евра, еден милион евра повеќе од новото училиште „Киро Глигоров“. Ние за 5,5 милиони евра направивме, пред сé функционален, но и грандиозен објект.

Следејќи ја визијата за модерен Центар и современо образование, изградивме училиште по светски стандарди. Целиот објект е направен со висока енергетска ефикасност, а сите материјали кои се вградени во училиштето се со потекло од Европската Унија и САД, и домашни компании, сертифицирани производители кои ги исполнуваат највисоките стандарди за објекти од ваков тип. ООУ „Киро Глигоров“ е инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и Дневен центар за деца со церебрална парализа, комплетно уреден според потребите на корисниците.


Училишната зграда е со површина од 12.100 м2 и дворна површина од 4.100 м2. Морам да кажам дека при изведбата на проектот водевме грижа да ги зачуваме околните дрвја и зеленило, па така и објектот го поместивме од предвидената градежна маркица. Ниту едно дрво постаро од 40 години не е исечено, а на местото на оние кои моравме да ги отстраниме, засадуваме нови. Водено е грижа за квалитетот на воздухот во училиштето, начинот на греење и осветлување, одржување на хигиената, безбедноста и достапноста до новите технологии, енергетската ефикасност.  Гледано од секој аспект, направивме училиште кое постави нови стандарди за сите идни училишта што ќе се градат или обновуваат. Тоа е стандард од кој ние во иднина нема да отстапуваме. Моја заложба ќе биде следната година да обновиме уште најмалку три училишта со истиот стандард како ова новото.

Од друга страна, на половина од мандатот како градоначалник на оваа општина, кои други капитални проекти се завршени?

Богдановиќ: Би почнал од патна инфраструктура. Имаме комплетно реконструирано повеќе од 10 улици на кои не било интервенирано со децении, а во моментов се работат или многу скоро ќе почнат да се работат, најмалку уште толку во различни населби од општината. Изненадувачки е фактот што малкумина го знаат дека во 21 век интервенираме на улици кои воопшто немале атмосферска и фекална канализација. Таков е случајот со старите скопски маала. Земете ја на пример, улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ во Маџир Маало направена после земјотресот. Оваа улица е комплетно реконстрирана. За прв пат доби атмосферска и фекална канализација која оди во прочистителна станица, нова водоводна мрежа и нов асфалт со површина од 3.000 м2. И во Крњево го имавме истиот случај. Таму се завршени две улици на кои, исто така, за прв пат се пушти атмосферска и фекална мрежа. На Водно, реконструиравме пет улици. Тука направивме целосна обнова на, повеќе од 60 години, стара фекална, атмосферска и  водоводна мрежа, со што жителите добиваат подобра и поквалитетна вода за пиење. „Рилски Конгрес“ ја завршивме за помалку од месец дена, а во моментов работиме на уште две големи улици во овој дел од Центар, „Ганчо Хаџипанзов“ и „Караорман“. На Кале, целосно реконструиравме 4 улици. Реконструиравме улици и во Дебар Маало, Буњаковец, а го завршуваме и паркингот Палома Бјанка, деновиве се асфалтира.

Што се однесува до делот за училиштата и градинките, ние интензивно работиме на подобрување на условите во објектите во кои престојуваат деца. Минатата година пуштивме во употреба новоизграден дел, проширување на основното училиште „Гоце Делчев“. Објектот е со површина од 580 м2, каде изведовме 8 нови училници, поставивме нов лифт, смарт табли во сите училници. Со финансиска помош на Бугарската амбасада и општински средства, целосно ја заменивме старата фасада со нова, енергетски ефикасна, на едно од најстарите училишта во Центар, „Димитар Миладинов“. Освен тоа, ја заменивме и целата фасадна столарија, направивме нов термоизолационен кров, а многу скоро почнуваме и со реконструкција на спортската сала. Во „Кирил и Методиј“, заменивме фасадна столарија и изградивме спортска сала со поддршка на Агенцијата за спорт и млади. И да не заборавам, обновивме 4 детски игралишта, а изградивме 3 комплетно нови.


Во јуни годинава, следејќи ги глобалните технолошки трендови, го дигитализиравме Јавното претпријатие ПОЦ.  Нова веб страница која ја олеснува достапноста на користење на паркиралиштата кои се под ингеренции на Општина Центар.

Сé што споменав се значајни или, како вие би рекле, капитални проекти и по обем на работа и по висина на средства. Работиме по план и не отстапуваме од она што го зацртваме на почетокот на мојот мандат.

МОРАТОРИУМОТ БЕШЕ ЗАДОЛЖИТЕЛЕН

Вашиот досегашен мандат го одбележаа одлуките за мораториум за градба во Центар. Останувате на ова и колку според вас ве чинеше ваквиот став?

Богдановиќ: На сите им е јасно зошто го воведовме мораториумот и уверен сум дека откако донесовме неколку ревидирани ДУП-а, граѓаните ги гледаат придобивките од овој проект. Наша цел беше да се обезбедат квалитетни услови за живеење и урбан развој на општината и градот. Ние интензивно работиме на измена на ДУП-овите. Се обврзавме дека ќе ставиме крај на урбаниот хаос и дека ќе ги исправиме грешките од минатото, недостатоците и отстапувањата од стандардите за квалитетно живеење кои ги наследивме во претходните планови.

Ме прашувате дали останувам на ставот дека мораториумот беше потребен. Јас би рекол задолжителен. ДУП-овите кои ги носиме во целост одговораат на потребите на граѓаните. Од државно земјиште избришавме објекти, згради и хотели, со огромни габарити, а на нивно место правиме паркови и детски игралишта. Го применуваме  Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и согласно тоа, соодветно ги оддалечуваме градежните парцели за повеќе светлина и подобра циркулација на воздух за идните станари. Ги обврзуваме инвеститорите на паркинг место за секој станар и за прв пат го применуваме Законот за урбано зеленило според кој, секој инвеститор ќе мора да обезбеди најмалку 20 проценти зеленило во рамки на градежната парцела.

Општина Центар останува доследна на мораториумот. А колку ме чинеше овој став? Би рекол, само многу повеќе работа. Можев да ги спроведувам старите ДУП-ови. Но јас избрав да изработам нови кои, пред се, ке бидат во целост усогласени со ГУП-от, а над се ќе бидат во интерес на поурбано и похумано домување и поквалитетен живот на граѓаните.  

Што е со ревизијата на деталните урбанистички планови и што ќе значат?

Богдановиќ: Ревизијата на плановите тече. Досега ревидиравме и усвоивме 3 нови ДУП-а, а во наредниот период, месец-два носиме уште 5. Мојот план е да ги завршиме сите до крајот на оваа, евентуално почетокот на следната година.

Имаше наводи дека има сомнителни јавни набавки вооднос на изработката на плановите, кој ги добива овие тендери и за колкава цена?

Богдановиќ: Тоа се шпекулации. Нема сомнителни јавни набавки. Точно е дека имало јавни набавки на планови за 1 денар, но тоа го дозволуваше стариот закон, каде најважниот критериум беше најниската цена.

Интересот на планерите да учествуваат на овие јавни набавки беше во референцата, затоа што не секогаш и секому се укажува можност да работи за централното градско подрачје.

ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО СО ЕНЕРГЕТСКИ ЗГРАДИ

Загадувањето е проблем број еден во државата, ама и во Центар. Како ќе ги заштитите граѓаните?

Богдановиќ: Се согласувам. Голем е проблемот со загадувањето, особено во централното градско подрачје и свесни сме дека на тоа треба многу сериозно да се работи. Во контекст на ова, прво би ги споменал новите ДУП-ови. Како што претходно кажав, со измената на ДУП-овите ќе го зголемиме зеленилото во Центар. Наместо згради, на државно земјиште планираме паркови и јавно зеленило и ги обврзуваме инвеститорите на зеленило во рамки на градежна парцела. Можеби не веднаш, но за неколку години, ефектите ќе бидат видливи.

Освен што правиме инфраструктура - велосипедски патеки, преку проектот „Цел Центар на две тркала“ субвениционираме купување на велосипеди и тротинети. На овој начин ги стимулираме граѓаните што повеќе да користат велосипеди и тротинети како алтернативен транспорт и како начин за намалување на сообраќајниот метеж во градот, намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.

Секој нов објект кој е изграден или ќе се гради е со висока енергетска-ефикасност. Најсвеж пример е училиштето „Киро Глигоров“. Фасадата е самовентилирачка и енергетски ефикасна и како таква значително ја намалува потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и придонесува кон намалување на загадувањето на воздухот. Вградени се прочистувачи на воздух, целото осветлување е лед.


Што планирате за остатокот од мандатот?

Богдановиќ: На отворањето на „Киро Глигоров“ реков дека после ова треба навистина да бидеме среќни, но не и задоволни. Јас нема да бидам задоволен и ние нема да прекинеме да работиме се додека секој квадрат од општината не го направиме како училиштето. Ни претстоти уште многу работа.

Во моментов од корен ја обновуваме градинката Палешка во ГТЦ, а веќе следниот месец почнуваме целосна реконструкција на градинката Пепеплашка. И двете градинки се клонови на градинката Корчагин кои се постари од 40-50 години . Всушност, објектот Пепелашка  кај социјално е изграден во 20-тите години од минатиот век, а како градинка функционира по земјотресот.  Овој објект беше заштитен од Заводот за заштита на споменици. Заради лошите услови ние го носиме до „нула“, менуваме се од електрича инсталација до подови, тоалети, занимални, но ќе го зачуваме автентичниот изглед.

Следен голем проект е изградба на нова градинка во населбата „Пролет“. Тоа ќе се случи веднаш штом го донесеме ДУП-от. И новата градинка ќе ја градиме според највисоки стандарди, а така ги правиме и реконструкциите на старите објекти. Сметам дека за објектите во кои престојуваат децата нема простор за импровизација. Се мора да биде направено како што треба, со функционалности и квалитет кои ќе гарантираат уште многу години постоење на објектите.

Реконструкцијата на улиците продолжува. Во моментов се работат 6 улици, а до крајот на годината ќе се реконструираат уште 4.

Ја добивте наградата за хуманост „Мајка Тереза“.  Досега, оваа награда ја имаат добиено многу хумани организации и поединци меѓу кои Црвениот Крст на Град Скопје и Македонија, Дефектолошки центар „Демир Капија“, Претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, Тоше Проески... Навистина престижно признание. Какво е чувството да се биде во друштвото на големите хуманитарци?

Богдановиќ: Ова е навистина голема чест за мене и доказ дека се препознаени заложбите на Општина Центар и моите лични заложби за создавање хумано општество и еднакви можности за сите.  Хуманоста е највисокиот алтруистичен чин, одлика на големите луѓе. Тоа е единствен начин да го измениме светот и да го направиме подобро место за живеење. Лично сметам дека секој хуман гест треба да се поздрави, независно од вредноста и начинот на кој помагаме. Само така испраќаме порака дека секој од нас, кога сака-може да помогне на оние на кои им е потребна помош.

Наградата е за акцијата на општината преку која, над 150 семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на Центар, секој месец добиваат пакети со основни животни намирници

Ја реализираме  во соработка со невладината организација „Банка за Храна“, а со поддршка на големите маркети Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои ги обезбедуваат потребните намирници.

Би било нескромно да кажам дека ова е само моја награда. Наградата е на сите мои колеги во Општина Центар кои најмалку 2 до 3 пати годишно даруваат крв,  и редовно организираат и учествуваат во разни хуманитарни акции.

A.T.

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

„До последно се бореше, следеше настани и не се предаваше“: еве што кажа ќерката на Џаро, за неговите последни денови

„До последно се бореше, следеше настани и не се предаваше“: еве што кажа ќерката на Џаро, за неговите последни денови

КУЌЕН ПРИТВОР И МЕРКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА: Врховен го преиначи решението на Апелација

КУЌЕН ПРИТВОР И МЕРКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА: Врховен го преиначи решението на Апелација

Кајчев по првиот круг претседателски избори: Можно е да се влошат македонско-бугарските односи

Кајчев по првиот круг претседателски избори: Можно е да се влошат македонско-бугарските односи

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“