24 Април, 2024
0.0376

ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Договорите со Грција и со Бугарија не требаше да се разберат како карт бланш за датум

Објавено во: Македонија, Интервјуа 18 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА

Француското „не“ е непријатно, но не и катастрофично. Бројот на земји кои сакаат да не видат во ЕУ е поголем од оние што мислат дека не сме подготвени, вели во интерву за Фактор политичкиот аналитичар Арсим Зеколи. Тој смета дека Македонија и Албанија се првите директни жртви на Брегзитот, но вина гледа и во Владата, која на бизарен начин, вели, се убеди себе си дека договорите со Грција и Бугарија и даваат карт бланш да прави што сака. Скандалот Рекет, смета Зеколи, се случи во најкритичниот момент пред добувањето датум за преговори.

Како го доживувате одлучното „не“ на Франција за датум. Дали Европа не сака под својот покрив држави како Македонија и Албанија, или причината е нешто друго?

Зеколи: Како непријатност секако, но далеку од тоа да го сметам за катастрофично. И веднаш ќе подвлечам дека бројот на земји кои сакаат да не видат во ЕУ е апсолутно поголем од оние кои мислат дека сеуште не сме подготвени. Се разбира дека дел од земјите членки се оптоварени од одредени предрасуди, современи или историски. Но нивните предрасуди се совладливи доколку ние ги исполниме сите наши задачи.

Во конкретниот случај, мислам дека Македонија и Албанија се првите директни жртви на Брегзит, едно домино од низата други настани кои се предизвикани од Брегзит и посебно по истапувањето на Велика Британија од Унијата. Тоа излегување создава голем вакум, кој неколку земји од Унијата би сакале да го пополнат, поточно заземат. Франција пред се. И тоа предизвикува поместувања ширум континентот, кои редовно се јавуваат во најдраматични форми токму на Балканот. Нашата желба за добивање датум токму сега во добар дел се коси со интересите на Франција која смета дека заминувањето на Британија од ЕУ и залезот на ерата на Меркел е поволен час за нејзина доминатна факторизација во Европа. Оттаму, не се исклучува можноста дека нашите преговори се помалку проблематични од тоа кој ќе биде патронажната сила во текот на самите преговори. Дали тоа ќе биде Берлин како до сега, или пак таа улога треба (или посакува) да ја преземе некој друг.  

Гледате ли вина за ваквиот можен негативен исход во СДСМ и нивниот коалиционен партнер ДУИ, чие владеење во претходниот период честопати го критикувавте?

Зеколи: Повеќе од вина, последната година бевме сведоци на еден чуден менталитет на оваа Влада која на некој бизарен начин се убеди себе си дека по потпишувањето на Договорите со Грција и со Бугарија си има добиено карт бланш да прави што сака и како сака. Дел од вината за таквата апсурдна лежерност ја сносат и Германија и доскоро САД, како водечки поддржувачи на наведените договарања, кои беа подготвени на Заев и на Ахмети да им прогледуваат низ прсти, дури и за неспроведување на реформите. Односот и ставовите на водечките лица во земјата безмалку наликуваше на разгалена логика на „имаме поддршка од Америка и Германија и никој друг не ни треба“. Очигледно, официјален Париз има друго мислење за тоа. 

Втората причина зошто сметам дека поведението на оваа Влада е сосема неодговорно кон предизвиците, е токму скандалот Рекет, кој паралелно се одвива со најкритичниот момент пред добивањето датум за преговори.  Во време кога секој гаф можел да биде пресуден за преговорите, добар дел од оваа Влада всушност – со невидена скарадна дрскост – замижувала (ако веќе не и помагала) во развивање на вистинска пајажина на корупција надвисната над севкупниот ионака кородиран систем. И тоа токму во сегментот за кој граѓаните сметаа дека ќе ни го забрза патот кон ЕУ – во СЈО и во правосудството. Влада која бара разбирање и пожртвуваност од осиромаштените граѓани, а самата ја користи секоја можноста за лично богатење, не заслужува преговори, ниту втор мандат. 

Дали сметате дека ако досега завршевме некои од обврските, како на пример, да се донесеше закон за обвинителство или да имавме завршени судски процеси, тоа ќе придонесеше да биде променет тврдиот француски став?

Зеколи:  Не, не сметам дека тоа ќе беше доволно. Знаете, проблемот со нашето правосудстство не е скорашен ниту е проблем само СЈО, овој или оној судија, или овој или оној закон. Ние имаме проблем со еден дегенеративен правнички ментален склоп кој датира како наследство уште од Уставот на СФРЈ од 1974 година, и потоа водеше кон правосудна карамкаша со секој нов федерален или републички устав, скроен според дневно политичките потреби. Мислам дека токму затоа ставот на Франција не е определен или поврзан со СЈО, нашата правна легислатива или архитектура, туку со неказнивоста како веќе метастаизрана и сеприсутна култура. Смената на Јанева или именувањето на Фатиме или Ленче, отпуштање на Вангеловски или именување на Јовески, бескрајни судења со несакнционирани пресуди, тоа веќе ништо не значи ниту за нас, ниту за Франција, ниту за САД. Порано или подоцна требаше да дојде крајот на таа имитација на правосудство според формулите на Камбовски – Фрчкоски и сега тоа се испорачува како тврд став на Париз дека не верува во нашите солзи. И не само на Париз.

Всушност станува збор за дво-тактен пристап кон нашата неказнивост. Прво, ставот на САД преку Метју Палмер со кој ултимативно се бара политичка одговорност од водечките политичари, и ставот на Франција со кој се бара законска санкција за осомничените. Бидете убедени дека ниту Палмер, ниту Макрон, ниту Маас веќе немаат ни тронка доверба, интерес или подготвеност да слушнат ниту еден единствен збор од веќе ступидниот рефрен: „свесни сме дека сме несовршени, свесни сме дека многу треба да се исполни, свесни сме за пропустите ... ама дајте ни пак шанса“. Таа шанса ни беше дадена во 2016. И во 2017, и лани и ова минато лето. Заев, Османи, Димитров, Анѓушев, Шеќеринска можеби мислат дека со тоа кажуваат нешто ново, но институционалната меморија на овие земју укажува дека истиот рефрен го слушале и во 1999 и во 2009 и сега во 2019. Сега веќе нема простор за изговори. Нашата неподготвеност веќе се препознава и чита од нивна страна како недостаток на политичка воља и на неискреност кон партнерите во НАТО и ЕУ. 

Сметате ли дека Македонија ќе имаше повеќе шанси ако не одеше во пакет во својот сосед Албанија, бидејќи францускиот претседател Емануел Макрон ја спомена во негативен контекст заради големиот број бартели на азил од таа земја?

Зеколи: Одлично прашање. Но пред одговорот, неколку прашања кои никој не сака да ги постави. Дали мислите дека нашето сегашно водство ќе можеше да лобираат денес во Брисел и да се радуваат на членството во НАТО да не беше претходната, прелесно заборавена,  помош од Албанија? Впрочем, дали воопшто би било можно да дојдат на власт без претходното куражење на Тирана кон албанските политички партии да му свртат грб на Груевски и му помогнат на Заев да биде премиер, а Никола Димитров министер за надворешни? 

Исто така, дали ВМРО-ДПМНЕ смета дека пакетот со Албанија е резултат на некаква хипер-конспиративна, масонско, илуминатска, тајна спрега за користење на Албанија како баласт околу нашите нозе? Или е резултат на историскиот успех без 

преседан на Бујар Османи да ги убеди не само Бушати и Рама, туку и Макрон и Меркел и сите оние кои беа против двоење? Или е пак происход на политиката на Груевски поради која ја изгубивме шансата да ги започнеме преговорите заедно со Хрватска? Дали можеби некој од ВМРО-ДПМНЕ памети некој пример кога официјална Тирана барала да биде одвоена од нас поради режимот на Груевски? И на крај, дали токму махинациите на Груевски, а делумно и на Заев и Ахмети, придонеле кон тоа да се цементира тој двоен пристап?

Прашањето на нашата поврзаност е всушност сосема илустративна како за нашата кусогледост, за европската конфузија и дебаклот на политиките на Еди Рама. Нашиот клучен аргумент дека поради промената на името треба да добиеме датум е директна потврда на свеста дека целиме да влеземе според политичкиот модел на Романија и Бугарија, но не според реформскиот клуч на Хрватска. Одлуката на Финското Претседателство и ставот на Холандија за раздвојување на двете земји е пак илустрација на конфузната контрадикторност во самата Унија во однос на рефорсмките и политичките модуси за добивање преговори. И на крај, и покрај неспорниот успех во подвижување на реформите во Албанија, премиерот Рама се помалку успева тие реформи да ги спроведува и врз сопствената партиска кожа. Поради што се повеќе се лизга кон авторитаризам, притоа обидувајќи се домашните потфрлања да ги покрива со надворешно-политички авантури. Како што беше епизодата со Вучиќ и размената на територии... 

Вие сте долгогодишен амбасадор и познавач на надворешната политика. Дали сметате дека ваквиот тврд став на Макрон е првенствено за внатрешна употреба како гард за одбрана пред налетот на крајната десница, која има сериозна популарност?

Зеколи: Интересна е таа теза за француската и холандската десница и нејзиното индиректно влијание. Но, ете, сите ние дури неделава дознавме дека Франција до пред недела дена продавала оружје на Турција, заедно со Германија, Холандија и други земји членки на ЕУ. Кое, инаку, денес се користи против Курдите, но и во звечкања на границата со Грција, историски партнер на Холандија и Франција, земја членка на НАТО и ЕУ. Не се сеќавам дека десничарите од Франција и Холандија се противеа или протестираа за продавањето оружје на најголемиот ривал на Грција. Исто така, не гледам дека Франција, Холандија наоѓаат било што спорно во извештаите дека одредени земји од регионот (кои веќе преговораат со ЕУ) продавале оружје на ИСИС.
За да ја разбереме логиката на поведението на Макрон, треба да земеме предвид неколку елементи. Првиот е тој дека по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, трите најмоќни армии во рамките на НАТО не се од земји членки на ЕУ, но затоа Франција со конвенционалните сили и атомското вооружување ќе биде воено доминантната сила во ЕУ. Вториот момент е деликатниот однос на сили во ЕУ при смената на врвот во Германија по заминувањето на Ангела Меркел и реперкусиите кои можат да уследат во односите помеѓу источниот, западниот и медитеранскиот клуб земји. Посебно во однос на економски-мотивираното влијание на Германија врз овие земји и воено-безбедносната доминација на Германија. На крај, аспирациите на Макрон и неговиот стил на владеење моделиран според Де Гол се повеќе ја изнесуваат на површина старата теорија на Александар Кожев, инаку советник на Де Гол, за Франција како средиште на “латинската империја” и контратежа на англо-саксонската доминација. Во однос кон нас, таа теорија наоѓа рефлексии во француското фаворизирање на традиционалната север-југ оска на Белград-Скопје-Атина и ривалската спона на Софија – Скопје – Тирана – Приштина. Пристапот на Макрон во нудење моркови кон Србија, стап кон Скопје и Тирана и поддршка кон Грција е дискутабилен, како поради доминацијата на САД во однос на линијата Гдањск – Будимпешта - Солун, така и поради стратегијата за заокружување на Балканот во една НАТО целина. Затоа, времето ќе покаже дали станува збор за независен пристап на Макрон и Франција, или пак станува збор за поширока стратегија која случајно или не се поклопува со европските стратегии на САД. Сепак, да не заборавиме дека политичките визии се често диктирани и од возраста на политичарите.Имено, со својата амбициосност Макрон денес потсетува на Меркел во првите години на нејзиното владеење, кои подоцна ќе доживат битни промени. Времињата се менуваат, годините и искуството го прават своето, а реалноста на теренот често умее коренито да го припитоми оптимизмот на амбицијата. Посебно во бурни и непредвидливи времиња како денес.

Гледано од денешен аспект, дали воопшто ни требаше промена на името, и зошто западните земји практично не притискаа да ги направиме договорите со Грција и со Бугарија, кога статусот на Македонија и пред нив и по нив е практично ист?

Зеколи: Не би сакал да се однесувам во духот на „по свадба тапани“. Така што, повторно ќе укажам на истите точки за кои предупредував пред постигнувањето на Договорот со Грција и Референдумот. А тоа се екслузивната привилегија на Владата демонстрирана во текот на преговорите, без консултации со опозицијата и јавноста. Поради што СДСМ и ДУИ денес ја сносат и ексклузивната одговорност како за новите нервози околу Договорите така и за недобивањето на датумот за преговори. Второ, несфатливата брзина во преговорите и склучувањето на Договорот што оставаше премногу простор за превиди и пропусти. Што на крај доведе до клучната трета точка – неподготвеноста на нашата страна да го разбере спорот не како проблем, туку како стратешка валута за добивање на некоја повисока, ултимативна цел. Несфатливо е дека, ако судиме според зборовите на Заев, Димитров и Пендаровски, таа ултимативна цел била само да се добие датум, а не забрзано членство во Унијата. Велам, во Унијата, бидејќи прашањето со НАТО е од взаемна битност и итност како за Алијансата, така и за нас. Не велам дека наш услов требало да биде експресно членство во ЕУ без претходни договори. Тоа би било нереално. Но доколку ветувањето било да се добие само датум за преговори, тогаш тоа навистина отвора нови теми за приоритетите на оваа Влада и неспособноста да увидат дека преговорите не се никаква гаранција ниту за членство, ниту превенција од нови реинтерпретации на склучените Договори, по мерка на другите страни.

Да не беше Груевски и неговата политика, ниту ќе требаше, ниту ќе беше прифатливо или логично да се прифати промена на името, на начин на кој се случи. За жал, тоа што симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го прифатат е дека политиката на Груевски ја подготви сцената и аргументацијата која неминовно ќе води кон промена на името. Вистината е горчлива, Груевски ја карикатузира севкупната етно-историско-јазична наратива на Македонците изградена уште од почетокот на дваесеттиот век. ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и дел од сдсмовската интелекуала (во првите години на неговото владеење) ја доведоа до колосален апсурд манипулацијата со утилитарната употребна вредност на Македонците, како во земјата така и во регионот. Велам утилитарна бидејќи станува збор за надворешна експлоатација на Македонците како народ и македонството како феномен сведено на орудие вперено кон други, а не кон и за себе. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски всушност и ставија крај на ерата доминирана од духот на самоопределба на македонството, предводена и одбележана од Крсте Црвенковски, Блаже Коневски, Славко Милосавлевски и останатите кои навремено и прецизно ги препознаваа опасностите по македонската етничка самобитност. На таа утилитарност и дојде крај со новата реалност во земјата и регионот, парламентарнииот систем, опкружувањето со земји членки на ЕУ и НАТО, напуштањето на блоковското ривалство и прифаќање на реал-политичката меѓузависност на државите. Груевски не можеше или не сакаше да ја препознае таа нова реалност, па затоа де факто самоизолацијата ја претставуваше како де јуре триумф. И со тоа, Груевски ја доведе земјата пред свршен чин во кој сите наши аргументи беа веќе сериозно компромитирани токму поради неговите авантури со идентитетот и историјата.

Затоа, заслугата за состојбите кои неминовно водеа кон Договорите со Грција и Бугарија секако припаѓа на кратковидоста и лекомисленоста на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Одговорноста за склучувањето на вакви недопечени Договори апсолутно припаѓа на Зоран Заев и СДСМ, и во добра мерка на ДУИ. Посебно низ призма на прифаќање на „низок пазар” во споредба со Грција, двосмисленоста на договорените решенија на долгорочен план (посебно во однос на преговорите со ЕУ), недореченоста во однос на идентитетските прашања и миопичното влетување во недефинираните билатерални и трилатерални односи помеѓу нашите соседи. Тоа е и причината зошто одговорноста за квалитетот на овие Договори треба да се бара првентсвено кај СДСМ, а дури потоа кај Заев кој ионака не се смета за интелектуалец со завидни искуства и знаења.       

Ако дефинитивно и на Самитот на претседатели на држави и влади не добиеме позитивна одлука, очекувате ли политичка криза која би резултирала со пад на Владата и скори предвремени избори?

Зеколи: Ние веќе заборавивме како изгледа политичка стабилност за да препознаеме криза. Кризата е нашата перпетуална состојба, која ја признаваме единствено кога сме во опозиција или надвор од буџетскиот синџир на профит. Останувам на мислењето кое го изнесов пред два месеци – владата на Заев е веќе падната, како според популарноста, кредибилитетот и ефективноста на нејзините политики. Она на што сме сведоци сега е агонијата помеѓу желбата и реалноста, грчевито бегство од неминовноста – токму како што беше случајот со Груевски во 2015 година.

Независно од ставот на ЕУ кон преговорите, Владата Заев – Ахмети е исправена пред предизвик од пеколот. Нејзиното останување на власт зависи од јасната демонстрација на политичка воља и екзекуција за ставање крај на неказнивоста кон минатите, но и двојно повеќе кон сопствените корумпирани политичари. Од друга страна, преземањето на такви решителни чекори на затварање на сопствени корумпирани членови ризикува да ја разјаде внатрешната архитектура на владеење и добивање избори. Во овој час Заев и Ахмети се обидуваат да купат политичка милост преку отфрлање на риби од мала и средна категорија. Но и на обајцата им е или јасно, или допрва ќе им се укаже, дека чистката мора да опфати крупни риби, па доколку треба и нив самите. Заев не може да затскрие зад Фросина Ременски. Али Ахмети не може да се сокрие зад Амир Муса. Но, упатно е на време да укажеме дека ни Христијан Мицкоски нема да може да смета на подршка без претходно расчистување со некои од видните ликови во партијата. 

Кој би ја однел победата на тие избори?

Зеколи: Да ја дефинираме прво смислата на победата. Судејќи според расположението во земјата, ВМРО-ДПМНЕ може да очекува победа над СДСМ. Но тоа секако не подразбира победа на демократијата и реформскиот курс, туку на ревашистичкит гнев кон СДСМ. Искуствата од минатото укажуваат дека победите се неретко понаклонети кон оние кои го контролираат буџетот, а тоа се владејачките партии. И затоа победата на СДСМ над ВМРО-ДПМНЕ е исто така можна, но тоа би било ништо повеќе од победа на клиентелизам. Затоа, кој и да победи, ќе пожнее Пирова победа, нешто како едновечерна свадба по која следи враќање во опустошен стан со празен фрижидер и куп сметки за плаќање.

И трите партии се сосема свесни за опасноста од ниската излезност на гласачите, заситени од монотонијата на трите партии. Она што доскоро беше карактеристично кај албанскиот електорат и ниската излезност, веќе се насетува како новина и кај македонските гласачи. Како што впрочем се најави со референдумот и со претседателските избори. Заблуда е дека таквата неизлезност се смета како незаинтересираност или состојба на перманентен бојкот. Всушност, таа бројка е демонстрација на тивкото мнозинство кое не се пронаоѓа себе си во ниедна од понудите. Но може да биде активирана во случај на некаква нова понуда надвор од воспоставената шема.

Дали евентуална промена на власта ќе ја сврти земјава во сосема друг правец? Можно ли е повторно зацврстување на национализмот, што за општество како Македонија е многу опасно?

Зеколи: Вистинскиот правец е само еден и единствен – пресметка со корупцијата, криминалот, непотизмот. Сето друго е пијано тетеравење во цик-цак кое на крај завршува со вртење во круг. Доколку се согласиме дека СДСМ ја прокоцка историската шанса за владеење поради ароганцијата, нарцисоидноста и завидлизмот на партиското раководство, останува под промена на власта да ги сметаме ВМРО-ДПМНЕ. За жал, ниедна од нив не дава причини за розикав оптимизам. Додајте ја на тоа и вечната позициска опозиција ДУИ, и причините за депресивност се двојно поголеми.

ВМРО-ДПМНЕ во моментот се соочува со истата детска болест на немање визија, од која боледуваше и СДСМ, со фатални последици. Тоа е фасцинацијата со носталгијата за минатите времиња кога таа или онаа партија жарела и палела низ земјата. За СДСМ таа носталгија е поврзана со девеесетите и времето на Бранко Црвенковски, за ВМРО е папочно врзана за ерата на Груевски. СДСМ сметаше дека ќе може да владее врз некогашниот бран на про-европска надеж и бивање граѓански контрапункт на националистичката ВМРО. Тоа, како што гледаме, не се оствари. Истото важи и за ВМРО која сеуште смета на сестринската ЕПП како рецепт за се и заштитник од се. Токму епизодата со Франција ја побива таа надеж, во чекор со извесниот замор на десничарството низ Европа и раслоеноста во самата партија.

Она што веќе се насетува во односот на ВМРО-ДПМНЕ може да се илустрира низ архимедовиот закон за реакциските сили. Колку повеќе ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа во себе неменливата реалност на Договорите со Атина и Софија, толку повеќе расте насушната потребата за возвишување и реставрација на анти-албанскиот национализам. Како сега веќе единствен толериран изблик на „бунтовништво и непрегор“ и едиствен каков-таков дистинктив кон СДСМ. Она што ВМРО-ДПМНЕ го изумува е дека таквиот однос на доминација бил возможен единствено во Македонија на Груевски по цена на изолација, напнати односи и надвор од НАТО и без надеж за ЕУ. Не велам дека тоа навраќање е невозможно, но е воглавно продукт на eco chamber менталитетот на ВМРО кое не сака да ја согледа новата реалност и последиците кои ќе уследат по падот на СДСМ.

Мицкоски, слично како и Заев, ја пропушти можноста за генерациско освежување и растоварување од баластите кои ја компромитираат партијата. Илустрација за тоа е споредбата со ДУИ и тековните “реформи” во партијата на Ахмети. Како што нагласував во неколку прилиики, Ахмети навреме ја разбра и прифати генерациската логика на “мафијска еволуција” според која првата генерација краде, втората генерација најмува други за крадење, а третата станува “угледна” класа на политичари, адвокати и банкари. Во случајот на ДУИ, таа еволуција се одвива од првичната генерација на команданти, кон втората генерација на политичари и на крај заокружена со сегашното фаворизирање на млади технократи. Чија основна задаче е да ги штитат и унапредуваат интересите на првите две генерации. И ништо од тоа не би било возможно без помошта на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и западната дипломатија. И тоокму затоа, ерозијата на ДУИ ќе продолжи да се одвива со несмалено темпо, токму поради независноста на албанското гласачко тело од СДСМ, ВМРО и западните амбасади.  

Ќе го искористат ли можеби Русија и Кина тој вакуум простор што ќе се создаде на Запаен Балкан?

Зеколи: Ќе ви пренесам три илустрации кои сметам дека ќе бидат доволни за да согледаме кои ќе бидат предизвиците на тоа поле.

Како прво, предупредувањата на голем број западни набљудувачи и политичари дека кочењето на Балканот во евро-интеграциите оди во полза на интересите на Русија укажува дека е созреана свеста дека интересите на Москва денеска не се предводат од лумпен-пролетеските галамџии во регионот. Туку од замрсениот преплет на политички, економски и медиумски прокси испостави низ западот. И со тоа стануваат се потешки за препознавање и превенирање од домашната јавност.

Втората илустрација е инспирирана од зачуденоста на западните набљудувачи за молкот во источна Европа кон настаните во Кина, посебно во светло на искуствата на земјите од источниот блок со советскиото влијание и комунизмот. Таквите набљудувачи допрва ќе ги разберат последиците на фаворизирање на службената политика на протоколарно приврзување на националните влади кон заедничките ставови на ЕУ и ефектот на клиентелизмот наметнат во академијата, интелектуалата, медиумите и јавниот дискурс. Таа профитерска послушност лишена од дух и вредности, првично проектирана и стимулирана во однос кон моќта на САД или ЕУ, сега се пресликува како логично – иако декадентно – надопоплнување кон моќта на Кина.

И на крај, примерот со Турција и илустративното скалило на влијание на Ердоган врз балканските престолнини. Пренесена низ познатата максима „доколку сакаш да знаеш кој владее со тебе, обиди се да дознаеш кого не смееш да критикуваш“. Тоа прашање деновиве е употребливо за да се објасни молкот на балканските лидери во однос на интервенцијата на Турција во Сирија и судирот со тамошните курдски сили. Тоа е можеби фрапантна состојба за нашите западни пријатели, но за овдешните, регионални набљудувачи тоа е сосема логична последица на политиката на фаворизирање стабилност на сметка на демократијата. Западот таа стабилократија ја користеше во безбедносна конотација, но економскиот подем на Турција ја надопоплнува економската празнина која ЕУ и САД ја оставија зад себе. И при тоа ги користи токму истите стабилократски клики и методи. 

Има ли во државава потенцијал и во кого го гледате – партија или човек, што ќе успее да ја однесе во прогрес и во европското семејство?

Зеколи: Кон прогрес и кон европско семејство може да не однесе единствено оној или оние кои ќе успеат да ја разбијат доминацијата на трите големи партии со три водства и заеднички пакт на сатанизација, саботирање, дефамација и ништење на секој и секого кој не е дел од нивните “десет фамилии” и ги загроаува нивните интереси. Во Македонија има неколку лика чии истапи и константи на ставови ми даваат причина да верувам во нив, нивните определби и замисли. Поучен од минати искуства, нема да ги споделам нивните имиња, пред самите да се решат зборовите да ги преточат во дела. 

Примерите од сите пост-комунистички земји, но и во многу западно-европски држави укажуваат дека појавата на нови сили е предуслов за ставање крај на доминацијата на ислужените партии и шеми и создавање услови за нови политики согласно реалните потреби на општеството и денешницата. Јас сосема искрено ги разбирам водствата на СДСМ, ВМРО и ДУИ, кои се зависни од грчевитото придржување кон ислужените начини на делување и не ни знаат веќе како воопшто би можеле да дејствуваат на друг начин. Колку и да не убедуваат во спротивното, тие не можат да испорачаат ни реформи ни подобар живот. Ние можеме да се самозалажуваме со партиски, етнички, клановски изговори дека сепак ќе се освестат, но на крај само ќе си приредиме уште една рунда на разочарување. Тие нема да прифатат реални внатрешни реформи, ниту би прифатиле луѓе кои размислуваат надвор од партиските шеми, мандатните привилегии или дипломатските диктати. Нема друг начин да се каже – тие едноставно мора да се рушат, бојкотираат и игнорираат. Но не поради бесполезна и слепа пизма кон нив, туку со смислена цел на создавање простор за автохтона и претставителна демократија. Нивниот интерес е да опстојат по секоја цена, поради профит или заштита од санкции. Нашиот интерес е да ги рушиме за да тргнеме напред и да си го спасиме домот од пустош. Нивната конструктивност е деструктивна за државата. Секој обид за нивна деконструкција е олицетворение на конструктивна одговорност пред себе и општеството. Во тој дел, едноставно, компромисот помеѓу овие две страни е веќе невозможен.       

Можеби ќе ве интересира

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови Давкова 326.310, Пендаровски 162.678

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови Давкова 326.310, Пендаровски 162.678

„СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ СОБРА ПОВЕЌЕ ПОТПИСИ ОД ГЛАСОВИ“: Доктор Беќаровски за изборниот резултат на градоначалникот на Карпош

„СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ СОБРА ПОВЕЌЕ ПОТПИСИ ОД ГЛАСОВИ“: Доктор Беќаровски за изборниот резултат на градоначалникот на Карпош

ГРУБИ БАРА ОСТАВКИ - од Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши

ГРУБИ БАРА ОСТАВКИ - од Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши

„БЕВ, СУМ И ОСТАНУВАМ ЛЕВИЧАР!“ Ванковска им честиташе на победниците, но најави дека новиот претседател допрва ќе се соочи со нејзините предвидувања

„БЕВ, СУМ И ОСТАНУВАМ ЛЕВИЧАР!“ Ванковска им честиташе на победниците, но најави дека новиот претседател допрва ќе се соочи со нејзините предвидувања

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

МИЦКОСКИ: ОВАА ВЛАСТ ПАЃА, ЦРВЕНИОТ КАРТОН СЛЕДУВА НА 8 МАЈ - се слушнав со Таравари и му посакав идна Влада во Македонија

МИЦКОСКИ: ОВАА ВЛАСТ ПАЃА, ЦРВЕНИОТ КАРТОН СЛЕДУВА НА 8 МАЈ - се слушнав со Таравари и му посакав идна Влада во Македонија

„СЕ ГЛЕДАМЕ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ЌЕ СЕ БОРИМЕ ДОДЕКА НЕ ПОБЕДИМЕ“: Ковачевски рече дека се надевале на подобри резултати

„СЕ ГЛЕДАМЕ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ЌЕ СЕ БОРИМЕ ДОДЕКА НЕ ПОБЕДИМЕ“: Ковачевски рече дека се надевале на подобри резултати

Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ не е сигурен во победа во вториот круг

Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ не е сигурен во победа во вториот круг

„ЗНАМ ИСПИШУВА НОВА ПОЛИТИЧКА ИСТОРИЈА“: Максим Димитриевски вели, ЗНАМ е третата политичка опција во државава

„ЗНАМ ИСПИШУВА НОВА ПОЛИТИЧКА ИСТОРИЈА“: Максим Димитриевски вели, ЗНАМ е третата политичка опција во државава