11 Јули, 2020
0.0208

ИНТЕРВЈУ Ангеловска: Одливот на мозоци е и поради ниските плати, мора да ги задржиме квалитетните кадри овде

Објавено во: Економија, Интервјуа 06 Јануари, 2020

Самата е млада и амбициозна, подготвена да се менува, но и да менува. Барем така вели за себе, па го цитира и Стив Џобс со ставот - оној кој е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите е најчесто оној кој ги менува. Затоа и се нафатила да биде министерка за финансии – Нина Ангеловска во интервју за Фактор вели дека нема популизам во покачувањето на платите, на пензиите па тоа го правда со потребата да сe инвестира во кадар, за квалитетните млади и да останат овде. Вели дека во нашите деца вложуваме толку – за да тие можат да искористат само половина од потенцијалната продуктивност, како што покажа и анализа на Светска банка и дека тоа мора да се промени. Ангеловска е позитивна и демонстрира цврста убеденост во ставовите. Вели дека во Македoнија ќе има одржлив долг и дека проектот за поврат на ДДВ на граѓаните и наградната игра ќе придонесе за сузбивање на сивата економија.

Буџетот за следната година, кој е впрочем најголем во историјата го карактеризирате како буџет кој е насочен за инвестиции во човечки капитал. Верувате ли вие искрено дека ова е влог со таква суштина?

Ангеловска: За почеток сакам да нагласам дека не е најголем буџет во историјата на земјата. Во апсолутна вредност буџетот треба да расте секоја година сразмерно на порастот на бруто домашниот производ. За споредба дали е најголем во историјата се користат релативни показатели односно буџетот изразен како процент од бруто домашниот производ, така да буџетот за 2020 не е најголем во историјата како што пред јавноста се прикажува. Буџетот е реален и е скроен буквално „by the

book”, односно порастот на приходната страна е планирана соодветно на проектираниот раст на бруто домашниот производ и инфлацијата, додека расходната страна е предвидена со буџетски дефицит согласно планираниот во среднорочната фискална стратегија. Структурата на расходната страна е скроена со зголемување на релативното учество во трите основни столба кои го формираат индексот на човечкиот капитал. Од тука произлезе и мотото на буџетот за 2020 година „инвестираме во човечки капитал“.

Вложување во подобро здравство, во подобро образование, во социјална грижа – тоа всушност е вложување во човечки капитал. За 2020 година имаме убедливо највисока сума досега за оваа намена во износ од 154 милијарди денари, или 64 отсто од вкупните расходи во буџетот. Интензивни инвестиции во човечкиот капитал се потребни веднаш. Зошто? Бидејќи со години не се вложувало во најважниот ресурс - луѓето. Последицата од тоа е дека Република Северна Македонија, согласно индексот на инвестиции во човечки капитал на Светска банка, е последна во регионот. Ако во најразвиените земји просечниот индекс на човечки капитал е 0,80, во земјите од ЕУ 0,75, а во земјите во регионот 0,60, во нашата земја индексот на човечки капитал изнесува 0,53. Што значи тоа? - Дека сегашните деца кога ќе пораснат, согласно она што денес се вложува во нив, преку образованието, здравството и социјалната грижа, ќе можат да користат само половина од својата потенцијална продуктивност. Замислете, постојано велиме дека подобар животен стандард е резултат од раст на продуктивноста, а од друга страна, во нашите деца вложуваме толку – за да тие можат да искористат само половина од потенцијалната продуктивност. Ова мора да се менува. И ние го менуваме тоа. Инвестирајќи во човечкиот капитал, инвестираме во подобра иднина на оваа земја.

Додека СДСМ беше во опозиција овие мерки, односно зголемувањето на платите на пензиите ги карактеризираше како чист популизам. Нели се такви и овие, сите се предложени на крај на мандатот иако претходно СДСМ како левичарска партија тврдеше дека слични мерки само купуваат гласови. За дел од овие мерки свои забелешки имаа и ММФ и Светската банка.

Ангеловска:  Има повеќе причини за одливот на мозоци од земјата, но една од најважните е економската, односно си одат поради ниските плати. Она што на краток рок може да се понуди е токму повисоки плати. Факт е дека имаме одлив на лекари, на медицински сестри, не само од јавното во приватното здравство, туку си заминуваат и од земјава. Второ, колку од квалитетните студенти се мотивирани да работат во просвета, знаејќи ги платите?

Ако сакаме да ги понудиме најдобрите здравствени услуги на граѓаните, треба најдобрите лекари и медицински персонал да ги задржиме во јавните здравствени установи. Да, треба, и се вложува во современа медецинска апаратура, но таа ќе биде бескорисна ако немаме квалитетни кадри кои ќе работат со неа. Ова е дејност која целосно зависи од човечкиот фактор. Истото е со образованието. Ако немате квалитетни кадри кои ќе бидат мотивирани да го пренесат знаењето на децата, нема да имате резултати во образованието.

Инвестираме во човечки капитал, за да ги задржиме тие луѓе тука и за да понатаму тие помогнат во продуцирање на попродуктивни генерации.

Понатаму, не би се сложила дека сега прв пат предизборно се покачуваат платите, тие се покачуваат повеќе пати од 2018 година. Со покачувањето на платите на лекарите од февруари 2020 година, последниве три години платата на лекар специјалист е покачена за околу 40 отсто. Само годинешното покачување на платата на лекар специјалист е 25 проценти, на општите лекари 15 отсто, а 10 проценти за медецинските сестри. Од јануари за 10 отсто се покачуваат и платите во образованието, со што кумулативното покачување на платите изнесува 20,6 проценти со претходните покачувања. На крај, да сумирам и конкретно да одговорам на вашето прашање – дали јас сметам дека овие мерки се популизам? Не, популистички работи се оние кои се во насока на купување на моменталното задоволство на граѓаните и кои немаат никакви или имаат негативни ефекти во иднината. Напротив, мерките кои ги преземаме за вложување во човечки капитал се во насока на поставување на работите на здрави фундаменти, за да идните генерции во оваа земја живеат подобро.


Реализацијата односно ниското ниво на исполнување на капиталните проекти е рак-рана на ланскиот но и годинашниот буџет, односно на органите на државната управа. Вие најавувате приоритети во однос на ова прашање, нови алатки, ама кои конкретни мерки ги предвидувате и очекувате ли следната година да има поголема реализација?

Ангеловска: Реализацијата на капиталните инвестиции во 2019 година е 78 проценти од проектираните, или 17,8 милијарди денари, што е за 5,7 милијарди денари или 46,6 отсто повеќе во однос на 2018 година. Имавме навистина добра реализација во декември од 6,7 милијарди денари, за проекти од транспортот, одбраната, гасификацијата, животната средина итн.

Не велам дека сега треба да бидеме комфорни, бидејќи на крајот на годината имаме добра реализација. Треба да се стремиме работите да ги направиме подобри.

Со алатката за транспарентност за објава на капиталните расходи по буџетски корисник пред два месеци и дадовме на јавноста моќ да врши притисок врз институциите да работат подобро во овој сегмент. Резултатите ги гледаме на крајот на годината.

Исто така, при планирање на капиталните расходи за 2020 година земен е предвид и trackrecord-от на институциите од преходните години.

На долг рок, со имплементацијата на Organicbudgetlaw (новиот закон за буџети чиј текст е подготвен), односно преку воведување на среднорочно буџетирање и интегриран систем, целиот процес од планирање до реализација на капиталните инвестиции, значително ќе се подобри.

Ќе позамјиме над 440 милиони евра од домашни извори

Ветивте ставање под контрола на задолжувањето и негово намалување. За тоа треба време. Но дали е тоа возможно во услови во кои буџетските трошоци по различни основи континуирано растат, многу од нив се дискутабилни од аспект на нивната самоодржливост или продуктивност, а наскоро ќе расте и основицата за враќање на кредити и износите на камати, а немате некој силен џокер што ќе го извадите од ракав на страната на буџетските приходи? Колку точно ќе биде нето задолжувањето следната година? Зошто одбравте да се задолжувате кај комерцијални банки и како ги одбравте токму тие неколку? Дали буџетскиот дефицит ќе се финансира и со задолжување во странство?

Ангеловска: Јавниот долг е стабилизиран. Во третиот квартал од 2019 година тој изнесува 47,7 отсто од бруто домашниот производ, што е за 1,1 процентен поен помалку во однос на јавниот долг во 2016 година. Ако направите споредба со претходниот период од 2008 до 2016 ќе забележите дека јавниот долг тогаш бил брзорастечки и практично се удвоил од 23 отсто на 48,8 отсто. Сликовито, ако ја погледнете и кривата на јавен долг ќе видите дека после еден стрмен раст, во 2017, 2018, 2019 година таа се стабилизира, односно имаме речиси права линија.

Велите буџетските трошоци растат и поради тоа финансирањето на долгот не е одржлив. Тоа не е така.– Затоа добро е тука да објасниме за што служи задолжувањето, зошто брзорастечкиот долг од 2008-2016 година бил закана за економијата и зошто велиме дека сега долгот се стабилизира.


Прво, секоја година се обезбедуваат средства од надворешни и внатрешни извори за финансирање за да се покријат стари обврски и за да се финансира буџетскиот дефицит. Во 2020 година отплатата по основ на надворешен долг изнесува 26,9 милијарди денари, додека отплатата по основ на домашен долг изнесува 16,3 милијарди денари. Ова се стари долгови кои мора да се отплатат во 2020 година, како и да се финансира дефицитот од 17,4 милијарди денари, предвиден со Буџетот. За да се финансираат овие потреби предвидено е домашно задолжување од 27,1 милијарди денари преку ДХВ и комерцијални банки, како и поволни кредитни линии од меѓународни финансиски институции за конкретни проекти.

Второ, зошто велиме дека гостабилизиравме долгот, покрај фактот дека тој е намален како процент од БДП во однос на 2016 година? Бидејќи се намалуваат односно стабилизираат двете компоненти кои долгот ги сервисира – дефицитот и преземените обврски. Прво, преку постепена буџетска консолидација се намалува буџетскиот дефицит (а при тоа да не се одрази на развојната компонента). Годинава, буџетскиот дефицит е намален од 2,5 отсто на 2,3 проценти од БДП, а исто така е намален и во апсолутен износ во однос на проекцијата за лани. За 2021 и 2022 проектирано е буџетскиот дефицит да се намали на 2 проценти. Значи, за разлика од порано кога дефицитот изнесувал околу 4 проценти, се оди на тоа да се преполови, а со тоа и да се намалат средствата потребни за негово сервисирање.

Понатаму, во однос на отплатата на обврските кои доспеваaт: како резултат на прудентното менаџирање со јавниот долг, враќањето на довербата на инвеститорите, старите долгови се сервисираат по неколкукратно пониски трошоци – односно по пониски каматни стапки во однос на претходно. На тој начин се стеснува просторот за рефинансирање во иднина. На пример, како што посочувате, со заемот земен од домашните банки, со исклучително ниска, повластена камата од 0,7 проценти, ќе се финансира ПБГ заемот од 2013 година земен со каматна стапка од 3,9 проценти. Значи станува збор за петкратно пониска камата. Ова е случај и со државните хартии од вредност, кои сега имаат каматна стапка на историски најниско ниво, а со кои се рефинансираат претходно издадени државни хартии од вредност со каматна стапка неколкукратно повисока. Дополнително бројот на аукциите на државни хартии е преполовен, односно намален на две аукции месечно. Да заклучам, со домаќинско водење на политика на јавен долг, односно постепено стеснување на просторот кој треба да се рефинансира, го држиме на умерено стабилно нивото на јавен долг. 


Стратегија за јакнење на даночниот морал 


Зборувате доста за сивата економија – во колкав обем е присутна во домашната економија и кои се вашите планови да се изборите против неа?

Ангеловска: Сузбивањето на сивата економија е еден од приоритетите кои си ги поставив откако дојдов на оваа позиција. Неформалната економија буквално им штети на сите, на граѓаните, на фирмите кои работат законски, на буџетот, на економијата. Доколку некој избегнува да го плати својот дел од данокот, има помалку средства за сите оние јавни услуги кои ги добиваме сите, како здравство, образование, социјална грижа итн. Ако се собираат помалку средства во буџетот за заедничките потреби, ќе треба да се задолжиме за да ги финансираме истите. Ако некој не плаќа данок, тогаш тој е нелојална конкуренција за оние фирми кои плаќаат, бидејќи работи со помали трошоци. Согласно проценките неформалната економија се движи помеѓу 30-40 проценти. Според последните проценки на Меѓународниот монетарен фонд, во нашата земја таа изнесува околу 37 проценти.

Преку низа мерки се работи на сузбивање на сивата економија, од една страна на пазарот на труд, од друга страна кај фискализацијата. Тука се активните мерки за вработување, социјалната реформа - кои ги воведуваат лицата на формалниот пазар на труд, како и мерките МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда кои ја поттикнуваат фискализацијата.

Исто така се работи на стратегија за кревање на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал.



Доста активни сте со мерката Мој ДДВ. Очекувате ли некои позитивни ефекти од аспект на сузбивање на сивата економија? Кои се првичните анализи?

Ангеловска: Мерката МојДДВ дава резултати и тие во континуитет се подобруваат. Значајно засилување на мерката МојДДВ е наградната игра МојДДВ #МојаНаграда која започна на 15 декември. Откако започна наградната игра, во првите 15 дена бројот на скенирани сметки порасна за 74 отсо во однос на првата половина од месецот. Понатаму, само во декември имаме скенирани 12,5 милиони фискални сметки, што е за 53 проценти% повеќе во однос на претходниот просек на скенирани сметки месечно.

Од јули минатата година просечно месечно се скенирале по осум милиони фискални сметки. Сега само во декември имаме 12,5 милиони фискални сметки, односно раст од над 53 проценти. Ако го земеме периодот од 15 декември до 31 декември имаме осум милиони скенирани фискални сметки, односно во 15 дена се скенира колку што просечно се скенирале во претходниот период во текот на еден месец. Во декември растот на наплатата на ДДВ изнесува 12 проценти, додека наплатениот ДДВ од скенираните сметки бележи раст од 59 проценти. Овие бројки говорат за резултатите, за популарноста на наградната игра, за тоа колку повеќе луѓето ги скенираат сметките, учествуваат во борбата против сивата економија и колку оваа наградна игра ги стимулира повеќе да се вклучат.

Наградните игри инаку се одличен начин за борба против сива економија кои дале импресивни резулати во многу земји и како такви се дел од добри практики во извештаите на Европската комисија. Со оглед на тоа дека наградната игра има и едукативен елемент и се стреми да влијае и на јакнење на даночниот морал и уште повеќе со оглед на првичните резултати се надевам дека истата ќе претставува најдобра практика за многу други земји.

Вкупниот фонд на наградната игра е половина милион евра, со тоа што секој ден се доделуваат 3 награди по 3.000 денари, 3 награди по 2.000 денари и 4 награди по 1.000 денари. Месечно ќе се доделуваат по 15 награди од 100.000 денари. Исто така има две главни премии од по 50.000 евра, од кои едната ќе се извлекува во март, а втората во декември. Таргет на наградната игра е да ги поттикне граѓаните да ги земаат и скенираат фискалните сметки кои имаат мал износ на ДДВ, како и да продолжат да скенираат откако ќе го достигнат лимитот од 1.800 денари поврат по квартал. Ќе им порачам на граѓаните да ја земаат секоја фискална сметка, бидејќи секоја фискална сметка е важна и секоја фискална сметка може да ви донесе и награда од 50.000 евра.


Верувам во придобивките на прогресивниот данок


Еден од првите ваши потези откако станавте министерка е што го замрзнавте прогресивното оданочување. Поранешниот министер Тевдовски доста се налути па и јавно критикуваше. Вие ли ја инициравте промената или таа дојде како готов производ од Владата?

Ангеловска: Не беше еден од првите мои потези замрзнување на прогресивното оданочување, туку преиспитување на ефектите врз база на анализа. Одлуката беше донесена врз база на добиените резултати. Анализата имаше за цел да ги измери ефектите од прогресивното оданочување – ефектите на распределбата на доходот апропо декларираната цел на владата да ја намали нееднаквоста и буџетските ефекти.

Кога правите каква било измена на бизнис-регулатива важни се два моменти - да ги слушнете реакциите на компаниите на конкретната мерка и да направите анализа на резултатите на мерката. Прогресивниот данок на личен доход беше донесен без да се консултираат коморите, без суштинска јавна дебата. Беа предочени повеќе аспекти зошто не треба избрзано да се донесат даночните промени, а најважно дека ќе има избегнување на обврските произлезени од прогресивното оданочување, особено заради можноста за лесно движење на капиталот во соседните земји како и префрлање на дел од доходот на други лица со искористување на легални можности. Во такви услови, беше направена анализа на микро податоците за периодот јануари-јуни 2019 година, кои беа споредени со истиот период од 2018 година, поради конзистентност. Резултатите од анализата покажаа дека прогресивниот и повисок данок на доход направил незначителен ефект во подобра распределба на доходот на сметка на одлив на даночни обврзници во можеби други даночни системи и на сметка на префрлање даночниот товар на други лица, со цел да не го надминат прагот за плаќање на повисоката даночна стапка, а со тоа правејќи фиктивна прераспределба. Според резултатите, овој ефект е особено присутен кај доходите од повремено и привремено вршење дејност, од авторски дела, и од закупнини. Кога ваква анализа ќе ви покаже дека не се постигнати целите, а добар дел од приходите завршиле во други даночни системи, каде се прелеале бизнисите или на сметка на други лица, единствена правилна одлука беше од почетокот на 2020 година да го ставиме во мирување прогресивниот данок на личен доход и следните 36 месеци нови даночни решенија да бидат донесени во консултација со сите засегнати страни. Ако резултатите од анализата беа поинакви секако немаше да ја донесеме оваа одлука. Министерството за финансии ќе работи на ефикасни и ефективни решенија, со максимално искористување на потенцијалите на новите технологии, така да ќе биде намален административниот товар за бизнисите и граѓаните. Во меѓувреме, со повеќе мерки и мултисекторски пристап ќе работиме на елиминирање на сивата економија. Само во услови за работа еднакви за сите обврзници прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во системот и да даде добри општествени ефекти.

Сакам да истакнам уште еднаш дека верувам во праведно општество и верувам во придобивките на прогресивниот данок на доход, во неговата улога за подобра прераспределба на доходот восистемот. Затоа, не станува збор за укинување на прогресивниот данок туку примената ја одложуваме на 36 месеци.

Се нафативте да бидете министер, во втората половина од годинава, а пред изборна година. Зошто се нафативте? Што беше пресудно?

Ангеловска: Секој од нас треба да чувствува одговорност кон својата земја. Не зборувам само за државни и политички функции, кои се разбира имаат голем импакт во општеството. Зборувам и за претприемачот, за лекарот, за наставникот, за спортистот, земјоделецот, градежникот...ако сите веруваме дека може нешто повеќе да се направи и ако сите буткаме да направиме повеќе, сите ќе живееме во подобро општество. Можноста да ги буткам промените „од внатре” беше пресудна да ја донесам одлуката, која не беше воопшто лесна и едноставна со оглед на се’ што требаше да оставам. Промените не се лесни- најголемиот отпор кај луѓето е отпорот на промените, но како што вели Стив Џобс оној кој е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите е најчесто оној кој ги менува.


Не очекувам опструкции од заменичката


Доаѓате од приватен сектор. Како е да се води бизнис сега во Македонија?

Ангеловска: Да се биде претприемач и да се води бизнис никаде не е лесно и мислам дека не ни може да биде. Успехот не доаѓа лесно, потребна е многу напорна работа, постојано учење и справување со предизвици, интердисиплирно знаење... а уште повеќе денес во овој брз дигитален глобален свет.

Моето идеално бизнис окружување би било безхартиена, дебирократизирана ефикасна и дигитална бизнис околина, во која постапките за обврските кон државата би можеле да ги решите преку вашиот смарт уред во неколку клика, а целото останато време да се фокусирате на раст и развој на бизнисот.

Далеку сме од тоа. Пред еден месец ја укинавме сметкопотврдата, документ кој останал уште од бивша Југославија и кој одамна ја изгубил смислата за својата намена.

Она што е добро е дека сега малиот бизнис има многу повеќе поддршка од порано. На пример, тука е мерката за субвенционирање на придонеси за покачување на плати, активните мерки за вработување, мерките за поддршка на компаниите.

Од трети јануари имате заменик министер од опозицијата, очекувате ли некои проблеми во функционирањето на Министерството. Опозицискиот заменик во техничката Влада во 2016 година беше доста активен.

Ангеловска: Верувам дека ќе имаме конструктивен однос. Не очекувам да има институционален застој ниту пак опструкции. Верувам дека ќе имаме добра комуникација затоа што целта ни е да одиме напред, да има економски раст. И ако имаме спротивставени ставови за одредени прашања, тоа е начинот на кој се градат добри решенија. Позитивно гледам на соработката и очекувам заедничката соработка да се одвива професионално.

Очекувате ли да седите во истата позиција и после изборите?

Ангеловска: Не гледам на работите на тој начин. Во моментот сум на оваа позиција, даваме максимум и јас и мојот тим и горди сме на резултатите кои ги испорачуваме. За мене, најважно е дека е направено максимум од тоа што можело и требало да се направи. Да се прифатат предизвиците, да се наоѓаат најдобрите решенија и да се носат најдобрите одлуки- за мене тоа е фокусот исто и на луѓето околу мене.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија

Безмалку 4 милиони евра дале Скопјани за „вечен живот“ минатата година

Безмалку 4 милиони евра дале Скопјани за „вечен живот“ минатата година

МАЛА ПОНУДА НА НАФТА: Во светот вакво нешто немало една деценија

МАЛА ПОНУДА НА НАФТА: Во светот вакво нешто немало една деценија

Ангеловска: Над 187.000 граѓани со домашните платежни картички потрошиле 10.7 милиони евра

Ангеловска: Над 187.000 граѓани со домашните платежни картички потрошиле 10.7 милиони евра

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија повикува компаниите да не бидат вклучени во предизборната реторика

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија повикува компаниите да не бидат вклучени во предизборната реторика

Кои се најуспешните компании во Кавадарци?

Кои се најуспешните компании во Кавадарци?

МАСОВНО КУПУВААТ ИМОТИ: Словенците го „окупираа“ хрватското крајбрежје

МАСОВНО КУПУВААТ ИМОТИ: Словенците го „окупираа“ хрватското крајбрежје

Еве каде можете да ги искористите ваучерите за туризам

Еве каде можете да ги искористите ваучерите за туризам