ИНТЕРЕСОТ ЗА КРЕДИТИ НЕ СТИВНУВА: порасна задолженоста, станбените кредити омилени, голема побарувачка и за автомобилските
Објавено во: Финансии 23 Септември, 2024
Продолжуваат порастот на кредитното задолжување на граѓаните и на компаниите во земјава. Најновите податоци на Народната банка на Македонија откриваат дека во месец август има нов пораст на кредитното задолжување во споредба со претходниот месец. Стануба збор за мало зголемување на задолженсота, но покажува дека тенденцијата на раст на задолжувањето не запира.
Граѓаните и компаниите заедно им должат на банките над 7,6 милијарди евра. Притоа само компаниите се задолжени 3,6 милијарди евра, додека домаќинставата уште повеќе или над 3,9 милијарди евра.
Од Народна банка појаснуваат дека на месечна основа кредитите во август се зголемиле за 0,5 проценти. Сепак, на годишно ниво растот на кредитите бил 7,5 проценти.
- Растот кај двете основи се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај кредитите на корпоративниот сектор. Во август, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечно и годишно зголемување од 0,5 отсто и 8,1 процент што во целост е резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени – посочуваат од централната банка.
Од друга страна кредиите на домаќинствата во август се повисоки за 0,4 проценти, во спореда со претходниот месец.
- Анализирано по валута, месечниот раст произлегува од зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута. Годишниот раст од 7,2 отсто е резултат на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари – пишува во извештајот на НБ.
Податоците откриваат дека во август како и претходниот период, најбарани меѓу граѓаните и понатаму се потрошувачките и станбените кредити кои се и најзастапени. Притоа овие витдови кредити имаат месечен раст од 0,3 отсот кај потрошувачките и 0,8 проценти кај станбените кредити. Од друга страна растот на годишно ниво достигнува 6,4 проценти кај потрошувачите, додека 10,8 отсто кај станбените кредити.
- Автомобилските кредити, во август, забележаа месечен раст од 4,5 проценти, додека пак 27,4 отсто годишен раст. Кредитите одобрени на кредитни картички се пониски за 0,6 проценти и 8,9 отсто, на месечна и на годишна основа, соодветно. Во август, кредитите одобрени врз други основи се намалени на месечно и на годишно ниво за 1,7 проценти и 19,5 отсто соодветно – пишува во извештајот на Народна банка.
П.О.