20 Април, 2024
0.0270

ИМА ИНТЕРЕС ЗА СОБИРАЊЕ БИЛКИ: Се лечиме со чаеви, но колку заработуваат билкарите?

Објавено во: Агробизнис 20 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Од собирање и продажба на билки може да се има дополнителен приход, но не и да се заработи некоја голема плата, за да може само од тоа да се живее.

Ова го тврди млад битолчанец кој 7 години продава билки, а собира околу 200 видови, при што сите се во различни количини зависно од потребата. Поседува и 300 квадрати површина под невен, но вели дека проблем е што организиран и загарантиран откуп во државата нема, и секој се снаоѓа индивидуално. Вели дека онаму каде има откуп, цените не се високи. 

„Продавам, невен, босилек, нане, но планински чај највеќе се бара. Луѓето го бараат, претежно постарите кои се навикнати да пијат чај затоа што е корисен, но и вкусен, има навистина убав вкус. Од година во година сѐ полошо оди работата. Ако има откуп, и даваат по 40 денари за килограм од одредена билка, сметајте дека вие ако одите и собирате билки во планина, со таа цена дневница не можете да извадите. Има и пензионери кои собираат билки и ги продаваат“, вели тој.

Горан Ристески од селото Самоков во околината на Македонски Брод објаснува дека во околината на градот многу луѓе собираат билки. Само во неговото село дваесетина луѓе собираат чаеви и ги продаваат.

„Собираат билки обично луѓето кои се невработени, ги има од сите возрасти. Собираат мајчина душица, коприва, кантарион, а во овој период се собира мов. Си имаат купувачи и во последните години луѓето велат дека се задоволни. Цената за килограм мов е едно евро. Колку ќе можат да соберат, тоа не се знае, ќе соберат онолку колку што ќе даде природата. Јас лично не сум собирал, но имам пријатели кои собираат чаеви“, додава Ристески.

Овој човек исто така се согласува дека само од билки не може да се живее, но може да се дојде до одредена заработка која ќе го потполни домашниот буџет.

Но, има и такви кои допрва планираат да се занимаваат со продажба на билки.

„Би требало периодов да можам да добијам дозвола за собирање билки, па сега од пролет би требало да почнам легално да се занимавам со оваа работа. Инаку собирам и вака, за себе и за пријатели, нп не сум продавала досега“, вели Елена Арсовска, која по потекло е од Кратовско и вели дека на Осоговските планини ќе собира билки.

Колку луѓе во земјава одгледуваат или собираат билки, или пак се занимаваат паралелно и со двете работи, точна бројка нема.

За разлика од Македонија, во Србија неколку илјади луѓе живеат од билки. Во Србија 5.000 хектари земја се засадени со лековити билки. Килограм од некоја од лековитите билки се продава од 300 до 500 динари. 

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари