19 Април, 2024
0.0297

Игор Лештар, сопственик на „Синами“

Игор Лештар: Со „Синами“ тргнуваме да го освојуваме светот

Објавено во: Економија, Интервјуа 29 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Во Македонија го препознаваат најмногу по компанијата „Сеавус“ која неодамна беше купена од чешката групација АРИКОМА. Со Игор Лештар има причини за разговор и тоа многу, но, поводот сега, е неговата нова софтверска компанија „Синами“ која досега работеше под капата на „Сеавус“, а по аквизицијата почна самостојно на пазарот. Секако има дваесетгодишно искуство. 

Како сега ќе делува „Синами“? Со каков предизвик се соочувате? Ова е некако нов бренд на локалниот и меѓународниот ИТ пазар?

Лештар: „Синами“ по аквизицијата се издвојува како нов, самостоен бренд, меѓутоа луѓето кои ја сочинуваат оваа компанија, се истите ИТ професионалци во индустријата со 20-годишно искуство зад себе. Нашите клиенти, всушност, не нè препознаваат по новото име, туку по нашите производи кои ги користат речиси две децении, а во насока на нашата стратегија за раст, сега се заинтересирани да ја продлабочуваат соработката и заедно да развиваме нови производи, нови услуги и да градиме уште поуспешни приказни.

Доколку земеме предвид дека во нашето портфолио клиенти се вбројуваат голем број водечки светски компании, би рекол дека „Синами“ веќе е одлично позиционирана глобално. Сега се стремиме да бидеме компанија двигател на дигиталното живеење и ова особено нè инспирира.

Кога би требало да направите кратка биографија на „Синами“, како би изгледала? Какво меѓународно искуство носите, на какви сè продукти работевте, кој е вашиот најпродаван и најдобро прифатен продукт, каков тип на компании се вбројуваат во портфолиото клиенти на „Синами“...?

Лештар: „Синами“ е приказна која започна во рамките на „Сеавус“ пред околу 18 години, кога добивме барање од клиент да им решиме одреден проблем за поефикасно менаџирање на нивните работни процеси. Тогаш развивме апликација исклучиво за нив и само тој клиент купи 4000 лиценци од продуктот. Тоа всушност беше првата зделка на „Синами“. Во тој момент тоа изгледаше многу перспективно, и всушност токму развојот на тој продукт резултираше во создавање на компанијата и го трасираше патот за понатамошен развој. Донесов брза одлука да направиме тим и да почнеме да го продаваме продуктот преку интернет низ целиот свет, како независно бизнис решение. Се работи за продуктот Seavus Project Viewer, напредно софтверско решение за проектен менаџмент, кој денес е „бестселер“ со преку 4 милиони инсталации на околу 4.000 клиенти од 172 земји ширум светот.

Од оваа перспектива, одлуката се чини очигледно дека била правилна, бидејќи понесени од овој успех, почнавме да развиваме и да експериментираме со нови производи за проектен менаџмент. Тоа се апликации кои им помагаат на големите проектни организации да работат пооптимално и да ја подобрат нивната организациска ефикасност, притоа овозможувајќи им заштеда на трошоци и време и зајакнувајќи ја тимската работа. Ние опслужуваме исклучително големи клиенти со просечна големина од 40.000 вработени и навистина сум горд што во клиентите на „Синами“ се вбројуваат 70% од најуспешните Fortune компании. Овде зборуваме за портфолио клиенти како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од многу различни индустрии.

Имајќи го ова искуство зад нас, сега и во ова време на Ковид, решивме да продолжиме да им помагаме на големите компании да го оптимизираат своето работење, особено земајќи предвид дека пандемијата забрзано наметна потреба за дигитална трансформација на процесите. Сега веќе се фокусираме на развивање софтвери во сферата на интерната комуникација на компаниите, со цел уште повеќе да ја оптимизираме нивата работа бидејќи брзата дигитализација наметна и уште побрза комуникација.


Во која насока го гледате развојот и продажбата, дали „Синами“ ќе развива софтвер и за македонските компании или пак продолжувате да делувате исклучиво за меѓународниот пазар?

Лештар: „Синами“ не се ограничува територијално. Ние всушност не развиваме производи за одреден пазар, туку за компании или индустрии на кои што им се потребни решенија.Оттука е логично нашиот пристап за продажба да биде глобален. Што се однесува до Македонија, секако дека сме отворени за соработка, но како што споменав, нашите производи ги користат пред сè големи компании со повеќе илјади вработени кои кај нас ги нема многу. Компаниите на локалниот пазар се прилично мали и во голема мера воопшто и немаат потреба од такви бизнис решенија. Единствена македонска компанија која користи наш софтвер е „Алкалоид“, се работи повторно за продуктот Seavus Project Viewer, но доколку натаму има потенцијал за соработка и со друга македонска компанија, секако дека сме отворени за можноста.

Што е компаративната предност на „Синами“, кое е оружјето со кое компанијата ќе го освојува пазарот?

Лештар: Нашето огромно искуство во развој на производи за проектен менаџмент, знаењето што го имаме стекнато работејќи на некои од најголемите водечки компании, како и човечките ресурси со кои располагаме се нашата најголема предност и основата на овој бизнис. Токму ова „оружје“ ни овозможува да ги предвидиме трендовите и потребите на пазарот, како и да осмислуваме, тестираме и лансираме продукти кои ќе одговорат на предизвиците што ги носи новото време. Моето лично искуство во менаџмент и развој на компании исто така го вбројувам како предност, како и високите корпоративни стандарди кои ги поставив уште од времето на раководоење на „Сеавус“. На кратко, имаме искусен тим, многу стекнато знаење и стабилна база на клиенти, но нова енергија и визија. Оваа комбинација верувам дека ќе даде одличен резултат.

Познавачите на ИТ индустријата велат дека македонскиот ИТ пазар продолжува да се соочува со дефицит на квалификуван ИТ кадар, а пак ИКТ индустријата е најбрзо растечка во земјава по сите параметри. Какви се вашите предвидувања за понатамошниот развој на локалниот ИТ сектор и која е вашата политика за придобивање и задржување на квалитетни вработени?

Лештар: Не верувам дека состојбата може драстично да се промени во брзо време. Дефицитот на квалификувана работна сила и натаму ќе биде актуелен, а пак ИТ индустријата неминовно е дека ќе продолжи да расте и по бројот на компании и по извозот на услуги, а следствено и по профитот и приходите. Така е во сите земји, па и кај нас. Живееме во исклучително брзо и технолошки напредно време каде информациско комуникациските технологии стануваат неопходен предуслов, не само за раст и развој на бизнисите, туку практично за нормално делување во секојдневието на секој еден од нас. Почнувајќи од таа динамика на самото живеење и брзата комуникација која се наметнува, преку потребата за пооптимално и поефикасно работење кај сè поголем број компании, па сѐ до потребата за забрзана дигитална трансформација и автоматизација на бизнис процесите како последица од пандемијата со Ковид-19, се само дел од стандардите кои и натаму ќе го детерминираат растот на ИТ индустријата. Времето може да оди само напред, па овој тренд неминовно е дека ќе продолжи и во иднина. Не е исклучено да се наметнуваат и некои нови потреби за решавање на некои нови проблеми; тие праволиниски ќе придонесат за развој на нови, уште понапредни продукти, што пак практично значи дека ќе се отвораат и сè повеќе можности за развој на ИКТ секторот, а тука се разбира дека не е исклучена ниту Македонија. Меѓутоа, од друга страна, сè ова создава и силно конкурентски услови и сè поголема побарувачка на искусен ИТ кадар, па дефицитарноста е логична последица. Истовремено, локалниот пазар се соочува со генерално лоши услови, што не е во директна врска со развојот на ИТ индустријата, туку со општата слика во државата. Тоа доведува до големо незадоволство кај младите и резултира со сѐ поголем т.н. „одлив на мозоци“, што за нас, ИТ компаниите, може да биде голем предизвик и борба во придобивање квалитетни ИТ професионалци. Токму затоа, ќе биде неопходно што поагилно работење, следење на сите трендови што ги носи дигиталната ера, што побрзо адаптирање на новите услови, и подготвени да ги дочекаме сите промени кои може и натаму да се наметнуваат.

Тука доаѓаме и до одговорот што правиме ние за да придобиеме и задржиме квалитетни вработени. Доколку одговорам компетитивни плати и континуирана поддршка за развој на вработените, веројатно дека одговорот би бил многу очигледен. Секако дека нашата стратегија за развој, меѓу другото, се темели и на силно вложување во нови ИТ кадри и во постојан развој на постоечките, меѓутоа, она што нѐ издвојува е дека во „Синами“ работиме на исклучително технолошки напредни продукти кои се предизвик за секој ИТ професионалец. Во основа, добрите програмери сакаат две работи: да бидат добро платени и да работат на напредни, иновативни софтверски решенија. За нив не претставува предизвик да работат на проекти кои се повторуваат или кои се од техничка природа. Во „Синами“ тие имаат можност да експериментирааат со нови технологии и да работат на, како што се вели, „cutting edge“ продукти. Дополнително, нашиот кадар е вклучен во целиот процес на развивање на еден производ, односно од самата идеја, преку акциониот план, па сѐ до комплетната реализација. Сѐ ова е предизвик за нив, делува атрактивно во нивното ИТ резиме и практично претставува одлично искуство и влог во нивниот професионален развој. И како компанија сме насочени да градиме силна синергија со нашиот тим во сите аспекти, па затоа верувам дека можеме да се пофалиме со мотивирани кадри, кои имаат амбиција за успех и порив да се направи повеќе.

На краток рок, како би го процениле развојот и растот на компанијата?

Лештар: Како што напоменав и претходно, плановите за „Синами“ се доста амбициозни, но не се нереални бидејќи имаме навистина огромен потенцијал и да ги оствариме. Веќе во оваа година планираме и раст од над 50% по бројот на вработени, а согледувајќи ги перспективите за раст, со оваа динамика ќе продолжиме и следната година. Континуирано работиме на анализа на пазарот и очигледна е констатацијата дека потенцијалот во ИТ секторот, а особено во сегментот во кој што ние работиме, е огромен. Сѐ ова секојдневно ни отвора нови можности и тоа ние сме подготвени го искористиме.

С.Т.

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите