29 Март, 2024
0.2980

ИГОР ЛЕШТАР: Горд сум што „Сеавус“ која ја основав од нула се продаде на странска компанија вредна 6 милијарди евра

Објавено во: Интервјуа 11 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Продажбата на „Сеавус“ на Групацијата „Арикома“, отвора нови перспективи за компанијата, за вработените, за новиот сопственик, а за „Сеавус“ ќе значи и понатамошен напредок, вели Игор Лештар основач на „Сеавус“, во интервју за А1он. Интервјуто е по неодамнешната продажба на „Сеавус“, компанијата која ја водеше сите овие години и која успешно го најде својот пат и позицијата на пазарот. Самиот вели дека приказната е успешна и сега, но убеден е дека со новиот партнер ќе се забрзаат иновациите и уште повеќе ќе се зајакнат позициите на „Сеавус“. Тоа неминовно да биде така го гарантира квалитетот на новиот партнер, групацијата „Арикома“ која е една од најуспешните ИКТ – компании, холдинг од Чешка што е дел од Групацијата ККЦГ на Карел Комарек.

Лештар во интервјуто вели дека одлуката за продажбата не била лесна особено по целиот труд, но и енергија, иновации и успеси, личен влог и посветеност на целиот тим на кој се потпира успехот на компанијата.

„Гледано од оваа перспектива, приказната за „Сеавус“ личи на онаа како кога се расте дете - го кревате на нозе, го учите на лични вредности, го водите на прав пат, вложувате во него. Кога ќе созрее, проценувате кога е најдобар момент да му го отворите патот и со ваша поддршка да продолжи да се развива. Оттука е и одлуката за продажбата. „Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема интернационална експанзија. За тоа му е потребно окрупнување и му е потребен еден многу посилен финансиски партнер што може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој, вели Лештар.

Категоричен е сепак дека станува збор за мудра бизнис одлука со многу перспективи за сите – дополнителен напредок и квалитети во работењето.

„Затоа и бевме атрактивна можност за потенцијалните купувачи. Што се однесува до одлуката за продажба, станува збор за бизнис-одлука, која се темели на сериозни анализи. Продажбата отвора нови перспективи за компанијата, за вработените, за новиот сопственик, групата на компании „Арикома“, што за „Сеавус“ ќе значи понатамошен напредок. Длабоко сум убеден дека заедно со силен стратешки партнер како „Арикома“ ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиции. Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти. Уверен сум дека како тим имаме капацитет да му додадеме дополнителна вредност на нашиот стратешки партнер и да придонесеме кон успешната приказна на „Арикома“ и „Сеавус“, вели Лештар.

 

Денеска „Сеавус“ е успешна компанија, која вработува 800 ИТ-специјалисти во светот, со петнаесет оперативни канцеларии лоцирани во неколку земји вклучувајќи ги Шведска, САД, Македонија, Белорусија, Молдавија, Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина. Компанијата нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, а во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 4.000 клиенти, меѓу кои светски телеком-оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство итн.

Лештар за себе вели дека учел сам и тоа буквално се и вели оти е горд што е можеби еден од ретките во Македонија од приватниот сектор кои направиле бизнис што го основале од нула да го развијат до степен на продажба на странска компанија која е вредна 6 милијарди евра.

Вели дека продажбата предвидува нови интернационални хоризонти за „Сеавус“, зацврстување на сите постојни операции и деловни единици, како и функционирање како дел од една поголема ИТ-организациска мрежа.

„Продажбата е извор на нови можности и како резултат на здружени сили и капитал е влез и на уште повисоко финансиско и пазарно ниво. Луѓето секогаш биле и натаму остануваат највредниот ресурс на компанијата и бизнисот. Токму затоа, на постојните 800 вработени планирани се и нови вработувања со тенденција тој број да достигне до 2.500-3.000 луѓе. Како и досега, ќе продолжиме да вложуваме во обуки и професионална надградба на вработените, со цел и натаму да бидеме компанија во која работат вистински експерти од разни области на ИКТ-индустријата, вели Лештар во интервјуто.

Групацијата „Арикома“ инаку има богато искуство со консолидирање големи компании на ИТ-пазарот во Чешка, имаат големи амбиции, но и можности и капацитет да станат еден од најголемите ИТ-провајдери во Европа за интегрирани услуги за дигитална трансформација. „Сеавус“ совршено се вклопува и ја надополнува таа визија. Групацијата Арикома има 2.800 вработени само во ИТ-сферата.

Лештар моментно има повеќе бизниси во земјата но живее надвор од Македонија. Вели дека сепак нашата земја има голем потенцијал за развој. Уверен сум вели, дека заложбите на институциите и властите да го забрзаат тој процес ќе вродат со плод.

„Ние имаме морална обврска искуството што го стекнуваме надвор да го акумулираме, да го пренесеме тука и да ѝ помогнеме на државата да ги достигне европските бизнис-стандарди, вели тој.

Прашан за идните планови вели дека продажба на „Сеавус“ му овозможува од аспект на капитал, но и време, да се посвети на развој на нови бизнис-идеи.

„Во последно време исклучително интересна е финтек-индустријата (Financial technology), каде што гледам голем потенцијал. Веќе работиме на нови решенија и бизниси токму за Македонија, но интензивно размислувам и за другите индустрии во кои сакам да вложувам и да придонесам. Моделот по кој го развиваме „Сеавус“ се покажа успешен, па зошто да не го реплицираме кога веќе ги имам енергијата, амбицијата и визијата. Ќе продолжам да инвестирам во мојата држава, бидејќи сакам да напредува и да ја видам економски силна и стабилна, вели Лештар во интервјуто.