И во Албанија криминалци добивале лични карти со лажни податоци
Објавено во: Балкан 15 Април, 2021
Во aлбанскиот град Корча лица со тешки криминални досиеја добивале лични карти со лажни податоци.
Албанскиот претседател Илир Мета денеска изнесе сериозни обвинувања дека во округот Корча на „лица со рекордни криминални досиеја им се издавале лични карти со имиња на обични граѓани, пред се припадници на малцинствата”.
„Вакви документи за идентификација им се издавани на странски и албански граѓани. Оваа мрежа е откриена од други земји и претставува скандал во Северна Македонија. Албански граѓани ги украле личните податоци на македонски државјани без нивно знаење. Неколку државни службеници и полицајци се уапсени во Северна Македонија, каде е истрагата е во тек“, рече Мета.
Тој ги повика сите службени лица да бидат внимателни а лицата со лажен или украден идентитет да не се појавуваат на избирачките места на 25 април. Вели дека „кој ќе се обиде да го загрози гласот, ќе се најде во затвор”.
Во Македонија беше откриена афера со издавање на пасоши на странци, со украден идентитет од македонски државјани.