И КУЛЕБА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ПОЗИЦИЈАТА: продолжуваат оставките во Украина, Зеленски вели „есента е исклучително важна“
Објавено во: Свет 04 Септември, 2024
И украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска поднесе оставка од функцијата, откако истото претходно го направија други членови на Владата.
Ова, како што посочува и претседателот на уркаинсакта Влада, Руслан Стефанчук, ќе биде најголем „рестарт“ на Владата поради најголемите промени од почетокот на руската инвазија на Украина.
Во следните неколку дена се очекуваат повеќе оставки и именувања откако вчера петмина министри поднесоа оставки од кабинетот.
Стефанчук на Фејсбук ја објави оставката на Кулеба и најави дека пратениците наскоро ќе ја разгледаат. Се очекува Собранието да гласа за оставките подоцна денеска, што ќе биде само формалност.
Претседателот на Укриана, Волдомир Зеленски пак истакна дека владините промени, кои доаѓаат во клучен момент во 30-месечната војна, се неопходни за зајакнување и постигнување на резултатите кон кои се стреми Украина.
„Есента ќе биде исклучително важна. Нашите државни институции мора да бидат структурирани на таков начин што Украина може да ги постигне сите потребни резултати“, изјави вчера украинскиот претседател.
Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски го објасни ова решение со потребата од зајакнување на одредени елементи на државното управување. Оваа објава доаѓа во денот кога 51 лице беше убиено во руски ракетен напад на воен институт во градот Полтава, во североисточна Украина.
Претседателот на Украина посочи дека е неопходно подобра комуникација меѓу централната влада и заедниците, особено во подготовката за зимската сезона. Оваа изјава беше дадена во контекст на руските напади врз енергетскиот систем на Украина.
Зеленски исто така истакна дека Украина веќе постигнала значителни резултати во одбранбеното производство и дека ова треба да се зајакне на сите нивоа, вклучувајќи и привлекување партнерски инвестиции во стратешките сектори на земјата.
Тој додаде дека е неопходно да се засили соработката со НАТО, како и дека тоа бара посебно внимание. Зеленски исто така ја спомна и важноста на реалните преговори за членство во Европската Унија и подготовката на соодветните делови од идниот договор за членство.
- Моментот е да се даде нова сила на државните институции на Украина, заклучи Зеленски.
Во Врховната Рада вчера беа поднесени оставки на министрите за стратешки индустрии Олександр Камишин, за правда Денис Малјуска, и за заштита на животната средина и природните ресурси Руслан Стрилец, како и на вицепремиерката за европска и евроатлантска интеграција Олга Стефанишина. Претседателот Зеленски исто така го разреши заменикот на шефот на својата канцеларија Ростислав Шурма, пренесува Укринформ.
Повеќе од една третина од позициите во украинската влада сега се испразнети, откако претходно оваа година имаше и други разрешувања. Можно е Зеленски и неговите политички сојузници да се обидат да ги пополнат овие позиции пред претстојната посета на претседателот на Украина на САД, каде планира да го претстави „планот за победа“ на американскиот претседател Џо Бајден.
Вашингтон е клучен сојузник на Киев и му има обезбедено воена помош во вредност од десетици милијарди долари.
Фото: Принтскрин/Твитер