29 Март, 2024
0.0251

И другарството е приказна......

Објавено во: Колумни 22 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Кога човек има премногу време на располагање и кому денот му трае долго постојано претура и по она што поминало,но и по дребулиите што скореваат сеќавања.

Лани се подготвував за издавање на третото продолжение на збирката колумни за Скопје.Од оправдани причини тоа не го остварив,а меѓу планираните  беше и промотивниот текст на Горан Петрески за вториот дел на„ Да не ја утнам темата по втор пат“.Гоги ми е другар 21 година иако е значително помлад,врсник со моите две ќерки.Во скопскиот законик изразот другар е врв(покрај пријател и познаник) и многумина погрешно го употребуваат.Но тоа си е нивни проблем.Имам чувство на огромно задоволство да го споделам текстот со сите оние што знаат или не, сеедно, што е тоа искрен и присен однос меѓу двајца претставници на различни генерации,а уште повеќе и новинари.....еј па тоа е за пример!

Да се има Мојсо за колега е привилегија, да се има за учител среќа. Јас ги имав и двете, всушност имам нешто уште побитно од тоа.  Горд сум што можам да се пофалам дека го имам Мојсо за другар. Овој човек овде е новинар до коска, другар до гроба. Докажан во многу наврати, во безброј професионални и животни предизвици. И секако писател во подем.

Кога велам учител не мислам само на тоа колку новинарски правила и дескаџиски трикови сум купил од него, многу побитни ми се придобивките од другата страна на професијата, лекциите што ги споделил со мене на точак, во кафана, со ракија и мезе, на Прашка 44 б. Животната школа од дружбата со Мојсо е најдрагоцена.

За да не почнам да станувам патетичен ќе споделам со вас неколку од бројните случки што ме врзуваат за него. Во 1998 година, неполни три години постартот во новинарството, заминав на неколку месечна пракса во радио ДојчеВеле. Во редакцијата во Келн запознав еден, според годините сериозен човек со многу префинета смисла за хумор, според духот ако не помлад тогаш рамен на мене, тогаш млад и амбициозен 24 годишен новинар почетник. Во следните денови во Мојсо открив човек кој се задева со сите ама никој не му се лути. Луциден но не зајадлив, погодува без да навредува.

Најмногу ме трогна неговиот животен елан, желбата за дружење, неуморниот колега сакаше и во диско да излегува со нас, помладите од редакцијата. Ме однесе во џез барот во стариот дел од градот што сведочи за најголемата поплава во Келн и уште таму се шегуваше со имињата на ураганите. Зошто биле се женски и дали ако има такви во Македонија ќе се викале Перса, Трпана, Цвета. Еднаш неколкумина од редакцијата на ДојчеВеле отидовме во дискотека,  вратарот му вели на Мојсо извинете неможе да влезете, ова е студентска забава. А Мојсо му ја тргна раката, му се насмеа и му рече дечко пушти ме јассум апсолвент.

Во професијата најголем впечаток ми оставаше со стилот, со едноставноста и со прецизноста во изразот. Без вишок зборови, кратко и јасно. Преџвакано за секој стомак, прифатливо се секое уво. И секогаш срочено наубав македонски јазик сочно и разбирливо. Во најавите секогаш малку иронија, новото малку суптилни дози само за да биде симпатично никогаш тенденциозно или провокативно.

Во деведесетите години немаше интернет, ниту многу медиуми. Радиото беше закон. Кога се емитуваше дневникот во 15 и 30 кај нас дома беше молк. Татко ми слушаше вести со него сите ние, семејството. Тогаш всушност прв пат слушнав за Мојсо, од него самиот. Поатрактивните најави се претставуваше карактеристично, различно од останатите уредници. Добар ден ви зборува Мојсо Мојсовски. И така со години се до средбата во Германија.

Продолживме да соработуваме и да се дружиме во Скопје.  Тој со кејф ми ги раскажуваше неговите нови раскизгоди и незгоди јас со уште поголем кејф го слушав. Редовно ме рецензираше, секогаш добронамерно дури работев во Дневник потоа во А1. Ме охрабри да дојдам во МТВ и ми помогаше во новата редакција.

Во “Да не ја утнам темата“ и првиот и вториот пат најголем впечаток освен бистриот ум и острата мисла, оставаат компјутерски скенираните слики однекогашно Скопје. Слоновската меморија и способноста многу реално, живо да ги претстави нештата од пред 50 години.

Благодарение на првото издание сфатив зошто го сакам Скопје почнав да уживам додека одам пешки или со точак по Партизанска. Сега од второтоиздание сфатив дека со нетрпение ја чекам премиерата во Стариот нов театар, дека не сум ја однел Ели во кино ама затоа скапавме со децата во нашиот насушен Сити Мол.  Со Мојсо долго време не сум седнал на чашка муабет, да чујам некоја мудрост. Порано кога почесто го викав во кафана ме одушевуваше неговата едноставност и непребилривост. Наместо во елитните летни бавчи и интернационални ресторани како Алтан преферира маалски биртии затоа што како што тврди, таму се случува животот. Неизвади од паметситена 60 роденден кога поголемиот број од нас седевме во неговиот Букет а тој примаше инфузија на кардиологија. Докажа дека е здрав кога со силно темпо се качи со мене на Водно, пешки од средно до врв. И не само што се качивме, туку и понекоја ракија испивме горе кај крстот. Возејќи точак по неговите маршрути ме зарази со опиеноста од мирисот на липите поради кои многу го сакам Скопје вој уни. Ќе ме викне на гости на Коледе јас ќе дојдам неколку дена подоцна па ќе се шали дека Велигден ќе фати одшто сум неорганизиран и ми треба компас. Книгата предизвикува силна носталгија за некои преживеани или само раскажувани времиња и на моменти блага меланхолија поради неумоливоста на времето. Особено впечатливи се неговите записи за земјотресно Скопје и настаните по 26 јули 63. И за да не завршам со приказната за трите страшни, морничави и бесони ноќи по земјотресот ќе раскажам уште една случка за Мојсо која слободно може да се смести под насловот  “Чичко да влезам со тебе“.

Бидејќи познава 300 илјади луѓе во градов а се поздравува со 100 илјади еднаш одамна го прашав дали може да ми фати врска да одложам војска. Ми вели ќе те носам кај доктор Димче во Воена болница. По пат го прашувам што ќе каже што да лажам ама во негов стил ниту се договоривме ниту смисливме како ќе настапиме.

Влегуваме кај докторот, Мојсо вели Горан ми е внук те молам да му одложиме војска. Лекаров радосен вели Горан и е син на сестра ти Лиле, па јас со неа учев, многу се дружевме но се симислев дека има две ќерки. Ме прашува лекарот кај живеете, Мојсо одговара место мене. Од толку што се збуни, кога за ѕвони телефонот во ординацијата уште пред да крене слушалка лекаров Мојсо вика Ало? 

Има уште многу вакви случку за раскажување ама ќе ги чувам за следното издание. Ако има второ зошто не и трето,  Децата растат, а Мојсо и натаму пишува колумни кои за некое време може да ги спакуваме во уште едно ремек дело. Бидејќи ако пред 10 години беше водилема да не ја утнеш темата а денес сеуште не си начисто, можеж да бидеш сосема спокоен и уверен дека сите овде те подржуваме за твојот следен полн погодок.


Мојсо Мојсовски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?