20 Април, 2024
0.0261

Храбрите брендови со автентични пораки се долговечни!

Објавено во: Колумни 25 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Веќе ништо нема да биде исто, ниту нашето размислување, работење, нашиот социјален живот, ниту пак системот на приоритети кои ги имавме пред некој месец. Се наоѓаме во чудна криза која ја успори светската економија, направи сериозна парализа, а функционират само базичните индустрии.

Ковид 19 е можеби најопасниот невидлив непријател со кој досега сме се соочиле. Поминавме низ распад на една држава, на економска блокада, војна во соседството, локален воен конфликт, бевме сведоци на семејни трагедии, и што се не друго. Но ваква криза, социјална, психолошка, економска, мислам дека не помниме.

На неа сите различно реагираме. Едни се парализираа, уплашени и во исчекување, додека други го прифатија предизвикот и вложија дополнителен напор за да нешто направат!

Тоа се случи и во светот на брендовите.

Најмалку храбрите ги ставија во „лер“своите маркетинг и ПР активности, чекајќи да видат како ќе се  одвиваат работите. „Плашливите брендови“ ги намалија своите активности, уклучувајќи т.н save mode, додека оние храбрите превземаа лидерска позиција, ги засилија своите активности, и креираа автентични и општествено одговорни активности, нималку не отстапувајќи од своите годишни стратегии и планови.

Ќе се сложите карактерот на брендовите го определуваат луѓето кои раководат со нив!

Последниве денови се погласни се и експертите од маркетинг светот кои повикуваат брендовите да не застанат, туку напротив да продолжат со своите активности. Да направат нешто што е храбро, автентично и одговорно, затоа што во вакви моменти, меморијата останува за цел живот. Бидејќи за време на криза се создава нова врска помеѓу брендовите и потрошувачите, и доколку тоа не се искористи сега, на вистински начин, после ќе биде доцна. Тоа е примерот со сите оние производители кои го пренаменија своето производство, и почнаа да произведуваат медицинска опрема, со брендовите кои продолжија со својот маркетинг и автентична комуникација со своите потрошувачи. 

И тука се согласувам, но сакам да бидам уште “погласен”. Да истакнам дека брендовите веќе одамна (многу пред Ковид 19) требаа да бидат храбри, автентични и општествено одговорни.

Она што одамна е вистина во светот на маркетингот е дека профитот веќе не е комуникациска цел, туку тоа е желбата, брендот да го унапреди животот на целата заедница. Да помогне, да едуцира, да има активна улога во општеството, да биде хуман, автентичен. Само брендовите кои се држат до оваа премиса ќе успеат на долг рок.

Брендовите оваа ситуација треба да ја искористат како шанса на векот! 

Да не бидат пасивни, туку напротив проактивни и храбри. Да ги практикуваат 7-те златни правила во content маркетингот: да едуцираат, креираат доверба, да креираат автентични комуникации, да бидат креативни, да иницираат интеракција, да бидат дискретни и да креираат содржини според потребите на луѓето.

Бидејќи само оние кои се придржуваат до овие насоки ќе креираат успешни и ефективни комуникациски алатки кои ќе бидат ефикасни за брендот.

А брендовите, ова не треба да го практикуваат само во услови на криза, туку постојано, бидејќи факт е дека луѓето очекуваат одговорност од компаниите. Според истражување на Еделман над 87% од потрошувачите би купиле производ од одредена компанија доколку таа е општествено одговорна и се грижи за локалната заедница. Потрошувачите веќе не се лојални, имаат ниско ниво на доверба кон брендовите, кон институциите, феномен кој уште повеќе се засилува кога брендовите се рестриктивни, кога ја намалуваат комуникацијата со своите потрошувачи.

Потребата да се биде активен и автентичен, да се дојде до добра содржина е нешто што и пред 10, 20, 50, 100 години исто така било предизвик. Кризата која ја предизвика Ковид 19 уште повеќе ја истакна оваа потреба.

Добрата идеја е безвременска! А храбрите брендови со автентични пораки долговечни!

Сашо Дуљанов

Директор за Односи со Јавност-Публицис Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок