25 Април, 2024
0.0278

Хоби или бегање од секојдневјето?

Објавено во: Колумни 31 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Секогаш кога сакаше да не нервира или провоцира (сеедно) Бате Кољо ни велеше - на чист струмички - вас скопјане за нишчо не ве бива, да не е играењето фанта, ловењето риба или летањето галаби, не знам шо ќе правете.

Според се поприсутното сфаќање на секојдневниот живот ништо не можеш да направиш без познанство и непотизам, а скопјани сметаа дека се што треба да дојде ќе си дојде само без ничија помош - е да не ти било така. Доцна сфативме – али боље икад него никад.....

Нејсе, фанта е период во животот се игра активно, па се преоѓа само на кладба (две све, две од четири и така натаму во суми далеку над ситните железни монети што летаа во воздухот), голубарството не беше наш фах, иако немаше маало без голубар, двор без ќумез од три тепачки две беа од типот - врати ми го аирот или те утепав! Конте молерот трчаше ранет се до Апче за да се пресмета со крадецот на најдобриот голуб што требаше да го смени сопственикот во доцните 50-тти.

А фаќањето риба, е тое е нешто друго!.. Пошто живееме во период на сезнајство и сезнајковци аналитичари за се и сешто, стручњаци по се што не опкружува, без лиценца и диплома на кои треба да се верува, јас се прогласувам за експерт по риболов - зошто да не (глобализација, политика, фудбал, ракомет или филм ми се превазиѓени).. Ова коронава и карантините и сите заврзлами што следуваа по граѓаните имаа најразлични последици и дадоа резултати,какви такви, позитивни и помалку негативни зависи од кој ракурс ги посматрате нештата тие позитиувно се одразија врз кленовите, бојникот, мрената, кркушката па и шаранот и пастрмката во Вардар. Кој оди по риба во ловостој и во тие два три саати слобода за пазарење и размрдување по пустите улици у маало?Гарантирам добар улов - само да ги издржиме сиве овие мерки и препораки (ко преживи причаќе - цитат).. Толку за вовед!!!

Ако Париз, Прага, Санкт Петерсбург (па и безброј други) сосе своите реки што го преполовуваат и красат урбаното градско ткиво имаа свои „проспекти“ и нашето Скопје со Вардар не заостануваше на разгледниците нималку зад нив (кој ќе рече?). Тие имаат безброј мостови,туристички бродови и бистроа покрај теченијата на познатите реки и „рекишта“,а ние на реката што летно време можеше да се прегази ги имаше, покрај Камениот мост, Офицерски и Банката на плоштадот, рибарите наредени како тараби на обата брега, но и загазени во плитката бистра река што долго имаше препознатлив мирис на чиста незагадена вода на која со тага се сеќава секој жител (се уште жив и со непоматен ум).

Секое маало си имаше свој риболовен ревир (нескромно кажано), дел од брегот на кој „фаќаа риба“ следени од сеирџии што требаше да сведочат за големите подвизи и за умешноста на мајсториштата на трската, тапата, удицата и оловцето. Риба се лови цела година - зависи од тоа кога јаде бојникот, кога кленот, а во кој период мрената (неретко излегуваше и „шаран“, па и пастрмка залутана од некоја притока и примамена од чистата и брза вода).Со уловот нанижан на врбово гранче или гранка со чатал (зависно од среќата тој ден) се парадира пред очите на восхитените сограѓани (ова не важи за слабите рибари-како пацери во шах или глад и бељот) кои кришум шепотејќи се прибираа дома со надеж дека утре ќе имаат подобра среќа- се разбира ако некој не им рече „среќно комши“ кога ќе ги забележи со трската в раце.

Со првото рибарско искуство се стекнав две-три години пред земјотресот, пред да се преселиме од Дебармаало у центар. Фаќавме риба со двајца соученици од школото „Карпош“, а спремата што да ти кажам - место бамбус малку подебелка трска за малтерисување тавани, конец најлон, ама исповиткан и згужван, тапа од плута изделкана во вид на конус и офарбана со лак за нокти - демек врвот е црвен, а јадица ко за китои - таква се нашла. Важна е желбата и волјата за риболов. Стоиме на еден ракавец на Руска плажа што го прегазувавме кога одевме на островчето кај што си игравме Робинзони и Петковци и кај што имавме колиба од гранки и лисја во која чувавме скришни работи. Еднаш фативме некое ситно и јадно рипче - рибарите го викаа царево куре и баш тогаш до нас риба фаќаа двајца браќа од населбата Карпош – Роко и Странец. Вадеа риба на секое фрлање, ни пријдоа и со сериозен тон ни се обраќаат -„носите го ова рипче во Млин балкан на лекар, мора да е умно пореметено или со слаб вид кога сте успеале вие да го фатите“.... се смеат и продолжија со рибоцидот, а ние се собравме и како помочани си отидовме.

Продолжив со хобито со променлива среќа - научив како се врзува удица, како се мести оловце, купив оригинална карбонска трска од 4,5 метри, торбица со резервни тракатанци. Првите часови по рибарење ги добив од Бакар, рибар од Тафталиџе кој и ден денес кај и да се појави без риба не се враќа,продолжив кај Миле поп Џина и уште понекој скопски махер и почнав дома да носам по некоја риба.

Се дружев и риболовев со Бато, Брада и Армен, повеќе заради другарската љубов и долгогодишно почитување. Некои од нив и ден - денес одат по риба дури у Грчка, а јас останав рибар сањалица....тоа ти е! За мене изгледа не важи онаа - еднаш рибар засекогаш рибар...

Сега не одам по риба,целиот прибор сосе рибарската среќа му ги дадов на Добри Убави од Радиото, а понекогаш прошетувам по Кеј од мостот кај Влае па се до Банките и ги посматрам колегите по трска и удица...се помалку познавам рибари долу на брегот. И затоа се изненадив што во истата улога го сретнав Џиги соученик од гимназија (познат доктор ендокринолог)...

Просто се изненадив од сознанието дека и тој е рибар - будала како што ни викаа кибицерите од далеку со потсмев (нема друга работа туку да мавта со трската). Доктор Чедо за да го анулира моето неверување отрча дома (живее во Кулите кај Трговски и дојде со испринтан материјал за книга по риболов спремна за печатење и издавање –риболов на мушица).За мене шпанско село.... Го зедов со мене за да го редактирам и лекторирам и да му го вратам со моето ценето мислење.Тоа беше извонреден текст сеопфатен и стручно систематизиран. Содржеше се што треба да се знае за ваквиот начин на риболов-од хидрологија, метеорологија, изработка на мушици и употреба на инсекти од природата за успешен риболов..... се до упатства ако ве касне некој инсект или не дај боже змија. Го завршив читањето во рекордно време, редактирав и лекторирав (па тоа го правев целиот работен век во Радиото, а за возврат му подготвив изненадување –макарче и резервна шпулна за мушичарење марка Шимано (ми беше поклон од Горан Петрески кој си го прошета  г,зот со група колеги низ Тајван заедно со делегација на РМ од времето на Циле)...

Нејсе му го давам на Џиги текстот па и подарокот сосе ветување дека ќе помагам книгата да се издаде (ја имам на видно место во скромната библиотека), а тој трк дома за да се врати со контра - подарок Шимано макарче со резервна шпулна за риболов на тапа лесно како пердув - врв на техниката-само да знаеш кога да сецнеш кога тапата ќе потпотоне....

Спомени си се спомени, па и рибарски зошто да не, некои ќе поверуваат рибарите подлажнуваат, ама кога станува збор за уловот!  

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД