Грците имаат јасна позиција и три барања за да се реши името
Објавено во: Балкан 12 Јануари, 2018
Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото Солун 94.5 изјави дека промена на уставното име, употреба во внатрешноста на земјата и заложба Владата зад себе да го остави иредентизмот, се барањата од официјална Атина за постигнување решение за спорот меѓу Македонија и Грција.
Тој вели дека се почнати интензивни преговори со соседите, но и дека грчката позиција е јасна.
Портпаролот рече дека Грција не може да ја прифати иредентистичката реторика од минатото.
„Владата гарантира дека ќе постои решение само доколку постои јасна заложба од страна на нашите соседи дека ќе ги остават зад себе сите иредентистички и ултранационалистички ставови, што во минатото беа искористени од нивна страна и во рамки на преговорите и во рамки на градењето на една национална свест. Овие работи не можат да бидат прифатени од грчка страна. Грчката Влада гарантира дека нема да постои решение доколку нашите соседи ги задржат иредентистичките стремежи“ - објаснува Ѕанакопулос.
Ѕанакопулос вели дека намерата на Владата е да постои најширок можен парламентарен и политички консензус за евентуалното решение.
Атина деновиве ги отфрла шпекулациите објавени на сајт на албански јазик дека наводно е постигнат договор за името Нова Македонија.На релација Скопје - Атина интензивно има активности со цел наоѓање на спорот за името.
Вчера во Грција имаше и средба на шефовите на дипломатиите, Никос Коѕиас и Никола Димитров.
Каков предлог ќе извади на маса пред Скопје и Атина медијаторот Метју Нимиц ќе знаеме на 17 јануари.