Грција затвора граничен премин со Албанија, откако беше фатен организиран криминал со потврди за негативни тестови во Корча
Објавено во: Балкан 20 Ноември, 2020
Откако беше откриено фалсификување на потврди, грчките безбедносни органи одлучија времено да го затворат граничниот премин Капштица, кај Корча во Албанија.
Преминот се затвора од денес до 4 декември 2020 година и нема да биде дозволено движење на пешаци и возила (автомобили, автобуси и камиони) и на влезот и на излезот од Грција.
Грчките служби идентификуваа дека од најмалку две точки во градот Корча, членови на организацијата изработувале потврди за негативни тестови со неточни податоци, кои потоа, им ги продавале на патниците кои сакале да поминат преку царината на Капштица кон Грција .
Најмалку 9.000 потврди се идентификувани како фалсификуван. Инаку на овој граничен премин дневната квота за преминување броеше 300 луѓе на ден. Затворањето на Капштица ќе ги принуди жителите на Корча да изберат премин низ Северна Македонија или пак кај Какавија.
Извори од грчката полиција за албанскиот Топ Чанел велат дека иако ги известиле своите албански колеги за ситуацијата, ништо не се сменило. Станува збор за организација која имала добра заработка од ваквата нелегална активност а имала и подршка од локалните власти и структури во полицијата.
Грчките полициски власти, врз основа на официјалното известување испратено до Граничната полиција Капштица, појаснуваат дека при спроведување на одлуката на грчката влада да преземе мерки за справување со ситуацијата создадена како резултат на пандемијата Ковид-19, од 20 ноември во 06:00 часот наутро, до 04.12.2020 година, граничниот премин Капштица ќе биде блокиран и нема да биде дозволено движење на пешаци и возила (автомобили, автобуси и камиони) како на влезот и на излезот од Грција.
Граничната полиција Капштица ги повикува сите граѓани кои сакаат да патуваат во Грција, во оваа временска рамка, да избегнуваат патување кон оваа премин.
По должината на патната оска Корча-Капштица, ќе има полициски сили кои ќе ја следат состојбата и нема да дозволат премин на возила во правец кон Капштица.