25 Април, 2024
0.0270

Грчкиот конзулат

Објавено во: Колумни 12 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Летните номади соочени со фактот на несигурно уживање по турските и северноафриканските туристички дестинации повторно им се враќаат на егејските плажи. А на граница-стоп: нема внесување храна. И што праиме со гајбите патлиџани и фрижидерите со месо. Има најави дека годинава Дојран подмладен, нашминкан и полноводен ќе биде хит за српските туристи. Што ќе биде со Охрид ќе покажат есенските есапи..... мене сеќавањата ме враќаат на седумдесеттите, кога почнавме како патлиџан туристи да престојуваме по десетина дена кај јужниот сосед!

Долго „грчкиот конзулат“ беше само објект покрај кој само поминувавме  кога одевме накај главната улица или у  кино. Ограден со масивна ограда од ковано железо, со постојано заклучена порта и со кандило (во кое постојано гореше оган) просто  создаваше кај нас љубопитство што е тоа што ги тера службениците во објектот да се дистанцираат на ваков начин од домаќините (мирољубиви жители наглавниот град на социјалистичката република, со која непосредно граничеше нивната Елада).

Се дури не почнавме своите туристички  не толку пребирливи барања да ги задоволуваме и надвор од границите на државата. На одмор, главно, се одеше на „наше море“ (со воз преку Белград, Новска, Книн и Сплит, со автобус преку Чакор до Црногорско приморје, а најмалку со „кола“-читај „фиќо“, а многу ретко „иљадутриста“ или дооден „опел“). Со голема доза на фрустрираност, на прашањето „кај беше на одмор“, ако не си бил на море, одговорот беше „нигде у Охрид“,„кај баба у село“, но и на градска и руска плажа на Вардар. Времето незабележано си донесе нова мода-на одмор преку граница .Најчеста дестинација Бугарија и Романија, на пример Варна и Мамаја, ама најблиску ни беше Грција (две три попознати дестинации од кои Платамона беше најприфатлива, поради железничката врска,но и поради цените, на кои многу внимаваа патлиџан-туристите).

До тука се е океј, но доаѓаме до крунската пречка (онаа во атлетиката на стипл-чез патеката не е ништо) наречена виза. За да дојдеш до тој документ што ќе ти даде право да се пробањаш во водите на Егејот, но и да прошеташ на враќање по солунската чаршија и по богатиот пазар, за да купиш некоја дребулија со драхмите што ги стискаш цело време,беше потребно да  поминеш низ строго одредена процедура. Прво чекаш со часови пред железната масивна ограда да се појави намуртениот  Јорго(со тенки мустачиња и секогаш уредна фризура) да се смилува и да ти подаде низ решетките, како на мајмунче во золошка, ливче со број-по тој редослед се влегуваше пред службеникот внатре во конзулатот. Бројот, нормално, беше ограничен,„нема виза дојдеш сутра“. Бројчето не ти гарантираше ништо, тој внатре без никакво образложение, не те ни помочува, те одбива и крај на прикаската, а тие што ќе добиеја виза, мртви уморни и неспани одат дома на спиење, туристичкиот сон се остварува. За редот пред конзулатот се грижеше познатиот милицаец Ташко, кој повеќе внимаваше да не го изнервираме кир Јорго со некоја постапка, отколку што правеше ред, чекачите сами си го правеа, само да дојдат до скапоценото пусулче со бројче. Ташко ни беше познат од стадион, но и од скопските меани од типот на Централ, Починка и Сарајче, но тоа се ни беше џабе, беше неумолив. Имаше една групација видни граѓани кои до виза доаѓаа без мака, едноставно Јорго кај Јоле и Почу носеше визирани пасоши, (запали кола и правец Егејот).

Вредеше да се помине покрај Сцила и Харибда и да се дојде до Платамона-малку поголемо место од просечно село, со една асфалтирана улица, со брбушки од коза по макадамските улички, свежо молерисани соби со кревети без постелнина-плаќаш однапред и газдата трк у чаршија за да ја набави, со една биртија со џу-бокс, кој свири додека не поминат полицајците со бели упртачи, а потоа рајска тишина.Скопјаните и другите се дојдени на одмор!!!

Сега се е поинаку-и на граница и во Платамона,сигурно,но преовладува сеќавањето,барем кај постарата генерација, на конзулатот, Јорго, па и на Ташко.... 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД