25 Април, 2024
0.3230

Граѓаните да произведуваат соларна енергија - Има ли излез од кризата?

Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Ако правилно се искористат сончевите денови во Македонија и се овозможи секое семејство и претпријатие да инсталира соларни панели, последиците од актуелната енергетска криза ќе беа далеку помали.

Додека се бара спас во набавка на јаглен, исцрпување на акумулациите и трансформација на ТЕЦ Неготино во централна на гас со рекордни цени, малку внимание се посветува на решенија кои директно ќе им помогнат на граѓаните.

Затоа анализираме со Ивана Вучкова програнсли координатор на Фондацијата „Фридрих Еберт" од Скопје за енергетската демократија и првите чекори кои веќе постојат, а не им се дава доволно простор.

Колку енергетската криза ги „разголи“ реалните проблеми во македонскиот енергетски систем, како што се бавната транзиција кон обновливи извори на енергија, лошата стапка на енергетска ефикасност и високата изложеност на граѓаните на енергетска сиромаштија?

Кога зборуваме за енергетската транзиција, најважно е таа пред сè да биде праведна. Во светот постојат примери на брза енергетска транзиција преку едноставно затворање на термоелектраните на јаглен и инсталирање на масивни фотонапонски централи и ветерни паркови, финансирани од странски капитал како резултат на одредени поволности. Но, тоа не значи дека транзицијата ќе биде и праведна, особено кога во прашање се доведуваат работните места на илјадници граѓани, како и можноста за креирање придобивки за целата заедница.

Тоа подразбира вклучување на работниците преку соодветни програми за преквалификации и доквалификации кои ќе им овозможат брза и едноставна адаптација кон новите работни места. Освен тоа, за да транзицијата биде праведна, таа треба да се спроведе на децентрализиран начин кој ќе овозможи активно учество во сегашниот енергетски систем, како на граѓаните во улога на пронсументи („потрошувачи-производители“) или членови на енергетски задруги, така и на малите енергетски капацитети во приватна или државна сопственост.

На тој начин, транзицијата ќе овозможи пристап до електрична енергија за секого и секаде, односно проширување на инфраструктурата и приклучување на секое домаќинство кон мрежата. Спроведена на праведен, децентрализиран, инклузивен и транспарентен начин, енергетската транзиција има огромен потенцијал да придонесе и кон намалување и сузбивање на енергетската сиромаштија.

Иако енергетската транзиција е цврста определба на нашата држава и таа е дел од сите стратешки документи вклучувајќи ја и Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година, сепак голем дел од горенаведените компоненти и принципи на праведната транзиција недостасуваат во процесот.

Тоа е и една од причините за силниот удар кој го доживеавме како резултат на глобалната енергетска криза, на која во никој случај немаше да останеме имуни, но преку соодветно и навремено делување, веројатно ќе можевме да го ублажиме влијанието, смета Вучкова..

Кризата е предизвикана од глобални влијанија, но и поради лошиот менаџмент на домашните енергетски ресурси, како што се испразнети акумулации на хидроцентралите, непланирањето на резерви на јаглен и покрај непопуларноста на овој енергенс, како и немањето соодветни алтернативи за среднорочни решенија со гас. Кои енергетски политики може сега да се применат на краток рок, а кои на долг рок?

Досегашните искуства укажуваат на тоа дека и најкраткорочните мерки кои се преземаат во услови на криза се или веќе задоцнети или чинат прескапо. Она што е најважно во моментот кај нас е да се преземат мерки за ублажување на социјалните влијанија, како и да се заштитат ранливите потрошувачи.

Владата пред некој ден информираше дека од Буџетот за 2021 година веќе се префрлени 65 милиони евра на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за обезбедување дополнителни количества електрична енергија. Исто така, се најавија и мерки за заштита и поддршка на социјално ранливите граѓани, кои веќе добиваат 1.000 денари месечно како додаток за покривање на трошоци за греење.

Владата и сите релевантни институции во секторот, вклучувајќи ја и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија во своите неодамнешни изјави гарантираат дека нема да има покачување на цената на електрична енергија оваа зима. Ние сме свесни дека плаќаме ниска цена и таа не е проблем сама по себе. Проблем е нејзиното учеството во семејниот буџет, особено ако земеме предвид дека кај голем дел од македонските семејства, месечните трошоци за електрична енергија и греење достигнуваат дури и над 30% од месечните примања. Во моментот, загрижува и инфлацијата и растот на цените на основните добра и услуги како резултат на енергетската криза, од кои најзасегнати се повторно ранливите потрошувачи. Оваа криза како и секоја друга криза на големо ни ја прикажува сликата за стапицата на сиромаштијата, во која ние како општество сме длабоко навлезени, за жал. Ако една од препораките за справување со енергетската криза е штедење на електричната енергија, како да заштедат граѓаните со стари и нефункционални апарати во домаќинството чија потрошувачка може да биде и неколку пати повисока од стандардната?

Ние мораме да признаеме дека енергетската сиромаштија е овде многу порано од енергетската криза. Кризата само ги потенцираше проблемите и тешкотиите со кои се соочуваат голем дел од граѓаните, како и потребата од системски решенија за сузбивање на енергетската сиромаштија, и сиромаштијата воопшто.

Затоа, гледано на долг рок, сузбивањето на енергетската сиромаштија треба да биде еден од главните приоритети на енергетската политика. Притоа, најпрвин треба да се усвои дефиниција за енергетска сиромаштија и ранлив потрошувач врз основа на современите теоретски пристапи и практични потреби, според кои енергетската сиромаштија претставува недостаток на пристап до одржливи модерни енергетски услуги и производи.

Енергетската политика мора да ги земе предвид и влијанијата на климатските промени. Недостигот на вода прераснува во реален проблем за многу земји, вклучувајќи ја и нашата, и со тоа претставува вистинска закана за хидроелектраните. Подеднакво важен е и проблемот со недостиг на вода за ладење за големи термоелектрани.

Зависноста од увоз на електрична енергија придонесува за дополнителна ранливост на електроенергетскиот систем во однос на промените на пазарните цени, како и на политичката нестабилност во земјите извознички. Затоа, праведната енергетска транзиција треба да придонесе за зголемување на учеството на обновливи извори на енергија во вкупниот енергетски микс и наместо да плаќаме за увоз на електрична енергија и да финансираме странски компании и други држави, со зголемување на домашното производство ќе овозможиме парите да останат кај нас.

Во услови кога како држава ќе се потпираме на зголемено домашно производство каде доминираат обновливите извори на енергија и малите производители наместо конвенционалните и централизирани капацитети, системот ќе биде далеку поотпорен и имун на влијанија како драстичен раст на пазарните цени, раст на побарувачката, како и последиците од критичното работење на големи и централизирани капацитети, објаснува Вучкова.

Демократизацијата на енергетскиот систем е речиси непозната тема кај нас, иако има пилот проект во општина Карпош за енергетска задруга. Здруженијата кои се подготвени да отворат енергетски задруги се жалат на лимитираност во регулативата која е рестриктивна. Кои промени се потребни и какви модели на енергетски задруги се изводливи во Македонија?

Честопати кога станува збор за ограничувањата кои постојат во поглед на регулативата, би било добро да се запрашаме дали би ја имале демократијата онака како што ја знаеме денес, ако немавме избори или ако процедурите за гласање беа сложени, ограничувачки и достапни само за одредена група на граѓани? Очигледно не! Затоа, ако сакаме да го демократизираме енергетскиот сектор, најпрвин треба да се зафатиме со отстранување на постоечките бариери за вложување во обновливи извори на енергија и поедноставување на процедурите.

Тоа меѓу другото би значело и јасно информирање на граѓаните како може да станат пронсументи (производители-потрошувачи), креирање на услови за нивно учество во енергетскиот сектор преку основање на енергетски задруги, како и други мали инвестиции во обновлива енергија кои ќе бидат подеднакво достапни за сите. Едношалтерски систем може да биде идално решение за тоа.

Ние минатата година направивме една анализа за соларниот потенцијал на општина Карпош, која покажа дека преку моделот на енергетските задруги и инсталирање на фотоволтаични системи на кровните површини на приватните и административни објекти соодветно, Карпош може да биде дури 75,82 % електроенергетски независна и самоодржлива општина. Покрај проценка на исплатливоста на инвестициите на граѓаните во енергетски задруги, анализата нуди и предлог решенија за справување со енергетската сиромаштија. На пример, еден од предлозите е вишокот на произведена електрична енергија да се намени за потребите на ранливите потршувачи, како и да се креира солидарен фонд во општината, во кој ќе оди дел од профитот на енергетските задруги, а ќе се користи за заштита и поддршка на ранливите потрошувачи, потенцира Вучкова.

Климатската амбиција на Македонија е една од најнапредните споредено со земјите од регионот, со намера за напуштање на јагленот до 2028 година за производство на електрична енергија. Колку актуелната криза, неубедливите заклучоци од КОП26 и неизвесноста може да ги наруши тие планови и дали е потребна обнова на енергетската стратегија?

Нашите планови за напуштање на јагленот, пропратени со амбициозна климатска политика произлегуваат од нашата мотивираност како земја да ги исполниме ветувањата од Парискиот договор за климата, како и обврските кои ги имаме кон Енергетската заедница и кои се во согласност со нашиот кадидатски статус за полниправно членство во Европската Унија.

Земајќи ги предвид неубедливите заклучоци на КОП26, скептицизмот и недостатокот на делување од страна на многу земји помеѓу кои и економски поразвиени од нас, ваквите наши амбиции треба да бидат за поздрав. Но, од друга страна, при исполнување на нашите меѓународни заложби, ние сме должни да се водиме од техничко-економските специфичности на нашиот енергетски систем и социо-економската состојба во државата, се со цел да овозможиме транзиција која ќе се одвива во полза на граѓаните.

Ние како држава и општество можеме и мораме да делуваме во насока на спречување на климатските промени преку амбициозни климатски и енергетски политики. Но, доколку при таквото делување не успееме да ја сузбиеме сиромаштијата, туку напротив ја продлаболчиме, тогаш чуму климатска акција и спас на планетата Земја?

И обратно, доколку не делуваме во насока на спречување на климатските промени, сузбивањето на сиромаштијата и решавањето на другите проблеми поврзани со секојдневниот живот на граѓаните немаат смисла, бидејќи живот и така и така не може да има на „мртва“ планета, заклучува Вучкова.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

КУЌЕН ПРИТВОР И МЕРКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА: Врховен го преиначи репението на Апелација

КУЌЕН ПРИТВОР И МЕРКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА ТАТКОТО НА ВАЊА: Врховен го преиначи репението на Апелација

Кајчев по првиот круг претседателски избори: Можно е да се влошат македонско-бугарските односи

Кајчев по првиот круг претседателски избори: Можно е да се влошат македонско-бугарските односи

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

„ЏАРО ИМ ПЛАТИЛ НА ФУДБАЛЕРИ ДА ИГРААТ КАКО ШТО ТОЈ САКА, А ВО МАКЕДОНИЈА НАМЕСТИЛ НАТПРЕВАР ДА ЗАВРШИ 134 НАСПРЕМА НУЛА“: Српските медиуми за Џаровски

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА: Таткото со нова жалба пред Врховен за притворот

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“

„СО ПУШКА ДОЈДОА НА ВЛАСТ, СО ПЕНКАЛО ДА ГИ ОТЕРАМЕ НА БУНИШТЕТО НА ИСТОРИЈАТА“ - Стојанче Ангелов бара општа мобилизација за „Твоја Македонија“

КИСЕЛА ВОДА НАЈМНОГУ ОД СИТЕ ЈА САКА ДАВКОВА, ЦЕНТАР, СЕПАК, СО НАЈМАЛА РАЗЛИКА - еве како гласаа скопските општини

КИСЕЛА ВОДА НАЈМНОГУ ОД СИТЕ ЈА САКА ДАВКОВА, ЦЕНТАР, СЕПАК, СО НАЈМАЛА РАЗЛИКА - еве како гласаа скопските општини

ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ, МЕЃУ КОИ И ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ: тешка сообраќајка на патот Велес - Градско

ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ, МЕЃУ КОИ И ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ: тешка сообраќајка на патот Велес - Градско

ДАЛИ ОПОЗИЦИЈАТА ОСТВАРИ НЕДОСТИЖНА ПРЕДНОСТ ПРЕД ВТОРИОТ КРУГ НА ГЛАСАЊЕ - BBC на српски со анализа за огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

ДАЛИ ОПОЗИЦИЈАТА ОСТВАРИ НЕДОСТИЖНА ПРЕДНОСТ ПРЕД ВТОРИОТ КРУГ НА ГЛАСАЊЕ - BBC на српски со анализа за огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ

ЗАМИНА УШТЕ ЕДНА ЛЕГЕНДА - почина познатиот менаџер Велибор Џаровски - Џаро

ЗАМИНА УШТЕ ЕДНА ЛЕГЕНДА - почина познатиот менаџер Велибор Џаровски - Џаро