02 Декември, 2022
0.0274

Горбачов - Поучните приказни од последниот генсек

Објавено во: Колумни 05 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

Во саботата во Москва беше погребан последниот генерален секретар на КПСС и првиот и последен претседател на СССР, Михаил Горбачов. Неговата држава – комунистичка империја, исчезна од географските карти во период кога тој се обидуваше да ја демократизира, ама според теорија. Практиката го изневери. Имаше среќа што не ја доживеа судбината на некои негови претходници. Тоа му овозможи да го слават за придонесот во крајот на „студената војна“, но и пред крајот на животот да биде сведок на една нова, жешка војна, која по некоја година може да прерасне во „Втора студена војна“.

Горбачов во многу интервјуа постојано повторуваше дека немал намера да го распадне Советскиот сојуз, туку напротив сакал да го сочува како подемократска држава. И затоа него во Русија, неговата родна земја, многу не го милуваа. Го обвинуваа за распадот на СССР и за се’ она што се случуваше во наредните години. А тој сакаше само едно – глобален мир. И тоа по пат на договори со Западот, посебно со САД.

Но излезе дека националното е поважно од глобалното. Последиците од тоа се чувствуваат денес со голема болка кога гледаме, како се води војна на постсоветското пространство. Меѓу двете држави, чии лидери на преминот во деведесеттите години го зарија ножот во грбот на Горбачов. Практично го предадоа, како што го предадоа и Американците. Горбачов со горчина во устата си поднесе оставка, но остана на своите сфаќања, формираше Меѓународен фонд, чиј претседател беше, а беше и коосновач на опозицискиот весник „Ново време“, чии главен уредник Димитиј Муратов лани доби Нобелова награда. Токму Муратов на чело на погребната поворка ја носеше фотографијата од Горбачов.

Во  времето на Михаил Горбачов се вратија насмевките на советските граѓани. Тој беше надеж дека работите ќе се променат кон подобро. Слободата – тоа е негово дело. Стегите, партиско-полициски отпаднаа, Руската црква излезе од сенка, закони за слобода на медиумите и говорот, укинување цензура, рехабилитација на дисидентите. Гласност. Зародиши на приватна сопственост,укинување монополот во надворешната трговија, слободна купопродажба на странска валута, укинување на регулираните цени.., сето ова е дело на работата на Горбачов. Ја повлече војската од Авганистан. Но сето тоа некому пречеше. А некои сакаа да го искористат и на бранот на промените да влезат во игра. Перестројката со текот на времето почна да „шлајфува“, реформите не одеа како што треба. Преуредување на државата, „модерен социјализам“, подобрување на економијата, борба со корупцијата, сето тоа бавно одеше. Растеа цените на алкохолот, шеќерот, голем недостиг на прехранбени продукти, па нивно давање со бонови, цените на нафтата паѓаа, а со тоа и државните приходи, се појави огромна сива економија, со трговија на црно. Полека растеше криминалот, а организираниот во деведесеттите години царуваше под „заштита“ на полицијата, политичари, бивши партиски или комсомолски функционери. 

Тука беше и обидот за државен удар во август 1991 година, па распадот на СССР договорен во Беловешката шума, во бања во која лидерите на Русија, Белорусија и Украина, додека пиеја, се договорија дека СССР веќе не постои, дека е мртов. Ставен е последниот клинец во неговиот сандак. И наместо да се јават во Москва кај својот претседател, тројцата лидери се договараат Борис Елцин, прво да му соопшти на американскиот претседател Џорџ Буш – „СССР е мртов“. Тоа се домашните предавници. Луѓе од кои некои, Горбачов ги стави до себе во раководењето со партијата и државата. А тој се подготвуваше со нив да прави нов Сојузен договор за формирање конфедерација. Со распадот на државата се распадна и Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.

Можеше ли Горбачов да ги промени работите? Руслан Хазбулатов, последниот претседател на Врховниот совет на Русија, вели:„ Кај Горбачов беа сто проценти од ресурсите за да се наттегнува со Елцин. Тој ја имаше Армијата и другите воено-полициски сили. Требаше да тропне со тупаница на маса и да нареди апсење на неколкумина, да воспостави поредок! Но не. Горбачов од страв самиот си замина“. Горбачов за ова вели дека не сакал да користи сила, затоа што сето тоа можело да доведе до поголеми немири. Сакал да го сочува СССР на подемократски основи. За волја на вистината во меѓувреме републичките лидери почнаа да водат скриена и отворена кампања против Горбачов. Слично како во Југославија, кога некои од републичките лидери сакаа да станат „мал Тито“, така и на постсоветското пространство лидерите сакаа да бидат генсекретари. До ден денес остана жив уште Нурсултан Назарбаев од Казахстан, кој лани се повлече и од последната државна функција.

За покојникот се најдобро. Такви се најголемиот број коментари по повод смртта на Горбачов. Нина Хрушчова, правнучката на еден од советските лидери, Никита Хрушчов, кој како Горбачов, останал спокоен од власта до крајот на својот живот вели дека Горбачов бил најдемократскиот лидер во Русија, ( бидејќи таа е и центар на СССР) во последното столетие, ако не и воопшто. Кај него вербата во мир, заемно разбирање, дијалог и демократија останале непоколебливи. Иако во Русија сите се согласни со тоа дека сите реформи на Горбачов излегоа од патот или претрпеа неуспех, поради неговиот неправилен избор, на меѓународен план на неговото наследство, оправдано,  се гледа сосема поинаку. „ последното десетлетје од дваесеттиот век и првото десетлетје од сегашниот беа период на расцут на глобализацијата, благодарејќи многу и на напорите на Горбачов да го опфати светот, да го зацврсти „новото политичко мислење“ и да ја омекне вообичаената сомничавост на Русија во однос на надворешниот свет, ќе напише Хрушчова. 

И не само Хрушчова. За Горбачов убави зборови искажуваат многу западни политичари.  Се јавија речиси сите светски лидери. Силиво Берлускони, поранешниот италијански премиер истана:„ Замина шампионот на демократијата. Михаил Горбачов, човек, кој што ја промени историјата на дваесеттиот век. Неговата остроумност и трезвено размислување ќе недостасуваат во овој тежок момент  во меѓународната политика“. Насловите и текстовите на медиумите ја потврдуваат популарноста на Горбачов на Запад. Па ќе прочитаме: „Лидерот кој се смири со Запад, па плати за тоа“, „Тој го изгради патот кон германското единство“, „Горби, Германија ти се поклонува“,„Повеќе тактичар отколку стратег, овој поранешен апаратчик сонуваше за социјализам со човечки лик. Упорно реформирајќи го Сојузот наспроти неговите народи, тој отстапи од очекувањата на народите што ги разбуди“, „Михаел Горбачов се биде да го реформира Советскиот Сојуз и случајно го разруши. Тој исто така случајно го укина комунизмот. За што го сакаа на Западот и не сакаа да го видат во Русија“. Или пак дел од текст од Исток. Горбачов беше наивен и незрел, тој олицетвори еден историски период, кога СССР се колебаше меѓу „барањето независен пат“ и патот на „прифаќање на Западот“.

Но, на Западот, попрецизно САД, забораваат дека го предадоа Горбачов. Го предадоа во рацете на домашните предавници. Можеби имале заедничка координација или пак разузнавчки сознанија за развојот на ситуацијата во СССР. Овде многумина ја спомнуваат политичката наивност на Горбачов во меѓународните односи. Неговиот занес дека перестројката важи и за нив, за односите. И дека заедно со Западот ќе градат глобален мир. Но тука почнуваат политичките порази на генсекот.

Почнувајќи од 1988 година СССР запаѓа во се поголеми економски проблеми и почнува да станува зависен од западната игла. Се редат заеми еден по друг, ветувања за нови еден по друг. Финансиската независност постепено се намалува. Почнува и политиката на отстапки. Пред се’ кон САД и Германија. Контролата над вооружувањетоо и обединувањето на Германија. Горбачов како да е заслепен и не ги слуша предупредувањата на Маргарет Тачер и Франсоа Митеран околу обединувањето на двете Германии. И наместо договор „4 + 2“, форматот се менува во „2 + 4“. Демек, двете Германии одлучуваат, а четирите гаранти даваат согласност, наместо обратно како што беше пред тоа. „ Горбачов искрено сметаше дека возглавениот од него Советски Сојуз сега ќе го поведе човештвото по новиот прогресивен пат кон светлата иднина“, пишува политологот Димитриј Тренин. Во западните метрополи, вели тој, таквото месијанско однесување на советското раководство, неспособно да се справи со многубројните внатрешни проблеми, често пати предизвикува нескриена иронија и скепса.

Проблемот со парите на СССР, но и се’ повидливиот раскол во политичките елити доведува и до менување на американскиот однос во дијалогот. Во едно интервју со Фјодор Лукјанов,  Горбачов тврди дека Советскиот Сојуз не изгубил економски, туку политички и тоа: „Кога Елцин почна да ми нанесува удари во грб, да ја потпалува ситуацијата. Тогаш веќе и Запад почна да се колеба во поглед на поддршката. Наводно Џорџ Буш ги убедувал Балтијците, и Украинците да не ја уриваат перестројката, предупредувајќи ги од национализмот. А кога дојдов на „Г7“ да барам помош, тој откажа. Франсоа Митеран активно поддржуваше, Жак Делор, а Буш не сакаше. Затоа што тие почнаа да додаваат други варијанти, Елцин на тацна им го даде неговиот антикомунизам. Многу ми е жал што му гледав низ прсти на Борис Елцин. Требаше тој уште тогаш во 1987 година да се отстрани од политиката на пленум на ЦК. Тоа беше едноставно, системот се’ уште работеше. А јас решив да се остави на местото и да му се даде можност да се подобри. Згрешив“. САД имаа ветено заем од неколку милијарди долари, но наместо на Горбачов, одолговлекувајќи, почекаа тој да замине од власта и му ги дадоа на Елцин.

Нему, на Горбачов, му беше јасно дека во услови на криза, распад на земјата, хаос во економијата, не може да се очекуваат рамноправни односи со САД, со Западот. Тој го потенцира триумфалистичкиот настрој на Западот, посебно на САД. „Им удри во глава високомерноста, самоувереноста. Објавија победа во студената војна. Но, ние заедно го извлековме светот од конфронтација, од нуклеарната трка! Не, „победниците“ решија да градат нова империја. Оттука тргна идејата за ширење на НАТО“, рече во едно интервју Горбачов.

А гаранциите за неширење биле во тоа што се договарале истовремено за цел комплекс на дејствија, почнувајќи од нуклеарното разоружување, па натаму. Кардинална промена на атмосферата во Европа, воспоставување стабилна рамнотежа, а потоа врз таа основа и премин кон ново уредување. Сето тоа било договорено. Потврда за ова е дека на забелешка на Горбачов за време на разговорот со американскиот државен секретар Џејмс Бејкер дека ширењето на НАТО е неприфатливо, шефот на американската дипломатија буквално му кажал: „Ни претседателот, ни јас немаме намера да извлечеме еднострана корист од актуелните процеси“, односно распадот на социјалистичкиот блок кој во тој момент станувал реалност. „Ако ја зачуваме Германија во НАТО, јурисдикцијата на Алијансата нема да се прошири ниту една педа на исток“, му ветил Бејкер на Горбачов.

Димитриј Тренин, пред неколку години се обиде и да ги најде грешките на Горбачов. Анализата доведе до неколку заклучоци. Прво, сите спогодби задолжително треба да бидат потпишани на хартија. Горбачов претерано им верувал на неговите западни партнери и правно не ги фиксирал сите постигнати договори. Второ, во дипломатијата треба да има приоритет на сопствените интереси. Горбачов претерано се занесувал во улогата на глобален месија, а националните интереси на својата земја очигледно ги бранел недоволно. Трето, секој раководитл треба да размислува за оние кои треба да ги исполнуваат неговите решенија. Брзото и непромислено повлекување на советските војски од Источна Европа било невидено безобразие. Добро што војските го трпеле таквото безочно и омаловажувачко однесување на својата влада тие години. Било која армија на нивно место би организирала воен преврат. 

За односот на актуелната руска власт кон Горбачов зборуваат телеграмите. Претседателот Владимир Путин изрази сочувство, опишувајќи го Горбачов како некој кој имал огромно влијание врз светската историја и се обидел да понуди решенија и реформи за обнова на СССР. „Тој ја водеше нашата земја во период на сложени и драматични промени и големи надворешно политички, економски и социјални предизвици“, напиша Путин. Путин не ја искажа својата оценка за Горбачов на власт во периодот од 1985 до 1991 година. Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, го опиша Горбачов како извонреден државник кој помогнал да се стави крај на Студената војна, но чија улога во историјата била контроверзна. „Тој искрено сакаше да верува дека Студената војна ќе заврши и дека ќе започне период на вечна романса меѓу новиот Советски Сојуз и светот, односно Западот“, рече Песков. „Тој романтизам се покажа како погрешен. Немаше романтичен период, стогодишниот меден месец не се оствари, а крволочноста на нашите противници се покажа. Добро е што тоа навреме го сфативме и разбравме“, додаде Песков.

 И не може да се очекува друг однос од власта. Таа ја имаше поддршката од Горбачов кога го присоедини Крим. Но беше и критикувана. За инвазијата на Русија врз Украина не се изјасни, но блиски до него велат дека бил растроен од она што се случува. Сфаќа дека пред него се урива неговото животно дело.  Горбачов сакаше да го зачува Советскиот Сојуз. Путин, парафразирам, велеше дека распадот на СССР е најголема трагедија. Додавајќи дека оној кој што ќе се обиде да го обнови е луд. Во право е Фјодор Лукјанов кога ќе напише:„Последниот советски генсек замина, кога од неговото политичко наследство, чија главна содржина тој го сметаше завршувањето на студената војна, не остана ништо. Дури ни добро сеќавање, затоа што на крајот од краиштата навредени, збеснати, понекогаш до оѕверување, останаа сите. И оние, кои треба да му бидат благодарни до крајот на животот.

Горбачов, кој во изминатите години често одеше низ светот, држеше предавања, учествуваше во дебати многу често имаше и една девиза. Пред се наменета за Американците. Наводно цитат од Џон Кенеди:„ Мирот или ќе биде за сите, или воопшто нема да постои“.

Мирче Адамчевски

Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2022 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови