19 Април, 2024
0.0756

Главата на Лукашенко е во руско менгеме

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко, минатиот четврток ја имаа својата петта средба годинава. И првпат беше одржана заедничка прес конференција. Неколку часовната средба на двата претседатела заврши со обнародување на планот за дејствување во натамошната интеграција на двете земји. Од она што беше презентирано, двете страни се’ уште не постигнале договор за политичка интеграција. Но лидерите тврдат дека се поставува темел за неа.

Да, сега има поконкретни работи, отколку пред речиси дваесетина години кога беше потпишан Договорот за основање на Сојузна држава. Држава која ќе има заеднички парламент, извршна власт...Во декември 1999 година беа ставени потписи на тој документ, но до ден денес тој практично е останат на хартија. Лукашенко кој е речиси цело време претседател на Белорусија го користи Договорот како оружје за извлекување погодности од Русија. Оваа пак, и покрај инсистирањето за побрзо спроведување на Договорот не притиска до крај. Па така Лукашено ветува, Русија исполнува и се надева, речиси дваесет години. Путин и Лукашено се главните играчи во таа игра. Лукашенко, де ќе се закани дека ќе оди на Запад, де ќе дојде во Москва да бара пари или поевтин гас со ветување дека нема повеќе да гледа кон Запад. И така дваесетина години. Се’ до минатогодишните избори.И немирите по нив, поттикнати од опозицијата која тврдеше дека изборите се фалсификувани, што можеби е точно. Лукашенко почна да апси. Годинава „симна“ патнички авион и уапси неколку лица, меѓу кои и опозициски новинари.

ЕУ и САД со години воведуваат, па омекнуваат санкции кон Белорусија. Овој пат тие беа посериозни и воведоа нови санкции. И Западот веруваше во игрите на Лукашенко. Надежта беше дека тој ќе се „откачи“ од Русија. А Лукашенко цицаше и од нив и од Русите. Нешто што сега го прави српскиот претседател Александар Вучиќ. Но, се си има крај. Сегашните западни санкции ја доведоа под прашање белоруската економија, а Русија беше единствената која го поддржа Лукашенко во време на немирите и по санкциите.  За тоа треба да се плати одредена цена. Па така во четвртокот Путин и Лукашенко објавија дека ја завршиле работата за составување на планот за натамошна интеграција на двете земји.

СОЈУЗ СО ДЕКРЕТ НЕ СЕ ПРАВИ
Станува збор за документ кој требаше да биде усогласен во 2019 година, но Лукашенко, во свој стил, тогаш се откажа, со што ги налути Русите. Во меѓувреме ѕвездите не му беа наклонети на Лукашенко. Па така сега беа договорени 28 таканаречени сојузни програми насочени кон „унификација на законодавствата на Русија и Белорусија во различни економски области, за порамнување на условите за работа на стопанските субјекти на двете земји“. Во петокот претседателите на владите н двете земји го финализираа документот и тој веќе е објавен.

Своевремено интеграцијата на двете држави се планираше да биде тесна, политичка, со создавање на десетина наднационални органи, заедничка централна банка...Заедничка валута засега ќе нема, потврдија двата претседатела на средбата со новинарите, демек централните банки на двете земји замолиле тоа прашање да не се покрева, засега. Во поглед на политичката интеграција обајцата претседатели сметаа дека прво треба да се направи економска. „потребно е да се направи економска основа.., а се друго е политичка надградба“, смета Путин, зборувајќи за создавање на сојузен парламент. „Ние одамна се откажавме од градењето куќа од покривот“, додаде Лукашенко. Во текот на средбата со новинарите тој повтори дека во случај на неопходност и волја на народот за потесна политичка интеграција Москва и Минск брзо ќе се договорат.

Што се договорија Путин и Лукашенко? Ништо што не е видено досега. Но прашање е како ќе функционира во земји кои се’ уште не се искрени до крај една кон друга. Европската Унија е надградена врз темелот – Европска заедница за јаглен и челик од 1952 година. Договорот од Париз го потпишаа Германија, Франција, Италија и земјите од Бенелукс. Потоа дојде до формирање на царинска унија, позната како Европска економска зедница...И се’ со искрен приод. Сега и Русија и Белорусија, како да се обидуваат да го повторат тој пример, откако увидоа дека сојуз со декрет не се прави.

ЗАЕДНИЧКИ ЕНЕРГЕТСКИ ПАЗАР

Договорен е пристап на белоруски претпријатија до рускиот систем за јавни набавки. Со тоа се изедначуваат компаниите од двете земји во правата да учествуваа во јавните набавки. Станува збор за достап до суми во милијарди долари со оглед на тоа што и во двете земји големи претпријатија се во државна сопственост или државата е доминантен сопственик. Договорено е создавање на единствена кредитно – монетарна политика, интеграција на платни системи на двете земји и создавање на заедничко платежно пространство.

До 1 декември 2023 година да се потпише документ за создавање на заеднички пазар на гас во рамките на Сојузната држава, а предвидено е и склучување договор за пазарите на нафта и нафтени производи, а и единствен пазар на електрична енергија. На барање на Лукашено и наредната година цената на гасот ќе биде 128,5 долари за илјада кубици. Лукашенко, додуша барал цената на гасот да биде како за Русија, двојно помала, но Путин не попуштил. Ова, особено ако се има предвид дека цената на европскиот пазар сега е 600 до 700 долари за илјада кубни метри гас. Договорени се и социјални прашања, околу слободното движење на луѓето, без пасоши, работни односи, социјално осигурување и сл.

Русија до крајот на 2022 година на Белорусија ќе и даде кредит од околу 630 милиоини долари. Иако Минск барал повеќе. Но Белорусија веќе е задолжена кај Русија и постојано има репрограмирање на долгот. Така што на овој план Лукашенко многу ќе зависи од Русија. Тој досега постојано ветуваше дека ќе ги плаќа кредитите, ама тоа тешко му оди и го фрла во поголема зависност. Договорено е и зближување на макроекономската политика, хармонизација на даноците, укинување на роамингот. Сето ова што се прави треба да го олесни животот на луѓето. Во Кремљ сметаат дека продлабочувањето на интеграцијата ќе овозможи подобрување на животот и на Русите и на Белорусите. „Овде се е едноставно, нема ништо скриено. Ова е тоа што е од полза, што го диктира логиката“, изјави прес секретарот на Путин Димитриј Песков.  

ВОЕНО ПРИСУСТВО

Но ако политичката интеграција е фрлена на втор план и сега се оди со економска, Москва очекува од Лукашенко и засилување на воената соработка. На овој план Лукашенко беше многу тврд и постојано велеше дека не сака во неговата земја да има воени бази на туѓи земји. Но под влијание на изменетите односи и состојби и позицијата на белорускиот лидер почнува да се менува. Белорусија се согласи кај неа да се формира Центар за заедничка воена подготовка. Русија одамна инсистира на воено присуство во Белорусија, зашто ја смета дека е важна, и тоа многу, за безбедноста. Руска воена база на белоруска територија, во секој поглед би било  голема придобивка за Русија од безбедносен аспект. Веќе сега се зборува дека во Центарот има руски системи „С-400“ и воени авиони. Во Белорусија во тек е воена вежба „Запад – 2021“ во која учествуваат 200.000 војници и огромни количества оклопни возила, воздухоплови, и др.

Дали некого треба да го засега постигнувањето договор за 28-те сојузни програми? Ако се остварат, тогаш воопшто нема простор за некаков страв. Тие треба да се реализираат за две до пет години од денес. Прашање е дали во меѓувреме, кога ќе треба и нивна конкретна реализација, нема повторно да се јават различни толкувања, кои би ја одолговлечиле реализацијата. Лукашено е цар за тоа.  Но прашање е дали тој ќе биде на чело на Украина по две или по пет години.

Лукашенко во наредната година најави референдум за уставните промени, а веднаш по него  треба да се одржат предвремени парламентарни и претседателски избори. Тој најави дека веќе нема да се кандидира за претседател. А тоа значи дека Кремљ ќе треба да „обезбеди“ власт во Белорусија која ќе продолжи да го спроведува договореното. Военото присуство може да му помогне во тоа. Па затоа ако некој треба да е загрижен, тоа треба да е Лукашенко. Руските морски бази на Крим треба да му бидат поука.

Ако во сето ова нешто загрижува, тоа ќе биде руското воено присуство во Белорусија. Исто како натовското од другата страна на границата. Веќе денес реагираат државите од Балтикот. Реагира и Белорусија. Ќе нема веќе тампон зона меѓу Русија и НАТО. Војниците ќе се гледаат преку нишаните. Алијансата со своето ширење на исток отиде до Белорусија и до Украина. Зад  нив е Русија. Сместувањето на современо руско оружје на границите во Белорусија е предизвик и за Алијансата. Но тоа е реалноста.

Лукашенко по средбата со Путин  вети дека во октомври ќе бидат потпишани усвоените документи за економска интеграција. Политичката интеграција ќе почека. Русија игра на време и може да причека. Она што сака да го добие, таа, порано или подоцна, ќе го стори на еден или друг начин. И покрај саботажите на Минск на кои ќе бидеме сведоци. А кои не ќе можат да се движат во недоглед. Зашто главата на Лукашенко е во руско менгеме.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок