Германија преплавена од Романци и Бугари, Германците загрижени!
Објавено во: Свет 05 Февруари, 2013
Имиграцијата од Југоисточна Европа во Германија е значително зголемена во последните години и општините се мачат да го прифатат овој наплив. Како што пишува весникот „Шпигел“, германските градови во моментов внимателно го следат проблемот и може да побараат помош од федералната влада или дури и од Европската унија.
Германците се загрижени од растечкиот број Романци и Бугари кои имигрираа во Германија последните години. „Социјалниот баланс и социјалниот мир се крајно загрозени“, се наведува во внатрешен документ на Германската асоцијација на градови. Во документот се забележува дека многу имигранти од Југоисточна Европа се настануваат во градски реони каде веќе има висока невработеност. Се посочува дека проблеми со прифаќањето на големиот број новодојденци имаат посебно Берлин, Дортмунд, Дуисбург, Хамбург, Хановер, Минхен и Офенбах. Во некои градови имиграцијата од Бугарија и Романија од 2006 година до сега се зголемила за шест пати. Особена загриженост, според документот, буди фактот дека многу од имигрантите од Југоисточна Европа се финансиски нестабилни и не се добро образовани, со што за нив е речиси невозможно да си најдат работа, кога ќе пристигнат во Германија.Според документот, германските општини се исправени пред „значителни трошоци како резултат на овие миграции на сиромаштијата“.