ФРАНЦИЈА БАРА ПОСТРОГИ УСЛОВИ: Нон пејпер се разгледува и во македонските институции
Објавено во: Македонија 16 Ноември, 2019
Францускиот нон пејпер за преговорите предвидува построги услови, постепено пристапување и реверзибилност.
Нон пејперот веќе се разгледува и во македонските институции.
Барањата на Франција за реформи во Европската Унија стигнаа до сите земји-членки.
На разгледување ќе биде ставена и методологијата за отварањето на поглавја со земјите-кандидатки за влез во Унијата. Новата методологија треба да биде објавена во јануари идната година, каде се очекуваат нови, строги правила.
Францускиот претседател, Емануел Макрон за пристапувањето на земјите-кандидатки предвидува четири принципи, построги услови, постепено пристапување, материјални придобивки и реверзибилност на процесот.
Откако една земја ќе добие позитивна одлука за почеток на преговори, интеграцијата нема да биде истовремено отворање на голем број поглавја, туку на неколку фази и шема која ќе ја подготви и постави Европската Унија.
Главни услови остануваат владеењето на правото и фундаменталните прва.
Пратеникот Антонио Милошоски смета дека со новата методологија, од преговори до членство на земјата ќе поминат 10 до 15 години.
За новата методологија на ЕУ за проширувањето, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.
„Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа“, вели Мицкоски.
Според него, најголемата историска и политичка грешка е лагата што го донела премиерот Зоран Заев на власт.