20 Ноември, 2019
0.0176

ФИРМИТЕ ПРЕПЛАШЕНИ ОД ИЗБОРИТЕ - никој нема да работи цела година

Објавено во: Економија 22 Октомври, 2019

Наместо да се израдуваат на датум за почеток на преговорите со Европската унија, компаниите во земјава сега се на нови, многу поголеми маки. Пред нив е долг и неизвесен предизборен период. Настапува тајминг во кој никој веќе нема да зборува за економија и за реформи, освен во партиските препукувања сместени во платените политички кампањи, како и на митинзите.

Стопанствениите имаат сериозни причини зошто стравуваат од новите предвремени парламентарни избори. Велат дека за тоа се свежи сеќавањата од претходните изборни циклуси, кои сигурно ќе се повторат во следните месеци. Таман економијата малку пркна, има опасност позитивните трендови повторно да застанат.

Бизнисменот Горан Рафајловски за Фактор вели дека секои избори, во принцип, за бизнисот се многу лоша работа. Ова од причина што се губи континуитетот, и застанува практично комплетното работење на државата. Ако избори мораше да има, вели, барем да беа брзи.

„Ќе беше многу попаметно и многу подобро да немаше предвремени избори, туку тие да се одржеа во редовниот термин. Но, ако веќе се оди на избори, требаше да бидат брзи и да завршеа до Нова Година. Вака, агонијата ќе продолжи во еден шестмесечен изборен процес. Особено што од трети јануари ќе имаме таканаречена техничка, пржинска влада од 100 дена, која најмалку одговара за стопанството. Можеби им одговара на политичките партии, но го руинира стопанството“, вели Рафајловски.

Според него, во следниот период ќе имаме изборна кампања и неработење од безмалку шест месеци, до изборите на 12 април. После тоа, ќе бидат потребни најмалку 30 дена до формирањето на новата Влада, која, пак, ќе побара 100 дена од нејзиното формирање. 

„И кога ќе се собере целиот временски период, излегува дека ние застануваме со работа сега, а ќе започнеме дури на први септември, наредната година. Такво неработење би влијаело и на една сериозна Германија, а не пак на малата Македонија“, објаснува Рафајловски. 

Буџетот за следната година кој ќе биде посветен на наредните избори, но поради тоа што ќе има техничка Влада, дополнителниот заменик министер ќе биде од редовите на опозицијата, а тој има врзан потпис со министерот за финансии. Тие двајца се од различни партии, а видовме во минатото како тоа функционира. 

За тоа каква стапка на раст ќе се постигне следната година, Рафајловски вели дека тоа прашање е веќе ирелевантно.

Дали за бизнисот е полошо тоа што не добивме датум, или тоа што ќе има вонредни избори?

„Изборите се многу полоши. Гледано краткорочно, недобивањето на датумот засега не му пречи на бизнисот, иако долгорочно, ќе му пречи сигурно, бидејќи нашата иднина е во ЕУ, ние сме премали за да функционираме како самостојна економија. Но сега, на краток рок, изборите најмногу ќе му наштетат на бизнисот. Видовме какви последици претходно имаше, и сега таман економијата се помрдна, пак застануваме“, потенцира Рафајловски.

Приватниот сектор повторно ќе влезе во неизвесност и политички турбуленции, што ќе ги одложи инвестициите, вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

„Во континуитет сме во изборни циклуси, а по најавата на владата за предвремени парламентарни избори поради неодамнешните случувања, приватниот сектор повторно ќе влезе во период на неизвесност и политички турбуленции, што ќе значи одложување на инвестициски активности и забавување на економијата“, нагласува Арсовска.

Дополнително, додава, стопанството е обремеменето со тековните предизвици. Остануваат барањата за почнување на имплементација на структурните реформи за обезбедување владеење на правото и справување со корупцијата, кои се важни за заштита на инвестициите и мотив за нови проекти.

„Во секој случај последици од честите избори секогаш има, приватниот сектор ќе биде во очекување да помине изборниот процес и да дојде мирен и сигурен период како би се овозможило извесно чувство на стабилност со цел почнување на нови инвестициски циклуси“, објаснува Арсовска. 

Владините економски мерки, како што се субвенционирањето на придонесите од плата кое треба да стартува од следниот месец, како и зголемената минимална плата чии старт е најавен за декември, според информации од Владата, нема да бидат пролонгирани, туку ќе се одвиваат онака како што беше најавено.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Гошев: Oвој буџет нема приоритети

Гошев: Oвој буџет нема приоритети

Власта очекува невработеноста идната година да падне на 16 отсто

Власта очекува невработеноста идната година да падне на 16 отсто

Колку пари ќе се потрошат за реконструкција на патишта во 80 општини?

Колку пари ќе се потрошат за реконструкција на патишта во 80 општини?

НОВИНА ВО ЗAКОНОТ: Се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ

НОВИНА ВО ЗAКОНОТ: Се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ

ПЛАТИТЕ ПОРАСНАЛЕ: Најмногу заработуваат програмерите

ПЛАТИТЕ ПОРАСНАЛЕ: Најмногу заработуваат програмерите

Бизнисмените и Владата ќе креираат амбиент за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии

Бизнисмените и Владата ќе креираат амбиент за поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии

Во земјава 12 отсто граѓани немаат ниту за храна

Во земјава 12 отсто граѓани немаат ниту за храна

РКЕ доби пофалби од Енергетската заедница

РКЕ доби пофалби од Енергетската заедница

Топлификација ја контрира Владата за ТЕ-ТО

Топлификација ја контрира Владата за ТЕ-ТО