19 Април, 2024
0.0274

Финско образование во Македонија

Објавено во: Колумни 24 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Конструктивен прилог кон дебатата за образованието

КОН КОНЦЕПЦИЈАТА

Долго време се думав дали да се пројавам по повод новата предлог-концепција за образование која деновиве дигна голема врева во јавноста. Таа дилема е повеќекратно мотивирана.

Прво, поради фактот што се обврзав себе си на социјална аскеза: да не бидам присутен во јавноста, освен кога ќе почувствувам дека тоа е нужно, за барем да бидам со чиста совест пред себе си (како во случајот со менувањето на името или преговорите со Бугарија).

Второ, затоа што јавниот дискурс е крајно партизиран и секое пројавување веднаш се оквалификува како партиско, а не експертско. Патем, нека ми биде дозволена мала дигресија a propos оваа партизираност: медиумите се најголемите виновници за ова, протежирајќи ги „сопствените“ партии и нивните заеднички партиски и лукративни интереси, во сферата на јавното ја загушија секоја можност за независна, објективна и експертска дебата. И сега на оние, кои од името на партиските интереси на СДСМ, своевремено го критикуваа ВМРО исклучиво од тесниот партиски интерес, тоа им се враќа како бумеранг: истата партиска врева повторно е присутна во јавноста и од таа врева тешко допира било каков објективен и независен, експертски став на темата. И токму од тие причини, се колебав дали воопшто и јас сега нешто да кажам, затоа што знам дека веднаш ќе бидам класифициран во некој табор, особено имајќи ја предвид мојата афилијација со Левица.

Конечно, третиот мотив за мојата колебливост дали да се пројавам со став за концепцијата, е фактот што голем дел од тимот кој работи на истата лично ги познавам и ги почитувам како експерти во областа и сум имал и сè уште имам прилика ова што ќе го кажам да им го кажам и лично, „на чашка муабет.“ Впрочем, голем дел од овие ставови со некои од нив и лично сум ги споделил.

КОНЦЕПЦИЈАТА КАКО ДОБРА ОСНОВА

Но, ајде и јавно да кажам и да не ги почитувам сопствените препораки што ги наведов погоре. Прво, да не го почитувам сопствениот „завет на молчење“ во јавноста, затоа што има време за молчење, но има време кога мора да се проговори.

Второ, и покрај високо партизираниот јавен дискурс, се надевам дека оваа моја колумна, ќе биде колку што е можно повеќе објективна и непристрасна, партиски необременета.

И конечно, да не го почитувам и третиот мотив – дека ова имам прилика да им го кажам лично на колегите од тимот – од проста причина што и самата министерка повика на јавна дебата за концепцијата. Ова нека биде мојот скромен прилог кон истата.

И на почетокот, веднаш, дирекно ќе кажам: сметам дека концепцијата претставува добра основа од која може да се појде во реформирање на основното образование. Поставена е на некои современи идеи, исходува од востановени образовни практитки и се потпира на неколку основни европски документи, препораки и истражувања. Има сосема солидна научна, педагошка и психолошка фундираност и методолошки е сосема коректно развиена како идеја. Контурите се јасно поставени како насоки за идна акција.

Но (секогаш има некое „но“, зарем не), реков - претставува добра основа. Само добра основа која, искрено се надевам дека низ конструктивна (како што впрочем е поднасловена и оваа колумна) и првенствено експертска, партиски необременета дебата, ќе резултира со најдобрите можни решенија. Она што во овој миг може да се каже (велам во овој миг, затоа што освен преку медиумите, до нас не е стигнат никаков официјален, објавен документ), е дека концепцијата е навистина амбициозна. Тоа може да се сфати и во позитивна, но и во негативна смисла. Во позитивна, затоа што предвидува темелни, сеопфатни, структурни и системски промени кои и тоа како му се потребни на нашиот образовен систем. И таа амбициозност навистина е за пофалба и навистина честитам на храброста. Но и во негативна, затоа што токму таквиот амбициозен план може да претставува невозможна мисија во зацртаните рокови, со постојните капацитети и расположливите ресурси. Не знам дали сме свесни за овој момент? Веројатно не.

Веројатно не, затоа што пред сè, концепцијата е првичниот документ од кој се поаѓа. Вообичаено, вакви амбициозни реформи се осмислуваат во она што се нарекува Национална стратегија. Потоа, таа национална стратегија се операционализира во конкретни концепции и планови. А тоа се прави така, затоа што концепцијата опфаќа само одреден образовен период: основно, средно, високо... и таа нема за задача да ги проектира и детализира сите аспекти во системот на образование. А една национална стратегија го прави токму тоа: ја дизајнира и проектира севкупната образовна политика во државата. И сега ние имаме случај да веќе донесената стратегија 2018-2025, воопшто и да не ја споменува ниту предвидува концепцијата? Па се чини дека таа виси, при веќе донесената Коцепција и акциски план 2018-2025?

КОЦЕПЦИЈАТА И КОНТЕКСТОТ

Но, нејсе. Да се задржиме уште троа на амбициозноста, во оваа негативна смисла, пред да дадам некои, верувам конструктивни забелешки на истата. Оние од вас кои прават таква глупост и понекогаш ме читаат, знаат дека мојот „методолошки“ пристап во анализата на некои општествени феномени, често го правам преку аналогија со личниот и социјалниот живот. Секако дека таквиот пристап е научно некоректен, затоа што личниот и општествениот развој не се аналогни, но сепак тоа го правам од чисто педагошки и дидактички разлози: да ја потенцирам хипотезата. Па така и во овој случај, амбициозноста на оваа концепција, ќе ја анализирам низ поимот „зона на нареден развој“ на Л. Виготски. Накратко, зона на нареден развој е тој јаз помеѓу она што ученикот сè уште не го совладал, но што потенцијално може (треба) да го совлада. И задачата на образованието и воспитанието е - иако ученикот во овој момент од неговиот психички развој не е на тоа ниво на знаење - тоа сепак да го „повлече“ кон наредната зона. Во спротивно нема развој. Во тој меѓупростор од актуалното и потенцијалното се случува образованието и учењето. Но, не бадијала се вика зона на „нареден“ развој, на оној степен на развој, веднаш после оној на кој моментално е ученикот, т.е. следниот после актуелниот. Поилустративно: ако го „повлечете“ ученикот од зона 2, директно кон зона 5, наместо кон наредната зона 3, ништо не сте направиле.

Е сега, овој пример од развојот на личноста, кога би го префрлиле на анализа на овој општествен феномен, чинам дека се случува токму тоа: амбициозноста на планот, во искрената желба да го развие нашето образование, несоодветно го влече од зона 2 кон зона 5, наместо кон наредната зона 3. Со други зборови, се проектира Фински план (фигуративно, затоа што концепцијата не е Финска, но за тоа, потоа), во македонски услови. Се плашам дека тоа ќе биде гротесктно, во најмала рака, а гарантирано јалово. Или, што би рекле нашите соседи „мртво слово на папиру.“ (Еве, ја замолувам министерката која имаше прилика како Министер за труд и социјала, да ја прави реформата во предучилишно, да биде искрена и да каже дали функционира концептот за кариерен развој и напредок во градинките, со моделите за советник, ментор и сл. кои „функционираат“ идеално на хартија?). Да заклучам: мораме да го имаме предвид контекстот, условите и моменталната состојба во основното образование и да одиме чекор по чекор, на еден многу долг рок (најмалку десет години, и затоа ова треба да е дефинирано прво со Национална стратегија, дури потоа да се операционализира во вакви пониски документи), со прецизно утврдени цели, дефинирани чекори и детални проекции (Еве, уште една замолница до министерката: меѓудругото, дали има финансиски план за оваа концепција? Во услови кога Македонија издвојува најмал процен процент од БДП за образование во Европа и кога нема предвидено ниту во Буџетот на РМ за 2021, ниту во споменатата Национална стратегија 2018-2025, зголемување на буџетот за образование, ваков амбициозен реформски зафат, во најмала рака е несериозен). Да не зборувам дека во идејата не видов проекции за техничките, просторните, кадровските потенцијали. Да бидеме искрени, ретко има основно училиште со опремена лабораторија по хемија, биологија или физика, а ваков амбициозен план, подразбира токму такви услови.

Јас одговорно тврдам, дека било која коцепција на хартија е најмалиот проблем во образованието. Дури и вакво какво што моментално е поставено, со овие документи, само со интервенција во условите (просторни, технички, инфраструктурни и кадровски потенцијали), нашето образование ќе биде „финско“ (да не се разбереме погрешно, за ова нешто подолу).

ИНТЕГРАЦИЈА ИЛИ ФУЗИЈА

  Ако сега се осврнеме директно на концепцијата – повторно, од она што ни беше достапно во медиумите, затоа што официјален, јавен документ, барем јас сè уште не сум видел – во очи ми паѓа едно нешто. Уште еднаш, со должна почит кон колегите креатори на концептот, но чинам дека во желбата за имплементирање на денес популарниот педагошки поим „интеграција“, отишле во една, за мене чудна крајност. Според моето скромно мислење, интеграцијата како едноставно да се поистоветува со „фузирање.“ Фузирање на повеќе наставни предмети во еден. Но, фузирањето на наставните предмети не значи интеграција и не значи дека ќе ја обезбеди истата. Исто како што не значи дека со постоењето на засебни предмети, интеграцијата не може да се обезбеди. Интеграцијата е можна дури и ако постојат како засебни физика, хемија и биологија. Имено, ако интеграцијата е можна само преку фузија (како што инсистира концепцијата), дали тоа значи дека се предвидува дека нема да се обезбедува интеграција помеѓу областите што не се фузирани и што не можат да бидат фузирани, затоа што спаѓаат во различни научни области? Дали тоа значи дека наставникот по етика, на пример, нема да може да обезбеди интеграција со наставникот по физичко? Реално може и мора! Да речеме, може етичкиот поим на „кооперативност“ да се практицира, дебатира и увиди на час по физичко додека работат вежби по некој групен спорт (ракомет, кошарка и сл.) И за тоа да се оствари, не е потребно да се фузираат физичко и етика, туку само да се направи: 1.план за координација помеѓу наставниците, 2.нивна тесна соработка, 3.детален протокол, 4.план за работа, 5.синхронизирање на содржините, 6.обука на наставниците и 7.соодветни прирачници. Тоа ја обезбедува суштински интеграцијата. Без тоа (да го потврдиме погоре реченото), и овие коцепции на хартија се доволни. Немојте да ме разберете погрешно и да ме класифицирате во „ретроградните“ сили. Кога велам дека и со овие, постојни документи и концепции е можно подобро образование, не заговарам status quo и не мислам дека нашето образование, вакво какво што е, е идеално. Кога велам „можно е и со постојната коцепција“ тоа е со цел да потенцирам дека ниту една реформа на хартија нема да ги промени реалните услови во училиштата. И со оваа нова концепција одвоениот процент од Буџетот на РМ за образованието ќе остане ист, и со оваа концепција училиштето на моето дете ќе нема микроскоп, а тоа ќе учи за клетка која никогаш не ја видел, и со оваа концепција моето дете ќе учи за киселини и бази, без да видел епрувета или лакмусова хартија, и со оваа концепција моето дете ќе учи за македонскиот 7/8 ритам, а ќе нема метроном, и со оваа коцепција моето дете ќе учи за инерција а во кабинетот по физика ќе нема две кугли да се демонстрира тоа, и со оваа концепција моето дете ќе плива на суво на часот по физичко, затоа што освен Скопје, нема друг град со затворен базен.... А уште повеќе, замислете кога со новата концепција, а стариот буџет и старите услови, еден клас ќе одбере дека сака да се занимава со фотографија? Еден Canon од најниска класа (да речеме, Canon PowerShot G1 X Mark III), чини најмалку 1500 евра; или пак кога девојчињата ќе посакаат пилатес топки, а ако сме родово коректни, ќе мора да набавиме и за момчињата!?

ФИНСКА КОНЦЕПЦИЈА

  Но, ајде да се вратиме на предложената коцепција и идејата за фузија, како основа за интеграција. Моето скромно знаење, сепак може одговорно да потврди дека никаде во земјите на ЕУ не постои ваков модел. Со тоа, конечно расчистивме - ова не е фински модел!

Да, како што рековме и на почетокот, оваа концепција исходува од некои европски модели, но ниту еден не е ваков. Конкретно, за фамозната интеграција (во нашиот случај, обезбедена преку фузија): постојат фузирани предмети на сродни области во сите европски модели, но ниту една не е до овој степен и во овој обем. Генерално има вакви практики: Ликовно и Музичко фузирани во Уметности и тоа само до трето одделение, потоа, имате фузирани општесвено-хуманистички предмети, но главно до петто одделение и конечно, имате фузирани предмети од природните науки, но главно до седмо одделение, а од седмо, осмо и девето природните науки, главно се изучуваат засебно. Не постои модел кој ги фузира Општествените и Природните науки во текот на целото основно образование!

Но, ајде да го прифатиме и ова, затоа што и самиот погоре заговарав дека не е пожелно просто пресликување на некој туѓ модел, па макар бил и најдобриот, во нашата средина. Можеби колегите процениле дека токму овој е најсоодветниот за нас. Според она што можев да го сфатам, мотивот за ова бил „растеретување“ на учениците. Но, чинам дека, како и во случајот со интеграцијата и овде, како да е направен превид со претпоставка дека нашите ученици имаат премногу часови и дека поминуваат премногу време во училиште!? Имено, според истражувањата на OECD за нашата земја, нашите ученици немаат премногу часови, туку најмалку, особено во STEM подрачјето, а математика и мајчин јазик посебно (ова не е научен труд и не е упатно да наведувам референци, но ова лесно може да се провери). Оттука, навистина е нејасно кој е мотивот за фузија во тој обем и до толкав степен?

Она што исто така ми буди загриженост, и што чинам дека повторно почива на погрешна претпоставка, се изворите за учење на овие нови предмети (или поточно области). Како што разбрав, наставниците ќе имаат слобода во користење на извори за учење. Имено, пресликувајќи го „финскиот модел“ (повторно како метафора, затоа што ова, рековме, не е фински модел), ги забораваме не само нашите услови, туку и препораките на ЕУ и OECD, на кои концепцијата се повикува. Имено, според тие истражувања, препораката е за неразвиените и земјите во развој учебникот да биде основен извор на знаење! И таа препорака не е бадијала, има смисла во неразвиени и земји во развој, каква што е нашата, затоа што таквите земји не поседуваат други ресурси на знаење во толкав обем како што тоа е случај со развиените земји! Лесно им е на Финците или на Британците да користат „други извори на учење, освен учебникот“ кога такви извори имаат во изоблиство: развиени апликации за мобилни уреди, компјутерски програми, интернет ресурси, дата бази, богати библиотеки, огромна публицистика, редовни преводи на актуелни истражувања, бројна продукција на дидактички и нагледни средства, сопствено производство на учебни и наставни помагала... Кога ние немаме ништо од ова, навистина е преголем товар да му ја предадеме таа обврска на наставникот! Навистина не е фер! Таа „слобода“ за наставникот ќе се претвори во ужасна тортура. Токму на ова се гледа дека не можеме да пресликаме „фински модел“, ниту можеме да заговараме „финска автономија“ во наставата. Финска дошла до автономијата, таму автономијата природно никнала од претходно создадените услови, апсурдно е во вакви скудни услови да „ја наметнеме автономијата.“ Замислете, немате фински ресурси на знаење,  а заговарате автономија во изворот на материјалите за учење!? Напротив, огромен акцент треба да се стави на пишување на унифицирани и стандардизирани национални учебници! Да, да, колку „неавтономно“ и авторитарно да ви звучи, нам ни требаат унифицирани и стандардизирани учебници (па погледнете ги оние од Кембриџ – таму е евидентен унифициран и стандардизиран, не само педагошки и научен, туку дури и графички и дизајнерски пристап, независно за кој учебник да станува збор, од која и да е област или за кое и да било одделение). Неколку пати сум повторил, учебниците и изборот на лектири, се премногу важни за образованието, за да им бидат препуштени само на научниците од областа (за учебниците) и на книжевниците (за изборот на лектирите). При пишување на учебници и избор на лектири, треба да бидат вклучени најмалку тројца: научник од областа, педагог и психолог!

ЗА ИСТОРИЈАТА

  Најголема врева крена „бришењето“ на историјата, т.е. нејзино претопување во корпусот општествени науки. И токму на овој пример, се гледа она што го посочив веќе на почетокот на колумната – високото ниво на партизираност на јавниот простор кој ја оневозможува нормалната и смирена дебата. Од една страна слушаме дека историјата се брише (што секако не е точно), од другата страна слушаме дека тоа биле „ретроградните“ сили (веројатно под руско влијание), кои не сакале државата да напредува. И никој, никого не слуша! И јас не би, ако мотивите и на обајцата им се партиски!

Мојот личен став е дека историјата како таква треба да остане засебна, но да претрпи сериозно „препишување“. И тоа не заради тоа да докажеме дека сме „чеда на Александар“, не заради „сензитивниот“ момент со Грците и Бугарите (иако и тоа е момент кој не смее да се пренебрегне), туку заради самите нас и особено заради препораките кои се наведени токму во предложената концепција. Да речеме, коцепцијата е видно мултикултурно обоена со јасни насоки за интеркултурна интеграција. И сега, наместо да го искористиме моментот да напишеме „нова“, заедничка историја, која ќе ја обезбеди општествената кохезија и интеркултурната интеграција, ние свесно се лишуваме од таа можност. Не само што историјата треба да остане, туку треба да ù се посвети посебно внимание, затоа што преку неа, сега имаме шанса да интервенираме и да почнеме да го градиме современиот, заеднички, национален мит. Оваа држава 30 години ја пропушта приликата да изгради современ модел на нација. Да бидеме искрени: не може учебниците по историја (како што се сега), во име на номиналниот соживот, да содржат две-три лекции за останатите етнички заедници (кои, искрено наставниците, во „етнички чисти средини“ вообичаено ги прескокнуваат) и да тврдиме дека тие ги рефлектираат мултикултурните карактеристки на нашето општество. Токму на ова се гледа што во суштина значи интеграцијата. Содржините треба да се и меѓусебно интегрирани, да претставуваат едан целина, содржините треба да го прикажуваат заедничкиот живот на сите етнички заедници, како еден, заеднички, неподелен и интегриран, а не како паралелен (со „соодветна“ и пропорционална застапеност во лекциите). Историјата треба да се „препише“, за да ги лоцира заедничките симболи и митови и да ја осигура иднината на една нација, а не на една држава во која живеат во паралелен свет повеќе етинички заедници. Историјата треба да се „реинтерпретира“ за самите ние, автономно да си ги избереме оние историски топоси кои нè врзуваат и на кои ќе го градиме нашиот современ национален мит, а не тоа да ни го прават соседите! Ниту една историја не е „објективна“ во смисла на егзактна наука, но ниту една држава пак, не си дозволила други да им ја пишуваат. Наместо да бидеме проактивни и да агираме ние реагираме на дразбите од друите кои нè физиономираат како што тие сакаат, а не како што ние сакаме, како што ним им одговара, а не како што нам ни одговара. За ова, но и за многу други работи историјата треба да остане, дури и да ù се посвети посебно внимание. А можеби токму и преку неа (како трансферзална компетенција, за што нешто подолу), може да се обезбеди фамозната интеграција, особено со предметите граѓанско, етика, религии и сл. Ова е уште еден доказ на погорното тврдење, дека интеграцијата може да се обезбеди дури и кога предметите се засебни.

ЦЕЛТА И СМИСЛАТА

  Да привршуваме конечно, враќајќи се на почетокот и повторно на клучната, фамозна интеграција. И тоа преку еден пример, но и есенцијална констатација или констатација за есенцијата. Имено, секоја реформа, секој план, секоја концепција, па и секој предмет и содржина во образованието, во својата крајна инстанца мора да си го одговори прашањето: што е целта, а со тоа и смислата негова? Областите, предметите, содржините се изучуваат со некаква цел, а со тоа се открива и нивната смисла.

Да илустираме на пример. Што е целта на предметот Граѓанското образование? Ако целта е син ми да репродуцира како папагал, во петто оделение дека „власта е поделена на законодавна, извршна и судска“, ние сме ја промашиле целта. Целта на граѓанското образование е да воспита граѓани. Тоа значи, дека предметот треба да ги „всади“ граѓанските вредности: демократија, толеранција, мултикултуралност, партиципативност, родова сензитивност... и така натаму! Тоа значи дека тој треба да ги воспита децата во тој дух, а не тие да рецитираат за поделбата на власта! Тоа значи дека наставникот треба да воспитува и да практицира граѓански вредности: да демонстрира демократија преку избор на претседател на класот, да демонстрира толеранција преку лекциите од историја, да демонстрира инклузивност преку вклученост на физички хендикеп во фудбалски меч на час по физичко, да демонстрира мултикултура преку проект за истражување на ориентална музика на час по музичко.... Ете ја интеграцијата. Или, што е целта на предметот Етика? Сигурно не е тоа што син ми, исто така знае да изрецитира дека „Аристотел е татко на етиката, таа доаѓа од зборот ɛθɪks што значи...“ Како ова ќе ја оствари последната цел и смисла на овој предмет: да направи некого подобар човек!? Токму тоа е целта на етиката, токму тоа е нејзината смисла – на крајот од курсот, од предметот, мојот син треба да стане за нијанса подобар човек!

Зошто го говорам ова? За да покажам дека секој образовен ситем, секој образовен модел, мора да си ги постави сопствените цели, а со тоа и сопствената смисла. А тоа мора да исходува од конкретните и постојни услови и специфики на земјата на која се однесува. Токму од овие причини, и на погорните примери со Етиката и Граѓанското, може да се види потребата од дефинирање на т.н. трансферзални компетенции. Колки што јас успеав да разберам од презентацијата на концепцијата, иако таа поаѓа од осумте клучни компетенции, сепак чинам дека недостасуваат вакви кроскурикуларни области, кои ќе ги обезбедат нашите, национални, само нам спецфични, трансферзални компетенции. И со тоа ќе го осмислат целокупниот образовен систем. Навистина не ми е јасно како ќе се обезбеди интеграцијата без дефинирани трансферзални компетенции, токму тие ја обезбедуваат истата!? Токму на примерот на Етика и Граѓанско, се гледа како можат вакви трансферзални компетенции да ја обезбедат таа фамозна интеграција. Токму овие области (заедно со информатика да речеме, или дури и историја), можат да послужат како основа која ќе ја гарантира кохезијата на концепцијата и на целиот систем.

Но, нека биде во случајов доволно. Секако дека имам уште многу што да додадат, но навистина, колумната не е соодветен простор, за ваква, скоро стурчна дискусија. Свесен сум дека и ова е премногу и дека ниту еден читател ќе го нема трпението да прочита волку обемен текст. За таа цел е поделен на делови, па можете да се одморите не читајќи го одеднаш. На колегите, пак, кои што работат на концепцијата им посакувам успешна работа, со надеж дека некои од забелешките од јавноста ќе ги земат најдобронамерно и особено, надвор од партиската врева во јавноста. Тоа е наша заедничка должност!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок