28 Март, 2024
0.0324

Финансиската бара е полна со крокодили должници!

Објавено во: Колумни 22 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Може ли да се дисциплинира системската неликвидност?

Нема сомнение дека големите меѓусебни побарувања на стопанските субјекти се значајна причина која го оптоварува економскиот развој во земјата. Оттука, и не е случајно што  на барање на бизнис заедницата, владата прави напори да ги дисциплинира должниците, како решениe на овој горчлив проблем. Но,  се’ ми се чини дека и покрај декларираните добри намери се прават грешки во чекори. Минатата година како директен одговор на неликвидноста  беше воведена задолжница. Тоа е инструмент со кој требаше да се скрати патот за наплата на побарувањето од должниците. Аномалијата на овој инструмент е што тој создава обрска само за оние деловни субјекти кои ќе го прифатат односно потпишат, а државата како голем должник во стопанството уште од самиот почеток се изема од таа обврска. И сега, како што и беше очекувано, кога задолжницата не ги  даде посакуваните резултати, владата се зазема да изработи едно „поцврсто решение“ . Подготвува  Закон за финансиска дисциплина. Во него се предвидува , наместо доверителот лично да бара од должниците да потпишат задолжница и да се обврзат да платат во определено време, законот по автоматизам ги обврзува должниците  во рок од 60 дена да ги подмират обврските за набавените стоки или услуги. Се заговара дури и заострување на односот кон тие што нема да ги извршуваат обврските спрема доверителите. Кој ќе задоцни со исплатата, ќе треба да плаќа и камата  итн. Некому може да му текне дури да се побара недисциплинираните да се испратат и во затвор. Но, прашање е, дали и тогаш ќе се промени ситуацијата со неплаќањето на обврските?

Повеќе од извесно е дека нема да дојде до промени или тие ќе бидат минимални.  Имено, како и во случајот кај задолжницата.  Доверителите не се решаваа да ја побараат од должниците, од проста причина што беа свесни дека должниците не плаќаат, не дека не сакаат да платат, туку  дека едноставно немаат средства на сметката, и што е уште по трагично немаат ни можности да се задолжат во банките.  Значи обврската кон доверителот ќе биде подмирена само тогаш кога на должникот ќе му плати неговиот должник. Оттука, во изборот на помало зло, доверителите се решаваат за толерирање на отстапувањето од договорените рокови за плаќање, а тоа значи да го прифатат меѓусебното кредитирање, како начин за продолжување на стопанската активност. Меѓутоа, проблем е што деновите на плаќање постојано се зголемуваат, а меѓусебното толерирање на роковите за плаќање се претвора во краткорочно кредитирање. Ќе  се согласите дека тоа не е нивна работа и не можат да ја вршат, а да не трпат штети, и директни финансиски и индиректни, преку забавување на динамиката на стопанската активност.  Во такви односи, просечниот рок на измирување на обврските од меѓусебните побарувања минатата година достигна 125 дена и за шест дена е поголем од претходната година.

Ваквиот податок е само потврда на тезата дека , доколку ништо не се промени во однесувањето на стопанските субјекти и во окружувањето,  тешко е да се верува дека состојбите во меѓусебните плаќања ќе се подобрат со донесување на законот. Со доследно спроведување на законот за финансиска дисциплина тие само ќе добијат можност да работаат со партнерите кои и досега им плаќале во рокот што ќе се утврди со законот, а со другите треба ја откажат соработката. Тоа значи да се откажат и од дел од своето производство и услуги. Никој нема претстава како тоа ќе се одрази врз стопанската активност. А ќе се одрази со забавување и намалување, со сите последици што произлегуваат од тоа. Очигледно е дека проблемот со неплаќањето не може да се реши само со присила. Не е реално да се смета дека бизнисмените (должниците) имаат пари, ама не сакаат да плаќаат додека не се „притиснат“. Веројатно е дека  има и такви, меѓутоа, повеќето имаат недостиг на средства, било поради тоа што и ним не им плаќаат нивните должници, било поради тоа што инвестирале во изградба на капацитети со краткорочни средства, па предност му даваат на исполнување на обврските спрема кредиторите, било поради тоа што не се во состојба да дојдат до кредити да го финансираат тековното работење. Недостигот на средства за тековно работење секако е последица на една или на трите можности. Може да се дискутира која од нив е причина, а која последица, меѓутоа, трите заедно веќе создадоа неразврзлив  јазол, кој е пречка за динамизирање на растот.

Во овој контекст погрешно е префрлањето на вина кон банките, како тие да не сакаат да одобруваат кредити. Таквото однесување е во спротивност со нивната функција, бидејќи преку кредитите тие ги остваруваат своите приходи и профити. Меѓутоа, и тие се дел од „јазолот“. Не кредитираат секого, бидејќи 11-12% од пласираните средства не им се враќаат и им ги влошуваат резултатите од работењето. А имаат и подобра алтернатива. Посигурно им е слободните парични средства да ги пласираат во благајнички записи кај централната банка или да купуваат краткорочни и/или долгорочни владини обврзници, при што приходите се помали, ама и ризикот е сведен на минимум. Затоа тие не можат да се присилуваат да го зголемат кредитирањето. Дури е поверојатно дека и натаму ќе ги намалуваат кредитните пласмани доколку не се променат условите во окружувањето што ги создава макроекономската политика. Таа треба да одговори зошто се замрсува јазолот на неплаќање на обврските, односно зошто се влошува неликвидноста на голем дел од стопанскките субјекти и од тоа сознание да предложи решение за проблемот. Притоа треба да има предвид дека вкупните кредити на недржавниот сектор во периодот 2003- 2008 година растеа со просечна годишна стапка од 24%, а во последните години само со 4,9%. Во исто време, во споменатиот период,  БДП (по тековни цени) порасна со просечна стапка од 8,1%, а во последните пет години со 2,3%. Тоа значи дека стопанството дало релативно повеќе отколку што му се пружило. Со петпати помала просечна стапка на пораст на вкупните кредити во последните пет години е остварена само за 3,5 пати помала стапка на пораст на БДП. А тоа е секако и на товар на влошувањето на неликвидноста.

За да се избегнат негативните последици од стресно разврзување на јазолот на неплаќањето на обврските спрема доверителите неопходен е покомплексен зафат. Тоа значи дека стопанствениците ќе мора да престанат да инвестираат во производни и услужни капацитети со краткорочни средства, вклучувајќи ги и средствата од доверителите (неизмирени обврски спрема доверителите), а својата активност да ја планираат во рамките на сопствените извори на краткорочни средства и на способноста да ги обезбедат од банкарски извори.  Монетарната власт ќе мора да изнајде начин како да се обезбеди  поефтинување на капиталот и поголема понуда   за финансирање на реалниот сектор. А банките, не да бидат принудени, туку да немаат интерес своите средства во најголем процент да ги инвестираат во  ниско ризични, но и ниско приносни инструменти. И кога сите овие аспекти ќе бидат обезбедени дури тогаш ќе можеме да очекуваме позитивен исход од носењето на законот за финансиска дисциплина. До тогаш,  останува добрата намера на владата да го подобри животот во финансиската бара полна со крокодили должници, но ефектот како и досега ќе биде само безначајно разбуричкување на водата.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?