ФИЛМСКA ПОТЕРА ВО СЛАВОНИЈА: Седум полициски возила бркале бело комбе кое превезувало мигранти
Објавено во: Балкан 08 Мај, 2021
Хрватската
полиција трага по двајца осомничени, кои со комбе превезувале 11 мигранти, а
потоа избегале откако биле откриени, соопшти полицијата.
Полициски службеници од мобилната единица за надзор на државната граница рано утринава забележале бело комбе со странски регистрации, за кое постои сомневање дека превезувало мигранти.
На акцијата им се придружиле и службеници полициската управа на Осиек-Барања кои се обиделе да го запрат комбето кај местото Антуновац, но возачот удрил во службено возило и без да застане и продолжил да бега во правец кон Барања, пренесува Хина.
Во потерата учествувале седум полициски возила, а комбето застанало помеѓу Норманци и Кошка, од каде осомничените побегнале.
Во возилото биле пронајдени 10 мажи и едно полесно повредено момче, на кое веднаш му била укажана лекарска помош.
Сите фатени лица биле пренесени во полициската станица Нашице, додека интензивно се трага по возачот и совозачот на комбето, велат од полицијата.