Филипче за Јота: Верувам дека ќе се избори и ќе закрепне иако повредата е многу сериозна
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2021
Министерот за здравство, Венко Филипче синоќа соопшти дека состојбата на лекарот Ѓорѓи Јота е стабилна.
„Бев на увид и поразговарав со докторите кои будно ја следат неговата состојба. Верувам дека ќе се избори и ќе закрепне иако повредата е многу сериозна“, соопшти Филипче.
Јота има тешка повреда на главата од завчерашниот удар од возило кое го управувал малолетник пред Клиничкиот центар во Скопје.
„Има нагмечување на мозокот и на белите дробови, поставен е на респираторна машина и сега се преземаат сите мерки на интензивно лекување“, изјави Филипче.
Полицијата вчера информираше дека во четвртокот околу 20,30 часот на крстосница од булеварот „Мајка Тереза“ и улицата „Елисие Поповски-Марко“ пешакот Ѓ.Ј. (58) од Скопје се здобил со тешки повреди откако во него удрило патничко возило „БМВ ХБ“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од Сингелиќ. Малолетникот го прегазил докторот и избегал, но набргу кај трговскиот центар Рамстор бил запрен и фатен. Не се знае точно со колкава брзина возел и тоа допрва ќе се вештачи. Шестнаесетгодишното момче е приведено во полиција. Во согласност со Кривичниот законик предвидена е затворска казна од една до пет години. Во случајот станува збор за малолетник, па според законот тој може да добие и воспитно-поправна мерка и надзор од Центар за социјална работа, место малолетнички затвор. Него ќе му се суди според Законот за право на детето бидејќи тој нема наполнето 18 години.