19 Април, 2024
0.0404

Фестивали

Објавено во: Колумни 01 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Благодарение на се помоќниот интернет деновиве забележав фотка на предвесникот на пролетта-кокиче срамежливо појавено од под снегот некаде на северната полутопка. А благодарение на предавателот на Пелистер некаде ова време во 60-те години на минатиот век гледавме ТВ програма на РАИ на единствениот телевизор у  Циган маало. 

И тоа замислете- директен пренос од фестивалот во Сан Ремо.Нила Пици,Доменико Модуњо и Тино Роси ни беа скроз непознати,а канцоните што ги пееја тешко ни влегуваа во ушите....ги гледавме без здив,како да знаевме несвесно дека влегуваме во ерата на популарната музика,атракција што ќе ги обземе масите со текот на времето.Бргу по земјотресот во нашето привремено прибежиште во Кисела Вода гледаме Сан Ремо небаре е фудбалски натпревар со навивање и прогнозирање.....победи едно девојче Џилјола Чинквети од скромно- поскромно, а песната за мерак „Но но лета“.Чувме и разбравме дека Боби Соло бил дисквалификуван поради изведбата на плеј-бек(имал проблеми со грлото) но „Уна лакрима сур визо“стана планетарен хит,а за скромната Ола и да не зборам(на прапочетоците на журевите едвај чекавме да се пушти плоча од нив двајцата,а не „24 илјади бакнежи“со Адријано Челентано,го викаа урлатор според стилот на пеењето......

Лавината тргна и немаше шанса да не биде погодена Југа,земја на талентирани исполнители на забавни песни(така се викаше тогаш стилот-кобожем другите видови беа досадни).Опатија со „Кристалната сала“ стана центар на збиднувањата –пејачи претставници од сите републики и покраини еднаш годишно, облечени во Трст или Милано, се трудеа до максимум,а цела држава фамилијарно присуствуваше преку преносот на ЈРТ на историските музички дешавки.Се сеќава ли некој на Иво Робиќ и Зденка Вучковиќ(Тата купи ми ауто...)?За нас се знае-гордо и со големи очекувања ги следиме настапите на Нина Спирова и Зоран Георгиев(Еден бакнеж),а веќе дојдовме до стадиум на дигање чалам кога земјотрес предизвика настапот на Леб и Сол со рок верзијата на „Абер дојде Донке“ нешто нечуено и невидено на фестивалот.

Како печурки по дожд никнеа фестивали-загрпскиот,сплитскиот,словенске попевке,београдско пролеќе,сараевскиот и некако срамежливо скопскиот фестивал на забавни мелодии со исполнители од дома и од целата земја.Скопје беше на нозе-рамо до рамо со  маестро Џамбас,Миљенко Прохаска и Бојан Адамич,со Сенка и Габи,Сашка Димитрова и Верица Ристевска,Арсен и Индекси,Зафир и Армен Сурмејан,Лео Мартин и Драган Мијалковски......ги гледавме по една цела недела низ улиците и кафеаните,парадираа и делеа автограми и фотки.Универзална како да е  центар на музичкиот свет,небаре париска Олимпија......Преку лето тргнува патувачкиот фестивал „Пасна на летото“-хитови еден по друг,плочи се продаваат како алва,настапи на сите тв и радио станици.Па дојде ред на меѓународна афирмација(читај долги и исплатливи турнеи по Советскиот Сојуз).....

Државата како меур од сапуница се растури на мали меурчиња,музиката некако стана локална со малку публика,но на време се свестија музичките трудбеници-музиката не знае за граници.....нема пејач што нешто значи а да не пее песни од Тоше,од Балашевиќ или Бијело Дугме и Здравко Чолиќ и Арсен.

Животот сепак не е музика,а спомените си се спомени!


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок