20 Април, 2024
0.0260

Фантазмагориите и митологијата на еден историски феникс: ВМРО

Објавено во: Колумни 23 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

„Јас, долупотпишаниот д-р Христо Николов Татарчев, населен во Торино, Италија, го напишав своерачно следниот тестамент, по слободна волја и целосно сознание, без какво и да е надворешно вмешување или принуда, со кое го оставам во наследство на жена ми Софија, д-р Христо Николов Татарчева, Петро Логотети, која живее исто како и јас привремено во градот Торино, "Виа Гилберти" 24, целиот недвижен имот, идеалната половина дел од куќата која се наоѓа на аголот на улиците "Цар Борис" и "Егзарх Јосиф" во Софија, Бугарија и сите парични суми, кои се наоѓаат во бугарските и италијанските банки и ја правам моја единствена наследничка по тестамент, согласно законите на мојата држава Бугарија. Моја желба е по нејзината... издршка до смртта, ако остане нешто од мојот идеален дел од гореспоменатата куќа да биде дадено по еднаков дел на општините кукушка и ресенска - Македонија, за просветно - културни цели, ако последните општини се во пределите на голема Бугарија; во спротивен случај да се даде за просветителни културни цели на општините на кој и да е македонски град кој останал под бугарска власт... Со овој тестамент ја изразувам последната моја волја и ги обезвреднувам сите претходни своерачни тестаменти напишани од мене. Овој тестамент го завршувам денес, на шести јули илјада деветстотини и четириесет и втора година, во градот Торино, Италија во присуство на моите сонародници д-р Христо Манов, д-р Тома Флоров и архитект Никола Дулгеров, сите населени во Торино„

Овие зборови се напишани во посмртниот тестамент на д-р Христо Татарчев, првиот претседател на македонската револуционерна организација, која како државен празник ја чествуваме денес, 23 октомври. Во веќе, многу далечната 1893 година, во главниот град на последната отоманска провинција Македонија- Солун, шестмината интелектуалци  ( Христо Татарчев, Андон Димитров, Христо Батанџиев, Петар Поп Арсов, Дамјан Груев и Иван Хаџи Николов), од сите краишта на етногеографската Македонија, ја создадоа револуционерната организација, која во наредните четири децении жареше и палеше, не само на Балканот, туку и низ Европа, официјално, како првата модерна теротистичка организација во светот, припишувајќи си ја, и како свој мега триумф главата на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.

Таа година, организацијата  се зачна како „Бугаро-македоно-одрински-револуционерни комитети“ (БМОРК), за веднаш после 3 години  да го смени своето име во ТМОРО. Четирите свети букви ВМРО, ги доби дури две и пол децении подоцна, по нејзиното возобновување по завршувањето на Првата светска војна, кога на нејзино чело доаѓа „Стариот“, т.е големиот водач Тодор Александаров, и  по него ненадминатиот Иван Михајлов, страв и трепет за многу политички елити на Балканот. Во периодот по нејзиното формирање организацијата го држи отворено и живо македонското прашање и судбината на македонското население, по Берлинскиот конгрес, кога Македонија беше назад вратена во рамките на Отоманската империја, односно статусот и беше кво-нерешен. Некои историчари сметаат дека истата е создадена по налог на бугарските бели дворови (тогашна официјална Софија), како исправање на „историската грешка од Берлин од 1878“, т.е враќање назад на Македонија во рамките на веќе обединета Бугарија (Батенберг 1885), односно по налог на големиот бугарски политичар Стефан Стамболов врз Константин Стоилов, „ да се зафати со таа работа“. Како и да е, низ четирите децении нејзино револуционерно дејствување, македонската организација поминува низ големи подеми и падови, согласно национално-територијалните и политичко-општествените собитија кои низ историски настани се случуваат на овој дел од Балканот. Организацијата го реализира  и Илинденското востание, крик на малиот поробен  балкански народ и европско, но и светско актуелизирање на поривот за слобода.  Припадници на организацијата  ја киднапираат  американската мисионерка Мис Стон, на тој начин полнејќи ги американските весници, односно свртувајќи го, вниманието на САД  кон  нерешеното македонско  прашање. Сепак со Балканските војни и Првата светска војна, Организацијата го доживува нејзиниот најголем крах. Дведецениската борба, резултира со нова тројна окупација на Македонија, и поделба помеѓу нејзините соседи.

Да не се лажеме, мнозинството од видните македонски револуционери  имале борба за  создавање на автономна/независна Македонија, ослободена од петвековното турско ропство, но не го поставувале прашањето на националната и јазичната идентификациона самобитност. Тие се сметале за Македонци, во  роднокрајна/географска смисла на зборот (З.Тодоровски), но Бугари по национално/политичка или рум-милет/религиска идентичност. По завршувањето на Првата светска војна, под водството на Александров и Михајлов, ВМРО, веќе се претвора во класична гангстерска, бескрупулозна, териористичка организација во своето видно поле на дејствување.Таа е „држава во држава“, во пиринскиот дел на Македонија со свој систем на управа, свој суд, даночен систем, сопствено владение.Официјално  е забраната  1934, годината кога го добива својот најголем трофеј-главата на  југословенскиот(српски) крал. Понатаму, се е историја. Македонското национална прашање, се решава, така како што се решава: со конституирање на македонска држава во рамките на новоформираната комунистичка  Југославија, после Втората светска војна, и создавање на македонска држава, како една од шесте конститутивни републики на новата најмоќна држава на Балканот, во чии рамки се создава и посебност на македонскиот национален и етнички  идентитет, и создавање на посебен нормиран и кодифициран македонски литературен  јазик.

ВМРО, потоа е егзил-организација, т.е е претставена во ликот и делото на Иван Михајлов, како азилант во Рим, Италија, но и преку патриотските здруженија на иселеници-македонски Бугари, отаде океаните: во САД и Канада. Сепак, како што истакна Стојан Христов, во неговото епохално дело „Херои и убијци“, американскиот новинар и дипломат од македонско потекло, ВМРО беше организација која го држеше отворено македонското национално прашање, и ако не  беше таа (организацијата), Македонија после Букурешт 1913-та година, ќе беше поимувана само како „историско-географска област, и ништо повеќе“.Во разгората на македонско-бугарските односи, нивното скандализирање и затегнатоност, би било мудро, без емоции,и крајно професионално, да се демитологизира улогата на македонската  организација, и преку научен историски пристап, со методи на повеќеслојност и многузначност, да се третира историскиот печат на нашата организација.  Капацитет, за такво нешто, и од двете страни на Осоговско-Малешевските планини, реално немаме. Со  Каракачанов, Ковачев, Захариева, но и со бројни наши политичари и историчари, кои реагираат бурно и емоционално, на секоја различна  теза од комунистичко официјализираната за улогата на ВМРО/организацијата, такво нешто во догледна иднина не може да се случи. Затоа сме тука ние, кои неоптеретени  од историските напластени фрустрации, комплекси и митови, можеме да фрлиме нов поглед и зрак врз „ забранетата и заробената историја на Македонија“. Без разлика, дали тоа, некому му се допаѓало или не, во Скопје или Софија. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок