ЕУ ПОДГОТВЕНА ЗА ВОЈНА СО АМЕРИКА: Ако воведете царини, ќе го направиме истото
Објавено во: Економија 03 Октомври, 2019
ЕУ жали што САД имаат намера да воведат дополнителни тарифи за увозот од ЕУ.
„Ако САД преземат мерки, тоа ќе ја натера ЕУ во ситуација да треба да го стори истото“, изјавила комесарката за трговија на ЕУ, Сесилија Малмстром.
Предупредувањето на Брисел за навремено прекинување на можната „трговска војна“ меѓу САД и ЕУ се случи откако Светската трговска организација го поддржа барањето на САД за воведување царини на европските производи, поради нелегалните субвенции што му ги доделиле европските влади на производителот на авиони „Ербас“.
САД најавија царини од 10 проценти за производите на европските авиоиндустрии и 25 проценти за другите европски производи, почнувајќи од месо и млечни производи, маслинки, кафе, па дури и волнени облеки донесени во ЕУ.
„ЕУ жали за намерата на САД да воведе царини за увозот од ЕУ. Ова првенствено ќе влијае на американските потрошувачи и компании и ќе ги комплицира понатамошните преговори“, рече портпаролот на Европската комисија, Даниел Росарио.
Европската комисија соопшти дека ги разгледува сите можни европски контрамерки во случај САД да ги воведат најавените царини , но додаде дека ЕУ сака да се фокусира на изнаоѓање решение.
Во Брисел потсетуваат дека во почетокот на следната година се очекува одлука на Светската трговска организација за случајот „Боинг“, која ќе му даде за правото на ЕУ да воведе царини за американски производи заради нелегални субвенции на производи од САД.
„ЕУ е подготвена да работи заедно со САД на фер и урамнотежено решение за двата авиоиндустрии“, рече Росарио.
Тој оцени дека и САД и ЕУ направиле грешки кога станува збор за правилата за субвенционирање на СТО.
Додал и дека ЕУ веќе дала предлог за нов режим за субвенционирање на авиоиндустријата од двете страни на Атлантикот.
Понатамошните состаноци помеѓу тимовите на ЕУ и САД за ова прашање ќе продолжат во рамките на Светската трговска организација, речено е од Брисел.