28 Март, 2024
0.0265

Емиграција на медицинскиот кадар од Република Македонија

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Меѓународната миграција на лекарите и другите здравствени работници не е нов феномен, но во последните години привлекува сè поголемо внимание поради нејзиниот континуиран и мошне голем пораст. Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО), бројот на лекарите и на медицинските сестри мигранти кои работат во земјите на OECD во последната деценија се зголемил за 60%.[1] Според проценките на СЗО во иднина може да се очекува интензивирање на оваа меѓународна  миграција, со пораст на неусогласеноста помеѓу понудата и побарувачката на здравствените работници во глобални рамки. Оттаму, расте загриженоста дека таа може да предизвика мошне голем недостиг на медицински кадар во земјите во развој кои веќе се соочуваат со сериозен дефицит на квалификувани  здравствени работници.[2] Поради тоа, СЗО и нејзините партнери развиваат решенија за земјите на потекло да можат да се справат со предизвиците на управувањето со миграцијата и за задржувањето на здравствените работници. Во таа насока, како најзначаен чинител за намалување на емиграцијата на здравствените работници се издвојува воспоставувањето на подржувачка работна и животна средина и можности за професионален развој. Истовремено се укажува на неопходноста од соодветна имплементацијата на Кодексот на практики за меѓународно регрутирање на здравствени кадри, на СЗО од 2010 година.[3]

  Овој тренд на континуиран пораст на емиграцијата на медицински кадар во странство е карактеристичен и за Република Македонија, при што во последните неколку години тој забележа алармантни димензии. Според неофицијални податоци, во последните години, околу 450 лекарите од Македонија заминале на работа  во странство.[4]

  За  медицинската емиграција, исто како и за вкупниот број на наши грѓани кои заминуваат од земјата (migration flow) и за оние кои денес престојуваат во земјите на прием ширум светот (migration stock), нема расположливи податоци од домашни извори. Одредени сознанија може да се добијат од странските извори  на податоци, односно од меѓународните организации  (WHO, OECD, ILO, IOM, World Bank и др.), земјите на прием, истражувањата во оваа област исл. Но, тие се нецелосни  и неконзистентни, а не даваат информации ни за демографската структура на мигрантите (според пол и возсраст), нивните квалификации, професионална дистрибуција и времетраење на престојот во странство.  

  Последните податоци за бројот на лекарите (migration stock),  кои престојуваат во одделни OECD земји на прием, за периодот 2000-2017 година, според земјите на потекло, даваат податоци и за Република Македонија.[5] Иако, тие може да се оценат како нецелосни од аспект на опфатот на бројот на наши лекари во странство (вкупно и по одделни земји на прием), сепак овозможуваат да се добијат  одредени информации за трендот и насоченоста на оваа емиграција (Табела 1).

 

  Врз основа на овие податоци на OECD може да се констатира следното:

Ø Бројот на нашите лекари кои работат надвор од земјата во периодот 2006-2016  година се зголемил за околу 62% (пораст кој кореспондира со проценката СЗО за порастот на медицинската емиграција во глобални рамки во последната деценија);

Ø Во 2016 година бројот на наши лекари кои работат во земјите на OECD изнесува 1561 лице и е релативно голем во споредба со оној на другите земји во регионот;

Ø Се зголемува бројот на OECD земјите кои даваат податоци за вработените лекари од Република Македонија (од 3 во 2000-та година на 14 земји во 2015 година);

Ø Насоченоста на медицинската емиграција од Македонија останува иста. Во периодот по 2006 година како земји на прием со најголем пораст и најголем број на наши лекари, се издвојуваат САД, Германија, Словенија, Франција и Швајцарија. Тоа имплицира растечко влијание на миграциските мрежи врз порастот на емиграцијата на медицинскиот кадар.

  Причините за емиграцијата на медицинскиот кадар од Република Македонија се многубројни и мошне комплексни. Досегашните истражувања покажуваат дека покрај економските и институционалните фактори, потоа професионалните причини (првенствено, надградувањето на професионалните квалификации), како и делумните реформи во здравствениот сектор, прекумерната политизација на здравствениот систем и честите политички промени се најзначајните детерминанти за емиграцијата на лекарите и другиот медицински кадар од земјата.[6] Тоа го потврдуваат и резултатите од последното истражување на Healthgrouper во регионот, во кое беше вклучена и Македонија. Имено, околу 95% од испитаниците се изјасниле дека ниските плати, лошите услови за работа во болниците и другите здравствени установи, но и условите за живот се главните фактори кои влијаат врз интензивирањето на оваа миграција.[7]

  Последиците и  импликациите од мошне големата емиграција во последните години се манифестираат во сè понагласен недостиг на доктори од различни профили и на медицински сестри. Негативните последици се особено нагласени поради трајниот карактер на оваа емиграција, што имплицира и други, првенствено долгорочни демографски последици поради интензивниот процес на стареење на населението и на работната сила. Трајната загуба на овој кадар тешко ќе се надоместува со продукција и работен ангажман на млади лекари, особако се има предвид старосната структура на постојно вработените и фактот дека добар дел од нив во наредните пет години ќе заминат во пензија.

  Досегашните мерки на државата во однос на емиграцијата на медицинскиот кадар беа парцијални и немаа позначителен ефект за нејзино намалување. Оттаму, неспорна е потребата за конципирање на една конзистентна и сеопфатна политика за намалување на оваа емиграција и за ублажување на последиците од недостигот на медицински кадар. Од не помало значење е и потребата за воспоставување на систем за мапирање на медицинскиот кадар кој е надвор од земјата и за создавање на услови за соработка со овој сегмент од нашата дијаспора, особено во делот на научната дијаспора. Оваа потреба е идентификувана и во неодамна усвоената Национална стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година.[8] Во Акцискиот план на стратегијата меѓу другото е предвидена реализација на проекти за мапирање на научници од дијаспората и за креирање на база на податоци (електронска платформа за мрежно поврзување), од одделни области, вклучително и на научната дијаспора од областа на медицинските науки.[9]


проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

https://www.who.int/hrh/migration/en/ (Пристапено на 16 март 2019 година)

https://www.oecd-ilibrary.org/docserver/health_glance-2015en.pdf?expires=1552835171&id=id&accname=guest&checksum=0FDB020ACADF8426A097C0958AAA54CF (Пристапено на 15 март 2019 година)

3 WHO, Global Code of Practice on the International Recruitment of Health Personnel, 2010, resolution WHA63.16

4 Migration of Health Care Workers from the Western Balkans-Analyzing Causes, Consequences and Policies - Country report: Macedonia (group of authors), Healthgrouper project funded by the Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC), Federal Department of Foreign Affairs 2015, p. 17.

5 Во базата на податоци на OECD мошне оскудни се податоците за бројот на медицинските сестри и другите здравствени работници кои заминале од Република Македонија.

6 Lazarevik & Donev,  The Public Hospital System in Macedonia, 2012.  Healthgrouper, Physicians Job satisfaction in Macedonia, Bulgaria and Serbia, 2012.

7 Migration of Health Care Workers from the Western Balkans-Analyzing Causes, Consequences and Policies - Country report: Macedonia............р. 30-38. 

8 Национална стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година,  Владана Република Северна Македонија, Министер задолжен за дијаспора, Скопје, март 2019 година.

9 Акциски план наНационална стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година,  Владана Република Северна Македонија, Министер задолжен за дијаспора, Скопје, март 2019 година.



Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?