19 Октомври, 2019
0.0105

Интервју: Николаос Веропулос, претседател на компанијата „Веропулос“

Ексклузивно Веропулос: „Веро“ ги отвора вратите за многу нови вработувања

Објавено во: Интервјуа 29 Август, 2019

Внимателно слушање на барањата и потребите на потрошувачите, понуда на најдобрите производи по најконкурентни цени и овозможување најпријатно шопинг-искуство, е стратегијата која компанијата „Веропулос“ доследно ја следи повеќе од две децении, колку што овој синџир маркети е присутен во Македонија. И токму таа доследност ја прави оваа компанија еден од лидерите во малопродажниот бизнис во земјава, не само според остварените финансиски резултати, туку и според бројот на задоволни потрошувачи. Следејќи го пулсот на потрошувачите, Веро неодамна ги отвори вратите на реновираниот и модернизиран маркет во Тетово, кој отсега во своите рамки има и продавница Јumbo, чија франшиза ја поседува компанијата „Веропулос“. За новините во Веро, стратегиите во малопродажниот бизнис и за идните развојни планови разговаравме со претседателот на компанијата „Веропулос“, Николаос Веропулос.  

Пред неколку дена ги отворивте вратите на реновираниот Веро маркет во Тетово, од кој сега е дел и продавница Jumbo. Зошто сѐ повеќе се ориентирате кон овој концепт, двата бренда Веро и Jumbo да бидат под ист покрив?

- Според нашето досегашно искуство стекнато низ годините и следењето на шопинг-трендовите и навиките на потрошувачите, заклучивме дека во моментов она што најмногу им одговара и ги привлекува е концептот „сѐ на едно место за целото семејство“. Односно, потребите на потрошувачите ги задоволуваат модерни, современи маркети каде што може да искусат уникатно шопинг искуство и да најдат сѐ што им треба за домот и семејството. Комбинирањето на двата бренда, „Веро“ и Jumboнајпрво го применивме во Србија, каде што покажа одлични резултати, така што почнавме да го применуваме и во Македонија. Маркетот во Тетово кој неодамна го реновиравме е третиот отворен во Македонија (по првите два во Скопје) пред многу години и кој сега доби нов лик и содржини согласно потребите на потрошувачитe. Концептот на семеен шопинг е применет и во овој маркет, кој на потрошувачите сега им нуди надградено шопинг искуство и квалитетно поминато време со најблиските.  

Jumbo како бренд чија франшиза ја имате во Македонија и Србија влезе на македонскиот пазар подоцна од Веро. Може ли да направите паралела околу двата бренда, кој од нив е поуспешен?  

- Станува збор за два бренда кои се сосема различни и нудат различни производи. Веро е бренд на компанијата „Веропулос“ кој нуди широк асортиман на производи за широка потрошувачка, а Jumbo е франшиза на брендот кој нуди најразличен вид производи за домот и семејството. Но, двата бренда совршено се надополнуваат и нудат сеопфатно уживање во шопингот за сите генерации. Токму поради се насочуваме кон комбинирање на двата бренда на ист простор. Успешноста на брендот, меѓу другото, се мери според бројот и задоволството на потрошувачите, како и споредспособностa навремено да се адаптираат на потребите на своите потрошувачи. Ако ги анализираме овие параметри, тогаш иза Веро и за Jumbo може слободно да кажеме дека се изградија во препознатливи брендовиво кои потрошувачите имаат огромна доверба, која секојдневно ја потврдуваат со својата лојалност. Овие брендови го следат пулсот на потрошувачите и во секој момент се подготвени да им излезат во пресрет со врвна услуга и со најдобри и најквалитетни понуди.

Кој град е следен на мапата каде што ќе се отвори Веро маркет? Дали во иднина планирате насекаде да го следите истиот концепт на Веро и Jumbo под еден покрив?

- Веро маркетите се присутни во три градови – Скопје, Тетово и Битола. Се разбира дека би сакале да се прошириме и во многу други градови во земјата бидејќи постојано добиваме такви барања преку социјалните мрежи и прашања кога ќе се отвори Веро маркет во некој конкретен град. Сепак, станува збор за навистина големи инвестиции коишто бараат подолгорочно планирање и реализација и затоа во тој поглед одиме полека, но сигурно. Македонскиот пазар е навистина стабилен, што овозможува планирање на долгорочни стратегии за системски развој на проширување на малопродажната мрежа. Она што можам да кажам во моментов е дека следниот град во којшто ќе биде отворен Веро маркет е Охрид, каде што веќе се почнати конкретни активности. Паралелно со тоа нашиот тим врши истражувања на пазарот во Македонија и скенирање на нови, можни локации за отворање нови маркети, како и планирање на активности за модернизација на постоечките маркети. Концептот на Веро и Jumboмаркети под ист покрив ќе го примениме насекаде каде што има услови за тоа бидејќи новите трендови во малопродажбата го налагаат тоа. Кога некој концепт е успешен и функционален, треба да продолжи да се применува и унапредува.

Минатата година Веро ја заврши со приходи од 81,5 милиони евра и добивка од 9,2 милиони евра, што ја прави компанијата најуспешна во малопродажниот бизнис. Ги исполнија ли бројките вашите очекувања? Кој е таргетот за годинава и какви се показателите во првата половина на 2019 година?

- Задоволството е огромно кога бројките ве сместуваат во најуспешна компанија во малопродажбата. Но, тоа задоволство е уште поголемо кога тие бројки се резултат на зголемениот број задоволни потрошувачи. Тоа е најдобриот показател дека нашите напори и стратегии да го обезбедиме најдоброто за нашите потрошувачи вродиле со плод и дека точно сме го почувствувале нивниот пулс. Дополнително, тие резултати отвораат простор за нови инвестиции, што значи отворање нови работни места и зголемен обем за работа за добавувачите, односно дополнителен импулс за развој на македонската економија. Таргетот за годинава е да бидеме уште подобри од претходната, а показателите во првата половина од годинава покажуваат дека сме на вистинскиот пат.  

Статистиката покажува раст во продажбата и кај хард дисконтите, чиј број во земјава постојано се зголемува. Што покажува вашето искуство, дали на потрошувачите најважни им се само ниските цени или пак бараат нешто друго?

- Како што веќе споменав, стабилноста на македонската економија е одличен предуслов за развој на различни бизниси и компании. Кога станува збор за малопродажниот сектор, на овој пазар може да се најдат концепти, понуди и производи за сечиј вкус, навики и потреби. Нашето искуство покажува дека потрошувачите на „Веро“ бараат совршен однос на цена и квалитет, односно сакаат да добијат најдобра вредност за цената што ја плаќаат. Нашата стратегија е на потрошувачите да им го понудиме најдоброто по најконкурентни цени. Во „Веро“ тие добиваат современи маркети на најдобри локации, врвна услуга, огромен избор на најквалитетни домашни и увозни производи од различен асортиман и сето тоа по најконкурентни цени.

Поминаа речиси три години откако ја воведовте лојалната програма на Веро, претставена преку Веро картичките. Колкави се инвестициите на Веро кон потрошувачите преку различните попусти, купони и ваучери што ги доделувате?  

- Лојалната програма на Веро веќе има илјадници активни членови, а над 60% од извршените трансакции во маркетите се направени со Веро картички. Бројките доволно зборуваат за големиот интерес на потрошувачите и добавувачите за оваа програма бидејќи таа овозможува бројни придобивки за сите. Потрошувачите добиваат најдобри понуди, попусти, цени и бројни привилегии, а добавувачите можност за уште поголема промоција на нивните производи. Нашиот тим ги креира понудите во лојалната програма следејќи го пулсот на потрошувачите, при што досега компанијата „Веропулос“ овозможи директно враќање на повеќе од половина милион евра до потрошувачите преку обезбедените попусти, вредносните ваучери и различните акции. Оваа бројка на директно вратени средства до потрошувачите расте од година во година, така што очекуваме да биде многу повисока до крајот на  2019 година.  

Што може потрошувачите да очекуваат во следниот период од Веро?

-Планираните инвестиции во нови маркети секогаш се приоритет, а предизвикот сега е уште поголем бидејќи од старт размислуваме за интегиран концепт за Веро и Jumboмаркет на исто место. Паралелно со плановите за отворање нови маркети планираме и активности за реновирање на постојните маркети, со цел на нашите потрошувачи да им овозможиме максимално уживање во шопингот во секој сегмент. За следната година планираме да ги зголемиме вложувањата во програмата за лојалност, што значи уште повеќе намалувања на цените на производите за широка потрошувачка и зголемен број акции преку кои директно ќе се вратат средства до потрошувачите.

А.Т.


Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Договорите со Грција и со Бугарија не требаше да се разберат како карт бланш за датум

ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Договорите со Грција и со Бугарија не требаше да се разберат како карт бланш за датум

Дуковска: Сиромашните не се само статистика

Дуковска: Сиромашните не се само статистика

Алексовска: Притисокот на општеството влијае на развојот на компаниите

Алексовска: Притисокот на општеството влијае на развојот на компаниите

ИНТЕРВЈУ РАМКОВСКИ: Сериозни луѓе би сакале да вложат во нова А1

ИНТЕРВЈУ РАМКОВСКИ: Сериозни луѓе би сакале да вложат во нова А1

„Кроациа Осигурување – Живот“ истрча најбрзо за двоцифрен раст на животното осигурување

„Кроациа Осигурување – Живот“ истрча најбрзо за двоцифрен раст на животното осигурување

Интервју Дурнева: Дигитализацијата не е само поим и желба, туку реалност што ја креираме и живееме

Интервју Дурнева: Дигитализацијата не е само поим и желба, туку реалност што ја креираме и живееме