19 Октомври, 2019
0.0172

Ексклузивно Мариноски: Орка холдинг ќе се консолидира и ќе расте и на македонско тло и на други пазари

Објавено во: Економија, Интервјуа 27 Септември, 2019

По четири години поминати надвор од Македонија и по повеќе од 25 години во банкарскиот сектор, Антоније Мариноски од неодамна седна во фотелјата на Орце Камчев, во Орка Холдинг, најголемата македонска компанија по број на вработени. Времето на случувањата поврзани со политичките процеси во земјата и со самиот Камчев, за Мариноски биле дополнителен предизвик да ја прифати понудата и да седне на раководното столче на овој холдинг. Со мнозинска сопственост во фирми во повеќе сектори, а во време на помала банкарска поддршка, неговата цел сега е сите тие компании да добијат дополнителна вредност. Да се осовремени менаџментот, но Холдингот и да се шири регионално. Мариноски во ексклузивно интервју за Фактор открива детали од плановите за Орка холдингот – но и во каква кондиција е во моментот. Категоричен е дека политиката ја става на страна додека бизнисот е првенствен. Самиот верува во системот, а Холдингот и покрај сите притисоци нема да се сели, нема да се распродава, туку напротив ќе се консолидира и расте.  Мариноски на позицијата доаѓа од директор на „Сосиете Женерал“ во Албанија.

Мариноски: Ме прашувате кој ми бил предизвикот да дојдам и да работам во Орка Холдинг. Банкарскиот сектор моментно е во некоја транзиција која трае подолг период и која веројатно ке биде најдраматична во последните векови. Тоа ме натера да размислувам не само географски, односно да се вратам во сопствената земја, но и секторски, да работам во сектори кои сметам дека ќе имаат поголем раст, отколку сегментот кој го знаев и во кој слободно можам да кажам сум учествувал во развојот. Во таа насока, и како банкар, а и од другата страна како инвеститор, за клиенти сум следел проекти кои се поврзани со услужните дејности, туризмот, здравствениот сектор, прехранбениот, финансиите. Овој Холдинг има инвестиции токму во тие сектори. Како Македонец, но и како економист и претприемач, верувам дека тие сектори имаат најголема шанса во следниот период дополнително да се валоризираат, да добијат додадена вредност на ниво како на соседните земји, а зошто да не и како и во европските земји. Од таа причина, одлучив да дојдам тука. Дополнителен предизвик е онаа сенка на правните процеси кои ги имаат акционерите, а која надвисна од лани. Тоа било шок за бизнисот иако Холдингот е дисперзиран во различни сектори. Сум работел и за странски и за домашни компании, но лично сметам дека кој и да е акционер, треба да биде среќен овие компании да добиваат вредност, да се водат транспарентно, стручно и прудетно и со сите принципи на современ менаџмент.


„ИМПЕРИЈА“  КАКО „СЕНКА“


На која сенка мислите конкретно?

Мариноски: На случајот ,,Империја“ кој е креиран од случајот ,,Рекет“.

Како од овој контекст сега тоа влијае на вашата работа? Колку и како ќе го детерминира развојот на бизнисот?

Мариноски: Тоа го гледам како притисок за акционерите, исклучиво, додека од аспект на бизнисот и работењето притисокот е повеќе на репутациско ниво, докажување дека како и сите во оваа држава што мора да имаат силна усогласеност, ние треба да докажеме дека трипати повеќе од сите ја имаме таа усогласеност. Компаниите како Орка Холдинг, кои се најзначаен дел од економскиот столб на државата треба да бидат коректно третирани од било која политичка гарнитура. Развојот на бизнисот, како и досега, го задржа својот сигурен тек , а потресот кој беше неизбежно да се почувствува како влијание од сето тоа се надеваме дека поминува, ќе заврши и ќе не направи уште посилни.

За кои показатели мислите? Во каква кондиција ја затекнувате компанијата – според податоците, Холдингот лани ја завршил годината со добивка од 6,4 милиони евра.

Мариноски: Јас само ќе кажам неколку факти кои се навистина импресивни и ќе ви дадам податоци заклучно со јуни годинава.

Орка Холдингот е дел од контролата на компании кои вработуваат околу 2.700 вработени со просечна нето плата од 550 евра. Разгледувано по сектори, во услужниот сектор има 450 вработени со просечна нето плата од 560 евра. Во здравствениот сектор има 1.200 вработени со просечна нето плата од 770 евра додека во земјоделскиот сектор има 1.020 вработени со просечна нето плата 360 евра. Доколку го земеме само примерот на Кличничката болница „Аџибадем Систина“, која вработува 975 луѓе, просечната плата изнесува 1.100 евра што може да се компарира со сериозна просечна плата на една земја членка на Европската Унија.

Во буџетот на Република Северна Македонија по основ на различни даноци и придонеси, само оваа година  во периодот од јануари до јуни исплатени се 14 милиони евра. По основ на плати, бруто вредноста која е исплатена изнесува 17 милиони евра од кои 5 милиони евра се придонеси.

Ова се сериозни  просеци и бројки кои не често се сретнуваат во приватниот сектор во РСМ, бидејќи мора да се има предвид и фактот дека станува збор за компанија која тековно работи без ниеден државен тендер или било каква посебна поддршка од државата.


БЛИСКИ ПРИЈАТЕЛИ СО КАМЧЕВ


Доаѓате на местото на Орце Камчев, како гледате на тоа и како ќе ја позиционирате компанијата?

Мариноски: Добив доста понуди претходно, но тоа пак се преклопуваше коинцидентносо компаниите во кои е инволвиран Орце Камчев. Ние сме блиски, имаме изграден однос на разбирање и поддршка. Најголем стејк за среќа или за жал е таа што ние не сакаме и двајцата да си го расипеме нашиот одличен децениски однос.

Додека бев банкар сме имале добри односи, но сум знаел и да му кажам не и пак останале тие добри односи. Гледам дека и неговата филозофија  како инвеститор е широка. Камчев одлучи да се повлече од извршните функции на Орка Холдинг и Аџибадем Систина и на двете места стана Претседател на Одборот на директори.

Инаку, вие го знаете тоа, „во сопственото село успехот најтешко се признава“. Но ние како компанија немаме од што да се срамиме, напротив. Бројките кои ги споменав тоа го покажуваат. Во регионов постојат само неколку слични компании со робустен бизнис модел и со здрави интелектуално професионални јадра кои работат на динамично донесување одлуки, паметни одлуки. Главен дел од мојот предизвик и она што го планирам е да се создава вредност. Сега сме во фаза на задржување на вредноста, но со задржување на вредноста ќе успееме да донесеме нови инвестициски линии слично како што имаме со партнерот во Клиничката болница Аџибадем Систина.

Имаме покренато сериозни инвестиции во регионот, преку Кличничката болница Аџибадем Систина во Бугарија учествуваме со инвестиција од 15 милиони евра во ЕУ, а со тоа сме втор најголем акционер во CityClinicSofia – најголемата групација од пет болници во Република Бугарија. Во следниот период, со Аџибадем Систина планираме нови инвестиции во други две држави во регионот. 

Со каква стратегија влегувате? Планирате ли некои промени?

Мариноски: Не би сакал да го работам за шест месеци тоа што го работам сега. Компанијата ќе се развива и ние во следниот период прво ќе поставиме еден посвеж сетап. Ќе се работи на промени со кои Холдингот ќе стане моќна инвестициска компанија која своето портфолио на инвестиции ќе го работи уште поактивно. Културата на динамично и ефикасно работење, дополнително, ќе се шири и во компаниите каде сме малцински акционери. Значи, клучната стратегија ќе се базира на  култура на водење бизнис која ќе се шири во сите компании и тоа ќе го понесе развојот. Ако зборуваме од аспект на развој на портфолио на компании кои ги водиме, се разбира јасно е дека во различни сектори има различна динамика. Планот е во сите да се зголеми нивото на ефикасност, да се доближиме до пазарната вредност, но и се разбира дополнително ширење надвор од границите или проверка на пазарната вредност на регионално ниво.


СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР ЗА ЗК ПЕЛАГОНИЈА


Ова значи дека планирате некои аквизиции надвор?

Мариноски: Не е исклучено, некои наши компании да се појават на регионалните пазари поактивно. Можни се иницијални понуди (ИПО), но за тоа сега е рано да се разговара. Сакаме да го зајакнеме нашето порфтолио, ефикасноста на компаниите во холдингот, да се подготвиме преку поширок  променет менаџмент систем особено во фирмите каде што сме малцински акционер. Но правецот е тој, нема дилема. Заради бизнис хендикеп од рестирктивното банкарско финансирање, ние мора да се потпреме на вредностите во нашите компании. Немаме намера да ги продаваме и да дозволуваме влез на удели на килограм.

Работиме во атрактивни сектори - особено здравство, земјоделие и хотелиерство - Акор брендот кој е најголем светски ланец на хотели. Се разбира гледаме развој и во туризмот. Ние веќе имаме два хотели ИБИС под Акор брендот. Би размислиле да одиме и понатаму во тој дел, да се шириме. Само да споменам инаку како пример - таму има комплетно различен систем на водење бизнис. Го имаме буџетот на Акор, па од буџетот на Акор го прилагодуваме на можностите овде. Ние мораме таа култура и софистицирано ниво да ја шириме и во ЗК Пелагонија. Тоа е тешко, бара многу, но нема избор а со примена на smart agriculture и други современи технологии е можно. Мојата цел во 2020 година е да пронајдеме стратешки партнер за ЗК Пелагонија бидејќи длабоко верувам дека потенцијалите на оваа компанија се сеуште многу големи.

Да заклучам – кога велам бизнис култура се разбира пред се мислам на усогласеност, корпоративна структура на управување, но и проактивен напреден менаџмент во сите сегменти и процеси. Тоа се главните. Имаме идеја во финансискиот систем за проширување на палетата на услуги на пазарот. Сепак ако излегуваме од некој секотор ќе биде само да се реинвестира во друг. Значи динамизам.

Кои се ваши таргети на среден рок?

Мариноски: Минатата година, вие споменавте, Холдингот ја заврши со добивка која беше генерирана од некои продажби и дивиденди. Оваа година планираме добивката да се зголеми од тековното работење на Холдингот.  Поголем акцент ќе ставиме на регионалната соработка и комуникација со инвестотори за сите сектори.

Македонија е во фаза пред членство во НАТО, пред одобрување датум за преговори, но и во еден турбулентен политички период. Како овој контекст генерално влијае на домашното стопанство?

Мариноски: Влегувањето во НАТО и ЕУ ни оди во прилог затоа што најверојатно една од придобивките е што ќе се ценат вистински вредности. Односно како показател за компаниите единствено релевантни податоци ќе се тие од билансите, од ревизорските извештаи. За Македонија отворањето исто така ќе има позитивен исход. Сепак ни во овој контекст, а и генерално, политиката не треба да е пречка на бизнисот, туку само катализатор на позитивни примери. Да се обиде државата да ги врати квалитетните луѓе. Инвестициите во инфраструктурата се сепак едни од позначајните и тие кои ќе носат иден раст.


НЕ СЕ ПОДВРГНУВАМ НА ХИПОТЕТИЧКИ ЛОВЦИ НА ДУХОВИ


Кај е проблемот?

Мариноски: Во целиот систем и да одиме и до микроменаџмент, ако сакате. Кај нас политиката во минатиот период зазема супремација на добриот бизнис. Дури и по 20 години ние зборуваме за поддршка на мали и средни претпријатија, но сметам дека сеуште не сме на ниво да ги видиме навистина како силен столб во економијата. Повторно зборуваме за инвестирање на милијарди, но свесни сме дека ако се подобри целосно функционирањето на системот, тогаш инвеститорите сами ќе дојдат, а и нашите домашни инвеститори и дијаспората сигурно повеќе ќе се отворат и нема да останат недоволно секогаш недоволно искористен извор.  

Кој и да е на власт, нема филозофија – не ни требаат екскурзии со мерки кои нема да траат, фокусот на инфраструктурата е добар но споро се надоместува изгубеното време, а во останатиот дел најдобро е да се невидливи  за бизнисот, да не го стерилизираат и да не се ловат вештерки. Нека си функционираат институциите.

Овде повторно ќе кажам и за Орка холдинг - правени се контроли, има записници, дошла Управата за јавни приходи, ние целосно соработувавме. Јас моите приниципи на карактер, на живот, на менаџмент, не сум ги променил, ниту планирам да се променам, ниту манирот да го сменам, но не сакам ни да се подвргнам на некои хипотетички ловци на духови, напротив, истиве принципи ги бранам.

Колку е системски значаен Холдингот?

Мариноски:  Вредноста на компаниите кои се под наше целосно или делумно управување и влијание е околу 350 милиони евра и 2.700 вработени.

Како групација, во бизнис топ 100 што редовно се објавуваат Орка, Кара и ЗК Пелагонија Енерџи ќе бидат сигурно помеѓу првите 50. Значи компанијата е диверзифицирана во добри сектори. Моментно сме фокусирани на портфолиото на овие сектори каде што сме сега – прехранбена индустрија, но и туризам, а и финансии.

Тука е и Стопанска банка а.д. Битола, со оваа поставеност може да биде база која со едно многу мудро инвестирање, може да ја направиме многу попрофитабилна и многу напредна банка.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

Нина Ангеловска: Ребалансот на буџетот не беше поради недостиг на приходи

Нина Ангеловска: Ребалансот на буџетот не беше поради недостиг на приходи

КХВ потврди: Берзата не ги објави податоците навреме

КХВ потврди: Берзата не ги објави податоците навреме

Ќе има нов тендер за Скопје - Блаце: Прескапа понуда за 2 километри автопат

Ќе има нов тендер за Скопје - Блаце: Прескапа понуда за 2 километри автопат

НОВА ТРГОВСКА ОФАНЗИВА НА ТРАМП: Воведени царини на производи, ЕУ ќе возврати

НОВА ТРГОВСКА ОФАНЗИВА НА ТРАМП: Воведени царини на производи, ЕУ ќе возврати

Анѓушев: Прашањето за „бројчаникот“ не треба да биде на моја адреса

Анѓушев: Прашањето за „бројчаникот“ не треба да биде на моја адреса

„Фактор“ изнесува факти, Штериев промовира инсинуации

„Фактор“ изнесува факти, Штериев промовира инсинуации

ЗНМ реагира до Берзата: Недозволиво е да се етикетира медиум

ЗНМ реагира до Берзата: Недозволиво е да се етикетира медиум

AМПЕВА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ: Тоа ќе биде чист популизам ако дел од платата се враќа кај работодавецот

AМПЕВА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ: Тоа ќе биде чист популизам ако дел од платата се враќа кај работодавецот

ИСТРАЖУВАЊЕ: Познато кои балкански метрополи се поскапи за живот од Скопје

ИСТРАЖУВАЊЕ: Познато кои балкански метрополи се поскапи за живот од Скопје