07 Март, 2021
0.0262

Економското сонце за нас, изгрева на Исток!

Објавено во: Колумни 15 Јануари, 2021

Пандемијата, предизвикана од Ковид-19, освен што ја  исфрли на површина нефункционалноста на македонскиот институционален систем, неговата неподготвеност, тромавост и немањето  на доволно човечки капацитети, особено во здравствениот сектор, за жал, на ачик ја покажа и големата сиромаштија која е вкоренета во нашето општество. По сите економски параметри, или пак критериуми кои ја мерат сиромаштијата, и степенот на благосостојба, односно (нискиот) животен стандард, нас  и не класифицирале во земјите кои се наоѓаат на дното на европскиот континент.

Искористување на кинескиот џиновски потенцијал!

Најчесто сме тука некаде со латиноамериканските земји, или земји од југоисточна Азија (како Тајланд), што не става во редот на  релативно сиромашните земји во развој. Сепак, како земја  која претендира да стане дел од  Европската Унија (ЕУ), нормално е да се споредуваме со земјите од клубот, ако не со најбогатите западни/скандинавски, барем со тие од поранешниот социјалистички блок од Источна Европа, кои денеска се рамнат со една Шпанија или Италија на пример. Неодамна, кинескиот амбасадор кај нас, во свој напис за наш дневен весник, ја истакува стратегијата на  кинескиот претседател Ши Џи Пинг, за искоренување на (апсолутната) сиромаштија во НР Кина, во наредната деценија, и како тоа со „петтолетки“во економијата, ќе се обезбеди храна и облека за секој кинески граѓанин. Неверојатно, но и  покрај тоа што сме европска држава, прашањето за  имањето храна/облека на голем број граѓани е товар  кој ги мачи, како да го обезбедат во текот на месецот. Жално е да ги гледате многубројните  стории  на голем број портали каде што е опишана трагичната судбина на македонски граѓани, млади семејства со мали деца, самохрани мајки или пак повозрасни жители, кои живеат во тотално супстандардни услови, без приклучок на струја или вода, поради неплатени сметки,  во влага, без соодветни хигиенски услови. Луѓе кои во виорот на транзицијата го допреле човечкото дно, да бидат тотално изгубени во времето и просторот, без трошка надеж, без верба за живот. Најчесто, истите и боледуваат од разновидни болести: од психосоматски до хронични физички, за кое, исто им треба финансии за лекување и третман, бидејќи нашиот здравствен и социјален систем не е капацитетен и тоа да го покрие.

ЕУ е лицемерна, достоинствено да се држиме!

 Зборот реформа, е најупотребуваната општа именка во изминатите три децении, како флоскула во устите на сите политичари, од сите идеолошко-партиски провиниенции. Триесет години се реформираме, а од реформите епилогот е тој: земја без надеж, земја на зомбизирани луѓе, без чувство за перспектива, без очекувања за иднината, и  што таа носи низ животот И земја на масовно иселување. Во ситуација, кога ЕУ „попушти“, пред  крајно налудничавите уцени и барања од нашиот источен сосед, и повторно не стави во мат-позиција околу продолжувањето на нашиот интегративен пат, ние свесно, но и отворено, веќе мораме да размислуваме за економско поврзување и отворање на нашата економија кон нови пазари на Истокот. Не смееме да подлегнеме, ни под непринципиелните уцени од нашите „стратешки“ западни/ европски партнери, дека не смееме да тргуваме со една Кина, или да склучуваме договори за обезбедување на гас со Русија/Азербејџан, бидејќи работата ни е „ дојде ножот до коска“. Со новото задолжување од  700-тини милиони евра, Македонија веќе го надминува и психолошкиот праг од 60% од БДП во однос на надворешното задолжување, и веќе ние стануваме кредитозависна држава, која нема никакви потенцијали за економски развој и просперитет. Дотолку повеќе, што блокираните европерспективи ни го оневозможуваат и пристапот до еврофондовите и грантовите, со кои се очекуваше пркнување на македонската економија, и колку толку подобрување на катастрофално нискиот животен стандард. Погледнете ја една Грција, која четириесет години е полноправна земја членка на ЕУ: што се однесува до нејзиниот економско-трговски интерес, таа воопшто не се оптеретува дали ќе склучи аранжман со „најголемите непријатели на ЕУ и  САД“, односно си договара  трговски проекти во вредност  од милијарди евра со Кина, или пак Русија. И пак е респектирана од ЕУ заедницата. Автосугестивноста дека „ЕУ нема алтернатива“, која како психолошка зависност ја преповторуваат нашите политички елити, и нејзините полтрон поддржувачи- аналитичари, ќе не доведе до краен очај и целосен безизлез од расипаниот лифт во ЕУ чекалницата во кој не  набутаа. Па дури и една Србија, која економски се отвори за кинески пари и инвестиции е понапред од нас во своите евроинтеграции. Да, Македонија навистина културолошки, географски, политички, економски и историски припаѓа на Европа, и полноправното членство во Унијата, на долг рок нема алтернатива од членување во некоја друга геополитичка асоцијација, но сепак тоа не значи и не е причина, ние да си ги бараме нашите партнери на Исток, или на кој било меридијан на земјината топка, особено во економијата, трговијата и стопанството, како можност за инјектирање на свежи пари во коматизираната македонска економија. Се надевам дека не завладеал целосно во нас стокхолмскиот синдром, па и понатаму да уживаме во тоа што ни го прави џелатот (бугарската владејачка елита) , и понатаму да преповторуваме дека „ЕУ нема алтернатива“.

Благојче Атанасовски

Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!