20 Април, 2024
0.0244

ЕФТИНА НАфТА – ПОГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ

Објавено во: Агробизнис, Колумни 22 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Денес, кога се води сестрана борба против незапирливо загадување на природата и животната средина кога има јасна препорака од ЕУ да нема никакво олеснување во земјоделството за пристап до фосилни горива, минерални ѓубрива заштитни средства, Македонија донесува закон со кој се задолжува  Државата да ја субвенционира цената на нафтата со 50% од продажната цена. Релативно малото поскапување на нафтатата поради зголемените акцизи, може да се неутрализира со помош, поддршка и обука на земјоделците за рационално користење на влечната сила на погонските машини, како и оптимизирање на големината и обликот на процент на обработливите површини. Наместо тоа се избра систем кој овозможува лагодно однесување на корисниците на нафта кон проблемот за рационализација на потрошувачите на енергија во земјоделството и заштитата на животната средина. Покрај другите загадувачи од земјоделството, нафтата и нивниот придонес кон климатските промени, нафтата дава сериозен придонес кон овој глобален проблем. Кога се работи за климатските промени и земјоделството умесно е да се согледаат сите проблеми кои ги создава земјоделството. Тоа не е најголем извор на стакленичките глави, но неговиот придонес во тој однос не може да се занемари.

  Притоа не се работи само за емисии на јаглерод диоксид, туку и на други гасови како метан и азотен оксид. Глобалните главни извори на загадувањето од земјоделството се: трансформацијата на шумските површини во земјоделско земјиште, ширење на оризовите полиња, развојот на сточарството и употребата на азотни ѓубрива. Во центарот на вниманието моментално се емисиите на метан и азотен оксид, кои учествуваат со 50% во изворите на загадување во земјоделството.

  Логична постапка за ограничување на земјоделството во климатските промени е намалување на емисиите на метан и азотен оксид од употребата на минерални ѓубрива, од арско ѓубре и отпадоци од сточарството. Овој процес ќе има попатни ефекти од намалување на трошоците на производство како последица на поефективно користење на минералните ѓубрива и преработка на отпадоците, како и намалувње на загадувањето на воздухот, почвата и водата. Природна политичка постапка при такви услови е да се елиминираат сите субвенции на енергијата и суровините на агрохемискиот сектор. Исто така оправдано е воведување такси за јаглерод диоксид, кои ќе го стимулираат ефективното користење на енергијата во производството на минерални ѓубрива и пестициди. Од друга страна, сите мерки кои придонесуваат за развој на одржливо земјоделство водат  до намалување на јаглеродните емисии односно рационално користење на вештачките и природните ѓубрива, воведување на сорти ориз кои бараат помали количини вода, директна сеидба, подобро управување  со водата, поквалитетна исхрана на животните и подобрување на управувањето со отпадоците, ширење и користење на биогоривата и др.

  Важноста на проблемот бара вклучување на сите општествени ресурси – државните институции, бизнис секторот и невладиниот сектор. Најдобрите резултати може да се постигнат со воведување стимулус за намалување на јаглеродните емисии преку пазарни стимулации кои вклучуваат : даноци, трговски шеми и слично, воведување задолжителни стандарди и лимити за емисии, притисок од страна на потрошувачите и иницијатива на бизнис групите.

  Намалување на емисиите може да се оствари без да се намали производството и тоа на прво место преку поголема примена на постојните знаења, технологии и добри земјоделски практики. Мерките и проектите за поефективно искористување на ѓубривата и енергијата не само што го намалуваат загадувањето, туку ги намалуваат и трошоците по единица производ и имаат позитивен еколишки ефект. Исти ефекти имаат и технологиите за обработка на почвата бидејќи ги намалуваат трошоците за енергија, а ја заштитуваат плодноста на почвата.

  Научните истражувања во рамките на прецизно земјоделство, користењето на ѓубривата, новата фуражна храна, новите технилогии за одгледување на животните и третирањето на отпадаоците, можат да имаат сериозен придонес за намалување на јаглеродните емисии. Потребно е да се поведе сметка за влијанието на политиката и иницијативата во областа за намалување на јаглеродните емисии врз малите фарми и селските заедници за кои земјоделството е основна стопанска дејност неразделно поврзана со изградената култура.

  Намалувањето на емисиите на стакленичките гасови од земјоделската дејност е поврзано со трасформацијата на шумите во земјоделско земјиште. Во овој слулчај човештвото е пред тежок избор помеѓу ширење на површините или употреба на минерални ѓубрива за да се задоволи растечката потреба од храна. Единственото решение е одржлива интензификација т.е. производство на потребна количина на храна со релативно помали ресурси.

  Намалувањето на штетните емисии пред се зависи од земјоделците. Со таа дејност тие создаваат општо добро и треба да бидат наградени за тоа. Покрај нивниот интерес тоа е во интерес на селската заедница и општеството во целост.

  Намалувањето на емисиите на стакленичките гасови треба да се користи во сите стадиуми на прехрамбениот синџир,односноп во земјоделското производство, складирањето, преработката, трговијата и во потрошувачката.

  Во земјоделството сите мерки можат да се групираат, и тоа: преку зголемено извлекување на јаглерод, преку обнова на деградирани почви, пошумување, минимална обработка на почвата, внесување органски отпадоци во почвата; оптимизирање во користењето на азотот – прецизно внесување на органски и минерални ѓубрива, внесување на азотофиксатори во сеидбената структура; управување на дополнителната продукција – арско ѓубре и растителна биомаса; намалување на јаглеродните емисии од течните горива со подобрување на енергетската ефикасност и искористување на алтернативни горива од биомаси, биогас, ветар, сончева енергија.

  Надвор од земјоделските стопанства се препорачува:  зголемување на енергетската ефикасност преку подобрување на организацијата на работа, воведување на нови технологии; користење на енергијата од биомаса, сончева и енергијата од ветерот, купување на зелена енергија, комбинација на топлинска и електроенергијата; ефективно искористување на ресурсите – рационално користење на производите и опремата, рециклирање на отпадоците и друго. Потребни се промени во потрошувачката на храна во насока на намалување во консумација на производи од анимално потекло.

  Претпоставувам дека државните органи, стручната јавност како и земјоделците се свесни за погоре изнесените аспекти на борбата против климатските промени кои во Македонија  веќе се манифесираат, а ние го помагаме нивното ширење со нерационално и погрешно однесување кон животната средина. 

Проф.Д-р. Борис Анакиев


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари