19 Април, 2024
0.0266

Две децении – јубилеј на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје

Објавено во: Колумни 07 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

10 Октомври, 2001 година е датумот кога 24 финансиски институции – банки, брокерски куќи и осигурителни компании, ја официјализираа својата одлука да основаат Централен депозитар за хартии од вредност, како акционерско друштво. На ваквата одлука и претходеше релативно сложен процес, координиран од Министерството за финансии и под надзор на Комисијата за хартии од вредност, бидејки Депозитарот беше една од новите институции во финансискиот сектор кои произлегоа од трансформацијата на тогашниот Завод за платен промет.

Депозитарот беше целосна новина за сите чинители на пазарот на капитал во тој период како институција која во еден момент ја презема функцијата на порамнување на берзанските трансакции како и водењето на акционерските книги на тогаш постоечките акционерски друштва. По спроведените неколкукратни симулации, кон крајот на 2001 година и почетокот на 2002 година, приближно 700 акционерски друштва ги предадоа своите акционерски книги во Депозитарот, по што издадените акции во земјава беа дематеријализирани, односно конвертирани од материјална – хартиена форма, во дематеријализирана форма – електронски записи. 

Од тогаш па наваму, започнува новата страница во приказната на пазарот на капитал во нашата држава. Се воспоставија комуникациски врски со Македонската берза за хартии од вредност, Народната банка на РСМ, членките на Депозитарот, а подоцна и со регулаторот – Комисијата за хартии од вредност на РСМ. Се создадоа услови за целосно електронско тргување и порамнување на берзанските трансакции, централизирано чување и издавање на нови емисии на хартии од вредност, зголемена ефикасност на берзанските посредници по што се отворија и нови можности со новелирање на регулативата, за воведување на нови процеси на пазарот на капитал (поефикасно завршување на приватизациските постапки, преземање на акционерските друштва во согласност со најдобрите практики и европски регулативи, воведување на примарен и секундарен пазар со државни записи и обврзници и други).

Од друга страна, засегнатите страни – издавачи на хартии од вредност, банки чуварина имот, берзански посредници,  инвеститори, пензиски и инвестициски фондови и државните институции добија нова алатка во следењето на тргувањето, порамнувањето и промените на сопственоста над хартиите од вредност имајќи предвид дека сите дејствија поврзани со промените на сопственоста започнаа да се одвиваат во една централизирана база на податоци.

На овој начин се овозможија потребните услови за нагорно поместување и на критериумите за заштита на малцинските акционери, на кои им се овозможи без никакви пречки да ги остварат своите права за увид во запишаните податоци во акционерските книги. Подоцна, со дополнување на прописите, нивото на транспаретност во поглед на сопственоста на акции се подигна уште повеќе кога се воведе обврската Депозитарот, на својата веб страница, да ги објавува податоците за сите сопственици на акции кои во котирано или друштво со посебни обврски за известување, поседува повеќе од 5% од издадените акции.На 18.12.2001 во Депозитарот се порамнила првата трансакција со вредност од 163.984.365 денари.

Во изминатите 20 години, во Депозитарот порамнети се трансакции кои се склучиле на берзата и на пазарот преку шалтер, во износ од 264.813.409.875 денари.

Номиналната вредност на сите хартии од вредност пак, кои се евидентирани во овој момент изнесува 358.609.206.689 денари.

Во периодот од основањето до денес, отворени се 360.610 сметки за хартии од вредност.

Од податоците наведени погоре, евидентен е обемот на процесирани податоци во текот на 20 години, кој не е занемарлив имајки предвид дека сме мала економија во групата на земји со пазар на капитал кој е во развој.

Посветеноста на институцијата на постојано следење на добрите практики и усогласување со меѓународните стандарди се огледа и во фактот што Депозитарот е долгогодишна членка и на меѓународни организации – Асоцијацијацијата на национални нумерички агенции- ANNA и Европската асоцијација на централни депозитари за хартии од вредност – ECSDA.

Моделот на сопственичката структура на Депозитарот е еден аспект кој истотака треба да се истакне кога се анализира успешното функционирање на оваа институција во изминатиот период. Имено, се работи за модел кој е применет во повеќе земји и кој значи дека инфраструктурната организација на пазарот на капитал, во случајов Централниот депозитар за хартии од вредност, е во сопственост на неговите членки и корисници на неговите услуги – финансиски институции и инвестициски друштва. Поради ваквата поставеност, во раководството на Депозитарот (управен и надзорен одбор и подоцна одбор на директори), изминатите 20 години членуваа повеќе од 50 експерти од областа кои беа делегирани од редот на акционерите, како и еминентни претставници на бизнисот и академијата како независни експерти. Ваквата структура на менаџментот овозможи градење и опстојување на интегритетот и репутацијата на институцијата, кои се од суштинско значење за надлежностите кои Депозитарот ги извршува.

Во периодот што претстои, независно од предизвиците со кои ќе се соочуваме, за нас останува врвен императив одржување на нашата позиција како еден од  институционалните столбови на пазарот на капитал и стабилен партнер кој нуди услуги со висок квалитет и сигурност. Депозитарот како етаблирана инфраструктурна институција е еден од клучните чинители во индустријата на хартии од вредност во државата и има сериозна одговорност за иднината на пазарот на капитал.

Бидејќи овој јубилеј го прославуваме на алтернативни начини, поради неможноста од организирање на настан со физичко присуство, преку оваа колумна на сите поединци и институции кои беа вклучени во основањето, растот и развојот на Депозитарот им упатувам благодарност и искрени честитки на заедничкиот јубилеј.

Даринка Дамјановиќ

ЦДХВ АД Скопје, Извршен директор


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок