28 Март, 2024
0.0246

Долго топло лето

Објавено во: Колумни 15 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Летово ќе потрае,а дали ќе биде топло или не, сеедно.Скопските долгогодишни искуства покажуваат дека доаѓа период на пријатно и подносливо време(изутрина и навечер свежо,а преку ден за мерак).

Се сеќава ли по некој на култната серија „Долго топло лето“ со ликовите Бен Квик и Клара од втората половина на 60-те.Скопје беше празно во времето на емитувањето,а Рој Тинис беше најомилениот актер за кого се пишуваше и се раскажуваа бајки.Ние дремевме како мисири на корзо и чекавме објектите на нашето интересирање да се појават во непрегледните редици по “Маршал Тито“ и пред “Кооператива“.Газдарицата Вида дури отвори и кафеанче што го нарече по популарниот јунак...во секое време беше полно.Играниот филм со истиот наслов по делото на Вилијам Фокнер со Пол Њумен и Орсон Велс помина меѓу скопските пасионирани филмаџии скоро незабележано.

А нив ги имаше безброј.Познавав една дружина со која многу сакав да се гледам кај “Јоле и Почу“, а и кај „Сута“.Тие живо расправаа за се што беше поврзано со живите слики.Ме оставаа често подзинат од вчудовидување.....тие ги знаеја актерите што беа означени со најситните букви на одјавните шпици на кастингот,знаеја и кој е сценарист,кој ја компонирал музиката,а кој е сценографот....за Оскари и Кански победници да не збориме.

Посетата на кино претстави за нас беше нешто како абоненција,ако не секој ден, секој втор бевме у кино,а во саботите и неделите неретко и по двапати на ден.„Колку пута си го глеал Бал на вода“ беше нешто како квиз прашање за некого за да видиш со кого си имаш работа кога станува збор за оваа скопска занимација-одење у кино.За волја на вистината познавав луѓе што го гледале филмот со Естер Вилијамс и над дваесет пати!За уметничко пливање немавме ич абер,а за податокот дека актерката била и олимписка првенка во пливање на покусите патеки малку кој знаеше.Можеби музиката на Ксавиер Хугат и Хари Џемс и неговиот оркестар беше репер,зашто веднаш почнаа да се свират нумери по игранките,кој знае?

Во времето кога нашите сограѓани масовно одеа во летните кино-бавчи  мојата генерација немаше доволно години за посета во вечерните часови,а сега дојде време да нема ниедно кино под отворено.....не тврдам изричито!!!!!!Првото кино на отворен простор што многумина од постарата генерација го паметат е Кино без пари.Цело лето можеше да се видат луѓе со столчиња во рацете како приквечер итаат кон Офицерски.Имено на sидот од двокатницата до палатата Мацура,карши кино Младина имаше бело варосан простран екран на кој од Домот, низ еден прозорец се прожектираа филмови.Седнати кој на столчето донесено од дома,кој на тротоар,а кој на гола земја подзинати гледаме во подвижните слики,а тонот пуштен до даска(не знам зошто).Жанрот се знае:советски воени филмови од штотуку завршениот воен судир од светски размери и по некој југословенски,партизански.Напамет ги знаевме филмовите „Татнежот на тенковите“ и„Не окреќи се сине“ и уште по некој и точка...Со време се пробија и филмови од други подрачја,главно американски,француски,мексикански и малку подоцна индиски и германски.

Но,да продолжам со сеќавањата на летните кино доживувања...одраснавме и почнавме и навечер во летните месеци да “идеме у кино„.Се чини дека главно летно кино беше „Летна позорница“ во рамките на подоцнежниот Луна парк, каде што царуваше Толе Воле,дебармаалска фудбалска икона и се и сешто,демек главен во забавниот детски парк и киното.Тие што немаа пари претстави гледаа од дрвјата околу киното.Неретко по некој од овие гледачи треснуваше на земја од невнимание или од занесеност по филмот.А како да ни си занесен кога пред тебе се подсоблекува Брижит Бардо во„Парижанка“ или прекрасно ти пее Сарита Монтиел во „Продавачката на синолички“.

Не помалку популарна беше Балкан Бавча кај сегашниот Дом на АРМ. Кај го има тоа глеаш филм, а од кафеаната во продолжение се шири мирисот на ѓакониите од скарата што ги нудат Миле Румунец и тајфата келнери. Филмовите главно каубојски, криминални и по некој љубовен (кинаџиска класификација преземана од тапакарошите Невзат, Гозила  и Џемс). Истиот мерак и во Дом на градежни. Чоче кине карти на влезот, а подоцна те служи во бавчата со прекрасен поглед на Плоштад Слобода. Најмалку одевма во кино бавчата на Работнички дом иако беше на убаво место у сам центар (поинтересно ни беше во затворената кино сала каде што со Мице Дискџокеј место да гледаме филмови до изнемоштеност слушавме музика...но зато друг пат). Филмови гледавме и по домчињата-како што ги викавме што ги имаше скоро секое скопско маало, кај што имаше и игранки, приредби, но и партиски состаноци.... такви беа времињата!!!!




Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?