25 Април, 2024
0.0288

Додека Украина се' уште преговара, Бајден најавува долготрајна војна

Објавено во: Колумни 28 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Денес во Турција треба да се одржи нова рунда од преговорите меѓу Русија и Украина. Изминативе денови тие се одржуваа преку видео, но се чини дека дојде време преговарачките тимови да се погледнат очи во очи. Преговорите е предвидено да траат до среда.

И додека Украина се’ уште е за преговори, американскиот претседател Џо Бајден, никако да ги спомене. Освен што имаше една изјава дека, парафразирам, „Украина сама треба да одлучи за евентуални територијални отстапки во преговорите, иако тој смета дека нема потреба од такво нешто“. Некни во Варшава тој имаше говор, но и во него не ги спомна преговорите, а зборот мир го спомна само двапати во изречените неколку илјади зборови. Но затоа обраќањето беше полно со зборовите единство,  борба, битка, војна, демократија...

Во говорот на претседателот Бајден, за обединување на напорите на слободниот свет за поддршка на народот на Украина, тој истакна:„ Ние повторно сме во големата битка за слобода: битка меѓу демократијата и автократијата, меѓу слободата и репресијата, помеѓу поредокот заснован на правила и поредокот управуван со брутална сила.Во оваа битка треба да бидеме јасни. Оваа битка нема да се добие за денови или месеци. Треба да се подготвиме за долгата борба што ни претстои“. Од каде знае Бајден колку ќе трае војната на Украина против рускиот агресор? Да не случајно не им дозволува на Украинците сами да си определат што сакаат во преговорите. Или пак Украинците се подготвени за самоубиство, да се борат без доволно оружјеи да гинат нивни војниици и цивили, кога веќе САД не им го дава она што го бараат? Не случајно Владимир Зеленски им вели на Западњаците дека се плашат од Русија. Дека во најмала рака Русија е главна во НАТО.

МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ

Не е јасно што значи таквата изјава и за ЕУ и за НАТО. Дали членките се подготвени за долготрајни воени дејства кои нанесуваат штета на нивните економии? Веќе има проблесоци за неединство во Алијансата околу односот кон Русија. Точно е дека Русија ги обедини НАТО и ЕУ како никогаш досега, но избришете ја Русија, тогаш одново и ЕУ и НАТО ќе бидат со своите стари разлики. Решеноста на САД Украина да води долготрајна, таканаречена „прокси војна“ може да значи само едно. Светот ќе се приближи кон нова светска војна. Минатиот понеделник ги спомнавме зборовите на Зеленски, дека ако не се најде мировно решение ќе има светска војна. Само да не е крај на светот.

Интересно е зошто САД не се ангажираат повеќе во мировните преговори. Зошто ја оставаат Украина сама да ги води. Украинците изјавија дека преговорите ги водат во консултација со САД и Европа, но напредок, барем засега нема, а тоа значи дека некој не сака брз мир. Или пак дека црвените линии на двете страни се исфрлени многу напред и никој не сака да ги повлече поназад. Да попушти.Односно дека се’ уште двете страни се на „програмата максимум“. Русија сметајќи на своите „адути“, оружјето и освоените територии. А Украина со надеж дека ќе направи пресврт на теренот со помош на Запад. А жртвите од обете страни како никој да не сака да ги спомене.

За надежта на Украина зборува и една изјава на британската министерка Лиз Трас во едно интервју за Daily Telegraph. Таа вели дека Русија сега не е заинтересирана за преговори. Па затоа смета дека треба да се пројави уште поголема цврстина за да се постигне мир. „Треба да ги удвоиме санкциите. Треба да го удвоиме снабдувањето со оружје за Украина. Но, кога ќе дојде време за преговори, сакам Обединетото Кралство да игра клучна улога во постигнувањето договор што ќе функционира“, рече Трас. Според неа Лондон формирал „специјален тим за давање помош на Украина во преговорите“. Ама никако да испрати војска која рамо до рамо ќе се бори со Украинците, иако со години имаа во Укрина свои воени инструктори, кои не би било изненадување и сега да се таму. А со удвојувањто на санкциите и посебно оружјето ќе се удвојат и жртвите.

ПРОПОВЕДАЊЕ

Ако се остави настрана бајденовата долготрајна битка во Украина, може да се спомене и неговата изјава дека Кремљ не е во право кога го претставува ширењето на НАТО како империјален проект, насочен кон дестабилизација на Русија. Според Бајден тоа е далеку од вистината.„НАТО е одбранбен сојуз,тој никогаш не сакал гибел на Русија“, рече Бајден. Некои кинески медиуми на ова одговараат дека НАТО, самитот во Брисел го одржа токму на денот кога Алијансата ја нападна СР Југославија. Па ги споменуваат Ирак, Либија, Авганистан...

Бајден пред присутните истакна дека 200.000 Руси ја напуштиле својата земја само за еден месец. „Извонреден одлив на мозоци за толку кратко време, што ме доведува до мојата порака до рускиот народ“, рече Бајден. Ова не му е на Бајден за ишала. Тие 200.000, ако е точна бројката се потенцијалните опозиционери во Русија. На овој начин со воведувањето санкции, тој ја уништува средната класа. Луѓе кои што мислат со своја глава. И затоа решиле да заминат. А да не биле санкциите, сигурно би биле потенцијална опозиција на режимот на Путин. Сега ќе го остават само Алексеј Наваљни, кој од затворот, во кој можеби ќе лежи уште многу години, не ќе може ништо да направи за спротивставување на режимот. Меѓу преселените 200.000 илјади сигурно имало многу негови приврзаници и поддржувачи.

Бајден, како да проповедаше, обраќајќи се кон рускиот народ. „Ќе го кажам ова, ако умеете да слушате: вие рускиот народ не сте наш непријател“. ..Сега агресијата на Владимир Путин ве отсече вас, рускиот народ, од остатокот од светот и ја враќа Русија во 19. век...Ви ја кажувам вистината: оваа војна е недостојна за вас, рускиот народ.  Путин може и мора да стави крај на оваа војна. Американскиот народ ве поддржува вас и храбрите граѓани на Украина кои сакаат мир“...Мора да се бориме против корупцијата што доаѓа од Кремљ за да му дадеме еднаква шанса на рускиот народ, се обрати Бајден до рускиот народ.

ПУТИН ДА СИ ОДИ ОД ВЛАСТА

Во ред е обраќањето, но рускиот народ ги слуша руските медиуми, а во нив се зборува за американските санкции кон Русија, за војната која е предизвикана од заканите кон Русија. Веќе над 70 проценти од населението ја одобрува „специјалната воена операција“. „Денес ни објавија вистинска хибридна војна, тотална војна. Овој термин, кој го користеше нацистичка Германија, сега го користат многу европски политичари кога кажуваат што сакаат да прават со Руската Федерација. А целите не се кријат: да се уништи, скрши, уништи, задави руската економија и Русија како целина“, го цитира РИА Новости рускиот министер за надворешни рабои Сергеј Лавров.Претходно, рускиот претседател Владимир Путин ја нарече целта на западните санкции да ги влоши животите на милиони луѓе. Повторно за се’ ќе бидат виновни Американците! А против нив најлесно се мотивира руското население.

Пред крајот на своето обраќање Џо Бајден како да падна во еуфорија. Повика на единство меѓу демократиите во светот. „Нема да биде лесно. Ќе има трошоци. Но, ова е цената што треба да ја платиме. Затоа што темнината што ја поттикнува автократијата, на крајот, не може да се спореди со пламенот на слободата што ги осветлува душите на слободните луѓе насекаде“, рече Бајден, додавајќи дека: „Диктаторот кој сака да ја обнови империја никогаш нема да ја избрише љубовта на народот кон слободата“. Бајден не го спомна Владимир Путин по име, и додаде:„За волја на Бога, овој човек не може да остане на власт“. Последнава реченица крена многу врева во светската  јавност, но најмалку во Русија.

За Џо Бајден се прикажуваат приказни за неговите гафови. Дали ова за Путин беше гаф или не? Во март лани во едно интервју со Џорџ Стефанопулос, Бајден рече дека верува дека Путин е „убиец“ и дека ќеплати цена за нападот врз руските дисиденти и обидот да се меша во изборната трка во 2020 година. Но тоа не му пречеше по само два месеца да се ракува со „убиецот“. Па дури да си менуваат насмевки и да водат разговори во Женева! Таква е политиката, полна со дволичности. И сега реториката на Американците не е случајно поостра.Бајден за само неколку денови го нарече Путин „касап“, „главосечач“, “крвав диктатор“. Така што изјавата дека Путин треба да биде тргнат од власта мож да се смета како дел од таквата низа. Дотолку повеќе што и државниот секретар Ентони Блинкен го има наречено Путин воен злосторник. Дали Американците ставиле крст на Путин. Дали фактот што собираат докази за воени злосторства во Украина не зборува дека сакаат да го судат за такво нешто? А кај ќе го судат? Кога и Русите, како и Американците не го признаваат тој суд.

КОЈА Е ПОЛИТИКАТА НА САД?

Одговорот на Русите беше од една реченица. Димитриј Песков, прес секретарот на Кремљ изјави:„ Не е Бајден тој што решава. Претседателот на Русија го избираат Русите“. Кога беа давани првите изјави на Бајден за Путин од Москва можеа да се слушнат предупредувања дека тоа го стеснува просторот за соработка меѓу двете држави. А Димитриј Медведев, вториот човек на Советот за безбедност одговарајќи на други теми спомна „сенилни луѓе од Западот“, алудирајќи на Бајден, иако не му го спомна името. 

По говорот на Бајден , висок функционер во Белата куќа се обиде да го поправи претседателот: „Пораката на претседателот беше дека на Путин не треба да му се дозволи да има власт над своите соседи или во  регионот. Тој не зборуваше за власта на Путин во Русија или за соборување на владата“, рече портпаролот.Лошо е за политичарите кога треба да се објаснува што сакале да кажат. Изјава на Бајден како да зборува за радикални промени на американската политика. Во „Вашинтон пост“ потсетија дека за време на неговата претседателска кампања, претседателот Бајден често ја потсетувал својата публика на тежината на зборовите на претседателот.„Зборовите на претседателот се важни“, рекол Бајден не еднаш. „Тие можат да ги придвижат пазарите. Тие можат да ги испратат нашите храбри мажи и жени во војна. Тие можат да донесат мир“, велел тој.Тие, исто така, како што откри Бајден во саботата, можат да предизвикаат глобални немири среде војна.Со неколку импровизирани зборови на крајот од 27-минутниот говор, повикувајќи на смена на рускиот претседател Владимир Путин, Бајден несакајќи го оттргна вниманието од неговите инаку убедливи забелешки, пишува „ВП“.

Според весникот изјавата на Бајден во целост ја измени декларираната политика на САД, директно побивајќи ги изјавите на високите претставници на администрацијата, вклучително и државниот секретар Ентони Блинкен, кои инсистираат на тоа дека промената на режимот не доаѓа предвид. Бајден отиде подалеку дури и од американските претседатели за време на Студената војна и изјавата веднаш одекна низ светот, бидејќи светските лидери, дипломати и експерти за надворешна политика се обидоа да утврдат што рекол Бајден, што значи тоа - и ако не го имал на ум, зошто го рекол тоа. Според „Вашингтон пост“ претставниците на Белата куќа биле категорични дека забелешката не е знак за промена на политиката, но тие признале дека тоа е само најнов пример за тенденцијата на Бајден да се сопнува преку пораките. И, како и многу негови ненамерни коментари, доаѓаат на крајот од неговиот говор, кога импровизира и отстапува од внимателно изработениот текст на телесуфлерот.

ГАФ НА СРЦЕТО

„Говорот беше доста извонреден“, рече за „ВП“ Арон Дејвид Милер, искусен дипломат и висок соработник во Фондацијата Карнеги. Тој рече дека доколку Белата куќа не дадеше итно појаснување, коментарот ќе резултираше со значајна промена на политиката и ќе му сигнализираше на Путин дека САД ќе се обидат да го отстранат од функцијата. Сè уште не е јасно какво ќе биде целосното влијание на коментарот во наредните денови.„По природа не сакам да ризикувам, особено со човек кој има нуклеарно оружје“, рече тој. „Но, дали тоа ќе има оперативни последици ? Не знам., рече Милер додавајќи: „Ова веројатно му сигнализира на Путин за неговите сомнежи во вистинските чувства на Бајден и речиси сигурно ќе се користи како дел од руската пропаганда.„Мислам дека може да го наречете гаф на срцето“, рече Милер. „Ако Бајден може да ги затвори очите утре и да упати 10 желби, една од нив би значела промена на раководството во Русија“.Но, се чини дека коментарот дава увид во моменталниот начин на размислување на Бајден и некои од ставовите на администрацијата за Путин.

„Она што ми кажува и ме загрижува е дека највисокиот тим не размислува за веродостоен крај на војната“, рече за весникот,Мајкл О'Хенлон, виш соработник во Институтот Брукингс. „Да беше така, Бајден немаше да биде на местото каде што рече: „Путин мора да замине“. Единствениот начин да се стави крај на војната е да се преговара со овој човек“, рече О'Хенлон. Тој додава: „Кога велите дека овој човек треба да си оди, во суштина велите дека нема да правите бизнис со него.Колку и да е привлечно на емоционално ниво, тоа нема да се случи. Не можеме да го контролираме и веројатно нема да се случи наскоро“.

Изјавата на Бајден одекна и во светот. Па така францускиот претседател Макрон се огради од овие изјави на Бајден. Тој смета дека во овие моменти не треба да се додава масло во огнот, а со секојдневните навреди само ќе се придонесе за ескалација на војната. „Мислам дека треба да бидеме конкретни и пред се’, да направиме се’ за ситуацијата да не излезе од контрола. Не би ги користел тие термини, бидејќи продолжувам да зборувам со претседателот Путин.Сакаме да ја запреме војната што Русија ја започна во Украина.Тоа е нашата цел веќе еден месец и затоа го направивме изборот, пред се’, да не интервенираме воено во овој конфликт и ова е многу важно, бидејќи моја должност како француски претседател е да ги заштитам французите од војна на наша територија, изјави Макрон.

Бајден можеби ја даде изјавата свесно. Таква е реалноста. Можеби САД сега очекуваат ескалација на односите со Русија и на ситуацијата околу Украина воопшто. А со тоа и да се отежне потрагата по дипломатски решенија. Таков е барем впечатокот. Зашто САД не зборуваат за дипломатија, туку за продолжување на војната. А жртвите ги споменуваат само во говорите.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД