ДОДЕКА СЕ ИСПИТААТ ПРИЧИНИТЕ ЗА ЕДЕН СМРТЕН СЛУЧАЈ - во Австрија суспендирана серија вакцини од АстраЗенека
Објавено во: Свет 07 Март, 2021
Австриските власти ја суспендираа серијата на вакцини против корона вирусот на АстраЗенека како „мерка на претпазливост“ додека ја испитуваат смртта на една личност и болеста на друга откако ја добиле дозата.
„Федералната канцеларија за безбедност во здравствената заштита (БАСГ) доби две пријави во временска врска со вакцинација од иста група на вакцини на ‘АстраЗенека’ во окружната клиника Цветл“ во покраината Долна Австрија, се вели во соопштението на БАСГ.
Центарот на извештаите е на 49-годишна жена за која БАСГ рече дека „починала како резултат на тешки нарушувања на коагулацијата“ и 35-годишна жена „која развила белодробна емболија и е на пат да се опорави“.
Здравствениот орган рече дека во моментов „нема докази за каузална врска со вакцинацијата“, но дека преостанатите залихи на серијата повеќе нема да се „распределуваат и вакцинираат“.
Регулаторите на ЕУ ја одобрија вакцината на „Оксфорд/АстраЗенека“ на крајот на јануари, прогласувајќи ја за доволно безбедна и ефикасна за употреба кај возрасни над 18 години. Светската здравствена организација (СЗО) даде одобрение во средината на февруари.
Портпарол на „АстраЗенека“ за Ројтерс изјави: „Нема потврдени сериозни несакани дејства поврзани со вакцината“.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека сите вакцини кои ги имаат добиено дозволите се безбедни за користење.
„Сепак, ние будно ќе ги следиме студиите после користењето на вакцините“, рече Филипче.